Следбениците на Мида

/, Литература, Блесок бр. 96/Следбениците на Мида

Следбениците на Мида

Вејд Ачлер е мртов – мртов од сопствената рака. Да се каже дека малиот број луѓе кои го познаваа не го очекуваа ова – не би било вистина; но, ете, ние, неговите блиски, ниту еднаш не бевме дискутирале за тоа. Но како да бевме подготвени за тоа на некој несфатлив, потсвесен начин. Пред делото да биде сторено, веројатноста за истото не ни беше ни на крај памет; но кога дознавме дека е мртов, се чинеше како да сме знаеле и како постојано да сме го очекувале тоа. Гледано наназад, ова може да го објасниме преку неговата голема мака. Намерно кажувам „голема мака“. Млад, згоден, со сигурна работна позиција како десна рака на Ибен Хејл, големиот магнат од трамвајската индустрија, не можеше да се пожали дека нема среќа. Сепак, гледавме како му се брчка и бразди мазното чело како да го мачи некоја грижа или неиздржлива тага. Гледавме како густата црна коса му опаѓа и побелува како зелено жито под бакарно небо и опустошувачка суша. Кој може да заборави, сред забавните настани кои при крајот како сè повеќе да му требаа – велам, кој може да заборави како се повлекуваше во себе и паѓаше во депресии? Во тие наврати, кога атмосферата стануваше сè позабавна, одеднаш, ни а ни б, очите ќе му клапнеа и ќе се намрштеше, небаре, со стегнати тупаници и лице згрчено од психичка болка, се бореше против некоја незнајна опасност на работ на бездната.
Никогаш не кажуваше што го мачи, а и ние не бевме толку индискретни да прашаме. Но добро што не прашавме; зашто и да прашавме, и да ни кажеше, немаше воопшто да му помогнат нашата поддршка и моќ. Кога Ибен Хејл умре, кому тој му беше доверлив секретар – всушност, речиси како посвоен син и полноправен бизнис партнер – престанавме да го гледаме. Како што сега знам, не е дека имаше проблем со нашата компанија, туку неговата мака беше станала толку голема што не можеше да возврати на нашата ведрина ниту пак да најде утеха во нашето друштво. Тогаш не можевме да сфатиме зошто е таков, бидејќи кога се отвори тестаментот на Ибен Хејл, светот дозна дека тој е единствениот наследник на многуте милиони на неговиот работодавец и беше изречно наведено дека ова огромно наследство му е дадено без никакви услови, пречки или ограничувања во користење на истото. Роднините на починатиот не добија ниту една акција ни паричка. А што се однесува на потесното семејство, една запрепастувачка одредба јасно наведуваше дека сопругата, синовите и ќерките на Ибен Хејл ќе добијат толку пари колку што Вејд Ачлер ќе одлучи и кога ќе одлучи. Да имаше некој скандал во семејството на починатиот или синовите да му беа невоспитани и неодговорни, можеби ќе имаше некоја причина за оваа крајно невообичаена постапка; но среќата во домот на Ибен Хејл беше прочуена во заедницата и човек ќе требаше да бара надалеку и нашироко за да најде почисто, поразумно и поздраво потомство од неговите синови и ќерки. Жена му пак – тие што најдобро ја познаваа од милина ја викаа „Граховата мајка“. Нема потреба да се каже, на несфатливиот тестамент кратка му беше славата; но јавноста која очекуваше некаков спор беше разочарана.
Не помина многу време откако телото на Ибен Хејл беше поставено во неговиот величествен мермерен мавзолеј, а сега и Вејд Ачлер е мртов. Веста беше објавена во утринскиот весник. Штотуку ми пристигна писмо од него преку пошта, очигледно испратено кратко време пред да ѝ се предаде на вечноста. Писмово пред мене е напишано со неговиот сопствен ракопис и тоа поврзува бројни исечоци од весници и факсимили од писма. Пишува дека оригиналите се во рацете на полицијата. Исто така ме замолува, со цел да го предупредам општеството за престрашната ѓаволска опасност која го загрозува неговото постоење, јавно да ја објавам ужасната низа трагедии во која тој бил неволно вмешан. Во писмово го приложувам текстот во целост:

