Тристрам Шенди

Тристрам Шенди

(извадок од романот)

*Преводот ќе биде објавен во рамките на проектот „Ѕвезди на светската книжевност“ на Министерството за култура. Извадокот се објавува со дозвола од авторот на преводот. Дозволата важи еднократно и исклучиво за Блесок. Сите права се задржани. Забрането е секакво неовластено користење, проследување или умножување на овој материјал или на делови од него.

ПОГЛАВЈЕ VI

– Што би можеле да прават, брате? рече татко ми. – Мислам, одговори чичко ми Тоби – при што, како што ви кажав, го извади лулето од уста, и вадејќи ја пепелта од него, ја почна реченицата; – Мислам, одговори тој – дека не би било лошо, брате, да заѕвониме.
Што е оваа врева одозгора, Обадија? – праша татко ми; – брат ми и јас одвај се слушаме како зборуваме.
Господине, одговори Обадија, поклонувајќи се кон неговото лево рамо – [Вашата сопруга], мојата господарка [која се пораѓа] е во многу лоша состојба. – А што трча Сузана наваму-натаму во градината, како некој да ја напаѓа? – Господине, тргна по најкраткиот пат до градот, одговори Обадија, за да ја донесе старата бабица. – Тогаш заседлај го коњот, и побрзај кај доктор Слоп, акушерот, за нашите потреби – и кажи му дека твојата господарка почна да се породува – и дека повелам тој веднаш да дојде овде со тебе.
Многу ми е чудно, рече татко ми, обраќајќи му се на чичко ми Тоби, штом Обадија ја затвори вратата – што иако има таков стручен лекар како доктор Слоп толку блиску – жена ми инсистира со толкава тврдоглавост да му го повери животот на моето дете, кое веќе имаше една незгода, на незнаењето на една старица; – и не само животот на моето чедо, брате – ами и нејзиниот живот, а со него и животите на сите деца што би можел во иднина да ги направам со неа.
Можеби, брате, одговори чичко ми Тоби, мојата снаа го прави тоа за да заштеди: – Нема врска, – одговори татко ми – на лекарот исто ќе му платиме без оглед дали прави нешто или не – дури и повеќе ако ништо не прави, само за да седи мирен.
– Тогаш, можеби, ништо друго на светов не ја натерало на тоа, рече чичко ми Тоби, при такво чисто срце – туку Скромноста. – Мојата снаа, би се осмелил да речам, не дозволува ниту еден маж да се приближи до нејзиниот —-. Нема да кажам дали чичко ми Тоби ја заврши реченицата или не; – во негова корист е да се претпостави дека ја завршил – оти, сметам, не можеше да додаде ниту еден збор што ќе ја подобреше.
Ако, напротив, чичко ми Тоби не дојде до крајот на реченицата – тогаш светот му ја должи појавата на еден од најубавите примери на стилска фигура во ораторството, која реторичарите ја нарекуваат апосиопеза на неочекуваното штракнување на лулето на татко ми. – Праведни небеси! Колку Poco piu и Poco meno на италијанските уметници; – неразумното Повеќе или Помалку ја определува точната линија на убавина во реченицата и во изразот! Колку најмалите движења на длетото, моливот, пенкалото, гудалото, и сл. – го даваат вистинскиот облик, кој дава вистинско задоволство! – Ах, мои сонародници; – бидете фини; – бидете внимателни со вашиот јазик; – и никогаш, ах! никогаш не заборавајте од колку мали делчиња зависи вашата елоквентност и вашата слава.
– „Мојата снаа, можеби“, рече чичко ми Тоби, „не дозволува ниту еден маж да се приближи до нејзиниот —–.“ Ставете ги овие цртички – добивате апосиопеза. – Тргнете ја цртичката, и напишете долен орган – звучи непристојно. – Избришете го долниот орган, и место него ставете одбранбен бедем, добивате метафора; – и би се осмелил да речам, оти со оглед на тоа дека фортификациите му го опседнуваа умот на чичко ми Тоби, да беше оставен да го додаде последниот збор во реченицата – тоа ќе беше токму последниов збор.
Но дали тоа беше или не беше случај; – и дали штракањето на лулето на татко ми во критичниот миг се случи случајно или од лутина, ќе се види за некое време.

