Победата на ханот

/, Литература, Блесок бр. 32/Победата на ханот

Победата на ханот

Историските факти за настанот се мешаат со она што го кажува степскиот ветер кога дува преку бескрајната татарска степа; се разбира тој е друго име за легендата, синоним. Така, легендата го враќа настанот два-три века поназад, за разлика од историјата. За волја на вистината и историските факти се недоволно сигурни, пред сè поради многуте векови изминати оттогаш. Меѓутоа, како главни актери на настанот секогаш се споменуваат следниве личности: стариот хан – Куџај хан, младиот хан Чибу хан, убавата Причу – најмладата и најсакана жена на стариот хан и уште безимениот поет. Но некои поединости и за актерите не се совпаѓаат. Така, негде се споменуваат дека Куџај хан бил мошне стар, а негде дека тој бил на мошне зрела возраст. Па се кажува дека тој бил убав Татарин, но и спротивно – дека бил грд, дури и куц. Затоа, пак, за Чибу хан сегде се кажува или наведува дека бил убав и навистина млад, дури мошне млад, дека „под носот црната мов штотуку почнала да му се засукува, згуснува, станувајќи црна како неговите очи“. За убавата Причу несовпаѓањата се однесуваат на бојата на нејзините очи; тие се споменуваат или како „зелени слични на тревата во степата на пролет“ или „сини како небото над степата на утро во лето“. Но без разлика во сите кажувања, или записи таа е многу, многу млада и несомнено најубава во целата татарска степа. И, најпосле, пак што се однесува за двајцата ханови се среќава и следново несовпаѓање: тие се споменуваат час како браќа, час како полубраќа. А уште и ова: додека поетот некогаш е само поет, другпат е и пејач и свирач, дури уште и шут, кловн или паљачо; ама секогаш е безимен… Но овие, и некои други разлики, сврзани со времето на случувањето на настанот, или во врска со неговите актери се разбирливи, затоа што малкуте записи од тоа далечно време се од различни запишувачи и од разни дистанци, а легендата исткаена од степскиот ветер е како и него – непостојана.
БОЈОТ. На настанот му претходеше битката меѓу стариот и младиот хан. Таа почна уште пред самата мугра – време доволно темно да не бидеш забележан од непријателот, а доволно прозрачно непријателот да може да се види и уништи. А времето, беше есенско, беше време среде есен поточно. А бидејќи напаѓачи беа војници на Чибу хан, тие и го почнаа бојот, откако претходно цела ноќ во забрзан од незабележани се беа доближиле до логорот на војската на Куџај хан. Така противникот беше целосно изненаден. Прва, молчешкум, во виорен галоп, јурна коњицата. Се слушаше само тупотењето на коњите и ударите на кривите татарски сабји врз изненадените војници на стариот хан. Веднаш по коњаниците јурнаа, исто така немо, пешаците и со мечевите и копјата им се придружија во „работата“. Во толку побеќе, целосно изненадениот непријател, викаше збунето, неартикулирано, сè додека поразен и тој не молкна. Затоа, пак, тогаш се чуја громогласните победнички извици на победителот вокои се славеше младиот Чибу хан и победата. Победата на Чибу хан и поразот на Куџај хан уште истиот ден степскиот ветер ги разнесе по бескрајната татарска степа.
ПО БОЈОТ. И легендите и записите се истоветни во следново: стариот хан Куџај хан, ранет, бил фатен, заробен и доведен кај победителот, Чибу хан, а по посебна заповед на младиот хан веднаш била пронајдена убавата Причу и исто така доведена кај него. Во меѓувреме настанало големо славје кај победителите, нивниот молк во кој ја свршија „работата“, по бојот се претворил во ерупција од победнички извици, пиење, беснеење и „секаква разузданост“ сè до пладне. Тогаш, дошла заповед на Чибу хан, која како со нож го пресекла сето тоа. Одново настанала тишина наоколу. И во таа тиштина, стариот хан бил погубен јавно. Еден снажен Татарин со голема крива татарска сабја на трупец му ја пресекол главата, откако претходно тој одбил да моли милост за себе од младиот хан – неговиот брат или полубрат. Пред да ја крене џелатот кривата сабја само кратко рекол: „За земјата е подобро еден отколку два господара… Чибу хан, брате, сакам да бидам закопан во нашата степа“. За сето тоа време, до Чибу хан стоела убавата и млада Причу, најмладата и најсакана жена на поразениот стар хан. На нејзиното прекрасно лице ништо не можело да се прочита, како ни во нејзините зелени, или небесно сини очи. А пред и за време на погубувањето на ханот на небото над логорот и над степата беа свиснале тешки есенски облаци. Малку подоцна втурил дожд, измешан со силен ветер.
