(Американската) ‘Жена–Другиот’

/, Литература, Блесок бр. 83/(Американската) ‘Жена–Другиот’

(Американската) ‘Жена–Другиот’

Поглед во машкиот расказен свет на Натаниел Хоторн

Овој есеј ќе се обиде да го дефинира, онолку колку што дозволува моето досегашно образование, статусот на жената во општеството, и нејзината внатрешна перцепција како „Другиот“ во општеството каде што мажите доминираат. Мојата намера е да се фокусирам на анализата на изолираниот американски расказен космос од 19-от век доминиран од мажот, потпирајќи се на Одбрани раскази (1946) од Натаниел Хоторн – два расказа особено, „Ќерката на Рапачини“ (1844) и „Бемка“ (1843) затоа што сочинуваат расказен свет во кој начинот на размислување на жената е целосно оформен од егоцентричниот маж кој се само-остварува. На тој начин, мојата дводелна анализа има за цел на читателот да му претстави една перспектива врз жената во американското општество и концептот „Жената како Другиот“ и, повикувајќи се на овие поими, да го дешифрира односот маж-жена во машкиот наративен космос на Хоторн.

1. Историја на американската жена во 19-от век, и нејзините (доделени) вредности

„Другиот“ во еден расказ не подразбира само неприпадност кон „физички ист“, бидејќи не се однесува само на раса или род, но го надминува материјализмот и продира во психологијата и себе-спознанието меѓу „Другите“. Меѓутоа, улогата на „Другиот“ се изменила/се менува, бидејќи зависи, во секое време, од избраната гледна точка: имено, може да претставува една индивидуа која во очите на општеството е различна, или една засебна заедница набљудувана како таква од маргинализирана гледна точка. Оттука, денес, нашето (повторно) разгледување на терминот „Другиот“ не може да зависи само од односот мнозинство–малцинство, или обратно, бидејќи треба да бараме начини кои би ни помогнале да го дефинираме во рамките на една историска, социо-економска и/или културна реалност.
Најпрво, преку фокусот врз Американското општество од 19-от век, оваа анализа има цел да согледа како Америка се трансформирала политички, економски и во своите општествени уредувања; поконкретно, начинот на кој овие фактори влијаеле врз, и ја оформиле позицијата на жената во општеството.
Првата точка што треба да се наспомене е дека независноста на Америка го означила започнувањето на нов вид на зависност, бидејќи во „Сите луѓе (читај мажи) се создадени еднакви“ на новата независна Америка, нема место за жените. Заедно со тоа, почетокот на 19-от век го поставува „Култот на вистинската жена“1F, кој ги претставува вредностите на побожност, чесност, покорност и семеен живот, и го потхранува новиот идеал на домашен ангел наспроти независниот маж. Домот им бил доделен на жените како морално подобар свет, каде што тие требале „да работат“ за подобри модели на брак, фамилија и, со тоа, општество.
Потоа, индустриската револуција донела нови вредности на независна, трудољубива и вешта жена, која заедно со анти-робовското движење, стигнале до новиот континент и постепено довеле до првиот бран на феминизам (1984) и подоцна, Граѓанската војна(1860) – за ослободување на две потчинети групи, жени и Афро-Американци.2F
Заедно со тоа, целта на овој есеј е да го протолкува арбитрарното именување на вредности кое го реализира концептот „Жена–Другиот“, преку два различни модели. Прво, истакнатиот француски критичар на 20-от век Симон де Бовоар, во нејзиното знаменито дело за жената, „ Вториот пол“ (1949), изложува дека поимот на двојност постои уште од почетокот на светот. “Dans les sociétés les plus primitives, dans les mythologies les plus antiques, on trouve toujours une dualité qui est celle du Même et de L’Autre ; cette division n’a pas d’abord été placée sous le signe de la division des sexes, elle ne dépend d’aucune donnée empirique [… ] l’altérité est une catégorie fondamentale de la pensée humaine. Aucune collectivité ne se définit jamais comme Une sans immédiatement poser l’Autre en face de soi” (18).3F Очигледно, мажот – не целосно задоволен со поделбата на половите, која претставува биолошки факт – ја означува жената како поларна спротивност за да „воспостави рамнотежа“ во општеството. Ова означување подразбира нејзино затворање во домот како резултат на нејзината слабост и неспособност да се соочи со надворешниот свет и поради нејзините домашни обврски како сопруга и мајка, што ја прави зависна на нејзиниот вреден и независен маж.
Покрај тоа, извештаченоста на вредностите доделени на жената може да биде прикажана преку Сосировиот дводелен модел на знакот. На едната страна се наоѓа „означувачот“ кој го претставува самиот збор – жена, или визуелната слика: нејзиниот изглед, додека на другата страна се наоѓа „ означениот“, или концептот што зборот, односно сликата, го претставува; со други зборови, улогата на слаба, потчинета, инфериорна, и поводлива личност која против сопствена волја ѝ е доделена на жената. Според тоа, знакот е резултат на асоцијацијата на означувачот со означениот. На тој начин, доколку се обидеме да ја расклопиме оваа формула, и го извадиме „означеното“ надвор, „означувачот“ ќе претставува само една форма, тело, човечко суштество. Така, жената е човечко суштество исто како што е мажот. Сепак, да се избегне апстрактноста на концептот „човечко суштество“, мажот го разјаснил неговото значење преку неговото сопствено толкување на „знакот“, односно „жената“, преку како што претходно споменав, означувањето на вредности.