ПОГЛАВЈЕ VII

Иако татко ми го бидуваше за филозофија на природата – сепак, добар беше и во филозофија на етиката; поради што, кога му крцна лулето на средина – ништо не му преостануваше освен да ги земе двете скршени делчиња, и нежно да ги фрли во огнот. – Но, не го стори тоа; – ги фрли најнасилно што можеше; – а за уште повеќе да ја нагласи својата постапка, – стана од столчето за да го стори тоа.
Ова веќе личеше на гнев; – а начинот на кој им одговори на зборовите на чичко ми Тоби покажа дека навистина е тоа.
– „Не дозволува“, проусти татко ми (повторувајќи ги зборовите на чичко ми Тоби) „ниту еден маж да се приближи!“ – Бог да чува, брате Тоби! ти би можел да го изнервираш дури и Јов; – а мислам дека и онака веќе ги имам неговите неволи. – Зошто? – Каде? – Како? – Поради што? одговори чичко ми Тоби со огромна изненаденост. – Ах, кога ќе помислам колку години имаш, а толку малку знаеш за жените! – Не знам ништо за нив, – одговори чичко ми Тоби: и мислам, продолжи, дека шокот што го добив една година по уништувањето на Данкирк, при мојата афера со вдовицата Водман; – кој шок, како што ти е познато, немаше да го доживеам да не беше моето целосно незнаење за полот – и кој ми дава полно право да речам дека ниту знам ниту се преправам дека знам нешто за нив и нивното однесување. – Мислам, брате, одговори татко ми, дека би требало барем да знаеш да ги разликуваш вистинското и лажното лице на жената.
Во Аристотеловото Ремек дело се вели дека „кога човек мисли на нешто во минатото – погледот му е вперен вземи; – а штом мисли на нешто кое го чека во иднината, погледот му е вперен в небо.“
Чичко ми Тоби, претпоставувам, не мислеше ниту на едното ниту на другото, оти погледот му беше насочен право пред него. – Вистинското лице! рече чичко ми Тоби, а ги изговори двата збора тивко небаре само за себе, додека погледот му беше вперен во една мала пукнатинка, што се создала онаму каде што тулите од каминот не биле добро споени – Вистинското лице на жената! – Објавувам, рече чичко ми, дека не знам за тоа ништо повеќе отколку што знам за човековиот лик што се оцртува на месечината – па и да размислувам дење-ноќе, продолжи чичко ми Тоби (со погледот сè уште вперен кон процепот во ѕидот) цел месец, сигурен сум дека пак нема да откријам.
Тогаш, брате Тоби, одговори татко ми, јас ќе ти кажам.
Сè на светов, продолжи татко ми (и си наполни ново луле) – сè на светов, драг мој брате Тоби, има две рачки. – Не секогаш, рече чичко ми Тоби. – Ако ништо друго, одговори татко ми, тогаш барем секој има две раце – што е исто. – Е, сега, ако човек седне смирено и размисли за составот, обликот, градбата, способностите и хармоничноста на сите делови што ја сочинуваат целината на тоа суштество, наречено Жена, и ги спореди аналогно – Никогаш не сум го разбрал точното значење на тој збор – рече чичко ми Тоби. –
Аналогија, одговори татко ми, е определен однос и усогласеност што различните – овде едно ѓаволско тропање на вратата ја скрши на половина од дефиницијата на татко ми (исто како и неговото луле) – и, истовремено, ја смачка главата на највпечатливата и најнеобична дисертација што се родила во сферата на шпекулациите; – а дури по неколку месеци татко ми повторно доби можност да се произнесе на оваа тема. – А во моментов, исто толку неизвесно е колку и предметот на самата расправа – (особено што сме соочени со збунетост и вознемиреност во нашите домашни небиднини, кои се редат без престан една зад друга) дали ќе можам да најдам место за неа во третиот том или не.

