Обраќање со поезија и песна: Африкански простувања – премногу софистицирани за Западот

/, Литература, Блесок бр. 38/Обраќање со поезија и песна: Африкански простувања – премногу софистицирани за Западот

Обраќање со поезија и песна: Африкански простувања – премногу софистицирани за Западот

IV Меѓународен книжевен фестивал Берлин (21 септември – 2 октомври 2004)

Оваа година Јужна Африка слави десет години демократија. Земјата е преполна со странски новинари, режисери, писатели и академици кои работат на правењето на приказната за десетгодишната демократија.
Да се обидеме да не бидеме цинични во врска со нивниот ентузијазам.
Се разбира, тука нема ништо налик на парталаво чудо, или лажно помирување кое ќе ги стимулира новинарите. Да ја објасниме измамата! Одиме кај најсиромашните меѓу сиромашните и го покажуваме двојниот говор на црнечката елита и на африканските расистички никаквеци. Наместо да прашуваме тешки прашања во врска со Америка и Европската Унија, полесно е да прелетаме до Африка кадешто добрите се сè уште добри а лошите сè уште лоши. Особено кога времето е убаво а виното пријатно.
Оваа измината година многу од нас, важни и неважни Африканци, беа пребукирани со дискусиски програми и интервјуа. Се сеќавам како чекав да бидам интервјуирана за една ирска радио станица, во истиот хотел во кој престојуваше Бил Клинтон. Тимот само што се беше вратил од Хаутбеј, островско село близу до главниот град, кадешто има особено висок процент на питачи, но и раскошни домови со фасцинантен поглед. Оној што ме интервјуираше изгледаше диво. Тој бесно шеташе по собата, додека неговите помошници ги подготвуваа звучните системи.
Тој застана пред мене и запраша вознемирено: „Како е можно? – ја интервјуирав оваа црна жена која живее во колиба во ужасни услови, неписмена, валкана и сиромашна и ја прашав: ‘Што ти донесе простувањето и десетгодишната демократија?‘ Таа рече: ‘Слобода и мир‘. Јас реков: ‘Но погледни се, како живееш, немаш ништо, на неколку јарди од тука види ги дворците на богатите белци‘. И знаете што ми кажа таа? Ме погледна и рече: ‘За десет години не може да се исправи тоа што триста години е правено погрешно‘. Тоа ми го кажа. Не можам да верувам. Дали е луда? Или е глупава?“
Тој ме погледна обвинително, како да имам некој таен зол начин со кој ги принудувам црнците да даваат проникливи одговори. Кога тој спомена дека некој друг радио тим се обидел да ја интервјуира истата жена јас одеднаш се зачудив: ако четвртиот или петтиот белец ми го стави микрофонот пред лицето и ме праша со нескриена одвратност: како можеш да зборуваш за простувањето кога ти немаш ништо, а белците имаат сè…, порано или подоцна јас дефинитивно би одговорила: „Знаете, се срамам, направив голема грешка. Премногу е глупаво да се простува. Да размислам, па јас всушност ги мразам белците.“
Како што поминуваа низ земјата странските новинари, се чини, повеќе беа шокирани од тивкоста на сиромаштијата отколку од самата сиромаштија. И доколку слушате за нивните средби ќе сфатите дека тие засрамиле многу црнци поради тоа што овие простувале и се обидувале да се помират.
Неспособноста на белците да спознаат еден светоглед кој може да биде супериорен во однос на нивниот, не е ништо ново во Африка. Дозволете да прочитам една поема од Хам од 19-от век. Хам е една субгрупа на Бушмани или Сен луѓе. Поемата вели:
како што вие читате книги така ние ги читаме нашите тела за да дојдеме до знаење, ние можеме да почувствуваме како целиот космос вибрира низ нашите тела. Бушманите или Сен луѓето бираат различен начин на суштествување. Избираат да живеат светло на земјата. Единственото нешто кое тие го оставија зад себе беа приказни и песни, цртежи и резби на одбрана убавина во која човекот, земјата, животното, дождот се претопуваат во испреплетени пророштва кои се паметат. Но, сепак Бушманите од белците биле третирани како животни. Тие биле колени како храна.

