Патишта

Патишта

Познатиот историчар В.М. врвен научен познавач на личноста и времето на Александар III Македонски, со своето последно дело ѝ приреди изненадување на македонската научна и друга љубопитна јавност. Имено, тој не објави научна студија со нови факти и сознанија, туку – роман со наслов „Смртта на Александар“! Во извесна смисла делото беше необично и по тоа што почнуваше со смртта, што не само во македонската литературно-уметничка практика претставуваше нова и значајна творечка досетка. Не се работеше за лесно менување на природниот ред на нештата, колку заради впечаток, ами за раскажувачка постапка во обратна насока на чијшто крај беше – раѓањето! Тоа беше сторено со богата уметничка дарба, мошне вешто усогласена со еден сосем особен начин на мислење на одмерен научник кој откриваше конечни сознанија за можеби најзалудните настојувања и усилби на човекот.
Меѓутоа, и покрај задоволството од завршеното дело, В.М. се чувствуваше испразнет и преморен, како човек кој нема повеќе што да каже ниту за Александар ниту за себе, како патник кој, по многу години напрегање, неизвесност, трагања и несоници, стигнал до целта и сфатил дека тоа е неговиот творечки крај, дека повеќе нема каде. По толку прочитани книги (сè што беше напишано и објавено во светот за Александар и имаше изворна научна вредност) и по толку патувања во сите места кадешто великанот над великаните живеел, војувал или само стапнал, (како и оние што љубоморно ги чуваат и најслучајните сведоштва за него) едно, многу сино летно утро, откако неколкупати ја прочита речиси ласкавата критика за својот роман во најугледниот весник, В.М. си го допи кафето и, како во занес, наврапито и без подготовки, тргна на уште едно патување, необично, меѓу другото, и поради тоа што не му се гледаше нужноста и не беше, како претходните, однапред испланирано. В.М. знаеше само толку дека патува во родниот крај, во детството и сопствениот почеток и дека тоа -ха! ха!– е спротивно на патувањето на мртвиот Александар од местото на смртта кон вечниот дом, опишано во романот.
Возеше бавно, зашто патот во меѓувреме беше претрпел доста измени и му изгледаше како нов, на места дури и сосем непознат. Иако го имаше поминато којзнае колку пати, ги беше погледал сите села и ги беше прочитал нивните имиња, сега ги забележуваше со изненадување и чудење, како допрва да ги открива. Вистина, при претходните патувања беше обземен со мисли околу најновото дело, со прашања кои го окупираа неговото научно љубопитство и истражувачки порив, па на убавите крајпатни глетки обрнуваше површно внимание или воопшто не ги забележуваше. Му беше неспоредливо поважен и позанимлив секогаш некој друг пат, оној на научната страст, оној низ старата македонска историја, време и свест. Тоа беше сосем разбирливо за човек кој сета своја животна сила ја беше посветил на друга стварност, што бара исклучителни напори, волја, издржливост и целосна предаденост за да може да биде во што поголема мера освоена и научно објаснета. А сега, кога тоа е сторено, кога тој конечно е апсолутен господар на научната вистина по која преземал долгогодишни исцрпувачки походи, кога е велик цар на огромно дело со општо-цивилизациска вредност, кога ја постигна својата блескава животна цел, може да ѝ се посвети на стварноста и да се обиде да ужива во нејзината убавина.
Во родното село стигна доцна попладне како во место во кое долго не можеше да ги оживее спомените. Кога застана пред родниот двор и ја погледна родната куќа, сфати морничаво дека неговото патување нема да заврши на родниот праг и огниште. Сега тука живееја други луѓе, на други деца тој двор, таа куќа, тој праг им беа родни. Го погледнаа едни неми очи и тој сети празнина над која светот трепери на многу тенка ципа. Постоја извесно врме занишан над таа празнина и слушна блеење на илјадници овци по исто толку јагниња. Излегуваа од дворот, минуваа покрај него во безредие и исчезнуваа во некаква шир што неможеше да ја спореди ни со поле, ни со пустина, ни со море. Меѓу овците се слушаше и вискање на вознемирени кожи во диво трчање, препнување и паѓање. Му се приближуваа и одминуваа во страотен топот, газејќи ги најмногу јагнињата, забодувајќи се во кал и измет. И дури на крај слушна човечки гласови, заканувачки повици, смртни крикови, лелеци и молитви, довикувања на мајки и деца, пцости, клетви и пораки. Потоа вревата стивна, настана длабока и бескрајна тишина која можеше да се спореди само со сон.