ПОГЛАВЈЕ VIII

Мина околу час и половина релативно внимателно читање откако чичко ми Тоби заѕвони, кога Обадија доби наредба да го заседла коњот и да го повика доктор Слоп, акушерот; – така што никој не би можел реално да ми замери оти не сум му дал на Обадија доволно време, поетски кажано, особено со оглед на итноста на ситуацијата, да оди и да се врати; – иако, морално и реално кажано, човекот веројатно одвај имаше време да ги обуе чизмите.
Ако хиперкритичарот се закачи за оваа тема; и ако е решен да земе едно нишало и да го измери вистинското временско растојание меѓу ѕвонењето за повик на слугата Обадија и тропањето на вратата; – и, откако ќе открие оти одвај минале две минути, тринаесет секунди и триесетина стотинки, – ќе ме прекори за такво прекршување на единството или, поточно, веројатноста на временскиот тек; – во тој случај, ќе го потсетам дека идејата за траење и за неговите едноставни изрази е добиена од последователноста на нашите идеи – и тоа е вистинското интелектуално нишало – според кое, како интелектуалец, ќе ми биде судено за оваа работа – при што го отфрлам и го презрам овластувањето на кои било други нишала.
Затоа ќе побарам од него да земе предвид дека има само два-тринаесет километри од Шенди-Хол до куќата на доктор Слоп, хирургот-акушер; – и дека додека Обадија ги минуваше споменатите два-тринаесет километри натаму и назад, го вратив чичко ми Тоби од Намир, преку Фландрија до Англија: – дека во моите раце лежеше болен речиси четири години; – и дека потоа го испратив заедно со капларот Трим на патување со кочија да изминат речиси триста километри до Јоркшир, – а сето ова заедно секако ја подготвило фантазијата на читателот за влезот на доктор Слоп на сцена – барем (се надевам) колку што тоа го прави еден танц, песна или концерт меѓу два чина.1F
Ако мојот хиперкритичар е упорен и ме обвини дека две минути и тринаесет секунди си се две минути и тринаесет секунди, – откако објаснив сè што можев за нив; и дека ова објаснување, иако може да ме спаси во драмска смисла, ќе ме проколне во биографска, и ја вбројува мојата книга, од овој момент, во романси, со што станува неверодостојна книга: ако изврши таков притисок врз мене – тогаш веднаш ставам крај на сите замерки и контроверзи – со тоа што ќе му предочам оти Обадија одвај да мина неколку метри од дворот кога го сретна доктор Слоп; – и, всушност, имаше валкан доказ оти го сретнал, а за малку и да имаше трагичен.
Замислете си; – но овде подобро да почнам со ново поглавје.

