Автопортретите на генијот

/, Литература, Блесок бр. 30/Автопортретите на генијот

Автопортретите на генијот

Албрехт Дирер

Германите не важат за космополити, но културата и уметноста на тие контроверзни нордиски народи е космополитска (за среќа!). Дури и оние што тврдеа дека Шопенхауер и Ниче не се одликуваат со космополитизам (а нив, за жал, ги има и денес), увидоа дека се во заблуда. Германските гении – не оние просечни Германи, туку оние кои се на рамниште со Космосот (Хегел, Шпенглер, Хајдегер, Вагнер, Хајне …) – му се посветени на универзумот. А еден меѓу тие што го потврдуваат тоа е и Албрехт Дирер, на кого Германија му беше тесна, па ја посака широчината на светот, за најнакрај да стане светски уметнички космополит, како во личноста, така и во сликарството, во делото, каде што се обезграничуваат вредностите – тоа е спиритуалниот визиум, естетска опција на овој уметник – ликовна енциклопедија, со цртежна ерудиција до перфекција, која ги истражува психите до детали, спиритуалните феномени во нивните апсолутности. Кај него во сè има смисла. Владее со сржта на духовното. Господари со духовноста.
Моќен и надмоќен, гонет и прогонуван од мистериозните гени на генијот (како и Гете), создава безграничност. А таму нема ограничувања. Само разграничувања, за тоа што е земно, а што – небесно. Границите не постојат. Во космополитскиот пасош му стои: Албрехт Дирер – Важи насекаде – Вреди засекогаш – Трае за вечност!!!
Но, да се навратиме кон хроничарот од пред неколку века, и да се потсетиме на Нордиските анали, меѓу чии редови и бележења на анонимниот бележник, нејасно и матно, како во полусон, ми се појавуваат ликови на ист лик, што изразува разнообразни образованија и сознанија, светогледи и искуства, од година до година, од возраст до возраст, од автопортрет до автопортрет. Тој лик е ликот на генијот. Истиот оној што ги создал многуте образи што се наоѓаат низ светски знаменитите уметнички зданија и славните уметнички збирки. Духот на неговите дела никогаш не се брише од меморијата. Мисијата му е да биде ликовен Месија. Ми се привидува, понекогаш ми се насетува, и често ме посетува таа мисионерска и месијанска ликовна појава – Албрехт Дирер. Во Нордиските анали (измислени и замислени) има малку приказни.
Тие им се посветени само на некој како Дирер (такви ги има мошне малку), на некој како Матијас Гриневалд или Едвард Мунк, а можеби тоа го заслужуваат само уште експресионистите Емил Нолде, Ерих Хекел…
Но, да им се вратиме на ветените приказни за генијот …

I

Полените на овој монструозно-мистериозен демиург се некаде од унгарската „пуста“ на Ајтос, во постојбината на бесниот чардаш, каде што некогаш ќе сонуваат „Унгарските рапсодии“ на Лист, меѓу поетските коридори на Шандор Петефи…

(За) еден збор од името на неговиот роден град. Почетокот, изборот и изворот на неговиот талент, неговата слава.

„Берг“ во превод обично е само брег. А бреговите се необични, непреводливи, непредвидливи, осамени во своите искушенија. Онаму, на север, зборот „берг“ се среќава како „фјорд“, се шепоти како „сега“. А, мене, пак, ми личи на некаква огромна санта, по која се лизгале мали санти на Северното Море, во близина на копното, кои своето наивно љубопитство го платиле со заточеништво на земјата. На неа се укотвиле, ја изгубиле безименоста, белузлавата мразулност, а оние што не можеле да го заборават бакнежот меѓу водата и копното, љубоморно го задржале, како солзлива алка, споменот на Берг – Хајделберг, Кенингзберг, Витенберг, насекаде околу Стриндберг, често кај Сведенборг …
А, во Нирнберг?
Одам, осамен на неговиот брег, чекорејќи, онака во мислите, фрлајќи прекорни погледи врз мрачните хроники, испрскани со дамки од мртви катаклизми … Хронично се гадам, напуштајќи ги оние фосили!
Можеби овој град, овие улици, по кои мрмори дожд, треперат снегулки, а сонцето е анемично бледо – блеснува само овде, каде што очните капаци се ослободуваат од грч и ширум се отвораат пред катедралата Дирер. Што се воопшто катедралите? Во споредба со неговата катедралност, која не е создадена за да биде покорен храм од канони, туку homo anticanonicus. Автопортрети, кои се страотни психолошки трактати.