Му се помешаа времињата и световите, старото беше посилно од новото и тој поживо и појасно ја гледаше некогашната, одошто сегашната стварност; онаа вчерашната речиси и не можеше да ја види. Не можеше дури ни да се сети дали покривот на родната куќа беше на две или на четири води, дали оџакот беше од левата или десната страна, дали прозорците имаа по едно или по две окна. Неговиот напор да ја здогледа во сеќавањето се губеше во колонадите, капителите, калканите, гредите и скалите на палатата во Пела. Не можеше да се види себеси затрчан по дворот како дете, како јаде, учи да се мечува, стрела, војува и да мисли. Лицата на мајка му и татко му на волшебен начин исчезнуваа пред лицата на Олимпија и Филип, чии очи му зборуваа за душата, мислите им ги читаше од погледите. Миговите на празнично радување, кога со благо колаче во рачето веројатно трчал по дворот или кога со мирис на каустична сода со испраните алишта итал на првиот час во училиштето или на свечената приредба на крајот од учебната година, беа согорени од сјајот на раскошните трпези пред заминувањата на освојувачките походи и по триумфалните враќања од нив, за родендените на Александар, неговите детски радости и палавости. В.М. стоеше пред родниот двор, загледан во себе како во нестварен човек, немоќен да утврди што од тоа што го гледа, мисли и чувствува е негово, а што туѓо. А темнината брзо се згусна и тој остана на сокакот, непоканет да влезе во родната куќа и да преноќува во својата душа.
Ноќта ја мина во колата, со чувство кое можеше да се определи како тажно, и со мисли кои завршуваа во недоумица и чудење. Се разбуди во мигот кога сонцето ѕирнуваШе од сртот на планината и личеше на искреста ѕвезда што се приближува и расте. Излезе од колата и веднаш се исполни со сосем ново, но не и непознато чувство: дека има нешто заедничко со сонцето, дека гледа со него. Побара вода да се измие, но селскиот бунар на блиската крстосница беше пресушен. Погледот му летна кон полето и му запре на едно ниско дрво со густа круна која личеше на царска глава загледана отаде времето и светот. Зад дрвото, во мек сјај на безброј ситни одблесоци, виде млада луцерка во уринска роса и се изми со бисерните капки.
Од длабоката прст на патот заклучи дека одамна не врнело дожд, дека поради сушата животот се мачи. И, навистина, кога стигна до луцерката и си ги нурна рацете во росното лисје и густите нежни стебленца, со пепел на предвремена старост, почувствува дека росата е густа и леплива, дека тоа се водени издишки што коренчињата ги испуштаат ноќе какко да ја оплакуваат својата предвремена смрт. Си го истри лицето со влажните дланки, но не сети свежина од која се добива здрав изглед и бистрина во очите.
Пред него лежеше полето, рамно како трпеза покриена со најразновидна храна и цвеќиња, при што дрвјето по меѓите прилегаа на бокали, пехари и чаши.
Тој е пораснат низ тоа поле, по тие неми ниви, сред тоа билје кое со своето непрестајно раѓање и умирање го мери постоењето под сонцето, но тие години ги немаше во свеста. над росата се протегаа врвиците на Александар низ недогледните предели, места и градови, преку реки, планини, суводолици, пустини и полиња што ги знаеше, гледаше и можеше да ги опише, небаре самиот ги оди и ги освојува, како тие да се негови, а не ова, во кое детските години му исчезнале како мртви потполочиња.
Тој миг му се јави детински немир да трча по таа трпеза, да го прегази полето, да ја почувствува тврдатапочва под ногата, да го оживее во спомените, да пополни една сура празнина над која, како убави кулиси и занесни глетки од богат сон, му се прикажуваа чудесни градби и впечатливи ликови, како единствена значајна стварност, како свет кој единствено има смисла и важност, кој го исполнува времето и го оправдува памтењето.
И навистина потрча со детска леснина, подрипнувајќи и потклинкувајќи, низ луцерки, жита, расцутен афион и спечен бостан. Неколку пати, вртејќи се околу црница, слива или орев, застана да си го слушне тупкањето на срцето, небаре уште некој трча со него, но во спротивна насока. Тоа го збуни и сопственото срце му заличе на патник кој пристигнал од далеку, од заборавен и затантен крај, од кој умот и сеќавањето побегнале во богат и значаен свет, во стварност од повисок ред, со царски сјај и божја моќ.
