Книга за културниот дијалог

/, Литература, Блесок бр. 84/Книга за културниот дијалог

Книга за културниот дијалог

Звонко Танески: Македонско-словачки компаративни согледби (студии и интерпретации), Институт за македонска литература, Скопје, 2012

#1 Книгата на Звонко Танески претставува интересна, богата и задлабочена проследба на книжевните врски меѓу македонската и словачката култура. Таа е евидентно плод на еден сериозен, долгогодишен и посветен ангажман во областа на допирите меѓу македонистиката и словакистиката. Испишувана по различни поводи и импулси кои ја отсликуваат проникнатоста на двете литератури, таа го оддава на повидок ентузијазмот и преданиот однос на авторот кон оваа проблематика. Застапените есеи варираат од поединечни рецензии на одделни преводи од едниот на другиот јазик, преку согледби на антологиските заемни претставувања и допирите во областа на книжевната наука, до продлабочени аналитички студии, како што се оние посветени на словачкиот и македонскиот надреализам или пак, за творечките допири меѓу Матеја Матевски и Милан Руфус. Меѓу есеите се истакнуваат анализи и коментари на преведувачките потфати во областа на поезијата, драмата и современата проза, што е уште еден аргумент за активната заинтересираност на авторот за унапредување на заемното книжевно запознавање меѓу Македонците и Словаците и за поттикнување на нивна плодоносна заемна творечка комуникација. Таквата тенденција Танески ја има веќе докажано и со својот личен придонес во преведувањето, на пример, со преводот на прозата на словачкиот прозаист Павел Виликовски и на поезијата од низа словачки поети, што говори дека станува збор за профилиран словакист кој има сериозни намери да ја продлабочува и да ја разоткрива во детали оваа досега недоволно проучувана проблематика. Во речиси сите трудови од оваа книга провејува духот и методологијата на книжевната компаративистика, што ѝ дава особен печат и посебна вредност. Тоа сепак, не значи дека таа е само сува строго научна студија, богата со информации и библиографски белешки. Напротив, научниот пристап е натопен со субјективниот, личен, па дури и интимен однос на Танески кон прашањата поврзани со словачката култура, така што во неговите есеи се препознава една суптилна креативна енергија, која секако ќе биде интересна и интригантна за поширок круг читатели-љубители на убавата литература, а не само за оние кои професионално се интересираат за македонско-словачките книжевни релации.
Со оглед на фактот дека во областа на меѓусловенските културни и книжевни проникнувања македонската наука сè уште пред себе има огромни простори за истражување, откривање и толкување, една книга од ваков формат е добредојдена и поттикнувачка и за понатамошни потфати во истиот правец.

АвторСоња Стојменска-Елзесер
2018-08-21T17:20:54+00:00 јули 1st, 2012|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 84|