Балзак и малата кинеска шивачка

/, Литература, Блесок бр. 38/Балзак и малата кинеска шивачка

Балзак и малата кинеска шивачка

(извадок од истоимениот роман)

Селскиот старешина имаше околу педесет години и седеше со скрстени нозе на средината на собата, близу до јагленот што гореше на огништето вкопано во подот. Ја разгледуваше мојата виолина. Меѓу нештата што во ова планинско село нè донесоа нас, „градските момчиња“, како што нè викаа Луо и мене, виолината беше единственото нешто што личеше на странско, на цивилизација, па затоа будеше сомнеж.
Еден селанец се приближи со петролејска ламба за да ја олесни идентификацијата на чудниот објект. Старешината ја држеше виолината дигната и зјапаше во црната внатрешност на нејзиното тело, како да е внимателен цариник што бара дрога. Во неговото лево око забележав три крвави точки, голема и две мали, со иста жиш црвена боја.
Кревајќи ја виолината до нивото на очите, ја протресе, како да е убеден дека нешто ќе падне од звучната кутија. Неговото испитување беше толку нападно, што бев уплашен дека жиците ќе ѝ пукнат.
Речиси сите дојдоа во куќата на потпорници што се наоѓаше горе на планината, за да бидат сведоци на доаѓањето на градските момчиња. Мажи, жени и деца се роеја во тесното сопче, се бесеа на прозорците, се туркаа пред вратата. Откако ништо не падна од виолината, старешината го доближи носот до црната дупка и долго и силно вдиша. Неколку остри влакна од левата ноздрва нежно затреперија.
Сè уште немаше поим.
Со грубите прсти ја допре едната жица, па другата… Чудната резонанција ја смрзна толпата, како звукот да предизвика почит.
„Ова е играчка“, свечено изјави старешината.
Од пресудава останавме без зборови. Вознемирени, тајно се погледнавме. Не одеше кон добро.
Еден селанец ја зеде „играчката“ од рацете на старешината, ја потупка со тупаниците по задната страна, па му ја предаде на друг селанец. Едно време, виолината се движеше меѓу толпата, а нас, двете нежни, слаби, исцрпени и смешни градски момчиња, нас нè игнорираа. Цел ден пешачевме по планината, па облеката, лицата и косите ни беа испрскани со кал. Изгледавме како патетичните реакционерни војничиња од пропагандните филмови, откако ќе ги фати суријата комунистички фармери.
„Глупава играчка,“ со рапав глас коментираше една жена.
„Не,“ ја поправи селскиот старешина, „буржоаска играчка.“
Ми влегуваше мраз во коските и покрај тоа што тлееше оган во центарот на собата.
„Играчка од градот,“ продолжи старешината, „ајде, запалете ја!“
Наредбава ја запали толпата. Сите почнаа да зборуваат во исто време, викаа и посегаа за да ја грабнат играчката и со уживање да ја фрлат во јагленот.
„Другар, тоа е музички инструмент,“ рече Луо колку што можеше посмирено, „а мојов пријател е добар музичар. Навистина.“
Старешината ја побара виолината и пак ја гледаше. Потоа ми ја даде.
„Се извинувам, другар,“ реков засрамено. „Не сум толку добар.“
Тогаш видов дека Луо ми намигнува. Збунето ја зедов виолината и почнав да ја штимам.
„Она што сега ќе го чуете, другар, е соната од Моцарт,“ објави Луо, ладнокрвен како и претходно.
Бев премногу уплашен. Полудел ли? Музиката на Моцарт или на кој и да е западен композитор беше забранета со години. Во искиснатите чевли стопалата ми се замрзнаа. Се тресев додека студенилото се вовлекуваше во мене.
„Што е тоа соната?“ недоверливо ме праша старешината.
„Не знам,“ пелтечев. „Нешто западно.“
„Песна?“
„Би можело да се каже,“ одговорив неодредено.
Тој миг во очите на старешината блесна искра на буден комунист, а гласот му стана непријателски.
„Како се вика твојава песна?“
„Тоа е како песна, а всушност е соната.“
„Те прашувам како се вика!“ изгуби трпение, ме гледаше право во очи.
Ме плашеа трите крвави точки во неговото лево око.
„Моцарт…“ пропелтечив.
„Што Моцарт?“
„Моцарт мисли на претседателот Мао,“ се вмеша Луо.
Каква храброст! Ама делотворна: како да слушна магични зборови, злобниот израз на лицето на старешината омекна.
„Моцарт мисли на Мао секогаш,“ рече.
„Токму така, секогаш,“ се согласи Луо.
Додека го стегнував жиците на гудалото околу мене одекна аплауз, но уште бев нервозен. Сепак, додека со отечените прсти ги допирав жиците, Моцартовите фрази ми се враќаа во сеќавањето како добри пријатели. Лицата на селаните, предмалку толку мрачни, омекнуваа под влијание на Моцартовата весела музика, како што омекнува исушената земја по дождот, па под танцувачката светлина од ламбата, лицата се претопија во едно.
Свирев некое време. Луо запали цигара и тивко пушеше, како маж.
Тоа беше нашето прво вкусување на превоспитувањето. Луо имаше осумнаесет години, јас имав седумнаесет.

АвторДаи Сижи
2018-08-21T17:21:36+00:00 септември 1st, 2004|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 38|