Светлината на големиот Стораро наспроти сивилото на актулениот европски филм

/, Галерија, Блесок бр. 44/Светлината на големиот Стораро наспроти сивилото на актулениот европски филм

Светлината на големиот Стораро наспроти сивилото на актулениот европски филм

Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ (Битола, 20-25 септември)

#1

Најдоброто од овој фестивал е гостувањето на големиот директор на фотографија Виторио Стораро кого фестивалот го награди со „Златната камера 300“ за животно дело и му ја довери улогата на претседавач со жирито

Една фестивалска приказна, која во Битола, годинава се одржа по 26-ти пат, веќе по дефиниција (да не кажеме по инерција) се провлекува со стандардни протагонисти во името на седмата уметност. Како што овој фестивал е еден од ретките што ги слави луѓето зад камерата, така уште од првиот ден со леснотија ја снимате предвидливата фестивалска агенда. Релативно младите организатори од Друштвото на филмски работници, кои од пред четири години ја презедоа улогата на челници, успешно го реализираат техничкиот аспект на фестивалот. Нема задоцнети проекции, рекламниот спот е модерен и инвентивен. Програмата, според стариот и добар принцип, се креира од есенцијата на престижните европски филмски фестивали.
Традиционалниот селектор, Благоја Куновски, се води по тој принцип: филмовите може да се и од „кал“, но важно да се од некој престижен филмски фестивал. Така, видовме 12 филмови од новата светска продукција, од кои на едвај третина ќе се сетиме кога ќе го споменеме ова фестивалско издание. Можноста тие да се видат тука и никаде на друго место е единствениот епитет за програмата. Вистинско освежување беа краткометражните: шармантни, духовити, занаетски одлични.
#2 Најдоброто од овој фестивал е гостувањето на големиот директор на фотографија Виторио Стораро кого фестивалот го награди со „Златната камера 300“ за животно дело и му ја довери улогата на претседавач со жирито. Стораро, човекот кој ги сними антологиските филмови, со оскар закитените „Апокалипса сега“ на Френсис Форд Копола, „Последниот кинески цар“на Бернардо Бертолучи и „Црвени“ на Ворен Бити, како и „Последното танго во Париз“, „Чај во Сахара“ и „Малиот Буда“, меѓу другите, дојде на фестивалот, и нè почести со еден семинар.
Симпатичен, средовечен филмски маг, по малку арогантен.
Очигледно, (овој пат за наша среќа) суетата подеднакво се полни и во Битола и во Холивуд, па Стораро уживаше да одговара на долго и на широко на сите новинарски прашања. Ни раскажа дека Бертолучи, всушност, иако голем режисер – бил несигурен човек. За Копола, пак, дека е непоколеблив и дека за своето ремек-дело „Апокалипса сега“ потрошил милионски суми кои неколку пати го надминале предвидениот буџет, а на филмската екипа ѝ потрошил цели две и години за снимање. За својата најголема љубов, филмската фотографија, меѓу другото, рече: „Сите големи филмови претставуваат разрешување на конфликтот меѓу мракот и светлото. Не постои единствен правилен начин за самоизразување. Постојат безгранични можности за користење на светлото со сенки и бои. Одлуките коишто ги носите во врска со композицијата, движењето и нивните безбројни комбинации е она што претставува уметност“.
За обемната филмографија која почнал да ја исполнува како многу млад, Американското здружение на сниматели го награди многу рано со што стана најмладиот лауреат и втор добитник (по Свен Никвист), кој не е американски државјанин.
Полн погодок. На фестивалот дојде најдобриот директор на фотографија; веројатно од идната година можеме да очекуваме само лауреати од понизок ранг.