Хам предупредување

Од Кабо

Азбуката на Бушманите е напишана на нашите тела
Буквите зборуваат и вибрираат
буквите го придвижуваат телото на бушманите, ако вашите ребра почнат да треперат, земете ги вашите стрели, бидејќи вие веќе ја видовте пролетната газела со вашето тело, ја чувствувате сензацијата на крвта на вашите бедра и листови, како веќе да ја носите пролетната газела дома на својот грб и како како таа веќе да ги облева со крв вашите бедра
ете зошто јас секогаш ги чекам тивко зборовите на моето тело, во мојот череп слушам дали тие ги сечат роговите на антилопите, во моите стапала чувствувам дали тие се движат околу колибата
ние лежиме долу пред засолништето, пред височините на ридот, се чини како да спиеме, како да нè обзел сон
но ние ги читаме нашите тела, ние читаме сè што се движи по полињата, под нашите колена брмчи и потоа ние чекаме и сè доаѓа до нас.( Африканска припивна песна од CD)

Wiegenlied
Scht-scht eiapopeia
schlafe sanft schlafe ganz
schlafe schwarz geneigt draußen kreist die Erde so ah und du
so weich gewandet in Blau
laß Wind deine Nasenlöcher erobern laß Feuer laß Regen deine Haut erobern
Kindchen schwarz Kindchen Grasland
Kindchen niemand an nichts je gehalten
Kindchen Brust Kindchen Durst

