Подбивната птица

/, Литература, Блесок бр. 97/Подбивната птица

Подбивната птица

Време – пријатно неделно попладне во рана есен, 1861 година. Место – срцето на една шума во планинскиот регион на југозападна Вирџинија. Војникот Грејрок од Федералната војска е удобно седнат до коренот од еден бор, на кој се потпира, а нозете му се протегнати право врз земјата, додека пушката му лежи преку нозете, а рацете (стегнати една со друга за да не му лежат настрана) му се одмораат на цевката од оружјето. Како резултат на контактот на задниот дел од главата со дрвото, капата му паднала врз очните капаци и речиси целите ги прикрива; да го види некој, би помислил дека спие.
Војникот Грејрок не спиеше; да спиеше, тоа би ги загрозило интересите на Соединетите Американски Држави, зашто тој ги имаше прилично одминато линиите на својата територија и беше во опасност да биде фатен или убиен од непријателот. Освен тоа, умот му беше обземен од такви мисли што беа неповолни за одмор. Ова беше причината за неговата вознемиреност: во текот на претходната ноќ, тој стражареше кај една истурена стражарница, каде што го пратија како стражар токму во оваа шума. Ноќта беше јасна, иако немаше месечина, но во сенката на гората, темницата беше длабока. Местото каде што стражареше Грејрок беше на прилично големо растојание од стражарниците на лево и на десно, зашто стражарниците ги имаа поставено на непотребно големо растојание од логорот, со што линијата се оптегна толку многу што на силите им беше тешко целата да ја чуваат. Војната беше на својот почеток и воените логори правеа грешка кога сметаа дека додека спијат подобро ќе бидат заштитени со тенки линии многу издадени кон непријателот отколку со погусто наредени што би биле поблиску до логорот. Секако им беше потребно многу подолго предупредување за пристигнувањето на непријателот, зашто тогаш сè уште беа навикнати да се пресоблекуваат за спиење – најмалку војничката можна практика. Утрото на незаборавниот 6 април, во Шило, многу од војниците на Грант, кога беа набодени на конфедерациските бајонети, беа невооружени како цивили; но, мора да се наведе дека ова не беше резултат од некоја слабост на стражата. Нивната грешка беше од друг вид: воопшто немаа стражи. Можеби ова е непотребна дигресија. Не треба да се зафаќам да го поттикнувам љубопитството на читателот со судбината на војската; судбината со која сме се зафатиле овде е онаа на војникот Грејрок.
Два часа откако го оставија на осамениот пункт таа саботна ноќ, стоеше здрвено, потпирајќи се на стеблото од големото дрво, и зјапаше во темницата пред себе обидувајќи се да ги препознае познатите нешта; бидејќи и во текот на денот стражареше на истото место. Но сега сè беше поинаку; ништо не можеше да види во детали, туку гледаше само групи работи, чии облици, кои не ги гледаше заедно кога можеше да ги види нивните детали, сега му изгледаа непознато. Му изгледаше како да не биле претходно овде. Освен тоа, пејзаж во кој има само дрвја и грмушки нема дефинитивен облик, измешан е и нема изразени места на кои може да се задржи вниманието. Ако ја додадете темнината на ноќта без месечина, тогаш е јасно дека за да се сочува ориентацијата потребно е повеќе од голема природна интелигенција и градско образование. И така се случи војникот Грејрок, откако со големо внимание го набљудуваше просторот пред себе, непромислено почна да ја истражува целата одвај видлива околина (со тивко движење околу своето дрво за да го оствари тоа), со што ризикуваше да ја загуби својата ориентација и сериозно да ѝ наштети на својата корисност како стражар. Загубен во својата позиција – без способност да сфати во која насока треба да гледа и да внимава да не дојде непријателот, а во која се наоѓа кампот за чија безбедност требаше да одговара со својот живот – свесен и за многу други необични карактеристики на ситуацијата и за вниманието што требаше да го вложи за да ја сочува својата безбедност, војникот Грејрок многу се вознемири. А не доби ни време повторно да се смири, зашто речиси во мигот кога ја сфати чудната опасност, слушна движење на лисјето и кршење на паднати гранки и, свртувајќи се со замрзнато срце во насоката од каде што дојдоа звуците, виде во мракот неодредени контури на човечка фигура.
„Стој!“, викна војникот Грејрок, заповеднички како што му налагаше должноста, а наредбата ја поткрепи со остро метално штракање при потегнување на орозот – „Кој е таму?“
