Мајсторот и коментарот

/, Галерија, Блесок бр. 46/Мајсторот и коментарот

Мајсторот и коментарот

(Александар Станковски, изложба во Културен центар „Точка“)

#1 Во дваесеттата година од здобивањето со академска „дозвола“ за професионално естетско возење на големите и малите теми низ сериозната иронија на животот и времињата, Александар Станковски изложува само деветнаесет слики. Случајно или намерно, но од начинот на мислење на уметникот, тоа поттикнува кон алузии за церемонијалиите во социјалната, политичката, верската и другите видови пориви за лични и колективни разновидни идолатрии, конечности, симболични обесмртувања во времето.
#2 Станковски ги прочитал знаците на своето време, ги мисли и ликовно ги практикува, и истовремено, во фрагменти, или во самите знаци на „новата“ ликовност покажува мајсторство од историчноста на автономното поле на сликарството. Само да се потсетиме на „Тајната вечера а ла Дизни“ од 1991 г. или пародијата за Хитлер (претендент за „сотер“-спасител), маркантни според темите и демистификацијата на „големите“ теми, прашања, личности, но и според коментарите на едуцираната и прониклива личност. Станковски ја применува и уметничноста на визуелните медиуми на XX век, од подвижните слики, па сè до „инфантилните“ магови на цртаниот филм, стрипот, карикатуралноста. Токму во овие медиуми „големите“ теми се ефектно извртени и сместени во „детските“ и авантуристичките вијуги на комуникацијата, и на тоа светот слатко се смее и во тоа „весело“ им се предава на истите прашања на доброто и злото, на сериозното и несериозното, на можното и неможното, на реалното и надреалното. Истите, завиткани во сериозност, строгост или божествени нормативи им буричкаат во совеста и кревкиот духовен багаж на луѓето. #3Станковски не останал рамнодушен а да не покаже, или да предложи, дека тие две линии се исти патувања, но со различно сценарио. Како патот за „знамето на лебот земски и лебот небесен“. Во тој измиксан израз, естетиката и духовноста (промислата) на сликата се целосни. И со еден хуморно-гротесктен сликарски израз, прашањата за религијата, сексуалноста и политиката во овие слики, ни ја отвараат меморијата за „чудото, тајната и авторитетот“, трите единствени големи земни сили од Големиот инквизитор на Достоевски. Прашањето пред што да се поклониш/потчиниш е отворено, но потребата и натаму е страсна. И во однос на ова, овие навидум лежерно стриповски слики, пробиваат со мисловна сила и за овие прашања од милениумскиот говор на Големиот инквизитор. Сериозноста и хуморот до иронија, овој уметник ги споил и ништо не им фали. Станковски е отворен за идеолошко-политички, социјални и етички теми од комплициран карактер во глобалните политички, цивилизациски, колонијални, религиозни, сексуални, локални, скопски, и други процеси на тн. слобода. Или слобода во зависноста. Дрвото на животот содржи сè, и е преполно со очигледности и тајни. Настаните се одвиваат одеднаш и постојано, паралелно и во неизбежни намерни или случајни, забележани или незабележани взаемности. #4Духовната линија и нагонската оска (страстите, сексуалноста и апетитите) се природни содржини, податливи за социјалните техники на политиката и црквата. Но се оди во двојки, па синтезата не е тројство, туку е пар со протезата. Исходите се само променети или поместени позиции. Доделувањето на сексуални и религиски конотации на „моќта“, има таква тн. универзална вредност што не би можела, а да не погоди во целта и во нашава стварност. Во точката што од Богомилството до денес, кај нас малкупати била вознемирувана, а индикатор за отворената свест се вели дека се еретизмите на здравата, и по можност ведра промисла, која во почетна и крајна линија, или во сопствената содржина, мора да се одбрани со естетското и духовното. Како во случајов!

АвторЉубен Пауноски
2018-08-21T17:21:29+00:00 февруари 1st, 2006|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 46|