Порано

Порано

Порано
нешто: педесет и три
Љубов
Дневник на недните
Сите зборови на светот ми испарија од глава

Превод од словенечки: Лидија Димковска

Се качувам на малата железничка станица. Киоск со женичка, продавачка на билети.
Вагонот е полн со извидници и четиринаесетгодишни девојчиња. Брборат. Намуртено ги гледам под веѓи. Не одобрувам. Не им е грижа.

Возот застанува и застанува и застанува. Светот е низа од слики низ прозорецот. Луѓето влегуваат во него и во вагонот. Светот се менува како патеписно предавање.

Во аголот седи маж со долг врат и со јаболко. Гризе и чита верски четива. Намуртено гледам под веѓи. Онака.

Сонцето постојано ми блеска в очи. Возот најверојатно ги следи шините, шините најверојатно го следат сонцето, а сонцето дури и возот. Очигледно дека сè се свртело против мојата ништожност.

Се враќам. Таму веќе многупати сум бил, но сеедно, имам неповратен билет. Дремам, само што кондуктерот секогаш одново сака да го види продупчениот билет. Го мерка, се сомнева дека лично тој го продупчил.

Го отворам прозорецот, се наведнувам, вдишувам. Стар господин на другата страна суво поткашлува.

Дремката ја снемува. Не е далеку. Си го врзувам чевелот.

Убава ноќ. Би можел да се возам и да се возам и да се возам.

Се симнувам една станица порано.

АвторЈуре Новак
2018-08-21T17:21:21+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Поезија, Блесок бр. 51|