Беше август, 1899 година, и само што се вратив од летување, се случи. Тогаш не знаевме; сè уште не можевме да замислиме такви ужасни нешта. Г. Хејл го отвори писмото, го прочита и го фрли на моето биро смеејќи се. Кога го прочитав и јас се насмеав и реков, „Невкусна шега, господине Хејл, многу невкусна“. Следува, драг Џон, идентична копија од истото писмо.

Канцеларија на С. на М., 17 август, 1899 г.
Г. Ибен Хејл, олигарх:
Драг господине – Бараме од Вас да извршите плаќање, ВО ГОТОВО, од дваесет милиони долари, без оглед колкав дел изнесува тоа од Вашиот огромен капитал. Овој износ бараме да ни го исплатите нам или на нашите агенти. Можете да забележите дека не Ви посочуваме конкретно време, бидејќи не ни е намерата да Ве брзаме. Можете, ако така Ви е полесно, дури и да ни платите на десет, петнаесет или на дваесет рати, но нема да прифатиме ниту една рата пониска од еден милион.
Верувајте, драг г. Хејл, дека меркиве ги преземаме без никаква пакост. Членови сме на интелектуалниот пролетеријат, чии растечки броеви со црвени букви ги одбележуваат последните денови од деветнаесеттиот век. По темелно изучување на економската наука, решивме да се впуштиме во овој бизнис. Има многу предности, од кои вреди да се напомене дека можеме да се посветиме на големи и профитабилни операции без никаков капитал. Досега сме биле прилично успешни, и се надеваме дека нашиот однос со Вас ќе биде пријатен и задоволителен.
Обрнете внимание додека ги објасниме поцелосно нашите ставови. Денешниот општествен систем се темели на правото на сопственост. Во последните истражувања, покажано е дека правото на поединецот да поседува имот се заснова единствено и целосно врз МОЌ. Господата во оклопи на Вилијам Освојувачот ја присвоија и поделија Англија меѓу себе само со меч. Ова, сигурно ќе се согласите, е точно за целиот феудален систем. Со изумот на парната машина и со индустриската револуција се создаде и капиталистичка класа, во денешна смисла на зборот. Капиталистите брзо го надвишија древното благородништво. Лидерите на индустријата речиси ги имаат заменето потомците на лидерите на војната. Денес умот, а не физичката сила, победува во секојдневната битка за опстанок. Но и овие околности исто така се базираат на моќ. Промената е квалитативна. Старото феудално баронство го пустошеше светот со оган и меч; денешното олигархиско баронство го експлоатира светот преку совладување и употреба на светските економски закони. Паметот опстанува, а не снагата; а најподготвени да преживеат се тие со интелектуална и комерцијална моќ.
Ние, С. на М., не сакаме да станеме робови за плата. Големите монополи и бизнис групации (кај кои имате висок рејтинг) нè спречуваат да се издигнеме на ваше рамниште според нашиот интелект. Зошто? Затоа што немаме капитал. Ние сме обична раја, но сепак постои разлика: ги имаме најгенијалните умови и немаме неразумни етички, ниту социјални колебања. Како робови за плата, што напорно работат од утро до мрак и живеат скромно, не би можеле ни за шеесет ни за шестотини и шеесет години да заштедиме толкава сума пари доволна да се изедначи со огромниот капитал што сега е во оптек. И покрај тоа, стапуваме во арената. Му фрламе ракавица на светскиот капитал. Сакал или не, ќе мора да има борба.
Г. Хејл, нашите интереси нè обврзуваат да побараме од Вас дваесет милиони долари. И покрај тоа што Ви даваме доволно време да ја извршите оваа трансакција, сепак би Ве замолиле да не одлагате премногу. Кога ќе се согласите, извршете објава во делот за совети во Морнинг Блејзер. Тогаш ќе Ве запознаеме со нашиот план за исплаќање на споменатата сума. Би било пожелно да го направите ова најдоцна до 1 октомври. Ако не го сторите тоа, за да Ви докажеме дека сме сериозни, на истиот датум ќе убиеме човек на ул. Источна бр. 39. Тој ќе биде работник кој ниту Вие ниту ние го познаваме. Вие претставувате сила во денешното општество; и ние претставуваме сила – нова сила. Без гнев и злоба влегуваме во битка. Како што сигурно ќе забележите, ние сме само деловна понуда. Вие сте горниот, а ние долниот воденички камен; животот на овој човек ќе биде сомелен меѓу нас. Можете да го спасите ако се согласите на нашите услови и дејствувате на време.
Си бил еднаш еден крал што бил проколнат со златен допир. Го носиме неговото име. Еден ден, за да се заштитиме од конкуренција, ќе го патентираме името.
Со почит,
Следбениците на Мида

