Средба во самрак

/, Литература, Блесок бр. 40/Средба во самрак

Средба во самрак

Двосмисленоста на здодевната историја

Русоовата сентенција Среќен е оној народ чија историја се чита со здодевност обично се толкува како желба за немање војни, немири, потопи. Можно е, меѓутоа, здодевноста да настапи и со упорно и монотоно повторување на слични настани, па макар тие настани, во основа, и да немаат карактер на здодевни. Сакам да кажам дека монотонијата на постојаното повторување на непријатните настани ја нема онаа леснотија на здодевноста која го донесе истерувањето од рајот и која е, покрај безделничењето, верен придружник на среќата. Но, како што човекот судбина го нарекува само она што го сотира, иако и среќните случајности се плод на судбината, така и за здодевност, општо земено, се смета само монотонијата на пријатните доживувања. Се вели, толстоевски, дека само несреќите се посебни, дека сите среќи се исти, а дека несреќните семејства и земји се несреќни секоја на свој начин. Хајне не би се согласил со Толстој. Секоја несреќа е familiengluck. Босанската несреќа е несреќа на распнатоста: за Исток, дива граница и бунтовен предѕид, за Запад, ѓаволски остров и темната страна на месечината.

Тежината на чадот

Но, двосмисленоста на здодевноста не е единствената историска двосмисленост. Сета историја е своевиден амбигвитет. Сите народи имаат своја историја. Да се оствари Раселовото Let the people think е недостижно како и онаа држава на неговиот древен земјак во чие име се крие нејзината недосегливост: Утопија. Херојот секогаш е и злосторник. Англискиот благородник и славен морепловец, за Шпанците е пират и разбојник. Сигурно е единствено тоа дека го донел тутунот во Европа и дека ја измерил тежината на чадот одземајќи ја од претходно измерената тежина на цигарата, тежината на догорчето и на пепелот, откако ја испушил цигарата. Тутунот како земјоделска култура во Босна односно Херцеговина е донесен од страна на Али-паша Ризванбеговиќ – херцеговски султан и црногорски крвник, лут противник на владиката Петар II Петровиќ Његош – црногорскиот Соломон и поет на колежите.

Вилкинсон

Гарднер Вилкинсон (Gardner Wilkinson), опашан со меч, според чесната семејна традиција (чиј ироничен контрапункт и опачина се видливи од амблемот на индустријата за жилети), патувајќи по Херцеговина и Црна Гора си поставил себеси благородна задача да посредува меѓу Али-паша и Његош и да придонесе да се укине грдиот и варварски обичај на сечење глави, кои потоа служеле како трофеи. На едно место, Вилкинсон вака го толкува настанувањето на неговиот за пофалби вреден порив: Признавам дека искрената желба таквиот обичај да се укине ми се јави кога отидов на Цетиње и видов дваесет турски глави, а тоа чувство не се смали ни кога во Мостар видов исти свирепи трофеи. По еден разговор со Али-паша, Вилкинсон вака му пишува на Његош: Му објаснив, исто така, дека овој обичај ја прави војната уште поогорчена и ѝ дава карактер каков што нашите војни немаат. Но Његош и Али-паша останале глуви на Вилкинсоновите лелеци, како соживеаноста со можноста за загубување и на сопствената глава во истиот конкретен и метафорски регистар да им давала некој вид потребна студена смиреност, речиси задоволство. Велат дека Његош, огледувајќи се во барокното венециско огледало, полугласно рецитирал пригодни стихови:
Црн мустаку, каде ли ќе скапеш
Дал во Мостар или, пак, во Травник?

(Друга работа е, меѓутоа, тоа што, според Вилкинсоновите аргументи, сечењето глави било нешто сосема туѓо на западноевропската цивилизација, а само неколку децении го делеа од револуционерниот метеж на улиците на Париз, од гилотините и од дивеењето на толпата со отсечените глави.)

Историска забелешка

Чии биле дваесетте глави за кои говори Вилкинсон? Чии тоа глави биле експонати на таа своевидна цетинска изложба? Можно е да биле главите на оние Али-пашини пратеници што ги испратил на преговори со Његош, а кои луѓето на владиката со измама и од заседа ги заклале на местото наречено Башина Вода. Ги убиле сите пристигнати бегови, освен еден, а главите им ги зеле како трофеи. Но, меѓу беговите го немало оној кој ги водел, бегот Ресул-беговиќ. Тој останал во Никшиќ, оправдувајќи се со болест како школник и така си ја спасил главата. Но спасувањето на Ресулбеговиќ преданието го припишува на нешто друго. Го припишува на еден самрачен разговор.