ПОГЛАВЈЕ IX

Замислете си ја малата набиена, неучтива фигура на лекарот Слоп, издигната во височина од метар и половина од земјата, со ширината на грбот и издаденост на мевот на кои би можел да им позавиди дури и наредник во коњичката гарда.
Такви беа контурите на фигурата на доктор Слоп, која – ако сте ја читале Хогартовата2F анализа на убавината, а ако не сте ја читале, треба да ја прочитате; – тогаш знаете дека е како создадена за правење карикатури и може да се долови во три потези исто толку добро како во триста.
Замислете си една таква фигура – зашто таква беше онаа на доктор Слоп, како полека доаѓа, чекор по чекор, затетеравен по прашливиот пат, качен на грбот на особено мало пони коњче, со убава боја – но со никаква снага! – кое одвај ќе успееше да каска, под толку тежок товар, па дури и патиштата да беа соодветни за каскање. – А не беа. – Замислете си го сега Обадија качен на снажен ѕвер кој лесно успева да влече кочија и го боде да трча во полн галоп, најбргу што може во спротивниот правец.
Господине, ве молам дозволете ми да се задржам за миг на овој опис.
Ако доктор Слоп го видеше Обадија на километар-два оддалеченост, како на тесната патека се приближува директно кон него, со таква екстремна брзина – плискајќи и кревајќи прав околу себе како говеда во стампедо, немаше ли оваа глетка, со таков виор од кал и вода што се движат и се вртат околу една оска – да предизвика поискрен страв кај доктор Слоп во оваа ситуација отколку најлошите последици од кометите на Вистон3F? – А да не говориме за јадрото; односно, за Обадија и снажниот коњ. – Според моето скромно мислење, виорот сам по себе беше доволен да го однесе и оддува, ако не лекарот, тогаш барем неговото пони. Тогаш замислете си само какви биле ужасот и хидрофобијата на доктор Слоп, кога ќе прочитате (што сега ќе го направите) како полека и внимателно си јавал кон Шенди-Хол и се доближил на педесетина метри од него, при што на пет метри пред него се наоѓал свијок поради тоа што оградата вртела под остар агол – на најкалливиот дел од калливата патека – кога Обадија и неговиот снажен коњ се појавиле од зад аголот, брзи, бесни – летнати право кон него! – Ништо на светот, ми се чини, не е пострашно од еден таков налет – кога човек е толку неподготвен за него! толку неподготвен за шокот што се доживува при тоа колку што беше доктор Слоп.
Што можеше доктор Слоп да стори? – се прекрсти + – Уф! – но лекарот, господине, беше римокатолик. – Не дека тоа му помогна; подобро да се држеше до тепање – Навистина е така; – всушност, додека тоа се случуваше, најдобро ќе беше да не направеше ама баш ништо; зашто кога се прекрсти, го испушти камшикот од рака – а додека се обидуваше да го задржи камшикот меѓу коленото и работ од седлото, како што се лизна, му отпаднаа узенгиите – при што му испадна и седлото; – и сред овој куп загуби (кои, меѓу другото, покажуваат колку е бескорисно прекрстувањето), кутриот лекар ја загуби присебноста. Па, без да ја чека реакцијата од Обадија, го остави понито на неговата судбина, и се одмота дијагонално од него, небаре е клопче волница, и без никакви други последици од падот, освен што (како што излезе) со најширокиот свој дел потона четириесетина сантиметри во калта.
Обадија
двапати си ја симна капата пред доктор Слоп; – еднаш додека овој паѓаше, – а потоа повторно кога го виде седнат на земја. – Не го погоди вистинскиот момент за да покаже љубезност; – нели ќе беше поарно да го сопреше коњот, да слезеше и да му помогнеше? – Господине, го стори тоа што можеше во дадената ситуација; – но брзината на коњот беше толку голема, што Обадија не можеше навчас да запре; три круга заврте со јавање околу доктор Слоп, пред сосема да се смири; – на последниот, кога најпосле запре, создаде таков плисок од кал што ќе беше подобро Обадија да беше неколку километри подалеку. Накратко, доктор Слоп никогаш не бил толку каллив и со толку видоизменет изглед откако тоа се случи.

ПОГЛАВЈЕ X

Кога доктор Слоп влезе во салонот, каде што татко ми и чичко ми Тоби дискутираа за природата на жените – тешко би можело да се одреди дали повеќе се изненадија од изгледот на доктор Слоп или од неговото присуство; оти несреќата се случи толку близу до куќата што Обадија сметаше оти нема потреба да го качува на коњот – та го внесе онаков каков што беше, неизбришан, ненајавен, неподготвен, со сите валканици и рани. – Тој стоеше како духот на стариот Хамлет, неподвижен и нем, минута и половина на прагот од салонската врата (Обадија сè уште му ја држеше раката) со сета раскош од кал. Неговите задни делови, на кои падна, целосно беа измачкани – а напред беше така точкосан од плисокот на Обадија, што ќе се заколневте (без никакво двоумење) оти го погодиле буквално сите капки кал од плисокот.
Ова беше одлична можност чичко ми Тоби да ликува заради победата над татко ми; – зашто никој жив што би го видел доктор Слоп во такво издание, не би му се спротивставил на мислењето на чичко ми Тоби, „оти можеби мојата снаа не дозволува еден маж како доктор Слоп да се приближи до нејзиниот —-.“ Но стануваше збор за Argumentum ad hominem; и ќе си помислите оти чичко ми Тоби не го употреби оти не умееше вешто да го постави. – Не; причината беше друга – не беше во неговата природа на навредува.
Присуството на доктор Слоп во тоа време не беше помалку проблематично отколку неговиот изглед; секако, да размислеше татко ми малку логично, ќе сфатеше што е работата; тој се договори со доктор Слоп за колку пари да дојде само една недела пред тоа, при полна согласност од мајка ми; па бидејќи лекарот оттогаш не доби никакви вести, му изгледаше нормално и соодветно да одјава до Шенди-Хол, како што тоа и го стори, за да провери како стојат работите.
Но, за жал, логиката на размислување на татко ми го одведе во друг правец; та како хиперкритичарот, ги зеде предвид само заѕвонувањето на ѕвончето и чукањето на вратата, – мерејќи го растојанието меѓу нив, и толку сосредоточен на таа работа што сè друго избледе – вообичаена слабост на најголемите математичари! со сета сила се фокусира на демонстрацијата, и толку се истошти во тоа што немаше сила да дојде до вистинскиот заклучок.
Заѕвонувањето на ѕвончето и чукањето на вратата оставија еднакво силен впечаток и на чичко ми Тоби – но кај него предизвикаа друга низа на мисли; – двете непомирливи пулсирања навчас го доведоа со себе Стевин,4F големиот инженер, во умот на чичко ми Тоби. Што мајка бараше Стевин во целава збрка – е најголемиот проблем од сите: – Ќе биде решен – но не во следното поглавје.

