Кога би слетал во Њу Јорк…

/, Литература, Блесок бр. 28/Кога би слетал во Њу Јорк…

Кога би слетал во Њу Јорк…

Кога би слетал во Њу Јорк, секако тоа не би го сторил со сопствен авион, туку веројатно со некој чартер (отплата на шест чекови од Загребска банка, нова серија) со пакет аранжман од десет дена. Десет дена е сосем долг период за еден снаодлив човек да си најде некои поткрепителни точки во туѓиот град. Веќе после неколку денови треба да се направи обид да се продаде картата правец Европа и после лудата забава во џебот да се сочува барем квортер. Зошто? За да можам да влезам во телефонска говорница и да му се јавам на Мило Рупчиќ во Њу Јорк. Зашто, нашинецот секако би ми нашол некоја работа „на црно“, за почеток.
По два-три месеци ќе соберам малку камен, ќе се „нафатирам“, давам отказ и можам да си барам женска. Сметам дека ќе се појави некоја згодна и мила Порториканка од умерено сомнително маало. Шпанскиот ми е одамна драг, а и мојот несовршен англиски ќе биде помалку воочлив во нејзино друштво. Набргу ќе следува скромна семејна церемонија на Порто Рико.
(Во меѓувреме некои од чековите за пакет-аранжманот од Загреб стигнале за наплата, но никој не може да ми влезе во траг – ниту Џерзи Козински не би го смислил ова подобро. И понатаму добро живеам со кредитната картичка Мастерс чии сметки немам намера некогаш да ги платам.)
На мајката на жена ми ѝ е најважно дека сум католик, иако со години, освен од уметнички побуди, не заоѓам во Папините објекти. Со чинот на венчавката го земам презимето на жена ми, на пример Моралес, а на името му додавам -о на крајот, да звучи хиспанофонски: значи, Роберто Моралес. Секако, Порто Рико е земја на големи можности така што веднаш вадам нови документи. За разумна сума пари во џебот на локалниот службеник, гратчето на моето раѓање станува Каји, Порто Рико, познато по тутунската индустрија. Со тоа дефинитивно се губи секој пишан траг за мојот некогашен живот.
Сега со сите уредни документи се враќаме во Њу Јорк и за почеток се вселуваме во станот којшто мојата жена го најмувала и пред брачната среќа. Се пријавувам на државна социјална помош.
Во локалната продавница, во којашто често навраќам, љубезно ме предупредуваат дека мојата „европска“ кредитна картичка е неважечка. Се чудам гласно, а си мислам: не е лошо, четири месеци прилично лагоден живот! Глумам загриженост.
Откако ќе стигнат првите пари од мојата новопронајдена татковина, одам до најблискиот универзитет и се интересирам за државните стипендии за студиите по славистика. Одам на тестирање, и секако, меѓу родените Американци имам речиси максимален број на бодови. Со тоа заслужувам солидна државна стипендија. Потоа го копирам индексот и составувам циркуларно писмо со биографија. Пишувам за тешкиот живот во внатрешноста на островот (не на Вис или на Хвар, туку на Порто Рико) и сеопштата сиромаштија во семејството, па ги приложувам одличните резултати од тестот. Писмата ги праќам засебно на хрватските, босанските, црногорските, македонските, бугарските, српските и на словенечките иселенички организации и претставништва со молба дека како странец сакам да го студирам токму нивниот јазик. Тука се и: заедницата на порториканските интелектуалци, којашто ја молам да го помогне сиромашниот селанец-земјак, Светскиот еврејски конгрес (во писмото патемно споменувам да ги истражат моите корени), Католичката помош (го праќам изводот од книгата на венчани како доказ за припадност кон Црквата), Исламот денес! (Islam Today! Organization) каде што се јавувам како симпатизер на добрите страни на делото на Мухамед, и до уште неколку други здруженија.
Набрзо помошта за сиромашниот студент на словенски јазици доаѓа од уште неколку адреси: најдарежливи се Словенците, веднаш испратија и пакет книги, зашто веројатно гледаат долгорочен интерес во соработката со Порториканците (ананас, пури и рум за дежелата!), следуваат Евреите и Босанците. Хрватската амбасада одговори дека парите за оваа година се веќе потрошени за филм којшто докажува дека имаат сопствена култура, додека останатите Балканци воопшто не одговорија.
Се селиме во поголем стан поблиску до универзитетот, а јас си подарувам, на студентски кредит, најнов модел на компјутер од фирмата Compaq. Есмералда конечно ја напушта работата како шивачка и заедно заминуваме на двонеделно крстарење по Антилите. За сето време размислувам дали би можел, на крајот, сепак да се вљубам во неа. Учам шпански, мојот мајчин јазик. „Медениот месец“ заврши бргу. И понатаму добро се поднесуваме.
Есента во Њу Јорк е прекрасна. Лисјето на стеблата во Централ Парк ме потсетува на боите на Медведница во октомври. Само, овде живееме слободно, иако со туѓи, државни пари.
Читам, но не студирам. Всушност, на мир пишувам роман за Њу Јорк.

Превод од хрватски: Игор Исаковски

АвторРоберт Млинарец
2018-08-21T17:21:46+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 28|