Јавачите и пророкот

Колоната угледни коњаници полека се движеше по суровиот пејзаж на херцеговскиот камењар. Патуваа веќе неколку дена и до одредиштето им беше потребно да јаваат уште неколку. Можеа да се насетат сонцето во зенит, пеколната жештина, црцорењето на жужалците (како навивање на милион рачни часовници, како што рече поетот со пророчко име), далечниот шум на реката, застојаниот воздух, уморните коњи, потта на челата под турбаните, полузатворените очи, сувите усни, ритмичниот топот на копитата, влажните раце на уздите, контурите на планините, нежното навестување на самракот. Напоредно со заоѓањето на сонцето на запад, на источниот хоризонт се појави чудна силуета на висок и слаб маж, кој чекореше потпирајќи се на долг тисов стап. Како што се приближуваше, на најнапред нејасното лице почнаа да се истакнуваат карактеристичните црти: сини сонливи очи, високо издолжено чело, жолтеникава неуредна брада, долги тенки мустаќи, бледи завратени усни. Имаше шеесетина години. Одеше во партали, како просјак. Беше бос. Сега веќе сите можеа да го препознаат. Тоа беше Мате Глушац за кого и до ден-денес во Херцеговина се раскажуваат легенди. Велат дека се родил во селото Корита во 1774 година. Живеел сам, му помагал на крстот и на некрстот, гатал, лекувал, пророкувал. Според народните преданија, никогаш немал своја куќа, не се женел, секогаш постел и читал молитви. Имал по нешто од страстите на еврејските проповедници од Стариот завет, од езотеријата на келтските друиди, мистичноста на волшебник од 1001 ноќ, питорескноста на Јован Крстител, аскетизмот на монах, магијата на шаманите, вербата на дервишите, харизмата на rock идолите, сиромаштвото на древните францисканци, влијанието на племенските гаталци, достоинството на свештник, бојазливото почитување на лудак, смиреноста на мудриот старец од кинеските бајки.

Драматично претскажување

Бегот Ресулбеговиќ со насмев го поздрави својот стар познајник: Да си ми жив и здрав, Мате.
Овој му отпоздрави со простодушност и спонтаност на еден слабоумник: Каде си тргнал, бегу?
Кај владиката во Црна Гора, нè праќа Али-Паша, –
рече бегот со поднамуртен глас, правејќи се лут како кога се разговара со дете.
Очите на Мате се раширија, и тој, гледајќи некаде зад бегот, почна да зборува брзо како да рецитира научен текст: Слушај ме бегу, ти нема да го видиш владиката, ниту ќе разговараш со него, а останатите, освен еден, ќе го видат на две места. На првото ќе разговараат и ќе се гледаат еден до два часа, а на другото ќе се гледаат цели два месеца, додека очите не им испаднат.
Сега и бегот и Мате Глушац молчеа. По некое време, бегот му се обрати како во транс: Што рече, Мате?
На Мате лицето му се олабави, а погледот му се избистри. Ништо, бегу, но и ако нешто сум рекол, не се сеќавам повеќе.
Мате потоа продолжи, не свртувајќи се, како посакуваниот и недостижниот несомничав Орфеј, а бегот, на коњот, долго гледаше кон него, како статуа од сол или како Евридика на Пегаз.

Феноменологија на самракот

Самракот одненадеж го прегази полето. Мракот ги издолжува сенките и силно придонесува за сивилото.
Ноќта на зборовите и на предметите им дава димензии коишто дење ги немаат.
Јин го сменува Јанг – би рекле Кинезите.
Пулсот се забавува, крвниот притисок опаѓа, настапува времето на парасимпатикусот – велат лекарите.
Се будат инфантилните стравови и наследените инстинкти од предците – тврдат психоаналитичарите.
Twilight Zone – најавува телевизијата.
Утрото е поумно од вечерта –
повторуваат селските мудреци.
Нема поголема тага од кога акшамот паѓа – тажи севдалинката.
Поетот открива: Темнината е крвта на ранетите ствари.
Друг поет додава: Во самракот девојките пеат.

