За палестинската уметност

/, Литература, Блесок бр. 95/За палестинската уметност

За палестинската уметност

Камал Булата. Палестинска уметност: од 1850 година до денес
Kamal Boullata. Palestinian Art: From 1850 to the Present. London: Saqi, 2010. 363. Bibliography, index. Pounds 25/$35.95 978-0-86356-648-6

#1 Како збир на неговите претходни есеи за палестинската уметност во една книга, Палестинска уметност на Булата претставува најцелосна и најсеопфатна дискусија за историјата на палестинската уметност што може да се најде на англиски јазик, а единствената книга што може да и биде конкуренција е делото Istihdar al-makan: dirasa fi al – fann al-tashkili al-filastini al-mu’asir (Conjuring Space: A Study of Contemporary Palestinian Plastic Arts, 2000, односно Изведување магија со просторот: Истражување на современата палестинска ликовна уметност) на арапски јазик, напишано од самиот Булата. Поделено на четири дела, ова ремек-дело вклучува краток, но провокативен вовед од теоретичарот на уметност Џон Бергер, што го илустрирал синот на Бергер, Ив Бергер, со мрачни цртежи на Палестинци затворени зад бодликави жици.
Палестинска уметност
претставува кулминација на повеќе од три децении на авторовата теренска работа, истражување и практика во уметноста на сликањето. Булата во своето дело говори од својата перспектива и на уметник и на истражувач на ова поле. Почнува, како што неизбежно почнува и секоја историја на палестинската уметност, со „националната катастрофа што ги забрза иселувањето и дисперзијата на палестинскиот народ“ (27) и ограбувањето на палестинското уметничко богатство. Но, наместо хронолошки да тргне од оваа точка, Булата се враќа назад во времето. Првиот дел („Од религиозно кон секуларно сликање“) се занимава со раѓањето и развојот на студиската уметност во Палестина, со особен фокус на отомански Ерусалим. Едно од неочекуваните изненадувања во книгата е дискусијата за улогата на руската и византиската иконографија во „осветлување на патот на локалната сликарска традиција“ во арапските православни цркви, како и за улогата на руската и византиска иконографија во подоцнежната секуларната уметност (32).
По историјата што ја презентира Булата за раѓањето на секуларното од религиозното сликарство, следи Вториот дел („Сеќавање и спротивставување“), што се состои од четири глави кои говорат за периодот по 1948 година. Овој период на најдлабокото страдање на палестинскиот народ исто така се совпаѓа со појавата на апстрактното сликарство во палестинската уметност. Врз основа на делото на теоретичарот на постколонијализмот Хоми Баба, Булата до најситни детали ги истражува многубројните начини на кои појавата на апстрактната уметност во полето на естетиката се поврзува со она што Баба го опишува како предизвици на „соединување на расфрленото минато за да се сфати траумата на сегашноста“ (123).
Третиот дел („Уметност од гетото“) почнува, како што може и да се очекува, со Шестдневната војна (al-Naksa) од 1967 година. Но, како и сите делови од оваа книга што почнуваат со војна и се отвараат кон нови естетски хоризонти, во палестинските гета што се создадоа како резултат на оваа војна, Булата открива уметнички форми што светот надвор од нивните граници никогаш не знаел дека постојат. Во овој дел од книгата забележително е дека жените почнуваат да го населуваат раскажувањето на Булата. Разгледувајќи ги кариерите на Зула ал-Са’ди (1905-1988), Софи Халаби (1906-1998), Џулијана Серафим (родена 1934 година) сè до Мона Хатум (родена 1952 година), Булата смета дека „арапските жени-уметници се од клучно значење за обликување на историјата на современата арапска уметност“ (181). Потоа додава дека признанието што арапските жени-уметници го добиле во арапскиот свет често го надминува она што го добиле нивните колешки од западниот свет.
Четвртиот дел („Евокација на место“) го прекинува циклусот на започнување на поглавје со војна, па почнува со детството на авторот, особено со неговите спомени на Ерусалим пред израелското анектирање. Потоа Булата го раскажува своето „номадско патување“ (311) кон дефинирање на своето место во рамки на маргиналната уметност. Како и претходните три делови на книгата, иако со уште поголем интензитет, овие страници се полни со автобиографски референци, со размислите на Булата за литературата (Дарвиш, Аполинер, Ками), книжевната теорија (Делез и Гатари), уметноста (Матис, Кле) и исламскиот и христијанскиот мистицизам (ал-Џунаид, Св. Јован од Дамаск). Како што може и да се очекува, сите илустрации во Дел четири се земени директно од огромниот опус на авторот. Во заклучокот на своето претставување на палестинската уметност во модерната ера и сместувањето на својата животна приказна во оваа историја, Булата ги инвоцира „Размислувања за прогонството“ на Едвард Саид за да ја потенцира дуалноста на визијата што е проткаена низ палестинската модерна уметност. Додека „повеќето луѓе во принцип се свесни за само една култура, една локација, еден дом,“ како што пишува Саид, „прогонетите се свесни барем за две, и оваа плуралност на визијата го поттикнува развојот на свеста за истовремена димензија“ (331). Во својата најдобра варијанта, многубројните темпоралности, култури и медиуми што влегуваат во начините на кои Булата ги чита минатото и сегашноста на палестинската уметност прават од маргинализираниот палестински бегалец универзална состојба.
Палестинска уметност
е книга што треба да се чита не еднаш, дури ни два пати. Ова е книга што в раце треба да ја земат, и тоа многу пати, уметници, теоретичари и читатели што се интересираат за палестинската култура. Секоја средба со текстот може да создаде ново разбирање на палестинската визуелна култура. Иако текстот јасно укажува на тешките трагедии со кои се соочува палестинскиот народ, а особено предизвиците со кои и понатаму се соочуваат уметниците, секој читател што ќе дојде во контакт со уметничката ингениозност што е видлива на сликите на Исма’ил Шамут, Набил Анани, Мубарак Са’ед, Џулијана Серафим, Тамам ал-Акал, Џабра Ибрахим Џабра (најмногу познат по својата проза), Мустафа ал-Хала, Тајсер Баракат, Џумана ал-Хусеини, и фотографиите на Ахлам Шибли, и кој со очите ќе мине по изработените статуетки на Хана ал-Мисмар, не може да не се исполни со надеж за палестинската иднина. Како што укажуваат анализите на Булата, онаму каде што цвета имагинацијата онака како што цвета во овие визуелни креации, секогаш постои цврсто тло да се очекува промена. Има основа за постоење надеж дека објавувањето на ова дело функционира како стимулација за можни идни истражувања на палестинската уметност од периодот пред 1850 година, како и за можна идна компаративна студија на палестинската уметност во сегашноста.
Како дело што воспостави нов стандард за науката во ова поле, Палестинска уметност е основен текст за секоја колекција, од општа историја на уметност, до колекции што се бават со специјализирано истражување на исламската уметност. Иако претставува придонес кон полето на највисоко и најспецијализирано ниво, ова значајно дело на Булата би било соодветно дури и за најосновните колекции, читални и јавни библиотеки. Во маргините на текстот се дадени цитати, а деталите за сите слики се наведени во додаток, што следи по добро организираната библиографија. Со оглед на големиот број илустрации во боја со кои се збогатени овие страници и висококвалитетната хартија на која е испечатен текстот, оваа книга не е скапа.

Превод од англиски: Калина Малеска

АвторРебека Голд
2018-08-21T17:20:45+00:00 мај 15th, 2014|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 95|