Страшливецот и Ѕверот

/, Литература, Блесок бр. 83/Страшливецот и Ѕверот

Страшливецот и Ѕверот

(извадок од романот)

Никој не е потполно добар. Никој не е потполно лош.
Ако завршувањето на една војна е херојски чин,
тогаш започни со склучување примирје со себе.
То-ен Курме, Предци – 97-ми запис

Вовед

Харкул нервозно викаше по своето семејство додека стоеја пред влезот на тунелот: „Покажете малку храброст! Нема да задоцнам на свадбата поради некоја идиотска гласина!“
Стегајќи ја раката на нивното синче, жена му Алме го праша „Што ако е вистина?“
Изразот на нејзиното лице покажуваше дека повеќе се плаши за детето отколку за себе. Увидувајќи го тоа, Харкул го стиши гласот. Нежно насмевнувајќи се, рече „Добро, ајде да го оставиме вујко да одлучи за тоа. Ако тој не сака да одиме низ тунелот, ќе го послушаме. Само што тогаш ќе мораме да одиме околу проклетава планина. На свадбата пред прославата да заврши – ако тоа може да се нарече стигнување на време!“
Алме прифати некако неволно. Да се прашаше таа, воопшто и немаше да тргне на свадба. Помислата дека треба да помине една вечер со сите тие здодевни луѓе ја нервираше, а влегувањето во мрачниот тунел ќе биде досипување сол врз раната. Но, не сакаше да се кара со својот сакан сопруг. Младоженецот беше еден од најдобрите пријатели на Харкул. Мораше да покаже разбирање.
Вујко Јаргол пристигна зазбивтан. Никој не знаеше колку години има, но беше сведок на созревањето на овие двајца млади луѓе. Некако посрамен, рече „Староста е мака, драги мои. Кога бев на ваши години, го качував ридов како коза. Сега не можам ни едно дете да престигнам.“ Додека зборуваше, пријателски му мигна на момченцето кое цврсто ја држеше мајка си за рака.
„Не грижи се, вујко“, одговори Харкул. „И онака никаде не одиме. Како збунети крави, се обидуваме да решиме по кој пат да одиме. Алме настојува да не влеземе во тунелот. Вели дека е проколнат и дека Грисол испарил откако влегол внатре… Зошто да задоцнам на свадбата само поради тоа што исчезнала селската будалетинка?!“
„Не е само Грисол!“ се јави Алме, со црните очи што ѝ светкаа како жарчиња. „Вистина е дека Грисол беше луд, но исчезнаа и јагнињата на Хискот, а тие секако беа поумни од тебе. Кутрите животни исчезнале додека паселе пред тунелот. Што велиш на тоа?“
Харкул слегна со рамениците и храбро изјави: „Лудак и неколку овци. И толку. Можеби има шакали во тунелот, или волци. Дури и на оваа возраст, вујко со леснотија може да убие дузина од нив. Не разбирам зошто се плашиш кога сум јас покрај тебе!“
Вујко Јаргол се накашла за да ги прекине, и парот замолчи. Зборувајќи бавно и разложно, рече „Мислам дека најмудриот меѓу нас треба да ја донесе одлуката. Знак на мудрост е кога се штеди на зборови. Предлагам да реши најтивкиот меѓу нас.“
Малку подзастанувајќи, го погали момченцето по брадата. „Што велиш, Леофолд? Си ги чул гласините за тунелот. Се плашиш ли да влезеш?“
Леофолд престана со стапалото да ја копа земјата под себе. Со надуена гордост, извика: „Јас од ништо не се плашам!“ Пуштајќи ја раката на мајка си, тргна кон тунелот. „Дојди, вујко, ајде заедно да влеземе. Ние ќе ги штитиме моите родители!“
Харкул задоволно се насмеа. Тоа е неговиот син! Алме кимна, поразена. Најтешка работа на светот беше да му каже не на своето дете. Вујко Јаргол беше висок човек, па не можеше да го држи Леофолд за рака. Откако (ја) запали (својата) гламна, ја погали русата коса на детето и рече „Следете нè.“
Харкул и Алме ги запалија своите гламни и влегоа во тунелот зад вујко Јаргол и нивниот син. На Харкул му се допадна распоредот. Ако внатре има шакали – што е малку веројатно – ќе ги нападнат од зад грб. Алме го зграпчи својот меч како вистинска Кадијка. Ако нешто му се случи на нејзиното дете, сечивото сигурно попрво ќе заврши врз главата на нејзиниот тврдоглав маж отколку врз некоја непријателска.
Додека чекореше низ тунелот, Леофолд се замисли. Многу го сакаше Грисол. Често се тепаше со другите деца кога тие фрлаа камења по Грисол или му се потсмеваа на затетеравениот од. На Леофолд не му беше драго што Грисол замина без да се поздрави. Можеби мајка му беше во право – можеби овој тунел има врска со исчезнувањето на Грисол. Се стресе кога погледна кон едвај ѕидовите кои беа едвај видливи под слабата светлина на гламјата на Јаргол. Иако многупати беше поминал низ тунелот, на Леофолд му беше непријатно.
