песна што нема намера ни претензии
да ти создава дополнителни тензии—
пост-апокалиптична песна што никој
и онака нема да ја прочита;
ја најдов откако си замина, кај вратата,
во мојата дланка стегната врз кваката.
Се беше скрила, уплашена,
во просторот меѓу прстите:
се намачив дури ја намамив да излезе.
А знам дека е твоја.
Мора да си ја оставил некогаш кај мене,
некогаш кога си ме држел за рака,
па си реков, може ќе сакаш…
да ти ја вратам.
Но, може и си заборавил како изгледа
и ќе мислиш дека е само изговор
писмо да ти пратам—
но не е писмо, гледаш? Ова е твојата
песна: напуштена, речиси мртва,
нешто како пост-мортем постскриптум,
нешто како залудна, пост фестум жртва.