2. Хоторновиот изолиран наративен космос доминиран од мажите

Преку својот мега-наратив, Натаниел Хоторн ја отсликува индустријално-капиталистичка Америка од 19-от век, која ја поставува љубовта во центарот на бракот, и на тој начин затвара два различни света: „маж на работа“ и „ жена дома“ во една врска на неизбежна интимност.
Рапачини и Ајлмар го отсликуваат американскиот идеал на независен маж од 19-от век преку нивната изолираност од општеството во нивните самосоздадени светови. “The ‘man’s world’ of incessant self-reliant self-seeking forced individual men into anxious solitude, cutting them off from the emotional support other men could provide, and cutting them off from their own capacity for nurture and compassion” (63). 4F Иако затворени во нивните осамени светови, нивното постоење би било залудно, и нивната наука невозможна, без присуството на жените – Беатриче и Џорџина, инаку дефектни предмети во рацете на нивниот татко, односно, нивниот сопруг. Сепак, ова затворање во убиствена интимност води до фатална идеја: човекот е творец на смртоносен свет каде што тој го поставува неговиот предмет, со тоа одредувајќи ја неговата позицијата, и каде што жената станува „Другиот“ во двата света: оној од кој е изолирана и „неговиот свет“ (195),5F во кој несвесно живее.
Понатаму, моментите на грев, слабост и несовршенство вградени во двете приказни, поточно во телата на двата женски лика, не се суштински, но се вештачки спроведени од страна на научната рака на мажот. “Both Georgiana’s and Beatrice’s bodies are patently ‘unnatural’, literally man-made, processed to meet two of the commonest requirements of patriarchal femininity: Beatrice’s sexual purity must be defended at all costs, and Georgiana’s attraction to her husband is dependent on beauty” (88).6F Доволно е само мажот да ги замисли тие вредности за да им даде физичко постоење, убедувајќи ги своите предмети – жените – дека овие доделени идентитети всушност потекнуваат длабоко од нивната природа.
Заедно со тоа, наративниот свет на Хоторн ја изложува љубовната врска меѓу маж и жена, поточно помеѓу Џовани и Беатриче, и Ајлмар и Џорџина. Жените отелотворуваат духовни, покорни и чисти форми на љубов наспроти премногу едноставната привлечност на мажот кон надворешна убавина. “The Birth-Mark” and “Rappaccini’s Daughter” express a male imagination for which sexual attraction is virtually indistinguishable from revulsion” (72).7F Преовладувачкото чувство на одвратност и омраза кон нечистата и дефектна природа на нивната сакана, нагласено со површното разгледување на физичкиот изглед, ја прикажуваат неспособноста на Џовани и Ајлмар да ја согледаат вистинската природа на Џорџина и Беатриче: чиста, добра, и посветена душа која копнее по љубов.8F
Што се однесува до перцепцијата на жените за самите себе си, двете приказни се различни на тој начин што Џорџина ја прифаќа проекцијата на Ајлмар на бемката како симбол на нејзината „подлежност на грев, тага, распаѓање и смрт“ (150),9F и повеќе би сакал да биде мртва октолку да го згрозува нејзиниот сопруг; додека, пак, од друга страна, Беатриче тврди дека таа е повеќе од отровно месо, но сепак останува само една безнадежна жртва во судирот меѓу машките ривалства и болните амбиции.
Хоторн внимателно ги опфаќа споделените чувства и заедничките теми од неговата ера, и заедно со тоа, преку неговиот расказ му го претставува на својот читател историскиот момент во кој твори. Во исто време, преку својот расказ Хоторн ги манифестира сопствените противречности во однос на жените и емоционалниот живот во бракот кои се протегале во 19-от век низ Америка. Поставувајќи го (брачниот) пар како клучен елемент во обидот да се дефинираат природата и можностите на животот на жената, Хоторн го запознава читателот со еден историски женски лик обликуван од страна на мажот, каде што жените претставуваат последниот „Друг“, оној кој треба да биде елиминиран во моментот кога мажот е пред самото достигнување на врвот на сопственото себе-реализирање и каде потчинетоста на жените од 19-от век претставена преку ликовите на Беатриче и Џорџина, а со тоа и нивната смрт, претставува саможртвување, потребно во потрагата на машкиот (американски) сон за совршенство и апсолутна моќ.

