Тргнување на себеси од патот

/, Литература, Блесок бр. 56/Тргнување на себеси од патот

Тргнување на себеси од патот

„Декреација: Поезија, Есеи, Опера“ (Vintage Contemporaries) на Ен Карсон истовремено ги деконструира жанровите и ги пресоздава, давајќи ѝ на литературата нови простори, нови контексти, нови движења – според Алексис Смит, во овој осврт за Пауелс [http://www.powells.com/review/2006_12_02. html]

#1 Најновата збирка песни и есеи на Ен Карсон од неодамна е достапна во мек повез. Читателите на кои им се познати смелите, прекрасни книги на Ен Карсон „Автобиографија на црвеното“, „Проставода“ и „Стакло, иронија и Бог“ меѓу другите, веста дека „Декреација“ е восхитувачко ремек-дело што им се опира на жанровите нема да ги изненади. А на читателите што допрва треба да го доживеат делото на Карсон, нека ова им биде вовед.
Позната по нејзиниот класицизам (има објавено восхитувачки превод на фрагментите на Сафо, „Ако не, зима“), Карсон вперува мошне модерен поглед во прастарите форми и теми, создавајќи стил што е донекаде ексцентричен. Нејзините извори се движат од античка Грција до Емили Дикинсон до италијанската кинематографија од дваесеттиот век. Нејзината употреба на формите – поезија, проза, песна, дијалог, сценарио, монолог, либрето – и начинот на кој ги користи нелитерарните форми како филмот и сликарството, истовремено ги деконструираат жанровите и ги пресоздаваат, давајќи ѝ на литературата нови простори, нови контексти, нови движења. Па сепак страста во нејзиното формулирање на стихот и специфичната почит што ја има кон јазикот се секогаш очигледни, во мамката на стиховите како „лисјата се збиваат малку“ и „оти се/секогаш/фатално/повторно напишани/на старо платно/бледо,/бескрајно/незавршени.“
„Декреација“ почнува со незаборавен циклус песни. Првите неколку стиха се проткаени со домашни детали соголени од нивната удобност и безбедност. „Синџири на спиењето“, првата од циклусот, ги поврзува спиењето и смртта:
Кој може да спие кога таа —
стотици милји оттука го чувствувам тој широк здив
како ги лади нејзините немирни палуби.
Лузна по лузна
сите алки
поттропнуваат еднаш.
Еве сме мајко на океанот без бродови.
Сожали се на нас, сожали се на океанот, еве сме.

