Љубовта на Наумчета Тренески

/, Литература, Блесок бр. 41/Љубовта на Наумчета Тренески

Љубовта на Наумчета Тренески

Солунка Дичоска ќе влезе во кералчето кај бурињата, ќе ја пушти сламката низ некој чеп и ќе си тргне неколку голтки ракија. Не тргнува низ сламката многу, туку толку колку што ѝ носи душичката, како некој маж појден на косење што истерал десетина караци. Што е денеска за душичката на Солунка Дичоска една полока ракија, од џагалки, преварена двапати. Цел ден тупоти низ куќи како да е главена. За ткаење и за предење тука е, за нижење тутун око не ѝ трепнува. А за пусти манџи никоја жена не може да ја замени. Ќе ти направи манџа, кога ќе каснеш прстите да си ги изедеш. Затоа беше прва месарија во црквата Свети Танасија.
Ќе дојде сведен и Солунка Дичоска ќе се промени во невеста во срмена кошула, со клашеник кически, со шамија ресена, и еве ја пред куќи со жените, или в црква до манџите. Што дека има шеесет години и што дека е премажена и пак останата вдовица домазетица. Што дека има накучено и синови и ќерки. Црвена е во лицето Солунка Дичоска како лубеница. Здрава е како трн. Земи ја за песнарка, ќе ти ја обели трпезата, земи ја на танец ќе ти го личи орото. И зошто да не потпивнува ракија од џагалки, преварена, кога си е здрава како трн. Зошто да не се променува секој ден во кошула срмена со клашеник кически, кога ковчегот во кералчето до бурињата крцка со кошули и клашеници.
Утре ќе умре, барем да се изнаноси како што ѝ сака душата, тагувала што тагувала годиње со ред, како што сакала судбината, од турско до српско и до денешно. Ги има измажени и изженети и ќерките и синовите. Сега е една душа, една круша, го удрила умот на триипол, му ја држи куќата на синот постар и не си реди мерак на душата.
Наумче Тренески ја гледа развеселена кога го соблекува прво клашеникот и појасот, со ред до здолницата и до снагата никогаш неогреана од сонце, а после вади нова здолница од ковчегот од ленено платно, порабена со кадифе, ја облекува преку глава, на здолницата облекува кошула везена на раце, на кошулата го опашува појасот и ја врти главата за да се види одзади како е променета. Наумче ја гледа целата пред себе, преку плотовите, зад ѕидовите од кералчето, до ковчегот и си разговара самиот со себе:
– Дојди мори Солунке во млакиве, престапи мори преку ограѓево, само да те потчукнам еднаш одзади по кошулата, ќе ти дадам што ќе ти посака душата!
Не е толку глупав Наумче Тренески, знае што прави. Не го задеваше туку така Јанкула Темјанин за Солунка Дичоска.
– Да ја помазниш, бре Наумче, одзади со дланката, по машки, цела недела ќе ти жежи раката – му велеше Јанкула.
А жените што имаа наслушано кај мери умот на Наумчета кога ќе го сретнеа по патот ќе се поддупнеа меѓу себе и ќе си речеа колку да ги чуе тој:
– Пуста Солунка како момичка, наружана по Солункино!
Затоа Наумче се курдисал под оревот во млаките и чека да слезе Солунка Дичоска. Што бара Наумче Тренески да си оди дома. Куќата си е куќа. Креветот стои натокмен во ќошот, покриен со веленце власато. Перницата е полна со слама `ржаница, огледалото е обесено зад печката до камарчето. Столовите не сакаат јадење. Ништо не му вреска на главата – ни куче, ни маче. За ќошот од куќата што му го турна ветрот ќе го викне еден ден Угрина Ангелески, ќе му го покрие. До дождовите и до снеговите има време. Најубаво е да си седи под оревот во млаките и да си прави убавини на душата. Пензијата на први ќе дојде пак, ќе ги здипли илјадарките во шамивчето и со нив ќе истера четири недели.
Што бара да се ветрее дома по ден, кога може да лежи под оревот како бег. Има време дури да полегнат сите во селото, дотогаш може да ги поистегне нозете на лединчето. Можеби ќе излезе Солунка дотогаш, да ги обесува низарките од тутунот, или да зема трески од бавчата за да готви вечера. Сака да ја дочека Солунка да излезе одоздола, од кај млаките и да се накашла колку да го чуе дека се вртка околу оревот. Многупати ја гледал пред куќи од кај патот седната спроти сонце со жените, или ноќе на месечината. Сега наумил да ја види од кај млаките. Само да излезе и да го чуе кога ќе се накашла. Ништо повеќе не треба. Тој знае што да ѝ купи од пензијата. Негова работа. Затоа е