Нема слободни места

/, Блесок бр. 84/Нема слободни места

Нема слободни места

Нема слободни места
Се снаоѓаме
Како што описот и објаснувањето се слеваат
§ (Камо)
§ (неговите фрагменти)
§ (која е поуката)
§ (да)

Превод од англиски: Елизабета Баковска

Тешко е човек да има верба во календар или да му верува на ГПС-от, кога сака да е вон времето и вон местото, да не го дели ни кислородот ни географијата со ниедно друго суштество. Дури и потешко е да се прифати часовникот или мапата, па си повторуваш: „Ова е Берлин, не е Тиера дел Фуего, Пугкепси или Дубаи, а камо ли Хогвартс или Оз.“ Еве си, поврзан, лоциран од некој сателит, од мобилен, те гуглаат, секогаш си прикачен, трепкаш како ѕвезда, на Твитер си, на Фејсбук си, на мај спејс. Еве сум, со регистрирана адреса, полн со социјално осигурување, дел од твојата целина, член на клубот, станар, странец, можеш да ме лоцираш подобро отколку што јас можам да си го најдам папокот, курот, анусот, се вклучувам, се отчукувам, избледувам. 52°30’N 13°23’E. Сам и згужван, ловам дупка за во неа да си го пикнам телово, камо да можев во тебе да ја ископам. Каде е т.н. „Оној вистинскиот“ за мене е истата посрана Матрица, јас се заебавам, само шест степени на сегрегација меѓу моето тело и совршениот љубовник, можеби овде, сигурно таму, на 05°33’N 00°12′ W или на 29°39’N 91°07′ E, во Визнар, Упсала или Ласа, во Куритиба, Осака или во Акра. Среќни деца сме во нашата малечка приватна болница, во креветите, нашите обележани, модерни и стилски убави болнички кревети. Нема слободни соби. Свиркаш, шепотиш, брмчиш. „Еј, сестро Морфиум“, се сеќаваш кога Дадилката ти ја пееше песната, дињите ѝ се тресеа во ритмот на приспивната песна. Во дворот на соседот лаат кучиња. Пази се од сите кучиња. Овде не си добредојден. Оди дете, земи си клоназепам, валеријан, прометазин, нане и камилица, спиј мирно, доаѓа големата плима. Те излажале дека некогаш си бил на вистинското место во вистинското време. Провери си го часовникот, застанал, немаш пулс, срцето ти е затнато, грлото ти е рапаво. И ова го нарекуваат пролет, оваа бедна замена на зима, овој токсичен дожд над пластичните цвеќиња. Но твојата коса е природна, твојата коса, твојот стар пријател, никогаш не те напушта, никогаш не си заминува, твојот добар пријател Косата. А твоите бели дробови, неуморни парови. Твоите нокти, што не растат, не растат, тие всушност сакаат да ти избегаат. Твоите стапала го заборавија вкусот на местото. Одморот е готов, училиштето затворено, мораш да продолжиш. Каде, прашуваш. Таму. Или можеби онаму, Или пак онаму. Немаме цел ден. 19 март 2010 година. 3 евра и 25 центи во твојот џеб, оној со дупката. Одиме. Си се успал. Ти избега автобусот. Сврти на погрешна улица. Замина еден агол подалеку, една улица помалку. Не беше соодветното икс за клучното ипсилон. Всушност имаш среќа што мајка ти и татко ти воопшто се сретнале. Што се изебале. Не избрале абортус. Ќе продолжам да ја мапирам изместеноста според координантите на твојата немирност. Фала ти многу. Тука сум, вели мапата, и на друго место. Сега, вели часовникот. Крај е и почеток, а секаде е само местото кај што се заборава она претходното. Погледни ме. Погледни како се прилагодувам на твоето природно живеалиште. Мрдни се, креветов е сега мој.

Објавено во германското списание Zeitlosschrift, 2010

АвторРикардо Доменек
2018-08-21T17:20:54+00:00 јули 1st, 2012|Categories: Поезија, Блесок бр. 84|