Спасоносноста на празноверието

Неблагодарно би било да се нагаѓаат беговите мисли како и да се проценува колкаво било влијанието на претскажувањето за неговото останување во Никшиќ. Факт е дека тој останал во Никшиќ, а дека останатите бегови го продолжиле патувањето со познатиот крај на Башина Вода, каде што претходно разговарале со владиката еден до два часа. Сите нивни глави, освен на еден (кој, можеби, бил поштеден за да ја одигра улогата на несреќниот Фидипид) биле однесени на Цетиње и таму можеле да гледаат во владиката цели два месеца, додека очите не им испаднале. Веројатно два месеца се оној интервал после кој од отсечените глави испаѓаат очите. Можеби би било занимливо да се замисли ситуацијата која би настанала бегот Ресилбеговиќ да не се повинил на предупредувањето, па да не останел во Никшиќ. Дали сепак би се спасил? Онаа фидипидска улога тешко дека нему му била наменета, бидејќи тој во она пратеништво можеби бил и најголемиот угледник. Но, исто така, се чини погрешно Матевото претскажување да се нарекува предупредување. Случајот не е како оној на Цезар и на Мартовските иди. Мате не го советувал бегот Ресулбеговиќ да се чува, тој, едноставно, му ја читал иднината како од дланка. Оваа легенда сепак е послична на она англиско предание според кое селанецот визионер Роберт Никсон (Robert Nixon) ја наслутил победата на Хенрик VII над Ричард III. Тоа пророштво се случило за време на нивната решавачка битка, изречено е стотина километри далеку од бојното поле, во зафрлено село каде што за таа битка воопшто не се ни знаело. (Оваа приказна ја споменува Кит Алис (Keith Alis) во делото Prediction and Prophecy.) Но, сепак, средбата на Мате Глушац и бегот Ресулбеговиќ е различна и од оваа англиска приказна, бидејќи Роберт Никсон игра само улога на набљудувач и не стапува во контакт со учесниците, како што е различна и од Мартовските иди, бидејќи не нуди можност за избор. Мате Глушац е неумолив како судбината. Но, сепак, се поставува прашањето: дали нешто друго би го запрело бегот да го немаше Мате? Дали тоа што од порано било определено сепак би морало да се случи на каков и да било начин или имплицитното предупредување од пророштвото самото себеси си обезбедило остварување? Дали Мате му се обратил на бегот од благодарност поради неговата љубезност и така го спасил? Дали претскажувањето било само читање на порано запишаното или спасоносна исправка. Било како било, бегот, останувајќи во Никшиќ, останал жив. Тоа е користа што ја пружаат празноверијата, а таа не е за потценување.

Завршна белешка

Мате Глушац умрел во својата деведесет и шеста година. Се зборува дека ја предвидел и својата смрт. Погребан е крај црквата Света Текла во Даниловград. На неговиот гроб нема никаков запис, но од него изникнало огромно дрво со пречник поголем од еден метар. Владиката Петар II Петровиќ Његош и Али-паша Ризванбеговиќ умреле во 1851 година, од историска гледна точка, значи, во истиот момент, како од борба исцрпени противници или како митските несреќни љубовници. Енциклопедиите, кои ми се достапни до овој момент, не ги споменуваат Ресулбеговиќ и Вилкинсон. Но недостатокот на споменативе енциклопедии повторно го докажува генијалниот автор на Die Welt als Wille und Vorstellung споменувајќи го во една фуснота во склопот на Втората книга на ова дело токму овој ист господин Вилкинсон. Со ова Артур Шопенхауер (Arthur Schopenhauer) ми направи редок комплимент, а бидејќи во истата фуснота се повика на лондонскиот Тајмс (Times) уште појасно, посуптилно и попластично ми ја прикажа чудната и мистериозна утеха назначувајќи ги покрај сè и контурите на feu follet, довикување на суетните осамени сензибилитети во моментите на озарувањето.

Post Scriptum

Откако оваа приказна беше првпат објавена, читав книга во која се споменува и бегот Ресулбеговиќ за кого неколкупати морало да ми падне на памет дека е само личност од легендите штом неговото име никаде не можев да го најдам. Книгата се вика Кристални решетки, а ја напишал човекот кому му е посветен Ножот со рачка од ружино дрвo.

Превод: Ружа Димишковска

АвторМухарем Баздуљ
2018-08-21T17:21:34+00:00 јануари 1st, 2005|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 40|