Спиј пред вечерта

Спиј пред вечерта

(извадок од романот)

Маријана седеше на плажата со Ерик. Воздухот беше тежок, прстите ѝ беа лепливи од сладоледот и од солта. Галебите се шуткаа наоколу барајќи остатоци, еден им се приближи, застана и зјапна во нив со црвените очи во малата бела главичка.
Влакнестите нозе на Ерик изгледаа огромни наспроти нејзините малечки исончани ноџиња. Сладоледот со сите бои на виножитото беше толку сладок што вилицата ја болеше додека го лижеше од страните и шмукаше парченца низ дупката на дното на корнетот. Јадеше брзо за да може да се врати во водата каде што ја чекаа пријателите.
„Ајде Маријана, уште не си завршила?“ викаа, но сладоледот беше бескраен, неговата слатка густина ѝ течеше по раката.
„Изгледа вкусно. Може еден лиз?“ Ерик го истресе песокот од рацете и ги подаде кон неа. „Те молам? Многу ми е жешко.“
Таа му го подаде сладоледот, со олеснување што не мора да го изеде целиот самата, но топчето на врвот од купот му падна во скутот, неговото црвено, портокалово, зелено и сино срце се растопи по неговиот костум и тој скокна ужаснат, како сладоледот да се претворил во оган. Писокот на Ерик го исполни воздухот, се измеша со криците на галебите како што одлетуваа, нивните бели тела поцрнеа, а воздухот се исполни со чад како што денот се претвори во ноќ.
Маријана беше сама, трепереше додека чадот не стана цигарата на мајка ѝ.
„Шшшш. Сè е во ред, душо. Мама е тука.“
Таа липаше додека Лили ја држеше цврсто, и ја лулаше напред и назад.

„Изненадена сум што сакаше пак да ме видиш.“
Подземната железница беше преполна како и обично во сабота попладне, Купувачите со големи торби со реклами на продавниците во кои биле да се подружат ги поткупуваа уморните деца со слатки. Маријана стоеше до Мајлс додека одеа накај периферијата со возот Ц.
„Мислиш дека си првата што повратила врз мене?“
„Да, така си помислив.“
„Не. Гледам повраќаници секој ден. Иако сега мирисаш многу подобро отколку минатата недела.“
„Неколкупати се искапив од тогаш.“
„Се разбира. Пази, јас немам када, само мал туш, па капење ми звучи како луксуз.“ Тој се наведна и ја бакна во главата. „Косата прекрасно ти мириса.“
„Шампон од манго – ЕФА. Мајка ми внимава што употребува.“
„Да. Еве сме.“ Мајлс ја слезе Маријана од возот, исклештен како дете кога излегоа од подземната железница на 81-та улица. Таа ја препозна кафената фасада со зелената купола, иако со години не била во Планетариумот Хајден. Нејзините посети секогаш ги комбинираше со посетите на Музејот на природна историја, Ерик ја држеше за рака додека минуваа низ салите со диносауруси, и ѝ ги опишуваше навиките на огромниот баросаурус. Диносаурусите во музејот долго ѝ се јавуваа во соништата откако престана да разговара со својата самовила. Секогаш завршуваа со посета на планетариумот, каде што Маријана седеше под куполата и ги гледаше ѕвездите или тридимензионалните филмови за пливање под вода. Како што седнаа, Мајлс се наведна кон неа.
„Ќе ти се допадне претставата. Како може да заврши светот. Ја имам гледано едно петпати. Сензур-раунд е. Седиштата се тресат, а собата де се вжештува де оладува. Немој да се плашиш.“ ѝ прошепна в уво и нежно го лизна, подавајќи ѝ гломазни тридимензионални очила.
„Нема да се плашам, Мајлс.“ прошепна таа, и го фати за рака. „Ама за секој случај, седи тука.“
Ѕвездите го исполнија таванот, и пред да почне претставата, Маријана имаше чувство дека се пак во паркот на плоштадот Томпкинс, но сега без повраќање и без главоболка.
Потоа ѕвездите почнаа да кружат, а Мајлс ја бакна во увото на истото место што пред малку го лизна. Таа сети како топлината на неговиот здив ѝ се движи низ телото, и ѝ застанува некаде околу колковите, а собата започна да се врти, сонцето растеше како да го гори сиот сончев систем. Како што светот заврши во еден огромен пожар, топлината на Мајлс беше заштитничка, кристална купола околу неа, додека сè друго исчезна во црнило. Немаше подобар начин да се соочи со уништувањето.