Седна на еден трап, на веќе пожолтен троскот и се загледа кон подножјето на планината, чувствувајќи радост во бранувањето на погледот по тумбите и падините преку кои блиските ридови се спојуваа со полето. Зад густи трепетлики, како зад ограда што го дели светот на познат и непознат, на свој и туѓ, се гледаше купче светлоцрвени покриви како вжарени огништа. Сонцето беше на два човечки боја над планината и ненадејно запали пламенчиња кои брзо згаснаа во стегнатите зеници. Но тоа беше доволно В.М. да се сети за името на селото: Балдовци.
Тој никогаш не стапнал таму, а му минаа шест децении, патувајќи по стапките на Александар Македонски. Стрепери како да го плиснале со студена вода, решен веднаш и неодложно да појде во Балдовци, во кое живеат блиски луѓе, негови соплеменици, а не термити,, да го внесе во себе, да го освои и да се пополни со ено необјасниво важно чувство. И стана, дури скокна, напнат да потрча, но не отчекори; планината над селото беше покриена со бујна гора, во утринска сенка и магличка и, како во повлекување на една и дејство на друга магија, го пиеше небесниот лазур, прекривајќи ги величествените и застрашувачки глетки од градови и коњици, од недогледни толпи војска и оружје налик на гламјосано билје, како мамеж и закана, како полнотија и празнина, како стварност и нестварност. Се замаја за миг над тие претопувања на глетките, наеднаш намовнат дека може сосем да се изгуби, да исчезне, да го нема.
Погледот му стрелна источно од трепетликите и во зелениот кајмак на кориите пронајде нови покриви, сè уште во утринска сенка и магличка, како велигденски јајца под провидна свила. Таинствениот Куклиш, во зелено перје и модри бедеми од јавор, изгледаше непристапно, недопирливо, неосвоиво. Не можеше да се види, дури ни да се насети пристап по кој би успеал да стигне, ни порта низ која би можел да влезе, ни прелез во зелената невиност од чијашто убавина тој сети болна тага. Ни во Куклиш не бил, ни таму не стигнал да стапне за повеќе од половина век живот и патување по светот и времето. по божествените подвизи на Александар Македонски. Го гледа сега со возбуда на патник што стигнал пред непознато и убаво место и чувствува потреба да го освои во свеста, да го внесе во душата како доказ за себе, како неопходна потврда на сопствената судбина.
Небаре лебди и бара каде би можел да се приземји, да застане и да почувствува цврстина и сигурност, продолжи со погледот кон исток. Мина преку накадрено зеленило со сиви ќелавици, ниско и заграбено за големи красти, небаре свесно дека, ако се испушти и се одлепи, ќе исчезне. Потаму, преку блага долина како голема мазна дланка, стигна до расфрлани куќарки кои во сенката на планината прилегаа на парчиња нафора со румена корка. Ги стегна зениците, подзина како да подзема спасоносен здив, ја напрегна свеста да се сети кое село гледа. Со молневита брзина, од главата во грлото му се слизна нешто како смрзнат залак, почна да се топи и да разлева горчина која едновремено се претвораше вомрсен срам од кој останнуваа темни дамки во погледот. Тој го имаше загледано тоа село многу пати, зашто цело детство, катаутро му беше пред очите, штом ќе го пречекореше куќниот праг. Но не знае дали куќите се убави, дворовите чисти и уредени, има ли јорговани и бујни цреши, жубори ли бистра вода и напролет мирисот на липите го спојува ли со небото. Го нема во неговата свест, во помнењето; маглива дупка во неговата стварност, слепо врме во неговиот живот. Сонцето му го вжари челото, ја пресече сенката над селото и небаре таа промена го испиша името: Свидовица!
Ги крена рацете како победник кој успеал да го освои најзначајното место на својот поход кон себенаоѓањето. Крикна радосно и забележа како меко утринско повејче му го понесе гласот над полето кон исток, веејќи го над росата и претворајќи го во неопислив жив сјај. Зад еден моќен колк, со кој планината силно се потпираше врз полето, на светла зелена тераса лежеше Банско. В.М. не можеше да ја избегне споредбата собожјиот град Ерусалим, гледајќи ги живите одблесоци на сонцето како крупна ѕвезда. Во Банско тој бил повеќе пати, но дури сега го виде во божествен сјај и возвишеност, како место кое ги спојува небото и земјата во светло сначење. Со врелиот здив на лековитите исвори, белината на хотелите и отсјајот на стаклените градини што му ја наикрија кожата, тој продолжи кон исток.