Немаше одговор; имаше двоумење од еден миг и одговорот, ако воопшто дојде, се загуби во рафалот од пушката на стражарот. Во тишината на ноќта и на шумата, звукот одекна заглушувачки и, веднаш штом престана, се повтори од стражарски пушки од десно и лево, истрелани во сочувствителна рафална стрелба. Два часа цивилот во нив создаваше непријатели со својата фантазија и ја населуваше шумата пред себе со нив, а истрелот на Грејрок предизвика загрозениот домаќин да добијат форма на видливо постоење. Откако тој пукна, сите се повлекоа, без здив, до логорот – сите освен Грејрок, кој не знаеше во која насока да се повлече. Бидејќи непријателот не се појави, разбудениот камп на три километри одовде се соблече и повторно се врати в кревет, стражарската линија повторно се воспостави, а Грејрок навидум храбро ја држеше својата позиција, така што офицерот од стражата му честита дека е еден единствен војник од таа посветена група што може со право да се смета за морален еквивалент на онаа невообичаена единица вредност, „восклик во пекол“.
Меѓутоа, во меѓувреме, Грејрок внимателно но залудно трагаше по смртниот дел од натрапникот кон кого пукна и кого, во согласност со интуитивното чувство на стрелците, беше сигурен дека го погодил; зашто тој беше еден од оние експерти што пукаат без цел со инстинктивно чувство за насока и се речиси исто толку опасни ноќе колку и дење. Веќе половина од своите дваесет и четири години беше страв и трепет за целите на сите стрелачници во три града. Бидејќи сега не можеше да го покаже својот мртов улов, беше доволно дискретен за да не се фали и му беше драго што кај неговиот офицер и кај војничките другари забележа природна претпоставка дека откако не избегал видел дека всушност нема непријатели. Но заслужи да му оддадат почест со самото тоа што не избега.
Сепак, војникот Грејрок беше далеку од задоволен со својата ноќна авантура и кога следниот ден смисли убедлив изговор за да се пријави за дозвола да излезе надвор од линиите, а генералот што командуваше веднаш му ја даде како признание за неговата храброст претходната ноќ, тој мина кај местото каде што се случи настанот. Му рече на стражарот што тогаш беше на должност дека загубил нешто – што беше и точно – и продолжи со својата потрага по личноста која претпоставуваше дека ја погодил, а ако само била ранета, се надеваше дека ќе наиде на траги од крв. При дневна светлина беше исто толку неуспешен во трагањето колку што беше и во мракот и откако опфати широк простор и храбро навлезе и во просторот на Конфедерацијата, се откажа од потрагата, уморен, седна на коренот од еден голем бор, каде што го видовме, и се внесе во разочараноста.
Не треба да се заклучи дека разочарувањето на Грејрок беше разочарување на една сурова природа лишена од крвавото дело. Во јасните крупни очи, убаво обликуваните усни, широкото чело на тој младич, човек можеше да прочита една сосем друга приказна, и факт е дека неговиот карактер беше навистина среќен спој на храброст и чувствителност, храброст и совест.
„Разочаран сум“, си рече самиот себеси, седнат на дното од еден златен зрак што се пробиваше низ шумата како низ проѕирно море – „разочаран што не успеав да најдам земјак, убиен од моја рака! Тогаш, дали навистина сакам да сум одзел живот во извршување на својата должност што можела да се изврши и без да убијам? Што повеќе би можел да посакам? Ако се заканувала некаква опасност, мојот истрел ја прогонил; поради тоа и бев овде. Не, тогаш навистина ми е драго што непотребно не сум ставил крај на нечиј живот. Но, ставен сум во погрешна позиција. Неправедно ме пофалија моите офицери, а моите војнички другари ми завидуваа. Цел логор ме фали за храброста. Тоа не е праведно; знам дека сум храбар, но оваа пофалба се однесува за конкретни дела што не сум ги извршил или сум ги извршил – од поинакви причини. Сите веруваат дека храбро останав на својата позиција, без да пукам, додека јас сум тој што ја почна рафалната стрелба, а не се повлеков при тревогата, затоа што бев премногу збунет. Значи, што да правам? Да објаснам дека сум видел непријател и сум пукал? Сите тие го рекоа тоа, а никој не им веруваше. Да кажам вистина која, освен што ќе ме претстави како плашлив, уште и ќе ја оценат како лага? Оф леле! Сè на сè, неубава ситуација. Жими Бога, би сакал да го најдам својот човек!“
Посакувајќи го тоа, војникот Грејрок, кого снеможеноста на попладнето најпосле го стигна и кого го замелушија едноличните звуци на инсектите што брмчеа и брмчеа во миризливите жбунови, толку ги заборави интересите на Соединетите Држави што заспа и се изложи на можноста од заробување. И заспан, сонуваше.