II

Замислете една готска куќа во Нирнберг, со тесни прозорци, низ кои маченички се пробива светлоста до една полутемна просторија. А во неа малку простор, многу тишина, задушлив мирис од лоени свеќи што делумно го откриваат лицето на една мала силуета, сè уште речиси дете, отсутна со своите мечти, држејќи во малите прсти хартија и парче сребрен молив. За ова тринаесетгодишно дете волшебно откритие е – огледалото, во кое се вперени крупните очи, испитувачките погледи во сопствениот лик, од кој се поставуваат прашања, а одговори нема. Но, ќе ги има, ќе ги поседува во ремек-делата што ќе следат, придружени од славата потекната од генијот.
… Замечтаено и измечтаено: „Да, тоа сум јас, Дирер, пренесен од вистинскиот во огледалниот простор“ … „Состојби на моќ и надмоќ, состојби на лична магичност и дарба за маѓепсување на околината, за преобразување на обичниот свет во необични саги од слики. А оваа чудна, чудесна средба треба да се запамети, да остане, да се гледа, да се поседува … И, хартијата не е повеќе бела и празна. На неа оживеа умната мала глава, обрабена со руса коса; и, нежното тело во ноќна кошула, од чиј ракав се појавува малечка рака со мали прсти што ќе растат како неговата уметност“. Малиот Дирер отиде не да го заборави ова во сон, туку вечно да сонува.
Стразбург. Веќе дваесетидвегодишниот Дирер, во темна заднина, чија единствена светлост – е самиот тој. Опседнат со опсервации што ги понел од Нирнберг до Колмар, од Базел до Венеција. А, овде, во Стразбург, маестетично изустува: „Моите дела ќе се создаваат како што одлучи провидението“. Својствено и оправдано само за гениј, за оној на кого му е предопределено да биде тоа.

III

Се наоѓаме во совршено свежа просторија, со прозорец низ кој набљудувам пејзаж од копно, покрај кое бавно тече река, обоена од околните брегови, над кои полуснежните планини се соединуваат со темно-синото небо… А од прозорецот, привидно рамнодушен и спокоен, дваесетиосумгодишниот Дирер. Ист оној полупрофил што не сака сè уште да ни се открие целиот. Гледам убаво обликувана глава, покриена со црно-бела капа, од која се протегаат и се распостилаат бујни, темникави, црвеникаво-златни коси, слободно спирално извиени, како неговите патишта по кои леташе, гореше, но не тонеше, не умираше. Даруван од бесмртноста, и крунисан со неа.
Лицето сјае со некоја возвишена гордост. Усните се ораторски молчеливи, околу кои брадата само ја истакнува неговата моќна појава. А очите се очи што разголуваат, осудуваат, одобруваат и молат.
Да, сетете се на „Четирите јавачи на апокалипсата“: не е ли тоа едно од најдраматичните, најнеразјаснетите и најкомплексите ремек-дела?

IV

Наеднаш вакуум, молк, и во таа празнина се судрувам со триесетгодишниот Албрехт Дирер во анфас. Ме збунуваат тие длабоки, аскетски зеници, во кои наѕирам зенит (затоа што зенитот претскажува крај). Блесокот од тие зеници ќе одблесне со по некој сноп во „Фауст“, „Ероика“, „Волшебниот брег“ …
Дирер го има и престојува некаде. Поседува многу ликовни приказни и прикази за својот гениј: од Париз до Санкт-Петерсбург; во Албертина и Брера, по галериите и музеите на Минхен и Дрезден, во Нирнберг – од каде што започнуваат ликовните саги, слично како оние за Нибелунзите. Само што неговите не се митови и култови, туку ликовни ритуали и ликовни легенди, не за Германец, туку за уметник-космополит, каква што е и неговата уметност – космополитска!!!

АвторРичард Иванишевиќ
2022-08-31T08:00:40+00:00 јануари 1st, 2003|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 30|