Трасирање на Бога – Фред Џонстон

/, Литература, Блесок бр. 45/Трасирање на Бога – Фред Џонстон

Трасирање на Бога – Фред Џонстон

#1 Романот на Фред Џонстон е напишан и на англиски и на француски, со превод на Еоган де Хоух. Ова е роман-мистерија во кој сè започнува со наоѓањето на телото на една млада девојка во едно приморско село во Ирска, мистерија која се продлабочува и со климата и со средината на една заедница вглавена меѓу планината и морето. Атмосферата на затвореност станува уште посилна заради безимените ликови кои внимателно се исцртани, но остануваат анонимни.
Мрачните тајни на селскиот живот постепено се откриваат, тајните кои ги преде планината, која го одразува и менталитетот на селото и го заштитува од надворешниот свет. Откривањето на убиството се одвива преку личните сведоштва на оние кои се најмногу засегнати со него, барменот Брајан, свештеникот Отец Дермоди, и човекот во кого сите се сомневаат, вознемирувачки лик кој бил најблизок со младата девојка. Постепено, и со воведување на фразата која го открива неговото поетско перо, авторот прикажува серија на настани кои влијаеле на неговите ликови со години, вешто испреплетувајќи ги старите и новите приказни, старите и новите убиства, за читателот да ги разбере силите кои биле во игра, и кои, колку и да биле скриени, довеле до сегашната трагедија.
А потоа, тука се и споредните ликови, оние кои се дел од селото, а сепак далечни. Семејството Бартон, чии привилегирани животи го одделуваат од селаните на кои им служат во продавницата и во гаражата; мајорот, Англичанецот кој се населил во селото; Гвидо, емигрант чии деца го посетуваат училиштето; и Мени, старицата која води хипи живот и за која децата веруваат дека е вештерка. Исто така, како констраст се дадени локалниот полицаец и детективот кој е најмен да го истражува убиството, и младиот новинар кој без да сака е вовлечен во мрачните тајни на селото. Разрешницата е зачудувачка во својата комплексност, но кога виновниците ќе ги одведат, планината повторно станува „добродушна и безлична“, над селото. „Трасирање на Бога“ е потресен роман со комбинација на јазик исполнет со слики и интересната нишка на приказната.

Превод од англиски: Елизабета Баковска

АвторПолин Фери
2018-08-21T17:21:30+00:00 ноември 1st, 2005|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 45|