Честит роденден

Честит роденден

Сепак морав да ги отворам очите. Јорганот беше врел и лесен; тежините во мојата глава се бркаа наоколу, како да го мерев пулсот на сопствениот крвоток. Тапа болка ми се имаше вгнездено во тилот. Ако ги отворев очите, знаев дека ќе почувствувам вртоглавица. Се обидов да заспијам повторно: саат или два би биле бонус, поштеда од првиот, најужасниот стадиум на трезнењето, кога ништо не каде што треба да биде, кога дури и најслабата искра од сила исчезнала, кога за секое движење треба пет пати повеќе енергија и концентрација, и нема воопшто да биде изненадување ако еден од овие денови, во некојваков момент, светот се преполови на две.
При првото мое движење, за да се напијам чаша вода и можеби аспирин, експлозија на студен воздух се мушна под постелнината. Се згрчив, се стресов. Потоа ме обли бран жештина, и веќе се капев во пот. Го кренав јорганот со нозете неколку пати, за пак да се стресам и да се препотам, да ги испотам отровите. Со секој нов бран жештина, си замислував како растрошеноста испарува од мене во јорганот, а кога една бовча од тоа ќе се префрли во него, ќе скокнам од креветот.
Насетив навев од посебна миризба, арома на застојан веш и облека; подот испушташе студенило.
Три дена го славевме мојот роденден; така е веќе со години, и ако го издржам ова, навистина ќе биде како пак да сум се родил.
Го напуштив станот заедно со другите на првата ноќ; сите бевме орни и трезни, излегувавме и влегувавме од една во друга кафеана. После третиот ден, самата помисла за мирисот на рибјата чорба која беше оставена во мојата кујна беше застрашувачка. Веројатно некаде ќе се средам, можеби овде, и ќе се вратам дома. Не можев да поднесам повеќе; минатата ноќ, во дождот веќе почнав да гледам мали, искричави самовили во светлината на бандерите.
По некое време се почувствував подобро и ги подотворив очите. Во собата сè уште беше темно; можев да го чујам звукот автомобилот кој со своите фарови расфрла ленти од светлина низ процепите на ролетните. Не се мрднав. Поминуваа сè повеќе и повеќе коли: мора да е пред мугрите, си помислив. Лежев на неколку чекори од прозорецот. Очите ми беа болно слепени; лентите од автомобилите пливаа наоколу, како стадо зебри да се спрепнуваа по ѕидовите. Навикнат сум да живеам во повеќекатна куќа а таму не се гледаат често вакви работи, си помислив, а веднаш потоа се прашав каде ли сум сега, по ѓаволите, ете уште една беља.
Се силев да станам и да се напијам чаша вода кога нешто ме сепна во тилот. Како да сонував. Не мрднав ниеден мускул. Мала тежина од она нешто ме полази по вратот. Се чинеше дека некое суштество се обидува да ми влезе в глава, токму на она место каде тапата болка татнеше. Нежно се повлеков напред и се завртев. Лежев во брачен кревет, а некој спиеше до мене; се гледаше само врвот на нечија глава, косата во прамени расфрлана по перницата, и една долга рака чии врвови на прстите се лизгале по мојот тил.
Четвороножечки се извлеков од креветот. Веќе зазоруваше, а во собата сигурно не беше потпопло од неколку степени пред смрзнување. Си ја најдов облеката до креветот и се облеков, но не можев да си ја најдам чантата.
Местото ми беше непознато, но не ме изненади; веќе се бев навикнал на такви работи и низ магла си помислив, ете уште една беља…
Излегов од собата и во кујната се напив малку вода и го заплакнав лицето. Од кујнскиот прозорец можев да погледнам во двор каде што имаше купови суви, насецкани дрва, а покрај нив малецко дрво, можеби цреша. Небото беше облачно и есенската слана се беше истурила врз стеблото на дрвото. Излегов во дворот да земам малку воздух. Човекот од соседната куќа ме поздрави, и јас му отпоздравив.
Влегов во куќата за да ја побарам чантата па да тргнам дома. Се раздени додека барав. Ликот во креветот се промешколи, ја навлече постелнината преку главата, но не ги отвори очите. Старец. Се гушеше, обидувајќи се да си ја проголта плунката. Мојот страв одеднаш ја исполни целата куќа. Немав идеја како сум се нашол овде, ниту пак кој може да биде старецот покрај кого спиев. Се обидов да ја ископам последната слика од сеќавањето, но веќе не можев да си припомнам во кој ден се случило она на кое што се сетив.
Со голем напор, стариот напола се заврте во креветот и рече нешто со пискав глас, речиси низ шепот и липот: „Дојде?“.
