од Баналии

од Баналии

како и обично се врати доцна
ништо не ми дале што би ми помогнало
слушаш ли, дејв, надвор нешто тропа
љубена ана, љубљана е како страшен кошмар
не разбирам зошто тука сè е толку погрешно

Превод од словенечки: Лидија Димковска

*
КАКО И ОБИЧНО СЕ ВРАТИ ДОЦНА.
Немаше повеќе причини за хармонија.
Нештата станаа банални, животот и пишувањето –
излишни. Легна покрај мене, ме гушна
и во тој миг почувствував некоја миризба.
Се сепнав, уште еднаш помирисав, а немаше сомнеж.
Желудникот ми се преврте, скокнав и истрчав во бањата.
Се борев за воздух низ отворениот прозорец,
ми се вртеше во главата. Мирисот беше
машки. Се вратија годините пред кои бегав.
Беше ли тоа неговиот мирис? Кога ли се појавил?
Не бил ли присутен и пред тоа? Или тоа беше мирис
на друг маж? Не дојде по мене, не чукна на вратата.
Остана таму со онаа миризба, предалечен.
Се тресев од студ врз подот, вратата беше заклучена.
Не помагаше. Од зад мене прелета раката на очувот,
таа машка рака, и главата ми одлета настрана.
Кога и да ми се доближеше, се повлекував. Дури и тогаш,
кога раката беше предалеку. Самиот мирис беше доволен.
Не можеше да се протера од ќошињата во станот.
Бегав од мажите. Не го сакав нивниот свет.
А на кој свет да му припаѓам? Избиваше ли од мене
машки мирис кога ќе удрев некого?
А колку боли сега! Да ја отклучам ли вратата,
да го измијам ли? Дали е тоа воопшто можно?
Или да си постелам на друго место
и да се обидам да заспијам без него?

АвторБране Мозетич
2018-08-21T17:21:36+00:00 септември 1st, 2004|Categories: Поезија, Блесок бр. 38|