Оставам на тебе, драг Џон, да сфатиш зошто се изнасмеавме на бесмисленово писмо. Признавме, идејата им беше добро осмислена, но беше премногу изопачена. Г. Хејл рече дека ќе го зачува како книжевен сувенир и го збута во фахот. И веднаш заборавивме дека постои. Но набргу, на 1 октомври, кога ја читавме утринската пошта, наидовме на следново:

Канцеларија на С. на М., 1 октомври, 1899 г.
Г. Ибен Хејл, олигарх:
Драг господине – на Вашата жртва ѝ дојде крајот. Пред еден час, на ул. Источна бр. 39, еден работник беше прободен со нож во срцето. Уште пред да го прочитате ова, телото ќе му биде во мртовечница. Одете и видете го Вашето дело.
На 14 октомври за да покажеме дека сме сериозни во врска со ова и во случај да не попуштите, ќе убиеме полицаец на аголот меѓу ул. Полк и бул. Клермонт или во негова близина.
Срдечно,
Следбениците на Мида

Г. Хејл повторно се насмеа. Тогаш мислеше само на договорот кој требаше да го склучи со синдикатот од Чикаго за продажбата на сите негови трамваи во градот и без размислување продолжи да диктира на стенографот. Но мене некако, не знам зошто, ме обзеде тешка депресија. Се запрашав – што ако не е шега, и неволно го зедов утринскиот весник. Таму имаше, соодветно за небитна личност од пониската класа, неколку безначајни редови спикани во ќош, до една препознатлива медицинска реклама:
Кратко по пет часот утринава, на ул. Источна бр. 39, работникот по име Пит Ласкал, на пат кон работното место бил прободен во срцето од страна на непознат напаѓач, кој избегал трчајќи. Полицијата сè уште не може да го открие мотивот за убиството.
„Не е можно!“ беше одговорот на г. Хејл кога го прочитав написот на глас; но очигледно инцидентот му ја притискаше совеста бидејќи подоцна, во попладневните часови, додека си даваше прекорувачки епитети за тоа колку е глупав, ме прати кај полицијата за да ги запознаам со случајот. Од канцеларијата на инспекторот, иако тој просто ми се изнасмеа, заминав убеден дека ќе го разгледаат случајот и дека во областа околу ул. Полк и бул. Клермонт ноќта ќе има засилена патрола. Поминаа две недели и повторно ни стигна известување преку пошта:

Канцеларија на С. на М., 15 октомври, 1899 г.
Г. Ибен Хејл, олигарх:
Драг господине – Вашата втора жртва загина во предвидениот рок. Не се брзаме; но, за да извршиме повеќе притисок, отсега ќе убиваме неделно. За да се заштитиме од вмешување на полицијата, отсега па натаму ќе Ве известуваме за делото кратко пред или за време на истото.
Останете во добро здравје,
Ви посакуваат,
Следбениците на Мида

