Иновативниот и креативниот македонски XIX век

/, Литература, Блесок бр. 86/Иновативниот и креативниот македонски XIX век

Иновативниот и креативниот македонски XIX век

#1 Македонскиот XIX век (Makedonsko XIX stoljeće, Rijeka, Hrvatska, 2011, 245) е новото издание на македонистот, афирмираторот на македонската литература, јазик и култура во Хрватска – Горан Калоѓера1F. Преку книгава Калоѓера го прави својот исчекорот, со цел сублимирано да го претстави македонскиот XIX век од повеќе аспекти: општествени, политички, економски и културни. Таа претставува предизвик за читање и за проучување бидејќи во неа на директен, отворен и концизен начин забележани се мислењата, ставовите, оценките на македонист од немакедонско потекло за нашиот деветнаесетти век.
Ангажманот на Калоѓера околу афирмирањето на македонската литература, согледувањето на околностите во кои се одвивала динамиката на конструирањето на македонскиот идентитет во XIX век, е преку неговиот афирмативен пристап кон македонската вистина, што за нас Македонците е од огромно значење. Тој вонредно навлегува во состојбите, води дијалог со македонските преродбеници, просветители, а на моменти и полемизира со противниците на македонското прашање. Калоѓера ја прифатил македонската кауза и за неа се застапува преку неговите лични ставови кои произлегуваат од изворни, архивски материјали како и од македонската научна мисла. Тој е еден од ретките немакедонски научник кој исклучително ја познава и почитува македонската научна мисла. Притоа на моменти знае со поладен став да додаде или да дооцени нешто, да исполемизира, при што со тоа не наведува на нови истражувања. Тој е директен, реален, непретенциозен, без фалсификати и мистификации. Негова забелешка кон македонските колеги е изразениот песимизам и шкртост со кои тие ги вреднувале и признавале резултатите на преродбенското движење.
Во книгата распослана е историјата односно загатнати се сите актуелни прашања на македонскиот XIX век. Во првиот дел Стопанските, општествените и политичките прилики во Македонија во XIX. век застапени се девет студии во кои пишува за геополитичката и економската состојба, за школството и за јазичното прашање, за политичката положба на Македонија во рамките на Турското царство, за општествено културниот живот т.е. за библиотеките, читалиштата и за музичкиот живот, за туѓите пропаганди на тлото на Македонија, за резултатите од првиот преродбенски период и за книжевната дејност со трите статии „Уметничка книжевност“, „Усна книжевност“ и „Воведување на народните говори во печатен збор“. Во вториот дел Во потрага за националниот идентитет застапени се дваесет и две студии во кои пишува за грчката и егзархиската пропаганда, за стопанските, општествените и политичките прилики во втората половина на XIX век, за борбата на Македонците против Цариградската патријаршија и за националното будење на македонските градови и општини, за Словенската алтернатива, за судирите со Бугарската егзархија и за унијатското движење, за револуционерните движења во Македонија и надвор од неа, за поддршката на академските кругови на македонското прашање, обидот за повторното активирање на Охридската архиепископија (Третото унијатско движење), за политичкото и револуционерното вриење и за разединувањето и судирите меѓу сепаратистите и врховистите на крајот на XIX век, за предилинденскиот период. На крајот од овој дел следува Пресек низ книжевното творештво во последните децении на 19 век со студиите „Фолклористи“, „Раскажувачи“, „Драмска книжевност“ и „Поезија“. Во третиот дел Калоѓера се задржува пооделно на Книжевниците, учебникарите и револуционерите односно во посебни студии се претставени: П. Зографски, Д. Миладинов, Г. Прличев, Ј. Х. К. Џинот, М. Цепенков, К. Миладинов, Р. Жинзифов, К. Петковиќ, А. Петковиќ, К. Шапкарев, Ѓ. Пулевски, Д. Македонски, В. Мачуковски, Ѓ. Д. Динката, Н. Кучевишки, П. Г. Божигробски, Т. Китанчев, Е. Спространов, С. Гулапчев, Г. Капчев, Г. Делчев и К. П. Мисирков. Последниот, четвртиот дел завршува со „Обид за синтеза“.