ПОГЛАВЈЕ XI

Пишувањето, кога соодветно се води (како што сум сигурен дека е случај со моето), во суштина претставува конверзација. Како што никој кој е свесен оти е во добро друштво не ќе се осмели да каже сè што ќе му падне на памет; – исто така и ниту еден автор кој ги разбира границите на книжевен декор и убаво пишување не ќе си дозволи да напише сè за што размислувал: Најдоброто што може да го направите за да му оддадете почит на читателот е љубезно да ја скратите приказната и да ѝ оставите нешто на неговата фантазија, а и на вашата.
Што се однесува на мене, јас везден му изразувам ваква почит и правам сè што е во моја моќ да му ја распламтам фантазијата исто колку што е распламтена и мојата.
Сега е ред на него; – јас во изобилство го опишав тажниот пад на доктор Слоп, како и неговиот тажен изглед во задниот салон; – сега нека се активира малку неговата фантазија.
Нека си замисли читателот сега дека доктор Слоп ја раскажал својата приказна – а какви зборови употребил, со каква драматика, за тоа нека реши неговата фантазија; – Нека претпостави дека и Обадија го раскажал своето видување на настанот, со таков покајнички изглед на загриженост што би се направил одличен контраст меѓу двајцата мажи што стојат еден крај друг, ако читателот смета дека тоа би бил добар опис. – Нека си замисли дека татко ми се качил за да провери како е мајка ми. – И, на крајот од оваа фантазија – нека си замисли оти лекарот се измил, се извинил – честитал – облекол едно рало чевли од Обадија, и направил чекор кон вратата, токму да почне со акција.
Полека! – полека, добар докторе Слоп: – приберете си ја акушерската рака; – вратете ја назад во палтото, нека се стопли; – не знаете какви пречки – какви скриени причини ја забавуваат операцијата! – Имате ли, докторе Слоп – имате ли увид во тајните одредби на свечениот договор што Ве доведе на ова место? – Свесни ли сте дека токму сега една од ќерките на Лусина5F зависи од вашата акушерска рака? Да, да! – и да знаете дека е така. – Освен тоа, сину на Пилумниј6F! што можете тука? – Дојдовте невооружен; ги оставивте дома своите инструменти за извлекување на главата – својот новоизмислен форцепс, својата кука, – својот шприц и сите свои инструменти за спас и породување зад себе – Господе Боже! во моментов тие висат во зелена торба, меѓу два пиштола, над креветот! – Ѕвонче; – повик; – испраќање на Обадија назад на силниот коњ да ги земе со полна брзина.
– Побрзај, Обадија, рече татко ми, и ќе добиеш круна! – а чичко ми Тоби додаде, уште една од мене.