Не знаев дали си зборува себеси или, пак, од мене се очекуваше да одговорам. Се почувствувам дијаболично. Уште неколку мига напнато се двоумев во врска со мојата чанта, пред да одлучам дека не е важна, главно беше да фатам магла. Уште се не бев решил, кога еден автомобил застана под прозорецот и ги исклучи светлата. Повторно почнав да се потам, во моите влажни и смрдливи алишта. Бев толку настапен што целиот се тресев. Беше предоцна да излетам од куќата. Мора да се скријам, помислив. Но, сета куќа се состоеше од само две соби; немав каде да одам. Погледнав низ прозорецот: автомобилот не беше полициски. Од тоа малку се смирив, но во следниот миг се слушна тропање на вратата. Средувајќи си ја облеката и косата, не ми преостана ништо друго освен да ја отворам вратата. Добро утро, рече човекот во жолта наметка, со лекарска торба во едната рака. Добро утро, докторе, одговорив, влезете. Како е стариот, праша тој. Па…, реков јас, но без да дочека одговор докторот влезе право во собата и повлече еден стол до креветот. Ти дојде вчера, ме праша. Така некако, да, реков, и полека почнав да си го наоѓам патот во улогата, или, поправо, ми светна дека можам да киднам од ова ако му се препуштам на токот.
Лекарот го прегледа неподвижниот старец додека јас се врткав околу вратата. Тој го врати назад столот, ја спакува торбата, а потоа, на излегување, застана крај мене, на вратата. Претпоставувам дека не сакате да го пратите в болница, рече, го знам триесет години и ова е местото каде што сака да умре, во својот дом. Што не е в ред со него, прашав. Лекарот зјапаше пред себе. Неговите внатрешни органи, рече, потребна му е посебна операција. Со тоа ќе издржи уште неколку години, можеби дури и ќе закрепне. Што мислиш ти? Не знам, одговорив. Дланките ми беа кочан-ладни. Операцијата ќе чини милион и пол, рече тој. Па, што да кажам, одговорив. Ти најдобро си знаеш, ми рече тој, ставајќи ми ја својата дланка на рамето, а потоа се провна низ вратата: обиди се да му дадеш малку храна, рендан зеленчук или овошје, и течности. Кој се грижеше за него досега, прашав. Јас, а ќе дојдам и утре, одговори лекарот, и си отиде. Воздивнав еднаш или два пати.
Се завртев кон старецот којшто речиси незабележливо дишеше. Во собата стана уште посветло. Ги пребарав џебовите за да видам дали ми останале пари: само неколку стуткани хартиени шамичиња. Пребарав низ фиоките, низ орманот и низ шкафчето во кујната. Не најдов пари, ниту си ја најдов чантата, само неколку лажици и слично, и еден изветвен костум.
Доста ми е од ова, помислив, затворајќи ја предната врата зад себе, потоа и вратата од дворот, и тргнав по калливата улица. Со случајните велосипедисти и пешаци, на разминување, се кимнувавме со главите во тишина. Надвор беше уште постудено, ветрот ми минуваше право низ облеката. Чув звук на автобус зад аголот и ги забрзав чекорите.
На таблата на автобусот беа испишани имиња на две села за кои никогаш порано немав чуено. Не се качив, немав ни пари, нели, иако со возачот ги разменивме погледите на неколку секунди пред да ја затвори вратата. Не можев да му објаснам, а дури и да можев, немаше шанса да ме пушти внатре без пари. Долго време ѕурев во растреперената задница на автобусот. Потоа тргнав по него.
Се мислев дали да заѕвонам на некоја врата и да побарам малку пари, кои подоцна би ги вратил по пошта. Се решив така да направам. Погледнав наоколу: на улицата немаше никого, потоа заѕвонив на ѕвоното од една од поголемите куќи. Еден пес се затрча кон оградата и безгласно почна да душка; не залаја. Никој не се појави. Повторно притиснав. Кучето сржа. Почекав уште една минута, но ништо не се случи.
Гасовите од автобусот сè уште се меткаа низ превлажниот воздух. Тргнав по нив. Бев совладан од глад и жед, се смрзнував. Патот се наоѓаше на благо возвишување, а потоа се спушташе во пазарната улица. Веќе оддалеку го насетив мирисот на печеното месо. На пазарот имаше продавници за користена облека и за храна: купишта овошје и зеленчук, и тезги со свежи мекици. Повторно, сепак, пребарав низ џебовите, а потоа со жалење помислив дека е штета што немам рачен часовник, за него веднаш би можел да добијам илјадарка. На една од тезгите со користена облека во умот ми мина идеја да ја продадам јакната, но тукушто ја бев закопчал до грло за да не се смрзнам. Едноставно бесцелно се врткав, но потоа ми падна на памет дека ако нешто мислам да украдам, треба да бидам брз, пред да станам сомнителен. До пола ја откопчав јанката и се пробив низ тезгаџиите како некој којшто минува по некоја работа. На една тезга стоеја купови моркови и јаболка; продавачката беше во некоја длабока дискусија со нејзината сосетка, пред која стоеше мала група купувачи на јајца. Зедов неколку калливи моркови и јаболка, ги мушнав во јакната, ја закопчав, и заминав зад купувачите.

АвторСилард Подмазницки
2018-08-21T17:21:34+00:00 јануари 1st, 2005|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 40|