Во првиот дел преку значајните револуционерни и културните движења Калоѓера го проучува текот на националната свест кај македонскиот народ. За туѓите пропаганди смета дека „го разоруваа македонското национално битие“ и дека грчката пропаганда преку Цариградската патријаршија спроведувала различни методи: фрлени анатеми, уцени, терор меѓу македонската популација, оптужби, денунцирање на луѓе дека се руски шпиуни, отворање на бројни училишта со настава на грчки јазик, објавување на неточни статистички податоци со цел да се прикаже дека на македонската територија доминантно население се Грците, додека во странство, тие печателе етнографски карти во кои јасно биле назначени грчките територијални претензии. Калоѓера смета дека „Хелинизмот или бугаризмот биле најекспонирани алтернативи за кои Македонците можеле да се определат“, ја објаснува и приклонетоста кон словенството, но при што нагласува „Ја заговорувам тезата дека трет пат постоел и дека имало интелектуалци кои на него работеле и со своето дело поставиле добри основи за следната генерација која и јавно го обелоденила“.
Деветнаесеттиот век за Калоѓера е исклучително динамичен период, можеби најдинамичниот во македонската историја. Тој бележи дека и покрај тоа што јазикот бил под силно влијание на црковнословенскиот, неделив од руската духовна традиција и култура, но „Општа тенденција на македонските писатели била да се ослободат од сите оние елементи од соседните балкански земји, кои не се вклопуваат со македонската фонетика, граматичката и лексичката структура, приближувајќи се на тој начин што повеќе до народниот јазик, односно на неговите говори“. За македонската книжевност од XIX век Калоѓера истакнал дека жанровски е различна, тематски шаренолика, јазично неединствена, уметнички со оглед на естетските критериуми неуедначена, дека таа успеала да ги реализира сите книжевни видови освен романот и дека живеела пишувана книжевност во духот на европските струења. Истакнува дека: К. Петковиќ пред К. Мисирков сфатил дека централните македонски говори се идеална основа за нормирање на македонскиот книжевен јазик; А. Петковиќ дал граматички забелешки за употребата на членот во македонскиот јазик; ги одбележал активностите на П. Зографски, Џинот, Жинзифов, Прличев, Миладиновци и бара да се превреднуваат нивните дела и со должна почит да кажеме дека таа генерацијата во однос на претходните векови направила големи чекори напред; дека поттикнале низа иновативни и креативни потези во неминовниот еволуциски тек во создавањето на македонската книжевност и јазик. Затоа книгата на Калоѓера има особено значење, од неа извира потребата за препрочитување на македонската литература и историја, и од носење на нови оценки и судови, бидејќи таа можност сега навистина ја имаме. Во вториот дел во кој трага по националниот идентитет, Калоѓера се задржува на туѓите пропаганди во кои гледал многу моќно оружје кое го „отуѓиле македонското национално чувство, ги направиле Македонците туѓи во сопствената земја, на нивните територии, градови и села“. Па следуваат прашањата: „Зошто македонското граѓанство, селанството, интелигенцијата, не можеле самостојно да се спротивстават на грчката пропаганда?“, Зошто не дошло до формирање на „водечки град“ или личност, која народните барања би успеала да ги преточи во организирано општествено-политичко движење?, Зошто Д. Миладинов и покрај тоа што бил водечки авторитет, не успеал да се профилира како политички водич, како „македонски Гај“ и покрај историски предодредената позиција? Одговорот го бара во две насоки: во неосвестеноста на локалното граѓанство за својата етничка, македонска припадност и во етничкото шаренило на македонските градови кои во многу нешта го оневозможило покомпактното и масовно движење, како што било на пример со илирското движење. На овие забелешки ќе истакнам дека со подлабокото и попрецизното проучување на она што се случувало во градот Кукуш, активноста на Д. Миладинов, на кукушките првенци и унијатсвото може да се најде вистинскиот одговор на горенаведните прашања. Сметам дека чувството за спротивставување не го напуштило македонскиот народ бидејќи тогаш тој би бил асимилиран, значи тоа постоело и овозможило да се сочува македонската национална свест, а унијатсвото би го поставиле на рамниште со појавените движењата кај другите словенски народи.
