Словачката поезија по 1945 година

/, Литература, Блесок бр. 74/Словачката поезија по 1945 година

Словачката поезија по 1945 година

Периодот од 1945 до 1948 година во поезијата претставува враќање кон творештвото создавано во периодот помеѓу двете војни и надоврзување кон доминантните уметнички струења кои се формираа во триесеттите години на дваесеттиот век. Надоврзување без поизразени прекршувања гледаме во спиритуалната поезија. Книги публикуваат авторите од првиот и од вториот бран на т. н. католичка модерна при што некои од нив ги пишуваат и своите најдобри дела: Јанко Силан – Песни од Ждриар (1947) и Кутрата душа на земјата (1948), Светлослав Вајгл – книгата Љубов смрт (1946). Надежно почна да се развива и третиот бран на католичката модерна, претставена преку творештвото на Војтех Михалик со збирката Ангели (1947) или на две години помладиот од него – Вилијам Турчани. Наспроти тоа, поизразити промени се забележуваат во творештвото на најкомпактната словачка авангардна група поети – надреалистите. Поетиката на фантазирачките и на експерименталните тенденции, за време на напнатиот период на воените години, помина на испит кој откри дека зад богатата сликовност кај повеќето надреалистички поети се сокрива прилично површното и поедноставено видување на светот што не е способно за посуштинска рефлексија. Милан Хамада во тој контекст зборува за криза на надреализмот. Сепак, не се изгубија најисклучителните претставници на оваа авангардна група; поетската композиција на Рудолф Фабри – Јас е некој друг (1946) и песните на Павел Бунчак од збирката Со тебе и сам (1946) спаѓаат во редот на најинспиративните дела во тоа време.
Настаните од Втората светска војна, кризата на човечноста и напнатите егзистенцијални ситуации им поставуваа на уметниците настојчиви прашања на кои тие се обидуваа да дадат одговор во своето творештво. Многу дела претставуваа непосредна реакција, па така ја наоѓаме темата на војната во поетските збирки веќе од триесеттите години, кога поетите ги восприемаа настаните што нужно водеа кон целосветски воен конфликт. Сите позначајни поети реагираа на војната и сите без исклучок реагираа негативно. Меѓу првите такви автори спаѓа Емил Болеслав Лукач, кој уште во 1934 година во збирката Еликсир пишува за стравот од растечкиот фашизам во Европа, а подоцна кон него се приклучува Лацо Новомески, кој во збирката Светец пред селото (1939) вклучи песни со тематика од шпанскиот отпор против фашистичкиот режим. Подоцна, темата на војната богато ја развија и во следните книги, Лукач во збирките Молох (1938) и Вавел (1944) и повторно Новомески во збирката песни напишана за време на затворскиот престој во 1940-1941 година – Со шверцуван молив (издадена во 1948 година). На грозотијата на војната слично реагираше и Валентин Бениак, кој ги отслика конкретните воени настани во книгите од крајот на триесеттите години, но потоа и во пошироко конципираните поеми – Жофија (1941) и Пепелница (1942). Меѓу останатите клучни против-воени збирки спаѓаат уште поетските книги Гоштевање (1941) и Бунар (1945) од Јан Смрек, стожерна личност на словачкиот поетски и културен живот од дваесеттите години на дваесеттиот век – во целост.
Втората светска војна остануваше по 1945 година долго актуелна тема (во драмата си ја задржа актуелноста сè до седумдесеттите години) што беше предизвикано и со политичкото искористување на резултатите од војната во кои главна улога одигра чинот на ослободувањето од страна на Црвената армија. Политичкото влијание потполно завладеа над литературата по превратот во февруари 1948 година, кој ја промени демократската поставеност на тогашната Чехословачка во тоталитарна држава под водство на единствената политичка партија (комунистичката). Почна строго да се проверува активноста на уметниците во текот на траењето на словачката држава (1939-1945), нивната ангажираност во политичките и во културните институции, при кои морало да се додржуваат некои правила на лојалност кон фашистичката словачка влада. Официјалната владејачка доктрина на новата конституирана влада од 1948 година што произлегуваше од материјалистичката филозофија на марксизмот и ленинизмот започна со униформирање на плуралистичкиот тип на словачката култура. Се укинуваа списанија и издавачки куќи со религиозна и духовна ориентација, а исто така и културни трибини што го поддржуваа демократското крило во словачкото општество. Во текот на годината беа на таков начин укинати две третини од поранешната периодика.
Културната политизација по која следеше тоталитаризацијата – уметниците ја предвидуваа и се обидуваа да се ограничат себеси од неа со компромис што сè уште би им ја задржал слободата за уметничко творештво (Манифест на социјалистичкиот хуманизам, 1948). Нивниот потег, сепак, беше отфрлен како недоволен, бидејќи културната политика бараше апсолутна примена на некои критериуми. Зборот „вистина“ беше прецизиран со придавката „партиска вистина“ што го демонстрираше фактот дека вредностите и интерпретацијата на појавите се мереше со критериумите на политичката корисност. Таквиот политички диктат во културните активности на уметниците со себе го донесе не само губењето на плуралноста, туку ја донесе и тематската едноличност (во поезијата – агитациска лирика, карактер на плакат и патос), вулгарно поедноставување на стилот, црно-бело гледање на светот, утописки визии предавани како стварност итн. Овој период кој е, исто така, нарекуван и период на схематизам, донесе поезија што ја славеше промената во словачкото општество, изградбата на земјата, промените кај човекот. Претставувањето на времето беше еднакво и единствено: темно минато, активна сегашност за подобра иднина, која кажано ирониски – никако не доаѓаше. Автори кои ја конституираа поезијата на схематизмот беа Милан Лајчиак, чија збирка Другарката мојата земја (1949) беше сметана за пример за социјалистичка поезија, понатаму Цтибор Штитницки, Милан Ферко, но и поетите кои зад себе веќе имаа успешно поетско творештво од претходните години или децении: Војтех Михалик, Андреј Плавка, Јан Костра, Павол Гашпарович Хлбина, Владимир Рејсел и други.

АвторЈан Гавура
2018-08-21T17:21:02+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 74|