Чекајќи ја пролетта

/, Звук, Блесок бр. 82/Чекајќи ја пролетта

Чекајќи ја пролетта

– осврт кон „Посветување на пролетта“ од Игор Стравински –

#1 Игор Стравински е еден од вистинските епохални музички иноватори. Ниеден друг композитор на дваесеттиот век не покажал толку продорно и сеприсутно влијание, ниту доминирал со својата уметност на начинот на кој Стравински владеел во текот на неговата седумдесетгодишна музичка кариера. Освен чисто техничките аспекти, како што се ритамот и хармонијата, најбитната одлика на стилот на Стравински е променливоста. Почнувајќи со духот на доцниот руски национализам и завршувајќи ја неговата кариера со трнлив индивидуален јазик, филтриран низ дванаесет-тонскиот принцип на експресионизмот, тој прифатил голем број естетски насоки во текот на неговиот развој, секогаш задржувајќи препознатлив, есенцијален идентитет.
Стравински се пробил од опскурноста до светот на славата буквално прекуноќ, во јуни 1910-та, кога Дјагилев го претставил неговиот прв балет, „Жар-птица“. Тоа дело, и „Петрушка“, кое се појавило една година подоцна, ги слават руските приказни и традиции, и вклучуваат народни мелодии. Во „Посветување на пролетта“, третиот балет на Стравински, исто така се користи фолклорен материјал. Овие три рани дела на Стравински, го дефинираат, па дури и го создаваат модернистичкиот стил, и го етаблираат младиот Стравински како пре-еминентен композитор на векот.
Иако трите балета се напишани во краток временски период и сите користат фолклорни елементи, во „Посветувањето на пролетта“ ништо не е воопшто традиционално и нема ништо од магичниот шарм и примамливата светлост на претходните два балета; ова е опис на предисториски ритуал, во кој млада жена е одбрана од нејзиното племе да танцува до смрт, за да ги одоброволи боговите на пролетта.
Премиерата на овој балет во 1913-та се претворила во целосна побуна, а многумина понатака овој настан го нарекуваат „вистински почеток на музиката на 20-тиот век“.
Упатство за слушање веќе има во поднасловот: Сцени од паганска Русија. Делото се отвора со фагот, кој свири во регистар многу повисок од стандардниот распон, а во текот на 30 минути преоѓа во варварство и паганско ритуално жртвување. Музиката е реска, дисонанта, тешка, огромната перкусивна секција удира и толчи со примитивни ритми, а провокативната кореографија на Нижински, при премиерната изведба, благо речено ја вознемирила публиката. И покрај жестоките дофрлувања и викотници од публиката, и покрај тоа што Стравински самиот ја напуштил салата, Пјер Монто и неговиот оркестар храбро го извеле делото до крај.
Стравински вака го дава описот на инспирацијата за ова дело: „Имав лебдеечка визија која ми дојде како комплетно изненадување… Во имагинацијата видов свет пагански ритуал: мудри старешини, седнати во круг, гледаат млада девојка како танцува до смрт.
Тие ја жртвуваат за наклоноста на богот на пролетта“.
#2 Во првиот дел, „Обожување на Земјата“, се дига завеса за да открие млади мажи и жени, во одвоени групи. Нивното опкружување е примитивно и доминирано од темните сили на природата. Отпрвин, танцувањето е едноставно, но полека се менува за да добие сè поагресивни и дивјачки движења. Младите мажи ги потчинуваат жените и ги водат вон сцената. Се одвива кавга, сè додека мудриот старец не ги смири. По зашеметувачка тишина, мажите се фрлаат на земја во обожување, повторно стануваат и започнуваат со уште поизбезумено танцување.
Вториот дел, „Жртвување“, започнува со жените, насобрани околу оган. Една од нив ќе биде избрана за жртвување за земјата. По мистичниот танц, Избраната стои сама и мирна во средината на сцената, а младите членови на племето се собираат околу неа и танцуваат во „крешендо или брутална возбуда“. Конечно, Избраната им се придружува и танцувањето станува сè поагресивно, додека не кулминира, а избраната девојка паѓа изнемоштена и умира. Мажите тогаш ја носат до светиот камен и легнуваат ничкум. Ритуалот е завршен.
Ова дело претставува еден од најголемите скокови, не само во историјата на музиката, туку и во историјата на уметноста.
Шокот од новото набргу бил надминат и делото било топло прифатено. Следеле сè повеќе изведби по неславната премиера, и веќе во дваесеттите години, се изведувало и во САД. Во четириесеттите години на минатиот век, ова дело добило перманентно место во поп културата, кога Волт Дизни искористил дел за саундтракот на „Фантазија“. Денес, „Посветување на пролетта“ е веќе класика, но сè уште знае да удри.
Тоа е шокантно дело и сè уште е предизвик кога ќе прозвучи, но не збунува, туку ангажира. Нерегуларните ритми, инструментите кои одат до екстремите на нивните можности, но и обрасците кои ги препознаваме, со одмерување, контраст, фасцинантни хармонии, континуитет – сето ова се основните принципи на она што прави да функционира едно музичко дело, и сите се вклучени. Тоа ја покажува тајната на генијот на Стравински и отвора врати за безброј можности за идните композитори. Оваа композиција инспирирала многубројни композитори, но се појавиле и многу имитатори. Многупати во музиката на модерните филмови се појавува влијанието на Стравински и „Посветувањето на пролетта“.
Дури и сега, во 21 век, моќта на оваа музика не е надмината. „Посветувањето на пролетта“ е и музички и човечки на најпрималните и најконфротирачки нивоа. Публиката од 1913 година воопшто не била спремна за нив, а сепак Првата светска војна, која следела, докажала колку малку треба за човештвото да згние до таква примитивна жестокост. Навистина, визионерски и пред своето време, „Посветување на пролетта“ ја задржува својата моќ до ден-денес. Ова е дело кое е прослава на креативноста. Новата музика е родена, а понекогаш раѓањата се насилни и жестоки.

Во сеопштата, долготрајна зима, да ја очекуваме пролетта што поскоро. Без жртвувања. Без жестокост. Човечно. Пред сосема да ни се замрзнат умовите, ушите, очите, пред неповратно да ни се замрзнат душите.

АвторДарија Андовска
2018-08-21T17:20:57+00:00 март 5th, 2012|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 82|