ПОГЛАВЈЕ XII

Вашето бурно и неочекувано пристигнување, рече чичко ми Тоби, обраќајќи му се на доктор Слоп (тројцата седеа до каминот кога чичко ми Тоби почна да зборува) – навчас ме потсети на големиот Стевин, кој, сигурно знаете, ми е најомилен автор. – Се обложувам, додаде татко ми, употребувајќи го аргументот Ad Crumenam – во дваесет гвинејки до една круна (која ќе му биде дадена на Обадија штом се врати) оти истиов овој Стевин бил инженер – или напишал нешто, било директно или индиректно, за науката на фортификации.
Така е – одговори чичко ми Тоби. – Знаев, проусти татко ми, иако, да бидам искрен, немам претстава каква поврзаност би можело да има меѓу ненадејното доаѓање на доктор Слоп и дискурсот на фортификации; – но се плашам дека има. – Може да разговараме на која било тема, брате – но околностите нека ја поттикнат темата на која ќе се префрлиш. – Така ќе биде, брате Тоби, продолжи татко ми – свечено изјавувам дека не сакам да си ја полнам главата со завесни ѕидови7F и роговидни утврдувања8F. – Тоа сигурно не сакаш, рече доктор Слоп, прекинувајќи го и смеејќи се најотворено на својата игра со зборови.
Дури ни критичарот Денис не презира и не мрази игра на зборови, или инсинуација на игра на зборови, повеќе од татко ми; – таа без исклучок го дразнеше во најнегативна смисла; – но да биде прекинат со игра на зборови, и тоа сред сериозен разговор, беше лошо, според него, колку и удар во носот; – не гледаше разлика меѓу нив.
Господине, проговори чичко ми Тоби, обраќајќи му се на доктор Слоп – бедемите или завесните ѕидови за кои говори брат ми Шенди немаат никаква врска со завесите што се закачуваат околу креветот; – иако сум чул една изјава од Ду Канж дека „многу е веројатно завесите за кревет да го добиле своето име од нив“; – ниту, пак, роговидните утврдувања за кои говори имаат врска со набиените рогови на изневерените мажи: – Бедем, господине, е збор што го користиме за фортификациите, за оној дел од ѕидот што се наоѓа меѓу два бастиона и ги поврзува – опсадувачите ретко напаѓаат директно на бедемот, и тоа од следнава причина: бидејќи е одлично зацврстен (така е и со другите завеси, се исклешти доктор Слоп). Но, си продолжи чичко ми Тоби, за да ги обезбедиме уште подобро, обично ставаме триаголни предѕидови пред нив, при што внимаваме да ги прошириме само до каналот или ровот: – Обичните луѓе, кои многу малку знаат за утврдувањата, ги мешаат триаголниот предѕид и триаголниот бастион – а станува збор за сосема различни нешта; – не во обликот или конструкцијата, зашто ги правиме сосема идентични, до детаљ; – секогаш се состојат од две предни страни, споени под остар агол, со задната страна изградена во српеста форма: – Тогаш во што се разликуваат? (праша татко ми, малку изнервиран). – Во нивната местоположба, одговори чичко ми Тоби: – Кога триаголниот предѕид, брате, стои пред бедемите, тогаш е триаголен предѕид; а кога триаголниот предѕид е вклопен во бедемите, тогаш триаголниот предѕид не е триаголен предѕид; – тогаш е триаголен бастион; – а триаголниот бастион исто така е триаголен бастион, и ништо друго, сè додека е вклопен во бедемите; – но кога ќе го смени местото, и ќе се најде пред бедемите – повеќе не ќе е триаголен бастион; триаголниот бастион, во тој случај, не е триаголен бастион; – тогаш се претвора во триаголен предѕид. – Мислам, рече татко ми, оти благородната наука за одбрана има и слаби страни – како и сите други.
А што се однесува, пак, на роговидното утврдување (оф леле! се препоти татко ми) за кое, продолжуваше чичко ми Тоби, говореше брати ми, тоа е многу важен дел од бастионите; француските инженери го нарекуваат Ouvrage à corne, а го градиме за да ги покрие оние места за кои сметаме оти се послаби од другите; – се прави од две песочни брани или полубастиони – многу се убави – еве, на пример, ако сакате да се прошетате, ќе ве одведам да видите едно такво и нема да зажалите. Признавам, продолжи чичко ми Тоби, кога ќе ги обликуваме како круна – многу се посилни, но и многу скапи, трошат многу земја, па, според моето мнение, најкорисни се за заштита и одбрана на челната позиција; инаку двојните фортификациски клешти – Жими сè најмило! – брате Тоби, не издржа повеќе татко ми – ќе го изнервираш и најстрпливиот човек на светот; – повторно нè внесе, ни самиот не знам како, не само директно во темата: – туку и толку ти е полна главата со овие пусти мешаници, што иако во моментов жена ми е во породилни болки, и ја слушаш како вика, сепак ништо не те спречува да го зазборуваш мажов-бабица. – Ве молам, акушер, поправи доктор Слоп. – За име Божје, одговори татко ми, не ме интересира како те викаат – но нека се носи по ѓаволите целата наука за фортификациите, со сите свои пронаоѓачи; – била причина за смртта на илјадници – и на крај ќе биде причина и за мојата. – Не дозволувам, не дозволувам, брате Тоби, да ми се полни мозокот со ровови, рудници, огради, контејнери со бетон, крепости, триаголни предѕидови, триаголни бастиони и слични глупости, па макар бил и сопственик на Намир и на сите градови во Фландрија заедно со него.
Чичко ми Тоби беше човек стрплив при навреди; не дека му недостигаше храброст, – ви кажав во едно претходно поглавје, „беше храбар човек“꞉ – и, би можел да додадам, кога и да се појавеше или беше предизвикана ситуација, – не би сакал никој друг да ме заштити освен него; – и не дека беше бесчувствителен или тромав во размислувањата; – напротив, оваа навреда од татко ми го погоди многу длабоко; – ами имаше мирен, мил темперамент – не беше ни најмалку нерасположен – мед и млеко по природа; таков беше чичко ми Тоби, ни мува не би удрил.
Ајде, оди си – ѝ вели тој еден ден додека вечераме на една голема мува која му брмчеше околу носот, и сурово му додеваше за време на вечерата – и која, по безброј обиди, најпосле ја фати, додека леташе крај него; – нема да те повредам, вели чико ми Тоби, станувајќи од столчето и почнувајќи да се движи низ собата со мувата в рака – ни влакно од глава нема да ти фали: – Ајде, оди си, вели тој, и го поткрева појасот, и ја отвора раката додека зборува, за да ѝ дозволи да избега; – оди си, клапчо мал, да те нема, зошто да те повредам? – Светов секако е доволно голем и за двајцата.