Библиографија:

1. Nathaniel, Hawthorne. Hawthorne’s Short Stories. Ed. Arvin Newton. New York: Random House, Inc, 1946
2. Richard H. Millington, ed. The Cambridge Companion to Nathaniel Hawthorne. Cambridge:Cambridge University Press, 2004

3. Harter, Fogle Richard. Hawthorne’s fiction: The Light and The Dark. University of Oklahoma Press, 1964
4. Du Beauvoir, Simone. Le Deuxième Sexe I. 1976 Ed. Gallimard. Saint-Amand : CPI Bussière, 2010 ( On-line translation by H.M. Parshley, Penguin 1972: http://www.marxists.org/reference/subject/ethics/de-beauvoir/2nd-sex/index.htm.)
5. Welter, Barbara, “The Cult of True Womanhood: 1820-1860”(1966): http://www.pinzler.com/ushistory/cultwo.html
#b
1. Welter, Barbara, “The Cult of True Womanhood: 1820-1860” (1966) http://www.pinzler.com/ushistory/cultwo.html
2. Со доаѓањето на индустриската револуција во Велика Британија, жените биле вклучени во продуктивниот труд. Причината за побарувачката и претпочитањето на жените во тој период е едноставна: тие претставувале евтина работна рака и биле послушни. Покрај тoa, тие ја превземале секоја работа која мажот ќе ја одбиел. Сепак, жените биле мотивирани да работат, да ги напуштат своите домови, или селата, бидејќи во работата виделе можност да заработат за себе и да станат независни, или да им помогнат на своите семејства. Иако првиот бран на феминизам започнал во средината на 19-от век, правото на глас нема да ѝ биде дадено на жената дури до крајот на Првата светска војна, а заедно со тоа ќе се појави нов тренд на жената – бунтовна, слободна и невообичаена.
3. Du Beauvoir, Simone. Le Deuxième Sexe I. 1976 Ed. Gallimard. Saint-Amand : CPI Bussière, 2010. H.M. Parshley, Penguin 1972. : „Категоријата на Другиот е исконска како самата свест. Во најпримитивните општества, во повеќето антички митологии, може да се најде израз на двојност – онаа за ‘Себе’ и за ‘Другиот’. Оваа двојност не се однесувала првично на поделбата на половите, таа не била зависна од никакви емпириски факти. […] ‘Другоста’ е основна категорија на човековата мисла. На тој начин, ниедна група никогаш не се поставува како таква (или никогаш не се дефинира себе си) без да го постави ‘Другиот’ наспроти себе.“
4. Richard H. Millington, ed. The Cambridge Companion to Nathaniel Hawthorne. Cambridge: Cambridge University Press, 2004: „Машкиот свет на постојано независно само-спознавање го турнал мажот во една вознемирувачка осаменост, отсечувајќи го од емоционалната поддршка кои другите мажи можела да ја пружат, и отсечувајќи го од неговата способност за грижа и сочувство.“
5. Nathaniel, Hawthorne. Hawthorne’s Short Stories. Ed. Arvin Newton. New York: Random House, Inc, 1946
6. Richard H. Millington, ed. The Cambridge Companion to Nathaniel Hawthorne. Cambridge: Cambridge University Press, 2004: „Телата на Џорџина и Беатриче се очигледно неприродни, буквално вештачки, обработени со цел да исполнат две од најчестите барања на патријархалните женственост: сексуалната чистота на Беатриче мора да биде одбранета по секоја цена, а привлечноста на Џорџина – според нејзиниот сопруг – зависи од убавината.“
7. „Ќерката на Рапачини“ (1844) и „Бемка“ изразуваат машка имагинација, каде сексуалната привлечност практично не се разликува од чинот на згрозување.
8. Harter, Fogle Richard. Hawthorne’s fiction: The Light and The Dark. University of Oklahoma Press, 1964: „Несреќниот Џовани не е способен за највисокото согледување и беспомошно се колеба помеѓу премногу едноставниот здрав разум, кој ја гледа само убавината на Беатриче и стравот од морбидното“ (95). Nathaniel, Hawthorne. Hawthorne’s Short Stories. Ed. Arvin Newton. New York: Random House, Inc, 1946: „Нејзиното [на Џорџина] растреперено срце се воодушеви од неговата чесна љубов – толку чиста и возвишена што не би прифатила ништо помалку од перфекција, ниту пак очајно би се задоволила со земна природата, ништо помалку од она за што тој мечтаеше“ (161).
9. Nathaniel, Hawthorne. Hawthorne’s Short Stories. Ed. Arvin Newton. New York: Random House, Inc, 1946: „Таа [Џорџина] почувствува колку подрагоцено беше таквото чувство за разлика од подмолната љубезност која би го поднела нејзиното несовршенство за нејзино добро, и беше виновна за предавство на светата љубов унижувајќи ја нејзината совршена идеја до ниво на реална; и со сета нејзина душа таа се молеше да може, барем за еден единствен момент, да ја задоволи неговата највисока и најдлабока концепција“ (162).

АвторЈелена Никодиноска
2018-08-21T17:20:55+00:00 мај 19th, 2012|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 83|