„Брус Џус за појадок“ беше напишано на масата, веднаш до изгравираното срце. „Џои е парче за Дона.“ Маријана со својот молив напиша „Мајлс“ на масата, со мало срце веднаш до него, а потоа запре и поцрвене, додека г. Несмит започна гласно да чита еден извадок од Кога умирав, книгата што им беше на програмата.
Сè уште зјапнат право пред себе, со светлите очи како борини вглавени во неговото дрвено лице, со четири чекора го преминува подот, здрвен и тежок како Индијанец од продавница за цигари…
„Ова е добар пример за богатата употреба на метафората кај Фокнер. Дали Фокнер ја контролира вашата блискост со некои ликови а не со други? Како го прави ова? Имате четириесет минути.“
Маријана одеднаш го крена погледот. Имаше заборавено на овој тест, а беше прочитала само половина од книгата. Мораше да лажира. Пишуваше десетина минути, дури успеа и да вметне еден запаметен цитат од првите глави, но без да го знае крајот не можеше кохерентно да пишува за темата. Немаше како да се извади. Остатокот од времето го помина гризејќи си ги ноктите. Еден се скина длабоко, почна да крвави, и таа го цицаше, вртејќи околу скинатиот крај со јазикот. Потоа стана, и му го однесе дополу напишаниот тест на г. Несмит. „Жал ми е, Не ја дочитав книгата. Може ли да си одам? Не ми е добро.“
„Маријана, ова не ми личи на тебе. Но вистина си ми бледа. Можеш да го преполагаш тестот следната недела ако сакаш.“
„Да. Благодарам. Мислам дека е подобро да одам на лекар.“
Таа се фати за столот кога подот ѝ избега од под нозете, и за миг пак се врати во планетариумот. Ги слушна зборовите кажани како во предавање: „Астрономите очекуваат гасните јазли, секој долг по неколку милијарди километри, да се разредат во студената црнина на меѓуѕвездениот простор.“ Ги погледна милијардите галаксии како се вртат над неа додека и таа лебдеше нагоре кон ѕвездената купола, и самата како гасен јазол, осудена да се разреди.
Гласот на некој ангел намирисан со лаванда ѝ шепна во увото: „Отвори ги очите, Маријана.“
Таа ја подаде раката. „Каде сум? Се онесвестив?“
„Шшш, душо, мајка ти доаѓа да те земе. Се онесвести. Притисокот ти е низок. Пиј.“
Жената ѝ понуди шолја, но таа ги префрли нозете на страна, пак ѝ се сврте и сестрата ја турна назад.
„Мирувај, мила.“
„Имате нешто топло? Ми студи. Ќебе? Или кафе?“
Сестрата, набиена жена во фармерки и во маица, која воопшто не наликуваше на ангел ѝ подаде грубо војничко ќебе. „Немој да ми повратиш на него.“
„Нема.“ Таа за миг се навали кон назад, а потоа, со отпор кон несвестицата, се исправи. „Добро ми е. Ќе ми биде добро.“
Како што почна да чекори, се почувствува посилна и брзо излезе од вратата додека сестрата пишуваше на еден лист хартија.
„Чекај! Мајка ти.“
Маријана ја слушна сестрата како ја вика, но веќе излезе низ стаклената врата, и, како што го сети свежиот воздух, започна да трча кон познатата патека од Лагун Драјв Ист, преку Гринвеј и надолу по влезот на плажата на булеварот Пацифик, дишењето ѝ беше брзо и плитко, а околината во магла, сè додека не го почувствува песокот под нозете.

АвторМагдалена Бол
2018-08-21T17:21:09+00:00 октомври 11th, 2008|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 61-62|