„Синџирите на спиењето“ на некој начин ги поврзуваат – личноста што зборува во песната и мајка ѝ – но и ги одделуваат. Алките – „лузна по лузна“ – евоцираат буквални синџири, но и ДНК, клеточна структура, сврзните честички на суштествувањето – генетските врски меѓу мајката и нејзиното дете. Исто така евоцираат и огради, бариери – прагови што не треба да се преминат. Карсон нагласува дека конекциите се и контрадикции: да имате конекција значи да сте одвоени суштества. Во една друга песна таа прашува, „Во збирот на деловите/каде се деловите?“ Врските се важниот дел бидејќи тие трасираат. Карсон го оцртува ова трасирање низ циклусот така што користи слики на линии: телефонски линии, јажиња за сушење алишта, сидра, ’рбети на книги наредени на полица.
Излегувате од прекрасните, зимски, тажни стихови на првиот дел на книгата небаре од густа магла, само за да откриете дека таа е на работ на друга магла: спиењето. Следува „Секој излез е влегување (Пофалба на спиењето)“. Есејот е читање на спиењето (т.е. ги истражува ползите и значењата на спиењето) во поезијата на Китс, песната „Човекот-молец“ на Елизабет Бишоп, Хомеровата „Одисеја“, „Кон светилникот“, „Патувањето надвор“ и „Сенишната куќа“ на Вирџинија Вулф, „Розенкранц и Гилденстерн се мртви“ на Том Стопард и „Критон“ на Платон. Уште еднаш Карсон се занимава со спиењето како врска со смртта, но таква што се прикрива себеси како бариера. „Китс му дава на спиењето балсамирачко дејство. Ова значи две нешта: дека спиењето ги смирува и парфимира нашите ноќи; дека спиењето ја прикрива реата на смртта вродена во нас.“ Спиењето како маска, како „инкогнито“, ѝ дозволува на имагинацијата да согледа работи од некоја друга реалност. „Вирџинија Вулф ни нуди, преку спиењето, увид во специфичната празнина што ја интересира неа. Тоа е празнината на нештата пред ние да ги искористиме, увид во реалноста пред таа да биде ефикасна.“ Иако есејот донекаде прави меандри низ Хомеровата „Одисеја“, неговиот добронамерен ентузијазам е заразен. Да ги наречете есеите на Карсон „литературна критика“ (термин со премногу багаж) би било да му направите мечкина услуга на уникатното дело што таа го постигнува од есејот како форма. Но овие есеи, кои опфаќаат стотици години литерарна и филозофска историја, се таква критика во која уживате додека ја читате: досетливи, страстни, колоквијални, и целосно фасцинантни согледувања на писателите, уметниците, и нивните дела.
Во „Секој излез е влегување“, како и со многу од деловите што доаѓаат потоа, понекогаш е тешко да фатите чекор со Карсон. Понекогаш има премногу акорди за следење – премногу нишки на размислување, и премногу конци што се влечат од зад сликите, водејќи ги читателите низ филмски кадри небаре се крими-сцени, во кои нешто драматично и значајно – но и несредено и мистериозно – се случило.
Застранувањето во возвишеното и во филмовите на Антониони, „Пена (Есеј со рапсодија)“, фасцинира со својот лирицизам, и успева да ги понесе читателите напред, без разлика дали ги гледале филмовите на Антониони или го читале Лонгинус. Песните што следуваат, во делот наречен „Возвишености“, сами по себе се интригантна, одлична поезија, но успеваат и да повторат некои од идеите на претходниот есеј.
Либретата и театарските пиеси, како „Многу пиштоли“ и „Квадрант“, сепак, се потешки за проголтување. Да читате сценски перформанси – особено кога се авангардни – е малку како да ѕиркате низ прозорците на заклучена куќа и ги гледате клучевите на масата: не може да влезете без клучот; не може да го земете клучот без да влезете. Со други зборови, свесни сте, додека ги читате репликите и (ретките) сценски упатства, дека кога би ја гледале изведбата, текстот би се отворил. Се разбира, ова е една од темите на Карсон низ втората половина од книгата: внатрешното наспроти надворешното; замаглената линија меѓу актерот и сведокот. Изведбата во исто време е и поврзување и одвојување.
Овој предизвик, да се биде внатре и надвор од изведбата на овие пиеси, суптилно води во темите на крајните делови на „Декреација“, каде што Карсон го дава најдоброто од себе. Збунувачкиот наслов, „Декреација“, потекнува од Симон Вејл, и есеите на Карсон за Вејл, Сафо, и Маргерит Порет го интегрираат поголемиот дел од претходниот материјал во книгата. „Декреација“, според Карсон, читајќи ја Вејл, е „програма за тргнување на себеси од патот“ на Бога. Карсон ја интерпретира поезијата на Сафо, еретичкиот текст на Маргерит Порет од четиринаесеттиот век „Огледалото на простите души“ (за кој била запалена на клада), и дневниците и писмата на Вејл (сите од почетокот на дваесетиот век). Сиве овие жени зборуваат за триаголник – меѓу двајца љубовници и набљудувач, или меѓу бог, креацијата, и човечкото суштество – и сите, според Карсон, наоѓаат излез од нивните дилеми (сакајќи да се приближат кон или да го љубат Бога) така што се повлекуваат од Себството. Секако, сиве овие жени се занимавале со пишување, што е чин на себеспознавање, и Карсон на првите три есеја им додава четврти, во кој ја истражува оваа контрадикторност.
Во еден момент од есејот „Декреација: Како жените како Сафо, Маргерит Порет и Симон Вејл го познаваат Бога“, Карсон го прави тоа што повеќето книжевни критичари никогаш не го прават: го признава своето незнаење. Порет тврди за Бога дека „Неговата далечина е поблиското“. На што Карсон одговара, „Немам поим што значи оваа реченица, но кај мене предизвикува возбуда. Ме полни со восхит.“ Истото би можело да се каже и за читателите на делото на Карсон. Се чувствува, низ „Декреација“, дека со Карсон владее нејзината комплетна предаденост на јазикот. И читањето и пишувањето се можности да се разоткрие нешто скриено, нешто од витално значење за духовната и физичката човечка состојба. Карсон ни бега нам, нејзините читатели, од време на време, како едно од тие паметни девојчиња на игралиштето што со задоволство ве канат во нејзините имагинарни предели, но исто толку ѝ е пријатно и сама да си ги истражува. Но убавината на делото на Карсон е во тоа што никогаш не престанува да нуди возбуди – во изненадувачки, прекрасно формулиран исказ, или вџашувачка поврзаност меѓу прастар мит и сеќавање од детството. Понекогаш е доволен благослов едноставно да се биде „полн со восхит“ кон можностите на јазикот.

Превод од англиски: Магдалена Хорват

АвторАлексис Смит
2018-08-21T17:21:15+00:00 октомври 17th, 2007|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 56|