Во книгата застапени се и револуционерните збиднувања, дејноста на: Пулевски со изразитата македонситичка ориентација, Македонската лига, лозарите и заложбите против бугарската пропаганда, борбата на Гологанов за Македонската национална црква, афирмирањето на македонското име на надворешната политичка сцена, како и активностите на: Македонската револуционерна организација и предилинденскиот период, К. Шахов, македонските писатели кои живееле и твореле во Бугарија, егзиланти чија тема е Македонија. Се нижат бројни оценки за „оформените писатели“, констатациите дека: народните творби се темелен извор за нормирање на литературниот јазик, расказите во себе ја носат идеолошката нитка, Д. Миладинов е генијален стратег на идејата за промоција на македонството низ пишуваниот збор, Г. Прличев е пропагаторот на француските просветителски идеи, К. Миладинов е сознајник дека мајчиниот јазик е еден од најважните услови за формирање на македонската нација, К. Петковиќ е најјаката карика во преродбенскиот период, А. Петковиќ е носител на идејата како да се нормира македонскиот книжевен јазик, Д. Македонски е целосно предаден на решавањето на македонското прашања итн.
Според Калоѓера XIX век е најживописен, најдинамичен и најбрутален во историјата на македонскиот народ. Поради тоа и поради сознанието дека за македонскиот XIX век во хрватската наука се знае многу малку му посветил најголемо внимание. Заложбите на македонските преродбеници за Калоѓера имаат огромно значење бидејќи тие живееле во услови на секојдневни убистава, палежи, киднапирања, силувања итн., а сепак создале книжевност во сите нејзини облици, метрика, форми и жанрови, освен романот, при што „билингвизмот само им одел од раце“. Во заклучните зборови со кои Калоѓера утврдува дека „Македонството, како трет условно кажан излез од двете алтернативи, грчката и бугарската, започнува со книжевното дело и работа на Константин Миладинов“. За транскрипцијата на Зборникот, Калоѓера се согласува со реченото од Гане Тодоровски дека „фактички ја дал првата верзија на македонскиот правопис“, ми дава за право повторно да нагласам дека треба ново проучување на дамаскинарската традиција, на укинувањето на Охридската архиепископија и на идејата за унијатство во која би го нашле рамништето со движењата кај другите словенски, бидејќи континутет мора да постоел за да се дојде до најголемо достигнување во XIX век кое според Калоѓера е општоприфатениот став дека Македонија е земја која припаѓа на Македонците. Во тој контекст го доживува и зачестеното повикување на Александар Македонски. На крајот Калоѓера истакнува „Македонскиот XIX век можеме да го означиме како ‚movens‘ на сите добронамерни, со позитивна енергија стимулирани поединци, чии книжевни, општокултурни, фолклористички, лингвистички, педагошки, политички и револуционерни иницијатизи го означиле почетокот на новото, на македонистички ориентираниот правец кон новата иднина. Суверена и независна Македонија“.

#b
1. почесен член на МАНУ, на ДПМ, почесен доктор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, почесен конзул на Р. Македонија во Р. Хрватска, добитник на: државната награда „Св. Климент Охридски“, „Рациновото признание“, златната плакета на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, благодарницата од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, државната награда „Орден за заслуги за Македонија“ итн.

АвторВалентина Миронска
2018-08-21T17:20:52+00:00 ноември 6th, 2012|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 86|