Бушбушкалај

Бушбушкалај

Мал куќен дух
Зошто се мразам себеси

Бушбушкалај се појави на мијалникот, почнуваат неволјите. Пак се готви да ми го расипе денот. Почнува вака рано, на појадокот. Толку ќе биде безобѕирен што нема да чека ни децата да тргнат на школо. И тие нека видат каков татко имаат. Одлучувам да ги сопрам сите срања кои можат да уследат, се кревам нагло од масата, скокнувам кон мијалникот и го треснувам среде лице. Садовите се разлетуваат на сите страни, тој е замелушен меѓу кршот. Чекам да видам дали сега ќе ме остави на мир.
– Ти си тотално луд! Што не одиш да се лечиш? – вика мојата жена хистерично.
Се воздржувам да не одговорам. Ако остане на ова, ако Бушбушкалај се повлече, сè ќе биде океј. Ќе биде тоа само еден мал напад на утринско незадоволство. Ги затворам очите и чекам, со главата навалена над мијалникот. Ги гледам децата како немо зјапаат во мене. Треба тоа да се издржи, да го гледаат татка си така и да мислат дека е луд. Тие сè уште немаат свој Бушбушкалај.
– Што туку сега глумиш? – прашува жена ми и ми приоѓа, ми ја става раката на плеќи, чувствувам дека ми се внесува в лице. Ги отворам очите, ги гледам нејзините несигурни очи, лути и загрижени. Ме прегрнува со левата рака и сака да ме бакне, но со крајчето на окото го гледам Бушбушкалај како се наместува пред моите усни. Го гризнувам нагло во образот и жената крикнува. Ги собира децата од масата и ги праќа на школо. Заедно се гушкаат во ходникот и плачат.
Чекам. Наскоро сè е тивко.
– Зошто така ми правиш? – го прашувам. Зошто не можеш како и сите други нормални духови мирно да седиш и да гледаш што се случува низ куќата?
Бушбушкалај го покрива лицето со рацете и се расплакува.
– Не знам што ти е тебе – вели – само тебе во оваа куќа толку те нервирам.

АвторСенко Каруза
2018-08-21T17:21:05+00:00 јуни 25th, 2009|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 66|