Овој пат г. Хејл го зеде весникот, пролиста малку и ми го прочита ова:
УЖАСЕН ЗЛОСТОР
Џозеф Данахју, кој вчера бил поставен на специјална патрола во Единаесеттата општина, на полноќ беше застрелан во глава и убиен на лице место. Трагедијата се случила под уличните светла на аголот меѓу ул. Полк и бул. Клермонт. Навистина живееме во нестабилно општество кога чуварите на мирот ги убиваат немилосрдно и јавно. Полицијата досега не може да најде ниту една трага.
Само што го дочита ова, влезе полицијата – инспекторот и двајца од неговите најбистри детективи. Веднаш се виде дека се растревожени и испаничени. Иако имаше малку и едноставни факти, зборувавме долго и стопати ја разгледавме случката. Кога инспекторот си отиде, убедливо нè увери дека сè ќе се среди и дека убијците ќе бидат пронајдени. Во меѓувреме, мислеше дека би било пожелно да се назначат стражари да нè чуваат мене и г. Хејл и уште неколку стражари постојано да бдеат околу куќата и имотот. По една недела, во 1 часот попладне, ја примивме телеграмава:

Канцеларија на С. на М. 21 октомври, 1899 г.
Г. Ибен Хејл, олигарх:
Драг господине, – жал ни е што толку лошо нè разбравте. Гледаме дека целосно сте се опкружиле со вооружени стражари, богами, како да сме обични криминалци што можат да Ви влезат дома и сосила да Ви земат дваесет милиони. Верувајте, ова воопшто не ни е целта.
Сигурно ќе сфатите, кога убаво ќе подразмислите, дека Вашиот живот многу ни значи. Не плашете се. Во никој случај не би Ве повредиле. Нашата намера е грижливо да Ве чуваме и да Ве заштитиме од секакво зло. Ништо не ни значи Вашата смрт. Да ни значеше, бидете сигурни, немаше око да ни трепне да Ве уништиме. Размислете за ова, г. Хејл. Кога ќе ни платите, ќе имате потреба од заштеда. Распуштете ги стражарите и намалете со трошоците.
Неколку минути откако ќе го добиете ова, една медицинска сестра ќе биде задавена во Брентвуд парк. Телото ќе може да се најде во грмушките покрај патот што води лево од бината.
Срдечен поздрав,
Следбениците на Мида

Во истиот момент, г. Хејл се јави на телефон и го предупреди инспекторот за претстојното убиство. Инспекторот го прекина повикот за да јави во полициската станица Ф да испратат луѓе до местото на злосторството. По петнаесет минути ни се јави и ни кажа дека лицето било пронајдено, пред малку убиено, точно на тоа место. Вечерта весниците беа преплавени со впечатливи наслови од типот „Џек Мевосек“, што го критикуваа бруталниот злостор чин и опуштеноста на полицијата. Инспекторот нè чуваше во тајност, бидејќи по никоја цена не сакаше случајот да биде изнесен во јавност. Велеше дека успехот се заснова врз молчење.

