Роберт Крили, 1926–2005

/, Литература, Блесок бр. 42/Роберт Крили, 1926–2005

Роберт Крили, 1926–2005

Опсежен и богат беше допирот на Роберт Крили низ времето и просторот. Ги допре животите од едниот до другиот крај на планетата. Во текстот што следува, еден од водечките австралиски поети се сеќава на средбата со Крили во Синдеј во 1976, и на силното книжевно и лично пријателство кое потоа се создало. Овој напис прво беше објавен во Sydney Morning Herald на 16 април 2005, а потоа и во е-списанието Jacket, од каде што Блесок го презеде.

Роберт Крили, која на 78-годишна возраст почина од пневмонија и проблеми со белите дробови, во Одеса, Тексас, е еден од најзначајните американски поети на XX век. Беше учител, научник, и жестока личност: „На зборовите гледам, и на ништо друго, како на мој спас, и како човек и како поет“.

Само неколку денови пред да почине, Крили го одржа своето последно читање – во Шарлотсвил, Вирџинија – дишејќи низ она што го нарече „преносни резервоари за кислород големи како шише шампањско“. Помеѓу песните, Крили кажа некои едноставни нешта кои беа вистинити: „Имаше премногу војни и страдања во минатиот век. Мораме да научиме како да бидеме добри: добрината е она што нè прави човечни“.
Крили живееше во Провиденс на Род Ајленд, и беше истакнат професор по англиски на Универзитетот Браун. Директорот на програмата за уметности на Браун, Питер Гејл Нелсон, за него рече: „не беше реткост што е голем поет, беше уште поголема реткост што беше голем како личност. Претставуваше возбудлива појава“.
Претходно, Крили беше професор на Унивезритетот Бафало во државата Њу Јорк, и тоа повеќе од 20 години. Чарлс Бернстин, поет и поранешен колега од Бафало, изјави: „Занчењето на Крили во американската поезија е огромно“.
„Едноставно не можете а да не го сакате светот во кој се случува Роберт Крили“, запиша Том Пикард, негов пријател од Британија.
Крили имаше големо влијание врз австралиската поезија. Го посети Сиднеј во 1976 и многумина се сеќаваат на неговите читања и предавања, придружени со неговите страсни гестикулации. Крили напиша 60 книги, од кои Собрани песни на Роберт Крили 1945-1975 и најновата, Живот и смрт (Life & Death, 1989) се нашироко достапни кај нас. (Издавачот New Directions ја објави неговата последна книга Доколку јас го пишував ова [If I Were Writing This] во 2003, но таа книга не е достапна низ целиот свет).
Крили преобрати многу студенти кои беа насочени кон самоуништување, на овој или оној начин. Мене ми го смени животот кога дојде во Сиднеј, укажувајќи ми дека мојот австралијански акцент е далеку поточен отколку јазикот на мојата поезија од тоа време, напишана под силно влијание на американскиот поет Роберт Данкан. Откако Крили замина од Сиднеј, напишав една од моите најпопуларни книги, Од каде што доаѓам (Where I Come From). Пишувањето ми беше лесно како говорењето, бидејќи Крили ми даде дозвола да бидам свој кога пишувам.
Роберт Крили е роден во Арлингтон, Масачусец. На возраст од две години, го загубил видот на едното око во сообраќајна несреќа. Татко му, познат локален лекар, умрел од запаление на белите дробови неколку години подоцна. По овој настан, мајка му се вработила како медицинска сестра, со полно работно време. Се преселиле на една фарма надвор од градот и живееле тежок живот.
Загубата на окото и смртта на таткото длабоко го погодиле Крили. Во првата половина на својот живот патувал како отпадник, а тешките опивања често го доведувале до тепачки со пријатели и непознати. Крили понекогаш бил бесен младич кој сакал „светот да се смали до оган од чкорче“.
Го примиле на Универзитетот Харвард во 1943, но кога неговите предавачи му оневозможиле да ги изучува Харт Крејн и Волт Витмен, почнал да оди по џез клубови каде што ги слушал Чарли Паркер и Телониус Монк. Ги читал Езра Паунд и Колриџ, заедно со англиските јакобински лиричари кои наскоро ќе влијааат на неговата поезија. Поетот Деламор Шварц, еден од неговите учители, му укажал на поетот од XVII век, Хенри Вон, кој станал трајна инспирација.
За младиот Крили универзитетот бил неинспиративен; како што растела љубовта кон џезот, така му се намалувале оценките. Конечно, решил да крене раце од сè. Во неможност да се пријави како војник во Втората светска војна поради проблемот со видот, се зачленил во Американската теренска служба и возел амбулантно возило во Индија и во Бурма.
Се вратил дома со два ордени, и иако повторно го примиле на Харвард, пак се отпишал непосредно пред да дипломира во 1947. се оженил со својата прва сопруга, Ен Мекинон, и се преселиле на фарма во Њу Хемшир каде што одгледувал гулаби додека се обидувал да основа поетско списание. Им се обратил на поетите Паунд, Чарлс Олсон, Вилјам Карлос Вилијамс и Луис Зукофски и побарал да му испратат текстови за објавување. Сите ги пратиле своите дела, но списанието не излегло од печат.
Како и да, поетите на кои им се бил обратил му станале пријатели и доживотно влијаеле на него, особено Олсон, со кого Крили има остварено една од најзначајните преписки во современата поезија. Олсон го запознал со Данкан и со Денис Левертов, кои исто така му станале доживотни пријатели. Крили живеел во Франција, Шпанија, Финска и Гватемала во одредени периоди, а потоа неколку години минал во Ново Мексико.
Се запишал на колеџот Блек Маунтин во Северна Каролина, на покана на Олсон, ректор на установата, и додека студирал за да дипломира уметност, го уредувал списанието Black Mountain Review. Во ова списание биле објавувани не само поетите од Блек Маунтин, туку и поети од бите генерацијата, како на пр. Ален Гинзберг.
Блек Маунтин, основан во 1933 како независна, ко-образовен четиригодишен колеџ, е првиот од таков вид во Америка. Применувајќи демократско само-управување, опсежна работа во доменот на креативните уметности и интердисциплинарните академски студии, меѓу неговите вработени и студенти биле и сликарот Џозеф Алберс, композиторот Џон Кејџ – кој во 1952 токму таму го извел првиот мултимедијален „хепенинг“ – и архитектот Букминестер Фулер кој таму ја изгради првата геодезиска палата во 1948. Во одборот на директори биле и Алберт Ајнштајн и Карлос Вилијамс.

АвторРоберт Адамсон
2018-08-21T17:21:33+00:00 мај 1st, 2005|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 42|