Три есеи

Три есеи

За стравот
За спиењето
За возраста

“Obstupui, steterunt que comae et vox faucibus haesit. – Virgil, Aeneid, ii. 774)”
(„Бев отапен од страв, косата ми беше накострешена и гласот заглавен во грлото”)
Не сум толку добар филозоф на природата (според терминот кој се користи), за да имам некаква претстава за механизмот на стравот кој го чувствуваме во нас; но сепак, стравот е една толку чудна емоција; докторите велат дека тешко да постои некое друго чувство кое толку брзо ни ја одзема способноста разумно да судиме. Јас лично сум видел многу луѓе кои биле излудени од страв, дури и кај оние со најспокоен темперамент стравот може да предизвика ужасна бркотница. Го изоставам простиот човек, чиј страв напати предизвикува да му се причини дека ги гледа своите предци како наоблечени со посмртните партали излегуваат од гробниците, или визии на врколаци, гоблини и химери; но дури и помеѓу војниците, каде што за стравот нема место, колку пати ли сум видел едно стадо овци да се претвори во цел ескадрон наоружани витези; рогоз и трски во копјаници и коњаници, пријателите во непријатели, и францускиот бел крст во црвениот крст на Шпанија! Кога Господинот де Бурбон го заземал Рим (во 1572), при првото предупредување, еден гласник кој чувал стража на Борго Сан Пиетро бил зграпчен од таков страв, што скокнал преку една дупка во урнатините трчајќи право накај непријателот, додека во раката сè уште го држел бајракот. Мислејќи дека трча во правец на градот, дури во последната минута ги забележал непријателските трупи на Господинот де Бурбон кои се подготвувале на отпор (тие помислиле дека луѓето од градот тргнале во јуриш кон нив). Откако ја увидел својата грешка, сега почнал да трча назад, протнувајќи се низ истата дупка од која само што изминал четиристотини и педесет метри во јуриш накај бојното поле. Сепак, кога Свети Павле бил примен од нас од страна на грофот Де Бур и господинот Де Ру, гласникот на Капетанот Џулио, не извлекол толку среќен крај. Тој бил толку избезумен од стравот кој го обземал што како фурија излетал, сосе барјак и сè останато, низ бродското прозорче за во истиот момент да биде расечен на парчиња од непријателот. Имаше уште еден незаборавен случај за време на истата опсада – стравот што го обзел срцето на еден благородник толку силно го задуши и замрзна, што овој паднал мртов во ровот без пред тоа да биде повреден. Таков страв понекогаш може да се јави и кај цела група луѓе; во една од битките помеѓу Германикус и Германите, двете големи војски западнале во таков страв кој ги натерал да трчаат во спротивни правци – едните во насоката од каде што другите доаѓале. (Tacit, Annal., i. 63.) Понекогаш стравот, како во првите два случаја, ни дава крилја на петиците, а друг пат нè заковува за земјата, сплеткувајќи ни ги нозете – како што на императорот Теофил му се случило во битката која ја загубил против Агаренес – можеме да прочитаме дека стравот толку многу го излудил и затапил што сета моќ за бегање му исчезнала –
“Adeo pavor etiam auxilia formidat”
(„Стравот може толку да исплаши што ја поништува безбедноста” – Квинт.)
– сепак на крајот Мануел, еден од неговите главни командири го протресол и повлекол, како да го будел од некој длабок сон, велејќи му: „Господине, ако не ме следите ќе Ве убијам; Вашиот живот е помалку вреден од загубата на империјата ако Ве одведат во заробеништво.“ (Zonaras, lib. iii.) Стравот ни ја открива својата најголема моќ кога нè лишува од доблеста на храброста и одговорноста фрлајќи нè во силен очај. За време на првата битка којашто Римјаните ја загубиле од Ханибал, под конзулството на Семпрониус, пешадијата која броела десет илјади војници западнала во толку голем страв, а немајќи избор за да го остварат своето кукавичко бегство, тие се избориле преку дебелиот слој на непријателот, со неверојатна сила и бес – масакрирајќи голем број на Картагинци – а сепак ја платиле истата цена за една срамна борба исто како што можеле да добијат една сјајна битка. (Livy, xxi. 56.)
Од стравот најмногу се плашам; таа страст во својата жестокост ги надминува сите останати незгоди. Која емоција би можела да биде помоќна или послична отколку онаа која ја почувствувале пријателите на Помпеј кои на неговиот брод го посведочиле ужасното убиство? Да, дури и тоа чувство било задушено од стравот кој го предизвикале египетските бродови кои се приближувале сè поблиску – тие дигнале толку голема тревога, при што е забележано дека ги брзале морнарите да веслаат сè посилно за да бидат спасени. Откако пристигнале во Тир стравот ги напуштил, а со тоа и мислите им станале ослободени за да се насочат кон загубата на својот капетан и да им дадат простор на солзите и оплакувањето коишто биле задржани од таа посилна емоција.
“Tum pavor sapientiam omnem mihiex animo expectorat.”
(„И тогаш стравот ми го зеде сиот ум“ Ennius, ap. Cicero, Tusc., iv. 8.)
Човекот кој бил масакриран на бојното поле, сиот со рани и крв следниот ден би можел повторно да продолжи со битката, но човекот кој искусил вистински страв не би можел да се врати ниту за да погледне повторно во непријателот. Луѓето кои имаат постојан страв дека би ја загубиле својата сопственост, или дека може да бидат прогонети или однесени како робови, го губат апетитот и спокојството, додека пак оние коишто се сиромашни, робови, прогонети, многу почесто уживаат во својот живот како и другите. Многумина не можејќи да ги издржат острите болки на стравот, се обесиле, удавиле или ѝ излегле во пресрет на смртта, покажувајќи ни дека стравот е пострашен и понеиздржлив дури и од самата смрт.
Грците познаваат еден друг вид на страв, различен од овие за коишто зборувавме, што нè изненадува без некоја видлива причина, како некој божествен импулс кој удирал во цели нации и армии. Токму таков страв го донесе чудесното опустошување на Картагина од каде што не можеше ништо друго да се слушне освен исплашени гласови и лелеци – жителите биле видени како преплашено истрчуваат од своите куќи – тие почнале да се напаѓаат, убивајќи се меѓу себе како да биле непријатели кои дошле да си го окупираат градот. Сиот тој неред и бркотница завршиле откако го смириле бесот на своите богови со молитви и жртви – (Diod. Sic., xv. 7) и ете, тоа е она што го нарекуваат – паничен ужас (Ibid. ; Плутарх за Изис и Озирис, c. 8.)

АвторМишел Екем де Монтењ
2018-08-21T17:20:45+00:00 мај 15th, 2014|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 95|