Надминување на поделбата

/, Литература, Блесок бр. 45/Надминување на поделбата

Надминување на поделбата

#1 Минатиот петок, Орхан Памук, најпознатиот писател на Турција, беше подложен на гротескен јавен срам. Етикетиран како „предавник“ од страна на фашистичките агитатори на кои полицијата им е истомисленик и не стори ништо да ги спречи, и под дожд од камења и јајца пред судот во кој требаше да му се суди за навреда на турскиот дух, тој остана мирен и достоинствен. На забавата која ја приредија неговите издавачи таа иста вечер, изгледаше опуштен, скоро весел. Такви беа и Хрант Динк, турско-американски новинар на кого есенва му се судеше во истиот суд, исто така за „навреда на турскиот дух“, и колумнистот, професорот и долгогодишниот активист за човекови права, Мурат Белге, кој ќе оди на суд на 7 февруари со уште четири други колумнисти обвинети за навреда на судството. Присуствуваа уште неколку уредници кои се соочуваат со обвиненија заради книгите кои ги објавиле, турски и европски активисти за човекови права, и десетина парламентарци од ЕУ кои, како и Памук, ги навредуваа и/или ги нападнаа фашистички агитатори во и пред судницата тој ден.
Ова не е првпат еден турски писател да страда заради своите отворени зборови. Назим Хикмет, големиот модернистички поет кој во 1950 година ја подели Меѓународната награда за мир со Пабло Неруда, помина поголем дел од својот живот в затвор. Кога една цела генерација на писатели се најде зад решетки по државните удари од 1971 и 1980 година, се одржаа во живот со рецитирање на неговите стихови. Во деведесеттите, кога армијата водеше војна против курдската ПКК на југоисток, клетвата се пренесе на Јашар Кемал, другиот голем жив автор во Турција, кој, како и Памук, често беше во конкуренција за Нобеловата награда. Тој напиша една статија за Курдите заради која беше прогонуван и осудуван на многу сличен начин како и Памук денес.
Скорешната валкана кампања ги вовлече двајцата автори во расправија со голем публицитет, заради која присуството на Кемал на судењето минатата недела доби толкава важност. Сите знаат дека тој беше таму не само за да го поддржи Памук, туку и сите писатели кои се осмелиле да го доведуваат во прашање националниот мит – дека Турција нема црни дамки во својата историја, дека патот кој мора да го следи е оној кој ѝ го зацртал нејзиниот основач, Ататурк, и дека нејзината армија никогаш не прави грешки. Порано или подоцна, најсериозните писатели се наоѓаат жигосани како предавници: во тоа лежи нивната важност. Она што го прави случаот на Памук различен е дека последиците доаѓаат толку доцна.
Сè до минатиот февруари, Памук уживаше де факто имунитет што државата го доделува само на оние кои имаат профил на Запад. За ова читај: моќни пријатели кои ќе дигнат врева ако нешто им се случи. Со имунитетот доаѓаат и одговорности, кои Памук ги сфати многу сериозно. Во деведесеттите, кога другите писатели ги затвораа бидејќи зборуваа за Курдите, тој сметаше дека би било погрешно да се молчи. Така, тој зборуваше, и зборувајќи, го олесни притисокот врз другите. Кога зборуваше, се разбира, беше под притисок да зборува за многу други каузи, од кои сите не беа подеднакво вредни. Литературните кругови на Истанбул обилуваат со приказни за неговата надуеност, но како негов пријател и преведувач, јас знам колку многу тој размислуваше за бескрајната низа на морални дилеми кои се истураа од неговиот факс. Ако нешто се чинеше важно, ако беше загрозен некој принцип, тој секогаш ќе најдеше време за тоа, без оглед колку долго ќе го отстранеше од работната маса.
Ова е моето разбирање за она што се случи минатиот февруари. На Турција конечно ѝ беше даден датум за преговори за пристапување кон ЕУ. Про-европската исламистича влада туркаше еден пакет на реформи, а старата монолитска република се движеше кон лабав секуларизам на иста линија со Европа. Се оформуваше едно основно демократско движење, и се чинеше возможно да се зборува за теми кои претходно се сметаа за табу.
Во овој контекст. Памук изјави за еден швајцарски весник дека „30.000 Курди и еден милион Ерменци се убиени во оваа земја, и никој освен мене не се осмелува да зборува за тоа“. За оваа реченица важно е да се запамети дека прво се појави во Европа, бидејќи при крајот на февруари имаше загриженост во некои делови од турската државна машинерија за „вистинската цена“ на влегувањето во Европа. Со ова не мислам на Џихад или на исламските фундаменталисти кои сакаат земјата да ја влечат кон Исток. Овие се секуларистите од старата гарда – кемалистичките авторитаријанци кои мислат дека нивната моќ ќе биде нарушена ако Турција успее. За таквата можност да биде далеку, им требаше скандал кој би бил на страната на анти-турските националисти во Европа, да се искористат поделбите за влегувањето во ЕУ внатре во владеачката партија, и да се зголеми лутината против ЕУ и Европејците во турското општество. Дали има подобра цел од писател кој е веќе славен и кај двете поделени страни?
Срамниот спектакл минатиот петок беше во согласност со овој план. На улицата спроти судот, најголемото фашистичко знаме (кое европскиот печат го игнорираше, но турскиот го проследи со голем интерес) со имињата на Памук и уште шестмината на кои им се суди заради тоа што зборувале за прашањето на Ерменците, и со етикети како „мисионерски деца“, што значи дека не се чисти Турци, туку вонбрачни хибриди, потомци на европските неверници.
За турските читатели, знамето е и потсетник дека многумина од 301-те обвинети се (како и многу други во деловните и професионални елити) едуцирани во странските училишта во Истанбул и во странство. Импликациите се дека не треба да им се верува. Тие имаат европски пријатели. А сега, тие им помагаат да ја преземат земјата. Ова обвинување одекна дури и кај умерениот печат: колку и да се згрозени од „нарушувањето на безбедноста“, повеќето колумнисти се согласуваат дека Европјаните нема што да бараат во судот, како прво. Дури и ако владата ги отфрли обвинувањата против Памук, луѓето зад обвинението ќе ја постигнат својата главна цел: ќе ги поттикнат стравовите на турската јавност од Европа.
Толку се важни писателите во Турција. Така нивните зборови се контролираат, се изопачуваат и се присвојуваат, Додека седам во својата работна соба во Бат, сигурна дека моите зборови никогаш нема да доживеат ваква судбина, во мислите постојано се навраќам на минатиот август, кога Орхан прво ни кажа мене и на мојот партнер за обвинението. Откако извесно време дискутиравме за него, го прашав Орхан на каков исход се надева. За момент се замисли и рече: „Сакам да можам да седам овде, на оваа маса, и да го водам разговоров што сега го водевме, и да знам дека никој не се секира за тоа.“

недела, 24 декември 2005 година
Гардијан

Превод од англиски: Елизабета Баковска

АвторМорин Фрили
2018-08-21T17:21:29+00:00 ноември 1st, 2005|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 45|