СВЕЧЕНОСТА. Тоа беше свеченост по повод победата. Се одржа вечерта, која брзо, неусетно дојде по пладневното невреме што потраја кратко. Вечерта стаса брзо и неусетно, зашто припремите за прославата беа обемни и разновидни, а времето кратко. Беше подигнат огромен шатор за таа цел. Само и времето неочекувано се смени: на небото се појавија дури и ѕвезди, блеснаа како трепетни брилијантни камчиња. А пространиот шатор изгледаше „волшебно“ и според кажувањата и според записите. А од игрите и натпреварите, проследени со песна и музика, посебно се споменуваат: заносните игри на младите танчерки, па боречките вештини на мускулести момци, потоа опасните но вешти игри со криви татарски ножеви… Во однос на присутните воопшто нема разлики во нивното набројување. Покрај Чибу хан, се споменуваат дворски и воени големци, но и одреден број обични воини – истакнати учесници во бојот. Различно може да се чуе или прочита само за присутните: поетот /негде споменуван и како ханов шут, па пејач и свирач/ и Причу. Причу била облечена во свила, проткаена со брилијанти, а околу вратот имала исто така брилијантска огрлица – сето тоа подарок од Чибу хан. Изгледала поубаво од било кога. Но истовремено за неа може да се чуе дека седела крај нозете на ханот, како и да се прочита дека всушност седела до него, а крај нозете на ханот седел поетот. Затоа пак истоветноста е очигледна во едно: дека поетот, или пејачот и свирачот – поет, но и шут, или кловн, за цело време на свеченоста изгледал „невесело“ /тоа е најчесто употребуван израз/. Дали се беше изморил во текот на попладнето, зашто по наредба на својот господар, Чибу хан, сè до вечерта „требал да ја забавува Причу“? Младиот хан, пак, напротив изгледал необично расположен. А од лицето на младата и убава Причу, како и од нејзиниот поглед, ни тогаш не можело да се прочита ништо одредено. А тој и таа по свеченоста требало остатокот од ноќта да го поминат во неговиот шатор… Свеченоста завршила пред полноќ. Тогаш Чибу хан станал и пошол со Причу кон својот шатор. Поетот притоа фатил за прв пат да се смее, ама некако чудно; на некои им се сторило дека всушност плаче.. Небото над логорот и над степата било ѕвездено, но сјајот на ѕвездите бил чуден, како да бил матен, темен.
ВО ШАТОРОТ НА ЧИБУ ХАН. Описите се кратки, можеби поради тоа се исполнети со драматичноста, за разлика од легендите, каде драматичноста се заменува со патетиката. Меѓутоа, еден краток извод од поширок опис се чини највпечатлив. Во него стои: „… Прва во шаторот влезе Причу, се облече во ноќница од чиста бела свила, како невеста, при што за миг блесна нејзиното голо тело. Потоа легна во широката мека постела… Малку подоцна во шаторот влезе младиот и убав Чибу хан и лесно зачекори кон постелата. Истиот час десната рака на Причу се крена, во неа блесна сечилото на нож, а во следниот миг таа го заби ножот во своето срце. Врз белата свилена ноќница се појави црвена роза и таа беше единствениот знак дека младата и убава Причу беше мртва… Пред тоа таа само тивко рече: „Господару, сакам да бидам закопана крај Куџај хан. На жената ѝ е местото крај мажот“.
МЕСТО ЕПИЛОГ. Во истиот запис и опис уште стои: „… Ножот беше мал и со сребрена дршка, но доволно долг да стаса до коренот на срцето на Причу, а беше сопственост на поетот или пејачот и свирач, но и шут, кловн и паљачо. Доведен веднаш пред Чибу хан, тој рече дека попладнето кога биле заедно со неа на нејзина молба ѝ го дал.
– Со која рака? – го праша Чибу хан.
– Со левата – одговори тој.
Чибу хан не го праша ништо повеќе, ниту пак тој наведе било какво оправдување за себе. Ами, по краткиот дијалог, младиот хан нареди: Куџај хан и Причу да бидат закопани во еден гроб длабоко во степата, а левата рака на поетот да биде отсечене до глуждот и закопана покрај нив… Тогаш, поетот или пејачот и свирач, но и шут, кловн и паљачо, ја понуди својата глава. Чибу хан се загледа во степата и рече: „… и братот може да се убие, но не и поет…“ /Изгледа сепак за Чибу хан тој пред сè беше поет./ Потоа тивко додаде, но повеќе како за себе: „Алах, победив ли јас денес, или бев поразен? Всушност праша загледан во родната степа… Истиот ден беше сторено како што заповеда: длабоко во степата во еден гроб беа ставени Куџај хан и Причу, а до нив левата рака на поетот отсечена до глуждот…“
Оттогаш степскиот ветер ја ниша тревата над нив, но и како записите зборува за настанот и неговите актери, особено ноќите, во долгите степски ноќи.

АвторПетар Костов
2018-08-21T17:21:42+00:00 јуни 1st, 2003|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 32|