Потоа почувствува како дланката на вујко Јаргол му ја гали главата. Можеше да му верува на сопственикот на таа голема дланка. Имаше чуено многу приказни за Јаргол. Беше смешно да се плаши кога е со еден од најголемите Кадиски воини. Леофолд ги повтори зборовите на татка си: „Еден лудак и неколку овци…“ Потоа, потсетувајќи се на нежниот Грисолов лик, се засрами што за него помисли дека е нетокму.
Не беше лудак¸помисли Леофолд, само малку поинаков. Секогаш кога ќе откриеше нешто интересно, веднаш доаѓаше да ми го покаже. Се надевам дека бргу ќе се врати.
Алме почна да мисли дека нејзиниот страв бил беспричински. Веќе беа поминале повеќе од половина од тунелот, а ништо не се случи. Дури и ако шакалите влегле порано, не би останале толку длабоко внатре. Само што помисли да ги сподели мислите со мажот, синот испушти продорен крик. Во паника, се затрча напред, каде што го најде вујко Јаргол наведнат над Леофолд кој расплакан седеше на земјата.
„Леофолд!“ викна. „Добро си? Жити боговите, што се случи?“
За миг, Харкул беше покрај нив. „Зошто викна, малечок? Што не е в ред?“
„Нема проблем“, рече Јаргол, покажувајќи кон големиот трн кој го беше пробол стапалото на момченцето. „Не знам од каде трн тука. Сигурно отпаднал од некое животно.“
„Те боли ли, мило мое?“ нежно праша Алме.
Леофолд одмавна со главата, но неговите солзи кажуваа друго.
Насетувајќи го обвинувачкиот поглед на жена си, Харкул рече „Можеш ли да го извадиш, вујко? Можеме да му завиткаме нешто околу стапалото и некој да го прегледа на свадбата.“ Се обидуваше да остане прибран, но го трогнаа синовите солзи.
„Доста!“ сржи вујко Јаргол. Го крена момчето, чија глава му беше напикана во градите. „Тоа е само трн… каков плачко си станал!“
Откако ја слушна оваа покуда, Леофолд престана на плаче, гризејќи си ја долната усна да го сопре липањето. За среќа, втората покуда од вујко Јаргол беше наменета за некој друг. „Кој си ти да ме учиш како да превијам рана?“
Харкул почувствува како некој да му удрил шлаканица. Знаеше дека Јаргол има повеќе лузни отколку што тој самиот има години.
„Оди напред со жена ти. Не можам да поднесам двајца расцимолени идиоти покрај себе. Откако ќе му ја превијам раната, ќе тргнеме по вас. Чекајте нè пред тунелот.“
Наредбата на вујко Јаргол беше престрога за да ѝ се спротивстават. Иако беше вознемирена, Алме го фати мажа си за раката. Додека парот тивко заминуваше, вујкото ја наби гламната во земја и почна да го вади трнот.
„Како големи деца се“, се пожали. „Ти си ми посигурен, Леофолд – затоа нема да врескаш кога ова ќе го извлечам.“
Всушност, Јаргол беше позагрижен за болката која неговите прекрасни внук и внука ќе ја почувствуваат ако детето вресне. Леофолд сè уште си ја гризеше долната усна. Не би вреснал за ништо на светот.
Одеднаш, тишината во тунелот ја наруши вресок – но не од Леофолд… Исполнет со ужас, очај и болка, далечниот крик одекнуваше неколку секунди, а потоа уследи повик за помош од Алме и Харкул.
Вујко Јаргол скокна на нозе. Наредувајќи му на Леофолд да не мрда, со гламјата в раце побрза во правец на криците. Леофолд остана сам во темнината. Сакаше да тргне по Јаргол, но кога се обиде да стана, падна зашеметен од болка.
По неколку секунди, ги слушна криците на вујко Јаргол. Звучеше како старецот да вика, „Ох, жими боговите! Ова не може да е вистина!“ Тоа беа последните зборови кои Леофолд ги чу. Откако одеците стивнаа, тунелот стана тивок како гробница.
Низ мастилавото црнило, момченцето ѕуреше во правецот по кој исчезнаа неговите сакани. Во секој миг, очекуваше да ја види светлината од нивните гламји, да ги слушне нивните чекори, за кошмарот да му заврши. Но никој не дојде и Леофолд очајно залипа, заборавајќи на болката од трнот. Одеднаш, почувствува нешто покрај себе и насети навев од ѕверски здив. Остра шепа му го зграпчи повреденото стапало, и тој ја загуби свеста.
Кога се поврати, сè уште беше во тунелот. Се надеваше дека сè било само лош сон. Стапалото не го болеше како порано. Кога го допре со прстите, сфати дека трнот е изваден и дека раната му е превиена. Збунет, Леофолд бавно стана и почна да куца нанапред. Викајќи ги мајка си и татка си, полека го напипуваше патот покрај ѕидот од тунелот. Наскоро, виде дневна светлина, но немаше ни трага од неговите родители или од вујко Јаргол. На излезот од тунелот, сончевата светлина му ги прободе очите како нож, и тој падна како покосен. Некои овчари кои во близина ги напасуваа своите овци, поитаа кон кутрото момченце кое во агонија липаше на земјата.
Никогаш не се најде трага од Алме, Харкул и великиот витез Јаргол.

Превод од англиски: Игор Исаковски

АвторБариш Мустџаплолу
2018-08-21T17:20:55+00:00 мај 19th, 2012|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 83|