Допирот на пијанистот

/, Литература, Блесок бр. 70/Допирот на пијанистот

Допирот на пијанистот

Бурата надоаѓаше, можеше да се почувствува во воздухот, кој беше целосно осветлен од нејзиното присуство, електрифицирана и тешка не дозволуваше никому да крене глава освен на Глен Голд, кој одеше по тротоарот, набљудувајќи ги облаците во движење, како талкаат по небото додека со брз чекор слепо ги одминуваше пешаците по преполната улица.
Тој побрза да стигне во концертната сала Њујорк за да го фати концертот, Бранденбуршкиот концерт од неговиот омилен Бах. Иако имаше чувство дека доцни, пристигна во концертната хала пред почетокот, па можеше да запре и спокојно да испуши цигара пред да влезе во преполното лоби, исполнето со главно повозрасни луѓе. Тој никогаш не сфати зошто редовните посетители на концертите за кои е потребно особено префинето уво, се главно постари луѓе, полуглуви и, така да се каже, со увото в гроб. Пушеше пред салата гледајќи ја целата таа гротескна шарада која поминуваше, серија од господа облечени во монотоно вечерно црнило и покриени со здодевни сиви капути, сивокоса стара дама со шарено-црвен чешел, која така нашминкана изгледаше како остарена проститутка, дебела, гадна дама со големо едноделно парче облека, кое на неа изгледаше како несовесно бел лист, придружена од помал, дебел, богат господин, уште една, која се разликуваше во сличноста со другите од страна поради еден сто години стар опаш од ластовица, но уште повеќе поради тоа што беше придружена од сто години помлада жена, облечена во многу кратко здолниште со длабоко деколте, и уште и уште од истото „старо добро општество“, за што помисли дека единствената добра причина за нивното постоење се нивните полни џебови кои ги правеа можни настаните како овој. На некој начин, тој ја почитуваше нивната глува поддршка на музиката, поддршка од некого кој не може потполно да ужива во она што го љуби, но сепак продолжува во тоа; ова за него беше, освен гротескно, некој вид благороден трагичен квалитет на повеќето глуви на концертите.
Сепак, ги мразеше случувањата во високото општество, а овој вид особено, пред сè поради скапите вечерни костуми и претенциозноста со која беа носени: ако воопшто фустанот кој добро изгледа може да помогне во слушањето и разбирањето на музиката! Без разлика, и самиот Глен внимаваше да биде добро облечен на концертите, не само за да се сокрие во толпата: се облекуваше во црно за да ѝ укаже чест на смртта на музиката, бидејќи во секој концерт, во секој перформанс тој ја слушаше нејзината краткотрајност, која за разлика од сликата или статуата, на крајот од последниот такт умира во ехото на тишината. Секој концерт за него беше погреб, ритуал на кој луѓето доаѓаат облечени на вистинскиот начин, ова означува почит, но со погрешни причини за тоа: седат таму, во нивните здолништа, за да ги покажат пред и по перформансот, наместо да бидат во црно од почит кон музиката.
Без оглед на неговите размислувања во врска со концертот и публиката која присуствуваше на истиот, но најмногу на сопствената улога во него, тоа немаше врска со случувањата, кога разбушавениот, небричен, само очигледно уреден млад човек започна да се вртка околу влезот на салата: луѓето, особено оние постарите почнаа да зјапаат во него со поглед, „Што бара овде ваков лик?“ Бидејќи беше навикнат на ваков тип ситуации, тој имаше смислено трик како да се справи со тоа: некое време се преправаше дека чека некого, нервозно гледајќи на часовникот, потоа влезе внатре вртејќи се како да го бара својот балкон, иако хостесата веќе го упати на неговото место во длабочината на салата. Откако ги изоде сите ходници и скалила, секој по еднаш, за да не изгледа премногу сомнително, како што си мислеше, иако никој не му обрна внимание на овој љубопитник кој кружеше наоколу, концертна сала беше веќе дополу исполнета и светлата беа лесно затемнети, така што можеше да влезе релативно дискретно и незабележано.
Оркестарот свиреше како и обично некои вообичаени парчиња за да се адаптираат и наштимуваат, па по кратко време се појави диригентот, кој беше дочекан со бурен аплауз, како што грчките генерали биле испраќани во војна со извици и аплаузи од своите сограѓани. Навистина, диригентот е опкружен со некој вид божествена аура; кога човек ќе го погледне, како со еден гест на своето магично стапче ги реди сите од оркестарот, подготвени да ги почитуваат неговите наредби, и кога замавнува низ воздухот провоцирајќи го тропотот на corna da caccia, забрзаните експлозии на виолините, виолите и виолончелото, и сите други магични напади, кои само музички инструменти може да ги направат, такви на кои не можете да остане рамнодушни, ако имате само барем трошка чувствителност во себе.