Превод од англиски: Калина Малеска

#b
1. Откако првпат ќе се спомне ѕвонењето на ѕвончето на првите страници од романот, нараторот ја прекинува приказната за да ја раскаже историјата на чичкото Тоби во поглед на настаните споменати во овој пасус, така што на почетокот од шестото поглавје од втората книга (изнесено овде), тој, всушност, за да го потсети читателот, повторува дека чичко Тоби заѕвонил да го викне Обадија.
2. Вилијам Хогарт (1697-1764), англиски сликар и карикатурист.
3. Вилијам Вистон, англиски теолог, историчар и математичар, според кого причина за големата поплава опишана во Библијата била комета и кој сметал дека кометите предизвикале голем број катастрофи во историјата на Земјата.
4. Симон Стевин, белгиски математичар и инженер од шестнаесеттиот век.
5. Божица на раѓањето.
6. Во римската митологија, Пилумниј е божество на природата. Тој се грижи децата да растат соодветно и да бидат здрави.
7. Ѕидот кој е делот од обѕидувањето што ги спојува кулите и портите во затворена целина на англиски се нарекува curtain wall, што во буквален превод значи завесен ѕид. Во овој разговор меѓу Тоби и лекарот Слоп се игра со значењето на зборот завеса/бедем.
8. Елемент од италијанскиот систем на фортификации, и се состои од два полубастиона поврзани со завесен ѕид и две долги страни што одат од главниот ѕид до полубастионите.

АвторЛоренс Стерн
2018-08-21T17:20:46+00:00 јануари 3rd, 2014|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 93|