Европските филмски награди – доделени со политичко око

#4 Интелигентна одлука на организаторите: отворање на фестивалот со проекција на „Градот на Гревот“, новото остварување на Роберт Родригез. Не му е местото на овој фестивал, но комерцијалниот ефект се потврди. Ако ги одбиеме жалбите на повозрасните госпоѓи кои традиционално ги посетуваат – според нив сè уште „Манаќиеви средби“ – публиката беше воодушевена. За познавачите на делото на Родргиез, уште една приказна во негов манир, доволно возбудлива, визуелно коректна.
Но, за американската независна продукција на која ѝ се отстапи и повеќе простор од она што е вообичаено на фестивалот во Битола, се зборува одвоено од европската понуда. За филмот на Џим Џармуш, „Скршени цвеќиња“ единствената референца е дали го сакате или не овој режисер, а истото важи и за „Последни денови“ на Гус ван Сант, кој е бизарна сторија за претсмртните денови на трагичниот лидер на групата „Нирвана“, Курт Кобеин. Сосема различни од кинематографиите на стариот континент, „независните“ Американци со својот филм се одлична контратежа на комерцијалните блок бастери.
Канскиот победник „Детето“ на белгиските браќа Лук и Жан-Пјер Дарден во тандем со директорот на фотографија Алан Маркоен е дискутабилен на сите филмски нивоа. Дали и канското жири се „пали“ на црни приказни од „розовите“ земји или реномето кое го уживаат браќата Дарден ја донело конечната одлука е прашање за на друго место но за Битола беше позитивно само од информативен аспект.
#3 Лауреатот од Берлин, „Кармен од Кајелиша“, обид за мјузикл на дебитантот режисер Марк Дорнфорд, е експресивен поради јужно-африканските екстериери. Адаптација на операта Кармен, но субјективна перверзија на режисерот да ја смести во црнечки манир. Берлин, за да го докаже космополитизмот, најде уште еден начин за перење на колективната одговорност преку крунисувањето на овој филм.
Од француската кинематографија го видовме „Скриено“ на австрискиот режисер Михаел Ханеке. Интригантна сторија во француски стил, со одличен занаетски пристап.
„Еден ден во Европа“, на Ханс Стор е еден од оние филмови кои пленат со оригиналност на сценарио.
Делото на палестински режисер Хану Абу Асад и директорот на фотографија Антоан Хеберле, „Рај сега“, е искрена приказна за вистината на палестинските самубиствени бомбашки напади. Духовит приказ на апсурдот на сиромашните средини каде од безизлезност се посегнува по „идеологија“, па макар и по цена на животот.
Сè на сè, европските автори и натаму применуваат проверен рецепт: елементарна социјална приказна сликана во минималистичка атмосфера, со амбициозни актери и зачинета со духот на човечноста.

#6

Вака реши фестивалското жири:
Несомнено Стораро, кој го имаше последниот збор за наградите, од штурата понуда, „Златната камера 300“ му ја додели на условно „најуметничкиот“ од кинеската продукција, филмот „Паун“ каде извонредната фотографија е производ на Јанг Шу. „Сребрена камера 300“, доби директорот на фотографија Ален Маркоен за филмот „Детето“, а „Бронзената камера 300“ ја поделија директорот на фотографија Ричард Ленчевски за филмот „Моето љубовно лето“ и директорот на фотографија Ѓула Падош за филмот „Без судбина“. Специјалната статуетка која „Мосфилм“ за првпат ја донесе на фестивалот, комисијата му ја додели на Роберт Родригез за филмот „Градот на Гревот“.
Интернационалното деветчлено жири од филмски критичари и публиката се изјаснија за филмот „Скриено“ на режисерот Михаел Ханеке и директорот на фотографија Кристијан Бергер.

Атмосферата веќе видена. Во стандарден „битолски филм“.

Пред импровизираната фестивалска зграда (Домот на културата), на црвениот тепих во пет дена дефилираат сите – од протоколарните политичари, фестивалските гости до локални сеирџии…
#7 Јубилејот 100 години филм на Балканот ги донесе и доајените на македонскиот филм Бранко Гапо, Александар Ѓурчинов (не го видовме Столе Попов?), кои со оглед на нивната возраст имаа резервирано место во кафетериите (оние до тепихот) и создадоа атмосфера во која се мешаа времињата. Тие тажеа за „среќните денови“ на македонскиот филм кога жареле и палеле со буџетите на федерално ниво (од југословенската каса) додека новите генерации раздвижени ги бркаа странските автори за можна копродукциска зделка.
И едните и другите ги врзуваше студеното пиво или виски, сеедно. Се излегуваше во „Расчекор“ на техно и турбо фолк, и на џез и блуз свирки во „Порта џез“. На Широк Сокак дефилираа дотераните битолски моми.
Од „Браќа Манаки“ секогаш се враќате изморени, во обид да се видат сите филмови, конфузни, но од една убава приказна која ја креирате во свој филм. Или, како што рече рускиот режисер Владимир Климов, „Ваквите фестивали во многу нешта поискрено го слават филмот отколку оние гламурозните. Атмосферата во Битола беше прекрасна и навистина сметам дека ‘Браќа Манаки’ треба да биде ваша национална гордост“.

АвторАна Василевска
2018-08-21T17:21:31+00:00 септември 1st, 2005|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 44|