Мелодиите на Бах веднаш ја преплавија салата, брзо и полно како кога вода прекрива долина, кога бурата се симнува од планините, и кога сè: листовите, гранките, грмушките, дури и помалите дрва се повлечени од неа. Глен се обиде да ѝ се препушти на музиката, на нејзината прегратка, обидувајќи се да се симне во нејзиниот невидлив свет во кој само тој можеше да се почувствува како дома, единствен, отстранет од самиот себе, се обидуваше, затоа што секој пат нешто ќе го извадеше од неговиот маѓепсан транс: дали сосед, кој диши многу гласно од време на време, или пак некој кој се закашлува, или пак е лошо фатено темпо на тромбонот, или пак некоја отсечна нота отсвирена од виолината, сите нешта што, се разбира, не претставуваа проблем за другата публика. Незадоволен каков што беше, се истегна во црвеното седиште, сега веќе целосно понесен од музичката магија, ги набљудуваше луѓето околу себе, смеејќи им се на оние кои слушаа внимателно само навидум, изненадувајќи се себеси од оние што остануваа толку студени, како сето ова од Бах не ги допираше и ги мразеше оние кои дошле колку само да подремат. Само помладата публика, онаа на приближно негова возраст, која сепак беше во мал број, му изгледаше како да може да ја почувствува неговата величествена суета, типична за музичар резервиран само за себе. Кога погледна некои од нив, неговото срце затрепери и во тој момент си помисли, целосно против неговиот вообичаен нарцизам, дека има и други освен него, кои не само што можат да ја слушаат музиката, туку и да ја слушнат.
Додека ја набљудуваше помладата публика, здогледа силуета на една девојка, нејзиното лице во полутемнината кога се сврти кон својата пријателка за да ѝ шепне нешто неважно. Темнокосата, малку кадрава девојка, целосно го обзеде неговиот поглед, па така тој го помина остатокот од концертот чекајќи да се сврти повторно, за да може поубаво да ја види таа прекрасна слика. Но до крајот таа ниеднаш не се заврти, па Глен остана фокусиран на нејзината диво исплетена коса; нејзиниот лебедов врат прекрасно се издигнуваше над елегантните раменици, и ако ги истегнеше прстите кон плетенката за да ја тргне зад ушите, тој внимателно го следеше нејзиното движење, секој најмал потег на прстите, нежното светкање на прстените, целата дланка која за момент се задржуваше на нејзините раменици и потоа исчезнуваше во темнината, надвор од погледот.
Кога концертот заврши, за момент се спушти неподносливата тишина, која беше, како и секогаш, прекината од публиката со бучен аплауз, можеби затоа што не можат да ја слушаат, Глен сè уште остана да седи со глупав фокусиран поглед кон неа; дури откако девојката го напушти своето место, тој им се врати на своите сетила „Таа си заминува!“ се испаничи кога ја здогледа како заминува кон излезот и веќе си го пробиваше патот низ толпата, необично нишајќи се низ луѓето и седиштата, во тој моментот сè му беше исто, пречки на патот до неа. Таа исчезна од неговиот поглед за момент, но ја најде на почетокот од влезот на главната сала, облечена во бело, нежен фустан кој ѝ ги откриваше рамениците и малку ѝ ги покриваше колената, по што нејзините мали стапала дискретно влегуваа во едноставните, но остри чевли со боја на гулаб. Таа стоеше таму, пушејќи цигара и чекајќи ја својата пријателка која беше отидена да ја земе нивната гардероба, и Глен речиси инстинктивно се приближи напред кон нејзе и ѝ се обрати без да знае како го направил тоа, но го направи. Сè што остави трага во неговата отсутна свест беше нејзиното име, прекрасното име „Хана“, тивко го повторуваше во себе и девојката која го слушна, но не го разбра, праша „Извини?“ и тој повторно не слушна што таа му рече, само го слушаше нејзиниот глас, нејзиниот француски или арапски тон на „р“, издигнувајќи и спуштајќи ја интонацијата. На крајот, тој започна да разговара разумно, па по некое време, кога нејзината пријателка дојде и рече дека сака да оди дома, Хана не се двоумеше да го покани на пијалак во еден од блиските клубови.
Тројцата заминаа неколку блока подолу во џез клубот Славеј, каде се свири мирна музика, која не припаѓа ниту на висок џез, ниту на популарен блуз, и каде локалот никогаш не се преполнува преку границите на социјално прифатливите лимити. Оваа вечер, како и многу други претходно, затемнетото место беше исполнето од присуството на редовните гости во клубот; тука беше Лејла, пејачката која со својот глас беше во состојба да ги смири најнемирните мориња и да ги помрдне најстудените камења. Кривулестата кратко потстрижана принцеза на ноќта со својот долг, крваво-црвен фустан стоеше во средината на сцената од темно дрво, украсена со црвени кадифени завеси, суверено владеејќи помеѓу саксофонот, контрабасот, тапаните и клавијатурите: сите од нејзиниот бенд ги презираа своите вештини, немоќни да го достигнат нејзиното пеење, додека таа мелодично, полека ја брануваше својата тенка бледа рака како да црта слика од својата песна.
In your hand, I want to be, in your hand,
I would like to be another, all the time,
In my shadow, I draw your silhouette,
I see you, I reach out for you, to touch you.
I imagine you touching me,
I would so much like to please you,
And I would so much like to displease you,
I dream of living without you,
I dream of crying out for you,
But I only want to forget,
That you’re even not here.

АвторМирт Комел
2018-08-21T17:21:03+00:00 февруари 14th, 2010|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 70|