Иако невидливо во зелениот порој јавори и буки, бликнат кон полето, го откри Габрово. Ни таму негова нога немаше згазнато; никогаш не го беше видел чудесниот мал водопад на кој се мијат самовили, ниту беше берел едри капини околу најстудениот и најбистер извор на светот: ‘Ржавек. Не го беше видел ни Колешино, малку потаму од Габрово, на падина еднакво убава како онаа на Банско. Беше слушнал дека има многу цркви, но никогаш немаше отидено да ги погледа. Одвај ги гледаше покривите на неколку куќи кои трепереа на утринското сонце како привид, но се чувствуваше како да е средсело, како освојувач кој му удрил победнички печат за вечни времиња.
Со такво чувство продолжи со погледот по сега веќе скипнатото зеленило на подножјето, спомнувајќи ги имињата на другите села во кои не бил никогаш: Мокриево, Мокрино, Смолари… И ги освојуваше во нивната питома невиност, несвесен во истиот миг дека неговиот вистински освојувачки поход по родниот крај стигнал одвај до Сачево, кое беше толку близу што и кукурикањето на петлите наутро се слушаше.
Од Штука, за која не знаеше ни дали постои, иако над неа се раѓа сонцето во летните утра, почна да се враќа кон полето, какко кон освоено царство од кое владее со цел свет. Ги гледаше росните ниви, збиеното дрвје и упорното тревје кое не гние од ниедна коса и суша и чувствуваче какко стекнува нешто стварно што суштествено му недостигало, без што животот му лебдел во воздух како шарена шамија што секој посилен ветер може да ја одвее каде било. „Како Александар Македонски по источниот поход“, си помисли иронично. „Само, фала богу, јас сум жив“.
Исполнет со детски немир, трчаше низ полето правејќи движења на сребрена пеперуга во лет, осамен во својот освојувачки и победнички занес, во кој ги обновуваше стварноста и животот, пополнувајќи ја и заокружувајќи ја својата судбина. Сам со своите чувства и мисли, без глас на жена или дете, ја призиваше во себе блескавата визија за Александар, да ја претвори во голем кристален знак и да ја намести сред богатата и со бисерот на росата украсена трпеза, на каква сè уште му личеше полето.
Стана и навистина потрча по меѓата со раширени раце како да лета. Сонцето се беше креналло уште една планина над планината и сето поле беше во мек, чудесно благ сјај на свеченост во која се едначат божественото и стварното. Трчајќи сè полесно и со повесел занес, В.М. наеднаш забележа дека сенката му станува сè покуса и прилега на дете во радосна игра со рипкање. Сè уште имаше многу роса по лисјето на билјето и сонцето се распрснуваше во илјадниси ситни одблесоци, правејќи светол и трепетен ореој околу неговата детска сенка. Кога стигна до млада и густа детелина, ореолот му стана многу светол, како живо сјаење на вечно постоење. Застана и како маѓепсан се загледа во волшебниот сјај околу својата чудесна сенка. Сјајот растеше, се креваше кон него, згуснувајќи му се околу главата и му создаваше чувство дека полека тоне во нежно светење. Тоа волшепство беше неодоливо, беше возвишено искушително и неговата детска душа крикна радосно. Едновремено со крикот, како по правило кое важи за такви мигови во судбината на човекот, тој одрипна од земјата и се нурна во сопствениот сребренест ореол.
Од тој миг го нема В.М. Остана само неговиот роман за смртта на Александар без иронија и горчина да сведочи за тажната вистина и неподмитливиот закон според кои, по пристигнувањето на крајот од својот пат, сеедно дали ја постигнал најзначајната животна цел или не, на човекот не му преостанува ништо друго, освен да се врати назад, од кајшто излегол! Се разбира, ретките исклучоци како Александар Македонски, само го потврдуваат тоа бездушно правило. Слава им!

АвторВасе Манчев
2018-08-21T17:21:37+00:00 јуни 1st, 2004|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 36|