Такемитсуовата музика на ужасот

/, Литература, Блесок бр. 92/Такемитсуовата музика на ужасот

Такемитсуовата музика на ужасот

#1 Како дете на деведесеттите години на дваесеттиот век пораснав со асортиман на хорор филмови, хорор приказни, хорор поп култура воопшто и мислев дека сум навикната да гледам и слушам ужас. Но, не бев во право. Запознаена со јапонски хорор филмови, особено од видот на J-horror theatre, секогаш го слушав името Кобајаши, човек за кој што се зборува дека ја инспирирал целата таа насока во подоцнежната јапонска кинематографија. Запознавањето со еден од неговите филмови, Kwaidan1F, беше едно несекојдневно искуство кое ме научи на многу нешта – не само за илустрирање на стравот со визуелни средства, туку и преку филмската музика која соодветно ги проткајува.
Не дека многу западни филмови не предизвикуваат страв кој опстојува во аудитивната меморија долго по самото гледање, но во Kwaidan забележав едно од најсовршените решенија за музика во хорор филм. Од Психо2F до Сјаење3F злокобните звуци го откриле својот пат во западната хорор кинематографија, создавајќи образец на нагласено драматична музика наменета да го долови чувството на страв во нашата срж. Сепак, верувам, дека наместо доловувањето и навестувањето на хорор, овој тип филмска музика станува наметлива и премногу директна, како да ја вметнува таа емоција и сите нејзини варијации врз нас. Наспроти ваквата постапка, musique concrete во Kwaidan е толку деликатно застрашувачка што е невозможно да не му се восхитуваме на композиторот. Покрај карактерот на музиката од кој ни поминуваат морници, специфичната естетика на филмската музика одлично соодветствува на визуелниот аспект на филмот и приказната. Сметам дека постојат различни видови хорор филмови, кои се занимаваат со радикално различни аспекти на стравот и причините за овој вид емоција. Ако луѓето се неразбирливо комплексни суштества, такви се и нивните емоции, мисли, како и конекцијата помеѓу двете. Kwaidan е филм кој истражува и испитува такви архетипски и примарни стравови кои никој не може да ги одбегне. Преку корелацијата на мит и фолклор, издигнувајќи се на рамништето на фантазијата, Кобајаши, режисерот, како и Такемитсу, творецот на филмската музика, во Kwaidan го третираат оној вид на хорор кој се искусува кога се соочуваме со непознатото. А што е она што ни е најмалку познато, ако не самите ние? Смртта, оностраното, душата која (ако воопшто) патува во поинаква стварност се проблеми кои ги мистифицираат сите мислечки суштества и кои ја проткајуваат човековата историја, фолклор, мит, философија, психологија и, пред сè, уметноста. Во кинематографијата постојат многу пристапи, особено такви што се однесуваат на оваа тема, но тука ќе се концентрирам единствено на еден специфичен жанр, кој во приказните ракува со овој мотив како необјаснивиот, но сепак претставлив хорор во нив. Понатаму, ќе ја насочам мојата лупа кон филмскиот звук како медиум кој го пренесува и помага да се пренесе ужасот, со еден посебен осврт на Kwaidan.
#2 Во контраст со класичната и поконзервативна музика, musique concrete како посебен музички жанр не ме привлекува толку многу. Сè додека не се вљубив во филмот Kwaidan и музиката во него. Тору Такемитсу, човекот кој стои зад магичната филмска музика во Kwaidan, успеал да создаде парчиња музика синергични на визуелниот стил на Масаки Кобајаши. Во овој филм поделен на четири дела, Такемитсу ја следи секоја приказна со еден музички јазик кој делува како да е изнедрен од самата срж на застрашувачките искуства на секој различен лик со кој се среќаваме. Некои сметаат дека музиката на Такемитсу предизвикува „чувство на отуѓеност“4F, но во случајот на неговата работа во Kwaidan верувам дека ефектот е спротивен, или барем таков беше за мене. Додека конкретната музика на Пјер Шејфер, познат како креатор на оваа музичка форма и стил, остава чувство на празен интелектуализам, делата на Такемитсу се чини дека задираат директно во голите емоции, но сепак успева да им даде една азбука и одредена логика, секако над чистиот разум. За филм како Kwaidan, ова е совршената музика за лесно да се осветлат чувствата на протагонистите и сепак да се долови чувство на мистерија, кога се работи за бајковитата атмосфера. Сега ми станува јасно дека не можам да го сокријам восхитот од оваа музика. Можеби причината за тоа е дека конечно открив што е она што ми се допадна во филмовите на Акира Куросава, покрај неговата фасцинантна режија, а тоа е делото на Такемитсу.
Такемитсу бил човек кој израснал под влијание на западната класична музика и во своите дваесетти години открил такви имиња како Стравински, чија музика и стил имале големо влијание на голем дел од композиторите на XX век. Подоцна во својот живот ја преоткрива и започнува да работи со традиционалната музика од неговата татковина, Јапонија. Ова е особено забележливо во филмската музика за Kwaidan. Влијанијата на традиционалната јапонска музика кои можат да се слушнат во овој филм функционираат многу добро, давајќи му еден вид сонорна колорација слична на јапонските народни приказни. Исто така, овие влијанија можат да се чујат во неговите творби за филмовите на Куросава (како во Сништа5F). Аудио-визуелната поврзаност на Такемитсу и Кобајаши не застанува само на еден филм, што зборува за нивната особено силна и особено успешна уметничка врска.
#3 Ако конкретната музика ја дефинираме како колекција на „конкретни“ звуци, снимени и подоцна модифицирани електронски6F за да им се даде форма, тогаш и тоа можеме да го земеме како моќен симбол и интересен избор во Kwaidan. Се чини како Кобајаши и Такемитсу да истражувале паралелен начин да ја претстават есенцијата на тоа што е дух, не само преку кинематографската слика: духовите како модифицирани репрезентации на нивното претходно себство. Ова е особено интересно прашање за музиката за Kwaidan. Она што исто така се забележува е тоа што, иако аудитивното и визуелното функционираат заедно, претставуваат еден интересен контраст. Додека визуелниот аспект е многу директен и импозантен, дискретноста на конкретната музика тече над него само за да го измазни и да не го загади, нешто што доста често го наоѓаме во, како што споменав погоре, оксиденталната хорор кинематографија. Ненаметливата природа на филмската музика се забележува, исто така, во начинот на кој таа и звучните ефекти, нераздвојни помеѓу себе, течат еден во друг за да формираат едно комплетно и унифицирано чувство на време во секој од четирите наративи на Kwaidan. Специфичната дијалектика на музиката на Такемитсу и режијата на Кобајаши е она што, за мене, во суштина е вистинскиот медиум за да се пренесат такви силни приказни од областа на паранормалното, фантастичното, мистичното, истовремено успевајќи да ги направат емоционално разбирливи. Ако нешто е навистина разбирливо, тоа е ужасот.

#b
1. Kobayashi, Masaki. Kwaidan. Japan: 1965;
2. Hitchcock, Alfred. Psycho. USA: 1960;
3. Kubrick, Stanley. The Shining. USA: 1980.
4. Service, Tom. A guide to Toru Takemitsu’s music (March 27th 2013).
5. Kurosawa, Akira. Dreams. Japan:1990;
6. Koizumi, Kyoko. Creative Soundtrack expression; Toru Takemitsu’s Score for Kwaidan.

АвторТијана Петковска
2018-08-21T17:20:47+00:00 ноември 3rd, 2013|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 92|