Том Вејтс: Блесок и проклетство во живо

/, Звук, Блесок бр. 69/Том Вејтс: Блесок и проклетство во живо

Том Вејтс: Блесок и проклетство во живо

„Така, кога бев дете
татко ми ме седна на колено
и ми кажа, ми кажа многу работи.
И рече, ‘сине’,
секогаш ме викаше сине,
рече ‘На светов има многу работи,
сине, кои апсолутно никогаш нема да ти користат’,
и беше во право“.
– Том Вејтс, „Среќен ден“

#1 Иако би било тешко да се најде поголем стар фраер во универзумот, и покрај сите прилично геријатриски украси кои со задоволство ги нареди во текот на годините (федора шапки, склоност кон скитање, итн.) шеесет годишниот Том Вејтс е навистина млад во душата, весело се лизга меѓу песните, секои неколку години се појавува како чуден карактер, и го задржува секогаш шеговитиот поглед на свет.
Glitter and Doom (Блесок и пропаст) е третиот жив албум во неговата 35+ годишна кариера. За снимањето на Nighthawks at the Diner (Ноќни птици во ресторан) во 1975-та, во студиото во Лос Ангелес набрзина била повикана мала публика пред која Вејтс, придружуван од џез бенд, настапил со приказни, шеги и сосем нови песни. Настапот го отворила стриптизета со име Дувана. На другиот крај од спектарот се наоѓа Big Time (Најголем успех) од 1988 година, постандардна жива плоча со неколку претходно необјавени песни и, за жал, без интересна придружна приказна.
Glitter and Doom повеќе наликува на вториот албум, но тоа не значи ништо лошо. Албумот е компилиран од Вејтсовата турнеја во 2008-та (која го опфати поголемиот дел од југоисточниот дел на САД и неколку европски престолнини), и е поделен на два диска: едниот со песни а другиот со една единствена 35-минутна трака на која Вејтс настапува како комичар, расфрлајќи се со интересни факти и повремено придружувајќи се на пијано. Обата диска се уредени за да понудат една целина, и покрај фактот што тоа очигледно не се. Ова е добро, зашто песните се навистина добро одбрани а слушателот сепак може да почувствува како е да се присуствува на некој од легендарните живи настапи на Том Вејтс.
Како и многумина од неговите музички современици – Боб Дилан, Мик Џегер, Брус Спрингстин, итн. – гласот на Вејтс знаел и за подобри моменти. Тој започна да го култивира своето препознатливо стружење децении пред овие живи снимки, и иако не може баш да го повтори слаткиот глас од љубовните песни во своето осамено деби во 1973-та, Closing Time (Фајронт), нему тоа не му треба (ниту, пак, на ова издание се обидува); неговите груби вокали им даваат нов живот на нежните балади и го зголемува немарниот шарм на неговите и онака брутални песни. Како некој крајно тврдоглав поет да му го задава последниот удар на Времето. „Ќе се обидеш да ми го одземеш гласот некој ден, а?“ како да вели. „Е па, веќе самиот си го одзедов!“
Како и секој добар жив албум, од Glitter and Doom слушателот има што да научи. Студискиот албум од 1993, The Black Rider (Црниот јавач) содржи песни од претставата која Вејтс ја постави со драматургот Роберт Вилсон и легендарниот битнички писател Вилијам С. Бероуз, се смета за бизарна и тешка плоча – од оние албуми кои дури и колекционерите на Том Вејтс ќе ви простат ако ја прескокнете. Па сепак, Вејтс свири две песни од тој албум на Glitter and Doom: кои едната е срцепарателната изведба на “Lucky Day” што се издвојува како една од најдобрите изведби во опсежниот репертоар на Вејтс. Далеку од намерата да понуди жива изведба на најголеми хитови, овој сет песни повеќе служи како збирка во која заборавените песни се помешани со добро познатите фаворити.
За оние кои се сметаат за фанови на Том Вејтс, Glitter and Doom е успешен на речиси секое ниво. Единствената забелешка би се однесувала на тоа дека изборот можеби премногу натежнува кон опскурното / новото, запоставувајќи безброј одлични траки од пресвртничките албуми на Вејтс Rain Dogs (Дождовни кучиња) – вклучена една песна и Sworfishtrombones (Сабјаркитромбони) – без ниедна песна, и други. Поради ова, албумов може да им делува малку застрашувачки на оние кои не го познаваат каталогот на Вејтс. А од друга страна, новаците кои ќе започнат со Glitter and Doom ќе откријат уште многу часови за слушање, откако ќе почнат да копаат. Конечно, Вејтс секогаш поседувал инаетлива жичка. Тој е музички Петар Пан, го прави токму она што го сака кога сака, и, по ѓаволите што мислат другите, тој никогаш нема да порасне.

Превземено од: Paste magazine

Превод: И. Исаковски

АвторОстин Л. Реј
2018-08-21T17:21:04+00:00 декември 21st, 2009|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 69|