Дијалози кои искрат од хумор и зборовни игри

/, Литература, Блесок бр. 57/Дијалози кои искрат од хумор и зборовни игри

Дијалози кои искрат од хумор и зборовни игри

(Том Петсинис, „Дванаесеттиот дијалог“, Блесок, 2008)

#1 Што ако… една жена, да ја наречеме Соња Гор, сонува да има книжарница за половни книги?
Што ако… како оние меѓу нас кои секогаш копнееле за таква продавница (го сакаме мирисот на книги, нивниот допир, нивното пријателство, нивните идеи, нивниот ескапизам, нивните предизвици и барања), Соња го остварува својот сон? И ја нарекува книжарницата, нормално, Библиофил.
Како подобро да се привлечат вљубениците во зборот и книгата, во читањето и пишувањето, кон роман кој ги истражува сите тие нешта?
На површината, приказната е едноставна: книжарницата, во неименуван град, на чекор пред третиот милениум, почнува да прави загуби и да пропаѓа. Соња мора да одлучи како да ја сочува – да го спаси своето вложување, својот дом – или да ја напушти. Сонот на Соња се претвора во кошмар, но (меѓу своите муштерии, или низ излогот) привлекува обожавател.
Прозаичниот додворувач може да заведе со скапоцености. Поетот на Соња, пак, се претставува со својата на рака напишана проза – дијалози меѓу великите светски писатели, од кој секој е блескав бисер полн имагинација. Како таа може да не биде заведена од тие ракописи, на кои е единствен читател?
„Напишани специјално за неа, дијалозите се засолниште од големата несигурност, тие создаваат заштитен ѕид од зборови меѓу неа и непријателскиот свет, место во кое може да се повлече на половина час, и кое никој, освен авторот, никогаш не го посетил“.
Што е уште позаводливо, самата таа се појавува како препознатлив лик во секој од дијалозите, низ кои нејзиниот мистериозен обожавател ги истражува бескрајните лица на човечката фасцинација од зборовите, читањето и пипувањето.
Мојсеј и Карл Маркс почнуваат, со многу современа дискусија околу предизвикот да се опише Бог, околу холокаустот и религискиот опијат.
Потоа, античките Грци дебатираат околу природата на комедијата и трагедијата. Додека други писатели ја воспеваат катарзичната природа на трагедијата, авторот на дијалогот преку своите ликови теоретизира дека комедијата е и ослободувачка и прочистувачка, со тоа што публиката поведро гледа кон иднината.
Има книжевен бисер во кој настапуваат Платон и Хомер, спорејќи околу улогата на поезијата. Плато го брани протерувањето на поезијата, извор на лудило и хаос, од својата Република – пред слепиот Хомер чии согледби плачливиот цензор би сакал да ги удоми (за себе лично, разбирате – тој ужива во Хомер – но поезијата е опасна за другите жители на неговата Утопија!).
Друг бисер се однесува на Сервантес како создавач на првиот книжевен карактер кој е обземен од книги. На мистериозниот начин на постоењето на зборот, Дон Кихот „се движи низ времињата“ – воскреснува секогаш кога читателот ќе ја отвори корицата.
Двајца цимери во душевна болница, кои страдаат од „Книжевна идентификација“, веруваат дека се Гете и Клајст. И ако се луди, барем се прецизни и забавни во своите улоги.
Во меѓувреме, како што секој предизвикувачки дијалог пристигнува во книжарницата, бројот на купувачи се намалува, веднаш крај неа се отвора бордел, долгот кон банката расне. Соња сега живее за да ги чита дијалозите, секој доставен во златен коверт, сè повеќе вовлекувајќи ја во имагинацијата на мистериозниот писател.
Самотни купувачи и продавачи на книги влегуваат во Библиофил, додавајќи уште размисли околу читањето и човештвото. Еден спасил книги од кладите на Нацистите. Работничката во борделот бара книги на неколку јазици, за да му чита на глас на богатиот муштерија чие задоволување може да ја ослободи од проституцијата.
Интересно, но ни блиску до натамошните летови на имагинацијата во дијалозите. Ибзен и Стринберг околу феминизмот и улогата на писателот – наспроти психологот – во проучувањето на човештвото. Толстој и Достоевски расправаат за Беседата на гората.
Дијалозите продолжуваат со откривањето на уживањето во зборот, улогата на читањето и пишувањето, општествената важност на драмата и поезијата, изгледот на зборовите врз хартија, разликите меѓу гласното и тивкото читање.
Случајното откривање на додворувачот изненадува, а причината поради која на рака ги пишува дијалозите пружа дополнителни размисли за улогата на „гласот“ во раскажувањето. А напнатоста која води кон разрешницата на Соњината „приказна“ трае до последната страница.
Том Петсинис е многу софистициран писател. Романов е достоен наследник на неговиот претходен, Францускиот математичар, од многу критичари оценет како ремек-дело.
Овде, Том Петсинис повторно брилира. Овој професор по математика кој живее во Мелбурн знае да пишува, и тоа не само за математика.
Петсинис го покажува своето длабоко познавање на делата на книжевните гиганти, и навлегува во нивното размислување. Дозволувајќи и’ на својата имагинација да полета, авторот ја истражува природата на книжевната имагинација. Структурното средство на дијалозите е многу умно; секој од нив искри од хумор, игра со зборови, и мудрост.
И доколку постои некој пропуштен аспект во вештината на пишувањето или чинот на читањето, јас не можев да го најдам.
Колку труд вложил во пишувањето на овој роман, и колку многу се забавувал додека го работел! За некои читатели, ова може да биде крупен залак. Не многумина од нас се до толку запознаени со сите писатели чии дела се претставени. Дијалозите – и идеите кои ги обработуваат – бараат соодветно внимание.
Но за библиофилите, ова е повеќе од роман а неговите идеи ќе продолжат да одекнуваат додека ја продолжуваме нашата потрага по следниот наслов, и следниот, и следниот.

Превод од англиски: И. Исаковски

АвторСенди Форбс
2018-08-21T17:21:14+00:00 декември 15th, 2007|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 57|