„Заклучен“ на Dr. John

/, Звук, Блесок бр. 84/„Заклучен“ на Dr. John

„Заклучен“ на Dr. John

#1 Можеби ќе биде изненадување податокот дека Dr. John, чиј албум „Заклучен“ (Locked Down) излезе неодамна, е роден во Лос Ангелес. Мистичниот вуду пијанист-волшебник е толку испреплетен со приказни, тајни и ритуали на Њу Орлеанс што сугерира дека е сè освен олицетворение на мочурливите рабови на ереста.
Но, Dr. John е токму тоа, личност создадена од пејачот, текстописец и пијанист Malcolm John Michael Creaux “Mac” Rebennack – замислена и остварена во светскиот главен град на забавата, откако младиот пијанист во 1965 година се преселил на запад во потрага по работа како сезонски свирач. Тука, по здружувањето со група колеги, музички доселеници во Њу Орлеанс и изведувањето на некои големи L. A. хитови на епохата, Rebennack започна осмислување на соло кариера, при што му светна идеја за персона.
Ликот до кој дојде доживеа 45 години и стана архетип на Њу Орлеанс, толку многу што неговата помалку инспирирана повеќедецениска дејност се граничи со пародија на самиот себе. Најлошите рефлекси на неговите продуценти беа да се потенцира неговиот њуорлеански развлечен говор, да се создаде фанки ритам, да се истакне привлечната пијано мелодија, да се замешаат некои гамбо стихови со второ-линиски дувачки бендови и потоа да се пунктира со труби.
Но тогаш, како изникнат од воздух, доаѓа неговиот нов албум „Заклучен“ – е еден од најдобрите во неговата кариера. Како што направија Bob Dylan со Time Out of Mind и Tom Waits со Bad as Me, така постапи и Dr. John: излегување од период на релативна стагнација во креативноста со создавање на нешто магично, отелотворување на сè што создал, но истуркано во сосема нов правец.
Продуциран во Нешвил од Dan Auerbach, пејач и гитарист на “Black Keys”, „Заклучен“ го обединува човекот (Rebennack сега има 71 година) кој бил инспириран од James Booker, Professor Longhair и Fats Dominо со апстрактниот мистик Dr. John.
Во неговата автобиографија од 1994 година, „Под маѓепсаната месечина“ (Under a Hoodoo Moon), Rebennac го опишува мистикот како „бајач кој тврдел дека е принц на Сенегал пред да биде киднапиран и одведен на Куба“.
На оваа идеја дошол додека живеел со привремени работници во зграда на Мелроуз Авенија, погрешно нарекувана Hollywood Executive Hotel, и го снима деби албумот на Dr. John “Gris-Gris”, силен рок класик, во Gold Star Studios, во часови вон работното време на студиото на Sonny и Cher. Оваа креација преживеа преку рок бисерите како што се „На вистинско место“ (In the Right Place) и „Гумбо на Dr. John“ (Dr. John’s Gumbo) продуцирани од неговиот њуорлеански компањон Allen Toussaint, и се извонредно подмладени на „Заклучен“.
Ова во голем дел се должи на Auerbach, кој го спои човекот со митот, раководејќи со проектот, составувајќи го бендот, свирејќи на гитара и одредувајќи го правецот.
Како продуцент, Auerbach собра музичари, а резултатот е зачудувачки. Тапанарот Max Weissenfeldt, тапанар кој настапувал со разни бендови, од Heliocentrics до No Neck Blues Band, и чии диви тапани ги раздвижуваат песните од континент на континент со секој такт, блеска каде и да удри. Аранжерот на дувачите, Leon Michels, е основач на “Truth & Soul label”, има соработувано и со соул пејачот Lee Fields и со Raekwon од Wu-Tang Clan; неговите дувачки рафали ги нагласуваат рефрените и преодите. Прошетките по бас жиците на басистот Nick Movshon се насекаде во „Враќање на црно“ (Back to Black) на Amy Winehouse, и ги водат песните со милозливост и силина.
Rebennack ја цитира западноафриканската инструментална музика од 1950-тите и 60-тите, препорачана од Auerbach како влијание за овој албум. Тоа е особено забележливо во една од највозбудливите песни на албумот, „Револуција“ (Revolution), која содржи дуо баритон саксофони (кој ја турка длабоко движечката мелодијата која потсетува на етиопскиот афро-џез експерт Mulatu Astatke), шушливото соло на органа на Rebennack (кое потскокнува наоколу како сопнат избезумен Sun Ra), и дивиот но контролиран излет на тапани на Weissenfeldt.
Секоја инструментална пауза на „Заклучен“, сепак, е како калеидоскоп. Во “Big Shot”, тешките преоди на саксофонот се спуштаат како воден балон врз глава, како голем излив на весело изненадување. „Никој никогаш нема да биде како мене“, изјавува Докторот, и не се сомневам дека е во право. „Јас сум голем шизик.“ (Ако David Chase сè уште правеше епизоди на „Сопранови“, без сомнение ќе го искористеше “Big Shot” за сцена на крваво убиство, вклучувајќи го Тони.)
Лирски, сепак, маската е симната, и го гледаме Rebennack не само како вуду крал на саботната ноќ, туку и како човек кој се буди во вторник наутро по викенд пијанка и се обидува да се помири со она што се случило во текот на последните 72 часа. Особено во завршните нумери на албумот, некогашниот Dr. John нуди интимни, лични стихови за важноста на семејството и великодушноста на Бога. „Бог беше подобар кон мене, одошто јас некогаш сум бил кон себе“, пее во завршницата на албумот, и звучи истовремено и покајнички и воодушевено што успеал да излезе на другата страна.

Превод од англиски: Александра Исаковска

Објавено во Los Angeles Times, 3 април 2012 (http://latimesblogs.latimes.com/music_blog/2012/04/album-review-dr-johns-locked-down.html)

АвторРандал Робертс
2018-08-21T17:20:55+00:00 јули 1st, 2012|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 84|