Идејата дека е срамно да се простува потекнува од тогаш од кога почнува процесот на комисијата за вистината.
Се сеќавам како една Австралијка ме има доведено во незгодна ситуација при едно сослушување за повреда на човековите права; нејзините очи се жареа од гнев: „Каква неправда вие белците им имате направено на црнците наведувајќи ги да го прифатат ова срање со вистината и помирувањето.
Тоа што вие го правите сега е полошо и од апартхејд. Вие ги имате врзано и манипулирате со нив да го прифатат ова без ниту еден бунт или масовен отпор.“ Се чини дека притоа не í паѓаше на ум дека можеби навредува група луѓе кои само што го беа отфрлиле моќниот апартхејд режим.
После тоа, забелешката за принудноста на простувањето беше нападната од друг вид забелешка. Еден телевизиски продуцент од Тел Авив последната година ми кажа: „Добога, каков значаен процес. Јас сум тука да направам документарец за него. За жал, тој никогаш не може да профункционира во Израел, бидејќи за тоа мора да се биде христијанин.“
Две години претходно една ирска новинарка ми призна со солзи во очите:“Навистина значаен процес. Тажно е што тој не може да се примени во Ирска – премногу католици, знаете.“
На неодамнешната конференција за влијанието на насилството врз јазикот, еден американски новинар забележа: „Прекрасно е тоа што црнците од Јужна Африка можат да простуваат, но како светска сила ние Американците сме одговорни за поставување на стандардите на исправното и погрешното.“
Секој си наоѓа свои сопствени причини за тоа зошто има потреба да ги убива другите. Вистината, смирувањето, се добри нешта за црнците од третиот свет, но ние, католици, христијани, муслимани, Американци, Евреи, Палестинци, тоа го правиме не само различно од нив туку и подобро.
Листата на луѓето во Африка кои го преиспитуваат севкупниот чин на простувањето и помирувањето е мошне импресивна.
Професорот Махмуд Мамдани (Mahmood Mamdani), предавајќи на универзитетот во Кејптаун, на времето сугерираше дека помирувањето значи прегрнување на злото.
Еден од актуелните коментатори на простувањето во Холандија, професор Афшин Елијан (Afshin Ellian), се согласува со Ниче дека да се заборави (за да се прости) е примитивен неисториски акт – човек мора да стане „wie ein Tier“.
Жак Дерида (Jacques Derrida) вели: „Простувањето е просто лудо. Тоа може да одведе, но луцидно, во мракот на неинтилигибилноста.“ На друго место, Дерида вели: „Простувањето не треба да биде нормално, нормативно, нормализирачко – тоа треба да остане исклучително и повеќе или помалку невозможно.“
Во еден есеј за простувањето Дерида оди дотаму што вели дека Туту „со исто толку добра воља колку и конфузија … го воведува вокабуларот на каење и простување“ во една институција „чијашто единствена цел е да го третира политички мотивираниот криминал“.
За време на едно предавање на универзитетот Вестерн Кејп, Дерида истакна дека не може да се прости непростливото, освен ако не се случи чудо.
Дозволете да го разгледам овој аргумент од друг агол. Култот на индивидуалноста е еден од најтрајните модерни митови. Како во Робинзон Крусо, западната имагинација се обидува да создаде индивидуа која е независна од која и да е заедница. Иако Крусо треба да го најде Петко за да започне нова заедница, митот за индивидуата останува најважен услов за прогресот. Без индивидуата нема развој.
Францускиот семиотичар Дени-Робер Дифур (Dany-Robert Dufour) пишува: „Во денешната ера на либерална демократија, во крајна линија, сè почива врз индивидуата како субјект – врз нејзината економска, правна, политичка и симболичка автономија. Сепак, наспроти мошне опсесивните изрази на себе-афирмација, обидот да се биде свој се соочува со тешкотии. Мноштво симптоми сведочат за ‘онеспособувањето на индивидуалноста‘ во современите општества. Психичките растројства, културните неудобности, зголемувањето на насилството и проширувањето на експлоатацијата се вектори на новите форми на отуѓување и нееднаквост.“ Тој ја гледа новата индивидуа не како слободна, туку како загубена и напуштена.
Дескрипцијата на Сузан Зонтаг (Susan Sontag) на уништувањето на човечката мисла е поврзана со опсесивното занемарување на заедницата којашто е нешто повеќе од нацијата:
Најдоброто од интелектуалната и креативната спекулација на „Западот“ во изминативе 150 години несомнено е најенергичното и највистинитото во целото човеково постоење.А сепак подеднакво непобивлив резултат на сиот овој гениј е нашето чувство дека стоиме во урнатините на мислата и на работ на урнатините на историјата и на самиот човек… потребата за индивидуалната духовна согласност никогаш не изгледала поакутна.“
Дозволете ми да ја прочитам Сесото поемата во врска со тоа да се биде индивидуален. Таа е дел од играта за Санкатана. Во овој познат Басото расказ аждерот Кодумодумо го голтнал целиот Басото народ. Тоа го направило толку голем што се заглавил во високиот планински премин. Од сите луѓе на светот само Санкатана преживеал. Тој бил сам. Можел да прави што сака, бил слободен, но на сиот глас извикувал:
Не можам да се најдам себеси, бидејки не сум меѓу другите.
за што би можел да бидам среќен ако сум само јас самиот
од што би можел да бидам слободен ако сум само јас самиот
зошто нешто би било прекрасно ако само моите очи го гледаат
ти го довикува јас
јас се замислува себеси преку ти,
ти го замислува јас
јас не те избирам тебе
тоа што ти си тука ме прави мене
ние бевме создадени да бидеме со другите
во спротивно ќе бидеме гладни среде големото изобилие.

Така, црницте во Јужна Африка, од една страна, се обвинети дека се манипулирани, примитивни, збунети, неисториски и луди што да простуваат и се помируваат, а од друга страна се фалени и наградувани за помирувањето од луѓе кои самите никогаш не помислиле да го направат истото.
Во една фаза Франција донираше милиони за јужноафриканската Комисија за вистината во истиот момент кога тие го судеа злосторникот од Втората светска војна, Пупон (Poupon). Исто така Америка која се одмазди веднаш после 9/11, им даде милиони на јужноафриканските власти.
Зошто луѓето наградуваат и помагаат нешто што самите никогаш не ни сонувале да го сторат? Сигурно не бидејќи мислат дека е многу тешко? Сигурно не бидејќи си велат: овие јужноафрикански црнци се премногу супериорни за нас. Тие знаат како да ги повлечат своите луѓе настрана од деструктивната спирала на насилството, но ние, луѓето од Запад, сме премногу примитивни дури и кога се обидуваме да го сториме тоа. Како некој би можел да го прочита тоа освен како нешто што мириса на расизам? Црнците мора да простуваат, но белците треба да се одмаздуваат? Простувањето е за „инфериорните“ нации, а одмаздата за „вистинските“ нации.

АвторАнтји Крог
2018-08-21T17:21:36+00:00 септември 1st, 2004|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 38|