Во сонот беше момче кое живееше во далечна, бајковита земја покрај границата на една голема река на која високите пароброди восхитувачки се движеа угоре и удолу под издигнатите спирали црн чад, кои ги најавуваа уште долго пред да се појават зад свиоците и го обележуваа нивното движење кога беа со километри надвор од видливиот хоризонт. Секогаш со него, веднаш до него додека ги набљудуваше, беше оној кому му го даде срцето и душата од љубов – братот близнак. Заедно шетаа крај бреговите на реката; заедно ги истражуваа полињата што лежеа подалеку, и собираа мирисливо нане и мирисливи лаврови гранчиња на брдата од каде што можеше да се види сè – зад кое лежеше Кралството на претпоставките и од кое, ако се погледнеше јужно преку големата река, можеше да се види Маѓепсаната земја. Рака в рака и срце в срце тие двајца, единствените деца на мајка вдовица, шетаа по патеките на светлината низ долините на мирот и гледаа нови работи под ново сонце. И низ сите златни денови се слушаше еден постојан звук – богатата, возбудлива мелодија на подбивната птица во кафез до вратата на колибата. Тој звук ги проткајуваше и ги обземаше сите духовни интервали на сонот, како музички благослов. Радосната птица секогаш пееше; нејзините бескрајно разновидни ноти како да ѝ течеа од грлото, без напор, во меурчиња и капки при секое срцебиење, како водите на извор што пулсира. Таа свежа, јасна мелодија навистина изгледаше како духот на сцената, значењето и толкувањето на смислата на мистериите на животот и љубовта.
Но дојде време кога деновите на сонот се смрачија од тага и дожд солзи. Добрата мајка умре, домот на ливадата покрај големата река беше уништен, а браќата беа раздвоени меѓу двајца нивни роднини. Вилијам (сонувачот) отиде да живее во голем град во Кралството на претпоставките, а Џон, кој ја мина реката во Маѓепсаната земја, го однесоа во далечен регион чии луѓе, како што се раскажуваше, беа чудни и зли во нивните животи и начини на однесување. При распределбата на имотот од мајка му, на Џон му припадна единственото нешто што го сметаа за вредно – подбивната птица. Нив можеа да ги разделат, но неа не можеа, па, така, ја однесоа во чудната земја и светот на Вилијам никогаш повеќе не ја виде. Сепак, низ подоцнежното време на неговата осаменост, нејзината песна го исполни сиот сон, и му се чинеше како секогаш да му одекнува во ушите и во срцето.
Роднините кои ги усвоија момчињата беа непријатели, и не одржуваа никаква комуникација. Извесно време момчињата си разменуваа писма полни со детски фалења и раскажувања за нивните нови и поголеми искуства – гротескни описи на нивните поискусни животи и новите светови што ги освоиле; но постепено писмата стануваа сè поретки, и кога Вилијам го однесоа во друг поголем град, преписката целосно запре. Но, цело време беше присутна песната на подбивната птица и кога сонувачот ги отвори очите и погледна низ пејзажот со борова шума, запирањето на музиката беше првото нешто што го освести дека е буден.
Сонцето беше ниско и црвено на запад; хоризонталните зраци што се протегаа од стеблото на секој џиновски бор правеа привид на ѕид од сенка што ја минуваше златната замагленост кон исток сè додека светлината и темнината не се споија во слеана синевина.
Војникот Грејрок стана, погледна внимателно околу себе, ја стави пушката на рамо и тргна кон логорот. Одеше можеби осумстотини метри и минуваше покрај една лаврова грмушка, кога од нејзините гранки се појави една птица и, откако застана на една гранка од повисокото дрво, излеа од своите радосни гради толку незапирливи напливи песна какви што само може да искаже некое божјо суштество во Негова чест. Во тоа немаше ништо необично – таа само го отвори клунот и дишеше; а сепак, човекот запре небаре погоден – запре и остави пушката да му падне, погледна нагоре кон птицата, ги покри очите со раце и плачеше како дете! Во тој миг навистина и беше дете, во душата и во спомените, што повторно живееше покрај големата река, во близина на Маѓепсаната земја! Потоа, со свесен напор се прибра, го зеде оружјето и гласно проколнувајќи се дека е идиот, продолжи. Откако мина низ еден процеп што водеше до срцето на честакот, погледна внатре и таму, легнат на земја, со раширени раце, во сива униформа со една единствена дамка крв на градите, со белото лице свртено нагоре и назад, лежеше слика на самиот него! – телото на Џон Грејрок, мртов од куршум и сè уште топол! Го најде својот човек.
Кога несреќниот војник клекна покрај ова ремек-дело на Граѓанската војна, птицата што пееше на гранката над него запре со песната и, облеана со црвениот сјај на зајдисонцето, тивко летна низ свечените простори на шумата. При постројувањето таа вечер во федералниот логор, кога се извика името Вилијам Грејрок, немаше никаков одговор, ниту тогаш, ниту некогаш во иднина.

Превод од англиски: Калина Малеска

АвторАмброуз Бирс
2018-08-21T17:20:43+00:00 август 23rd, 2014|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 97|