Добро знаеш, Џон, дека г. Хејл беше карпа-човек. Не сакаше да се предаде. Но, ах, Џон, ужасно беше, преужасно – ова грозоморно нешто, оваа слепа сила во мракот. Не можевме ниту да се спротивставиме, ниту да испланираме или да направиме нешто, освен да седиме со скрстени раце и да чекаме. И како што поминуваа неделите, со сигурност пристигнуваше известувањето за смртта на некој човек, маж, жена, добар, злобен. За секое убиство бевме ние виновни, како да сме го направиле тоа со свои раце. Само еден збор од г. Хејл и колежот ќе престанеше. Но тој го скамени срцето и чекаше, додека брчките му стануваа сè подлабоки, усните и очите построги и посериозни, а лицето старееше како што одминуваа часовите. Нема потреба да зборувам за тоа како јас страдав за време на тој страшен период. Тука ќе ги најдеш писмата и телеграмите од С. на М., како и статии од весници и сл. за разните убиства.
Исто така ќе забележиш писма со кои го предупредуваа г. Хејл за некои измами и тајни манипулации на акции. Се чинеше дека С. на М. имаат навлезено длабоко во бизнисот и во светот на финансиите. Имаа и ни праќаа такви информации какви што нашите агенти не можеа да добијат. Заради една нивна навремена напомена, во критичен момент на една зделка, г. Хејл ги зачува сите пет милиони. Во друга прилика, ни пратија телеграма која веројатно му го спаси животот на мојот работодавец од еден забеган анархист. Го фативме човекот кога пристигна и го препуштивме на полицијата, која на него најде нов и силен експлозив, во доволна количина да потопи воен брод.
Издржавме. Г. Хејл воопшто не попушти. Плаќаше сто илјади неделно за тајна служба. Помош беше побарана од Пинкертон и безброј други агенции за приватни детективи и згора на тоа илјадници беа на платниот список. Нашите агенти ги имаше секаде, во секакви улоги, навлезени во сите општествени класи. Најдоа безброј траги; стотици осомничени беа затворени и илјадници беа под надзор, но ништо конкретно не дознавме. С. на М. постојано ги менуваа начините на достава на своите соопштенија. И секој доставувач што ќе го пратеа беше апсен на лице место. Но овие секогаш испаѓаа невини, а нивните описи на лицата кои ги задолжиле никогаш не се совпаѓаа. На последниот ден од декември го добивме ова известување:

Канцеларија на С. на М., 31 декември, 1899 г.
Г. Ибен Хејл, олигарх:
Драг господине – во согласност со нашата политика, која ќе си дозволиме да претпоставиме дека веќе добро ја познавате, ќе му овозможиме на инспектор Баинг, со кого сте добро запознаени поради нас, да замине од оваа долина на плачот. Во ова време обично е во својата канцеларија. Додека го читате ова, тој го зема последниот здив.
Срдечно ваши,
Следбениците на Мида

Го пуштив писмото и срипав кон телефонот. Многу ми олесни кога го чув неговиот силен глас. Но само што прозборе, гласот му замре во пригушен звук, и слушнав пад на мртво тело. Тогаш еден чуден глас ми рече „здраво“, ме поздрави во име на С. на М. и го прекина повикот. Итно се јавив во јавното биро на централната полиција и им реков веднаш да отидат да му помогнат на инспекторот во неговата канцеларија. Потоа почекав на линија и по неколку минути добив информација дека бил најден удавен во својата крв, земајќи го последниот здив. Немаше очевидци и не беше најдена ниту трага од убиството.
По ова, г. Хејл вчас ја зголеми тајната служба и сега трошеше четврт милион неделно. Беше решен да победи. Постепено вкупните трошоци надминаа десет милиони. Отприлика знаеш колкав е износот на неговите средства и можеш да видиш на каков начин ги црпеше. Тој тврдеше дека се бори за принципите, не за богатството. И мора да се признае дека начинот на кој постапи ја докажа искреноста на неговите мотиви. Полициските единици на сите големи градови соработуваа, па дури и владата на САД се вклучи и случајот стана еден од најважните државни приоритети. Одреден дел од федералниот буџет беше вложен за разоткривање на С. на М. и секој владин агент беше на штрек. Но сè беше попусто. Следбениците на Мида непречено продолжија со својата проклета работа. Сè одеше по нивно и напаѓаа беспогрешно.
Но иако се бореше до крај, г. Хејл не можеше да ја измие крвта од своите раце. Иако технички не беше убиец и ниедна порота немаше да го прогласи за виновен, сепак секоја жртва беше убиена поради него. Како што кажав, само еден збор да кажеше и колежот ќе запреше. Но тој одбиваше да го каже тој збор. Инсистираше дека е нападнат интегритетот на општеството; дека не е кукавица за да се предаде; и дека очигледно е праведно да има неколку жртви за крајната благосостојба на мнозинството. Но како и да е, негов беше товарот и тој стануваше сè помрачен. Мене исто така ме мачеше вината на соучесништво. Бебиња беа немилосрдно убивани, деца, стари лица; и овие убиства не беа само локални, туку се вршеа низ целата земја. Една вечер во средината на февруари, додека седевме во библиотеката, некој силно затропа на вратата. Кога отворив, на тепихот во ходникот го најдов следново писмо:

Канцеларија на С. на М., 15 февруари, 1900 г.
Г. Ибен Хејл, олигарх:
Драг господине – не ли Ви плаче душата за црвената жетва што ја жнеете? Можеби бевме преапстрактни во извршувањето на нашиот бизнис. Да бидеме поконкретни. Г-ца Адалејд Лејдло е убава и талентирана млада жена, колку што разбравме. Ќерка е на Вашиот стар пријател, судијата Лејдло, и случајно знаеме дека сте ја носеле во раце кога била бебе. Таа е најдобра пријателка на Вашата ќерка и во моментов ја посетува. Додека го читате ова, посетата ќе биде прекината.
Најсрдечно,
Следбениците на Мида

Господи! Во истиот момент сфативме што значи тоа! Истрчавме до дневната соба, но таа не беше таму, па се упативме кон нејзината соба. Вратата беше заклучена, но ја скршивме сосила. Таа лежеше, како што се беше подготвила за на опера, загушена со перници скинати од каучот. Телото ѝ беше флексибилно и топло, како искрата на животот сè уште да беше во неа. Дозволи да го прескокнам остатокот од овој хорор. Сигурно ќе се сетиш, Џон, на статиите во весниците.
Доцна истата вечер, г. Хејл ме повика и ме натера во име на Бога да се заколнам дека ќе бидам покрај него и нема да направам компромис, дури и ако сите негови блиски пријатели и роднини бидат уништени.
Наредниот ден ме изненади неговата ведрина. Мислев дека ќе биде многу шокиран од недамнешната трагедија, а колку многу – допрва ќе дознаев. Цел ден беше весел и расположен како конечно да нашол излез од страшната тешкотија. Следното утро го најдовме мртов во својот кревет со спокојна насмевка на загриженото лице – задушен. Полицијата и органите на власта ова го премолчија и јавно објавија дека станува збор за срцева болест. Сметавме дека е мудро да се прикрие вистината; но тоа воопшто не ни помогна, како што ништо претходно не ни помогна.
Само што ја напуштив собата каде беше умрел кога – но предоцна – пристигна ова необично писмо:

Канцеларија на С. на М., 17 февруари, 1900 г.
Г. Ибен Хејл, олигарх:
Драг господине – се надеваме дека ќе ни простите што Ви го нарушуваме мирот толку скоро по тажниот настан од завчера, но тоа што сакаме да Ви го кажеме е од најголема важност за Вас. Се сомневаме дека можеби ќе пробате да ни избегате. Очигледно, за тоа постои само еден начин кој без сомнение досега го имате откриено. Сепак, сакаме да Ве информираме дека повторно ќе наидете на ќорсокак. Можеби ќе умрете, но ќе умрете поразени и признавајќи го поразот. Запомнете го ова: НИЕ СОЧИНУВАМЕ ДЕЛ ОД СÈ ШТО ПОСЕДУВАТЕ. ВАШИТЕ НАСЛЕДНИЦИ И ПОЛНОМОШНИЦИ ЗАЕДНО СО ВАШИТЕ МИЛИОНИ ЗАСЕКОГАШ ЌЕ НÈ НАСЛЕДУВААТ И НАС.
Ние сме неизбежното. Ние сме врвот на индустриското и општественото зло. Ние се спротивставуваме на општеството кое нè има создадено. Ние сме успешните неуспеси на оваа доба, пропаста на деградираната цивилизација.
Ние сме суштества на изопачената општествена селекција. На силата возвраќаме со сила. Само најцврстите ќе издржат. Веруваме во опстанокот на најсилните. Туркајќи ги Вашите робови за плата во калта, имате преживеано. Воените водачи, на Ваша заповед, ги имаат стрелано како кучиња Вашите вработени во голем број крвави штрајкови. Користејќи вакви средства, издржавте. Не се жалиме на резултатот бидејќи го признаваме и го почитуваме истиот закон на природата. И сега се поставува прашањето: ВО СЕГАШНАТА ОПШТЕСТВЕНА СРЕДИНА, КОЈ ОД НАС ЌЕ ПРЕЖИВЕЕ? Ние веруваме дека ние сме најсилните. Вие верувате дека тоа сте Вие. Ќе оставиме на времето и природните закони да пресудат.
Срдечно Ваши,
Следбениците на Мида

Џон, дали и сега се прашуваш зошто постојано бев несреќен и одбегнував пријатели? Има ли потреба да објаснувам? Како и да е, овој текст ќе разјасни сè. Пред три недели Адалејд Лејдло умре. Оттогаш чекав со надеж и страв. Вчера тестаментот беше утврден како полноважен и беше објавен во јавност. Денес ме известија дека жена од средната класа ќе биде убиена во Голден Гејт парк во далечниот Сан Франциско. Изјавите во вечерните весници содржат детали од бруталната случка – детали кои се совпаѓаат со оние за кои бев однапред известен.
Бесполезно е. Не можам да се борам против неизбежното. Му бев лојален на г. Хејл и работев напорно. Не разбирам зошто мојата лојалност ја награди на овој начин. Но сепак не можам да ја скршам таа лојалност, ниту да ја погазам мојата заклетва со тоа што ќе направам компромис. Сепак, решив дека повеќе нема да носам жртви на душа. Направив тестамент во кој ги оставив неодамна добиените милиони на вистинските наследници. Силните синови на Ибен Хејл нека спасуваат глава како знаат и умеат. Пред да го прочиташ ова, ќе бидам починат. Следбениците на Мида се семоќни. Полицијата е бескорисна. Од нив дознав дека и други милионери биле уценувани и прогонувани – колку, не се знае, бидејќи кога еден ќе попушти на С. на М., во тој момент го замолчуваат. Тие што не попуштиле во моментов ја жнеат црвената жетва. Се одигрува ужасната игра. Федералната влада не може ништо да направи. Исто така, разбрав дека организацијата почнала да се разгранува и во Европа. Општеството е урнато до темел. Началствата и властите се како дрва спремни за горење. Наместо масите да се против класите, класа е против класите. Нас, чуварите на човековиот напредок, нè издвојуваат и нè уништуваат. Законот и редот пропаднаа.
Органите на власта ме молеа да го задржам ова во тајност. Тоа и го направив, но не можам повеќе. Овој проблем ја засега целата јавност, се заканува со најлоши последици и јас ќе си ја извршам должноста да го предупредам светот за оваа опасност пред да заминам. Џон, како моја последна желба, изнеси го ова во јавност. Не плаши се. Судбината на човештвото е во твои раце. Весниците нека испечатат милиони копии; телеграфите нека ја рашират веста низ цел свет; луѓето, каде и да зборуваат за ова, нека зборуваат со страв и трепет. И тогаш, кога ќе биде најраздразнето, општеството нека се издигне моќно и нека го прогони овој ужас.
Последно збогум,
Вејд Ачлер

Превод:
Борислав Јарчевски
Марија Ангеловска

АвторЏек Лондон
2018-08-21T17:20:44+00:00 јуни 21st, 2014|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 96|