Don’t You FYROM Me

Don’t You FYROM Me

– современ македонски расказ –
(Književna revija, Ogranak Matice hrvatske, Osijek, br. 2-3/2009)
Предговор кон изданието

#1 Без сомнение – поранешната заедница на јужнословенски народи функционираше како сериозна држава – ги имаше сите потребни атрибути: од репресивни државни механизми (тајна полиција…), до судови и контролирани научни и културни институции кои, исто како и судовите, беа за нијанса преимпрегнирани со монистички поглед на свет (особено општествените науки кои учествуваа во суровото произведување на таканаречените „инженери на духот“ или „рибари на човечки души“). Но големо прашање е сега, дали таа „сериозна“ држава функционираше некогаш како општество, или уште повеќе, дали воопшто функционираше како „пристојно“ општество (со некаква обврска, ако ништо друго, барем чувствителните единки или групи, да ги претстави во позитивна светлина).
Не бев единствениот кој во тие „оловни“ времиња знаеше да поставува незгодни прашања од типот: „дали просторот од Триглав до Вардар може да се смета за хомоген“, или: „може ли тој јасно дефиниран политички простор да се смета за компактно општество“? Но, и тогаш, како и сега, впрочем, повеќе од јасно беше дека во тоа општество спротивностите беа очигледни, макар што дежурните идеолошки хигиеничари нè уверуваа дека драматични „разлики“ – пукнатини во таа „совршена“ заедница – не постојат, дека сме злонамерни, дека само лошо гледаме и погрешно интерпретираме. Во таа артифициелна заедница сите нешто зборуваа, брбореа, но никој никого не слушаше!
Го паметам последниот (југо)славистички конгрес во Нови Сад, кој се одржа на есен (некаде на почеток од октомври), 1988 година. Додека говорев за недостигот од комуникација меѓу југословенските литератури, надвор од конгресниот центар на хотелот „Парк“, паралелно со моето излагање, „се случуваше народ“ кој само со неколку фрлени јогурта и популистички пароли, за неколку месеци предизвика збрка кај тогашната политичка елита. Тоа прво сериозно излегување на разгневениот и изманипулиран народ на улиците, од корен ги промени политичките односи во тогашната држава. Дијагнозата на Жак Рупник се покажа точна – националистичките страсти, со своите бескрајно силни можности за мобилизација, беа повторно на дело… И додека една владејачка парадигма исчезнуваше без трага, друга (демократската) сè уште ниту се наѕираше!
Мојот реферат мина незабележливо – колегите слависти сметаа дека е чист опортунизам да му се претпоставува на реалниот некој виртуелен свет! И воопшто не им беше јасно, како некој можеше да тврди дека не постои комуникација меѓу југословенските литератури. Не минаа ниту десетина години кога повторно некои (како Игор Мандиќ, на пример) докажуваа дека постои комуникација меѓу хрватската и српската литература, додека други (Станко Ласиќ) застапуваа мислење слично на моето, она кое го бев констатирал претходно во Нови Сад. А дека тоа воопшто не беше наивно, покажа и ставот на тогашните уредници на Quorum – не се осмелија да го отпечатат мојот (националистички – sic!) текст и „храбро“ го одбија (дечките искрено веруваа во „среќната“ иднина на земјата со „средна големина“ занимавајќи се, при тоа, со награди од типот „Седумте секретари на СКОЈ“).
Во тоа време, кон крајот на осумдесеттите, предавав македонска литература на осиечкиот Универзитет и бев непосреден сведок дека не постои никаков, а уште помалку планиран контакт меѓу хрватската и македонската (и која било друга) литература. Конечно, сите позитивни контакти што се случија некогаш низ историјата, беа заправо политички/идеолошки мотивирани – тоа секако важи и за публикувањето на „Бели мугри“, поетската збирка на Коста Рацин, но таа политичката мотивација е најизразена во 19 век, во релацијата меѓу Ј. Ј. Штросмаер и браќата Миладиновци! Звучи просто неверојатно денес – студиравме тогаш југословенски литератури а воопшто не бевме заведени од идејата да се запознаеме подобро, да се обидеме барем да учествуваме во егзистенцијалните теми и дилеми на „другите“ народи, во нивните историски трауми (во прашањата на националниот идентитет, името на државата, во секојдневните егзистенцијални теми…). Повремените исклучоци (како Антологијата на современата македонска поезија, зборникот „Македонска книжевност“, антологијата „Господари на лавиринтот“, ретките монографии за некои македонски писатели, или пригодните текстови за столетните врски меѓу двата народа…), само го потврдуваа правилото дека „туѓата“ судбина, нас премногу не нè интересираше!
Ова тажно сознание (во кое – да бидам искрен – бездруго има и моја вина!) ме мотивираше да ги замолам Ангелина и Весна – две сјајни интелектуалки од Македонија – да направат, за осиечка „Книжевна ревија“, една антологија/приказ на современиот македонски расказ. И тие задачата одлично ја завршија, иако не е ни малку едноставно, во однапред зададени рамки, на некои двесте странички, да се покаже сето богатство на современата македонска проза, нејзините широки дострели и тематски преокупации. Можеби конечно и ние сега, во Хрватска, ќе ја сфатиме величината на Ј. Ј. Штросмаер, човекот кој во средината на 19 век го виде она што нашите политичари денес не се во состојба да го видат: дека токму просторот на „Западен Балкан“/Македонија, на модерна, демократска и европска Хрватска ѝ нуди можност за „колонизација“, се разбира на еден сосема шармантен и легитимен начин, со премиси поинакви од оние на класичните колонизатори. Јасно е дека за успехот на една таква, „невина културолошка колонизација“, од голема важност е одлично да се познава Другиот, а во неговата „несреќна“ судбина да може да се препознае сопствената. Спротивното гледање – да се бара во него само мрачен топос на балканска хаотичност и непросветеност – не може да даде паметен одговор на актуелните политички (и други) прашања, зашто на еднаков или сличен начин како и „другите“, и ние сме колонизирани субјекти, жртви на светскиот културен империјализам! Не смееме затоа да бидеме индиферентни кон европската транзициска стварност. Напротив, да се интересираме треба за потенцијалните модели со кои би ја надминале истата, дотолку повеќе што не постојат цврсти културни и политички критериуми што можат да постават граница меѓу Истокот и Западот, меѓу Европа и нејзината Другост. А тоа не е само нејзин проблем, зашто и ние се однесуваме некогаш како Европа –културите и литературите на земјите од поранешната држава ги доживуваме како „туѓо/страно“, лесно заборавајќи при тоа, дека и нас Западна Европа нè доживува на ист начин, небаре нешто помалку вредно и достојно за внимание, а во нашата транзиција не гледа „напредок кон подобро“.
Оваа антологија, без друго, го отвора и тоа прашање – прашањето за рецепцијата на една поинаква, „туѓа“, култура/литература, на нејзините тематски и стилски разновидности, но и нашата подготвеност да партиципираме во нејзините „теми и дилеми“. И бидејќи ваквите прилики се ретки, сосема сум убеден во искрените намери што Матица хрватска – Осиек, ја „поведоа/заведоа“ да ја реализира оваа антологија.

Превод од хрватски: Ангелина Бановиќ-Марковска

АвторЗлатко Крамариќ
2018-08-21T17:21:04+00:00 декември 21st, 2009|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 69|