Светот без Корто

/, Литература, Блесок бр. 34/Светот без Корто

Светот без Корто

#1 Кога Корто имал десет години, живеел во Кордоба со мајка си, шпанска Циганка, прочуената Ниња Гибралтарска, и со татко си, британски морнар. Едно попладне, мајчината пријателка Амалија посакала да ја прочита судбината на детето од неговата дланка. Со ужас забележала дека Корто воопшто не ја поседува линијата на среќата. Со цел да го надополни тој сериозен пропуст на природата и да одговори на оваа, можеби прва провокација на судбината во неговиот случај, момчето во истиот час посегнало по татковиот брич и си врежало долга и длабока линија на среќата која од тој миг ќе ја краси неговата дланка. Така, се тврди, почнале животните перипетии на овој знаменит морнар со обетка во левото уво, авантурист и анархист, според некои – непоправлив меланхолик и романтичар, а според други – обичен криумчар и гусар.
Премиерата на анимираниот филм на Паскал Морели минатата есен во Париз, ме потсети на овој величествен лик и на неговиот творец, Хуго Прат, но и на еден непријатен факт. Излегувајќи од киното, откако повеќе од еден час го гледав Малтежанецот на платното, ми падна на ум дека всушност, зачекорувам во светот без Корто. Таа помисла ме вознемири, па се обидов да ѝ најдам некакво објаснување, впуштајќи се во еден паралелен биографски слалом. Одлучив, имено, да ги споредам Корто и Прат, понесен од фактичките совпаѓања и од спротивностите помеѓу животот на уметникот и на неговата творба. Впрочем, зар и самиот Прат не сакаше, честопати, да го впише знакот за еднаквост или барем кривулестиот симбол на сличноста помеѓу него и Корто, а притоа обично се повикуваше на Песоа и на тврдењето дека човекот е она што е и она што сонува дека е. Уште еден поет, се чини, тука игра важна улога. Секако, во прашање е Рембо, чии стихови ги читаме во етиопските згоди на Корто Малтезе. Јас е некој друг, аксиомата на тој млад француски криумчар на оружје на некој мистериозен начин се вмешала во создавањето на митот за Корто Малтезе. Најпосле, колку Прат и да се служеше со сопствениот животен вруток при конципирањето на својот најпознат лик, се чини дека приказната за Корто повратно влијаела и на историјатот на Пратовиот живот, барем на оној кој ѝ го пружи на јавноста. Како морнарот да станал она неодвоиво друго, вистинското alter ego на својот креатор, она што е, она што би сакал да биде, она за што сонува. Но, да тргнеме, сепак, по ред во расплетувањето на тие необични врски кои создадоа една неодолива стапица за читателот.
#2 Веднаш треба да се каже дека на самиот Прат не му требаа премногу поттици за мечтаење. Животната врвица со полно право го сместува рамо до рамо со скитачите, номадите, лажливците, еретиците и илузионистите, како Корто. Се раѓа во Римини, но за свој град сепак ја избира Венеција. Како и на Корто, татко му е со далечно британско потекло, а мајка му потомок на Сефардите, кои преку Турција се скротуваат во Мурано. „Јас сум копиле со огромно педигре“, весело ја завршуваше Прат приказната за своите британски, турски, шпански и еврејски корени. Тврдеше дека дури и наследил еден стар клуч од крајот на 15 век, кој сефардските членови на неговото семејство го донеле по протерувањето од Шпанија и дека со нив успеал да ги отвори капиите на една куќа во Толедо, пет столетија подоцна. Податоците што ги имаме за Пратовиот живот сепак мораат да се земат со определена резерва, особено ако самиот тој бил нивниот извор. „Својот живот можам да го раскажам на тринаесет различни начини“, велел. Мистификациите и подметнувањата на непроверливи но возбудливи факти во стварната животна врвица, претставуваат задолжителен дел на неговите автобиографски трикови. И додека Корто првите авантури ги има искусено во Кина за време на востанието на Боксерите со само тринаесет години, авантуристичкиот живот на неговиот творец започнал на слична доба со заминувањето во италијанската Абисинија, каде што Пратовиот татко, како заколнат фашист, добива државна служба. Токму како „најмлад Мусолиниев црнокошулаш“, како што се фалел, во Етиопија го поминал детството, научил некои локални дијалекти и го гледал распаѓањето на италијанскиот колонијален сон. Од тоа време се влече и неговата слабост спрема униформите. Имал само шеснаесет години кога се вратил во Венеција, каде што нацистите го уапсиле како јужноафрикански шпион. Овој податок е несомнено вистинит, а уште повистинито е Пратовото бегство, преку партизаните, во сојузничката војска. Со нив ќе го дочека и крајот на војната, како преведувач при британската армија. По сите тие возбудувања се враќа во Венеција, но, со немирен дух, нема долго да се задржи во Европа. Во Аргентина, во која во тоа време засолниште нашле многу европски цртачи, ќе помине барем десетина години. Таму, како што вели, освен Х.Л. Борхес, ги сретнал и сите видови очајници од стариот свет, поранешни усташи и нацисти, а меѓу нив, како што тврди, дури и самиот Ајхман. Враќањето во Европа на почетокот на шеесеттите години ќе го мотивира, се разбира, комплицираната врска со некоја таинствена жена.
Корто Малтезе, пак, настанува во подоцнежната фаза од Пратовата кариера. Неговото име не е случајно. Corto на шпанскиот жаргон може да значи крадец, арамија и гусар, што ја обележува неговата авантуристичка нарав и работата со којашто се занимава, додека Maltese јасно упатува на местото на неговото раѓање, островот Малта, кој токму тие години ја стекнува независноста, Кортовата основна особина. Осумдесет години порано, во 1887, прочуениот морнар се родил во Ла Валета. Во архивите на сите пристанишни капетании и крајбрежни стражи се опишуваат неговиот висок раст, елегантниот морнарски костум, капетанската капа и обетката во левото уво. Тој детаљ им кажува нешто единствено на познавачите на сините мориња, бидејќи обетката во левото уво е знак за припадност кон трговската морнарица и потврда за преминувањето на Кејп Хорн. Му припишуваат и пријателство со Распучин, дезертерот од царската армија и верниот, иако непредвидлив другар, како и со Џек Лондон, дописникот на американските весници, кого го сретнал во 1904 година во Манџурија, за време на Руско-јапонската војна. Забележано е, исто така, дека на почетокот на Првата светска војна криумчарел стока за Германците, дека во 1917 година е учесник во поморската битка на Јадранот, а во 1918 – сведок на конечниот пад на големиот Црвен барон.

АвторИгор Штикс
2018-08-21T17:21:39+00:00 септември 1st, 2003|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 34|