поарно да се тегни под оревот дури да згасне последната ламба во селото. Што бара да се враќа дома кога не го чека никој. Креветот е послан со најубавото веленце со реси, вапцано црвено, огледалото си стои обесено на ѕидот испогането од муви, пенџерето е подотворено и потпрено на мандалчето. Леб има во ношвите уште за една недела. Ако се скамени ќе меси друг. Сега барем знае како се меси леб. Дваесет години вртел тесто низ рацете и од јачмен и од `рж и пченкарно. Сега барем може со пензијата да купи фабрично. Што ќе му е да ора и да копа кога може да јаде бел леб. Оние што ораат и што копаат не јадат поубав леб од него. Син му Косте отиде што отиде во партизанското во Клеонец. Векот си е век и треба да се турка. Друго што може да прави сам човек, без стопанката. Жив в земја не може да влезе. Барем со пензијата некако ќе го мати умот, ќе прпелка.
А што ќе биде ако ѝ пресечи умот на Солунка Дичоска и ако прати абер по мува до Наумчета Тренески, да си побегне една вечер кај него, да му биде домаќинка, да не аргатува повеќе кај посинокот како домазетица за еден касај леб. Ќе заличи куќата на Наумчета Тренески.
Туку најубаво е да скокне Наумче до дома да се поддотера малку и да се поизмазни пред огледалото и да си поразговара самиот со себе. Што значи за Наумчета една домаќинка како Солунка Дичоска. Доста е само што ќе му чади оџакот и што ќе му биде отворена вратата. Ако беше за аир доста беа дваесет години така поминати. Еј, дваесет години, една младост, да седиш сам меѓу четири ѕида без порода и без стопанка, како ут заутен.
Во право беше Јанкула Темјанин кога го задеваше да ѝ поткупи нешто, да ја подмами. Затоа Наумче Тренески можеби стоти пат стои пред оглдалото избоцкано од муви, се мазни и си разговара со умот.
– Убав сум, мори Солунке, уште здрав како прч, зошто не ме сакаш. Само со шеќери ќе те ранам. Дојди, заличи ми ја куќата, доста аргатува за еден касај леб!
Солунка ќе појде вечерта на вода со стомните, ќе помине покрај куќата на Наумчета Тренески и ќе погледа срамежливо кон прозорчето подотворено. Ако не го види Наумчета измазнет на прозорчето, ќе го види кога ќе оди по трески во бавчата, зашто Наумче пак ќе се врати на старото легало под оревот. На враќање, во мрчкото, ќе помине покрај треските Солункини и ќе пикне во нив едно шише со шуруп купечки. Ќе го најде Солунка кога ќе крева трески за огништето и ќе се сети дека е од Наумчета Тренески, од пензијата негова, ќе си го остави прегратчето од ковчегот и кога ќе биде сама дома ќе си потпивнува од него за да си ја облажува душата.
Отсега така ќе прави Наумче Тренески секој ден, а Солунка Дичоска човек е, од месо, обрач да е од железо ќе попушти. Наумче така прави и така мисли секој ден и под оревот во млаките и пред огледалото кога се мазни. Солунка знае дека Наумче Тренески не ја ваѓа од умот и уште повеќе му ја пука душата. Ќе подизлезе на чардак или потрески во бавчата, ќе стутка некое шише или шеќерите од Наумчета во скутникот од треските и ќе се пикне во кералчето од долното вратниче.
Сама беше научена Солунка Дичоска да пие ракија, а Наумче Тренески ја научи да зоба шеќер со грсти. Многу поубаво се пие една полока преварена од џагалки со шеќер. Видра е Солунка Дичоска за тие работи. Така ѝ беше дури му ја фати посоката, а сега може да го молзи како крава молзница. Нека стои Наумче Тренески пред огледалото или под оревот измазнет и нека си зборува со сестрите:
– Излези мори Солунке по месечина во Бавчите, излези по здолница мори душманке.
Солунка Дичоска не може да излегува во бавчите по месечина по здолница и затоа не може да му рече на Наумчета Тренески: – да би те обесиле на оревот, уту еден утусан, дете имаш закопано во Кленоец, јунак двајсетгодишен, јас сум го задојувала.
Само едно сениште како од приказните ќе слези од кај гробиштата во мрчкото и ќе му ја столчи душата на Наумчета Тренески на камчиштата крај речиштето во млаките. Кога ќе клепни камбаната селаните ќе разберат дека Наумче Тренески остинал. А Солунка Дичоска, ако не ја прости господ случајно пред Наумчета Тренески, ќе му биде месарија.

АвторТрајан Петровски
2018-08-21T17:21:33+00:00 март 1st, 2005|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 41|