Интервју со Дејвид Брн

/, Звук, Блесок бр. 27/Интервју со Дејвид Брн

Интервју со Дејвид Брн

„Работам по инстинкт“

Дејвид Брн е уникатна фигура во современата музика. Заедно со Talking Heads тој е одговорен за некои од најинтересните албуми воопшто, мешајќи рок, диско, фанк, афро-бит. Неговата соло кариера ја следи истата онаа експериментална траекторија по која и ТH чекореа додека неговата издавачка куќа Luaka Bop го следи неговиот интерес за африканската музика и нејзините мутации и хибриди. Во моментов синглот Lazy во соработка со X-Press 2 се наоѓа на врвот на многу топ листи, но од сè најважно е што на 12 Дејвид Брн настапи во Скопје, како дел од турнејата Lazy Eyeball Tour 2002.

#2 НГ: Во 1988 Вие ја основавте Luaka Bop, независна издавачка куќа, која промовира музичари од регионот наречен Афропеја. Дали можете да ми кажете што значи Luaka Bop како и што означува Афропеја?

ДБ: Афропеја е, се разбира, еден виртуелен континент. Неговата физичка локација е Европа но неговиот етос и ставови се европски помешани со африкански сензибилитет. Не сите делови од Европа се дел од овој континент, а и некои делови поголем период биле дел од него во однос на останатите, но сите ги собираат плодовите и се под влијание на овој невидлив континент. Влијанието на културата на Јамајка врз Британската е очигледно, комбинацијата на Француската и Белгиската култура во Конго, Западноафриканските и Арапските култури се исто така очигледни а меѓу Шпанија и Северна Африка со векови имало мешање на културите… и како што бројот на овие хибриди се зголемува така од друга страна нивното влијание се зголемува во околните земји… а понекогаш ги преминува и океаните и морињата.

НГ: За тие кои никогаш претходно не слушнале за Luaka Bop и нејзините изданија, или за тие кои не ги познаваат музичарите од регионите кои Вие ги промовирате или ги посочувате, што би препорачале за прво слушање?

ДБ: Од време на време, ние објавуваме семплери од нашите изданија. Едно од последните такви семплери е Zero Accidents On The Job, двојно цеде кое се продава по цена од едно. Исто така, на нашиот веб сајт www.luakabop.com може да се најдат музички записи кои можат да се даунлодуваат или стрим аудио извадоци од повеќето наши изданија. Во моментов можам да ги препорачам Сузана Бака, перуанска вокалистка и Los De Abajo, мексикански бенд кои во моментов се на турнеја низ Европа и Северна Америка.

НГ: Кои беа Вашите први замисли за тоа како треба и како не треба Luaka Bop да изгледа?

ДБ: Во почетокот немав некаква одредена цел. Едноставно бев воодушевен поради можноста да објавувам компилации од моите омилени нумери од Бразил, Куба, Индиа, Јапонија итн, а подоцна почнавме да соработуваме со нови музичари, што од своја страна носеше поинакво задоволство; да се биде во можност да му се помогне на уметник кому му се восхитуваш е прекрасна работа. Меѓутоа, деловниот дел понекогаш знае да биде тежок и депресивен, но досега ние успеавме да преживееме, во некои случаи, едвај. Претпоставувам мојата цел беше Luaka Bop да стане дом за музиката која не можев да ја најдам на некое друго место и да го споделам тоа со секој кој би можел да биде заинтересиран. Понекогаш се чини дека на јавноста ѝ се допаѓаа моите избори и тие на останите од Луака, додека понекогаш луѓето мислеа дека се чудни.

НГ: Дали Luaka Bop има музичка филозофија за тоа кои музичари најдобро се вклопуваат во нејзините рамки?

ДБ: Ние настојуваме да привлечеме уметници кои работат на работ, односно, работат на хибридни стилови кои не се вклопуваат во веќе етаблираните жанрови, иако тие понекогаш прават албуми… Ние не се стремиме да објавуваме комерцијални албуми, но од друга страна нам не ни пречи ако некои од нашите изданија или музичари станат популарни – ако во исто време можат да се придржуваат до своето. Тоа е уште едно од нашите правила, нешто што го научив од Warner Brothers во старите добри денови, односно дека музичарите го имаат последниот збор за своите изданија. Ако сакаат да снимаат некакво невообичаено издание – тогаш тоа треба да им биде овозможено, но тие би требало да бидат реални за тоа колку пари ќе може да се заработат од тие албуми. Можеби ќе имаат среќа и да продадат многу албуми и ние се надеваме дека ќе биде така, но тие не би требало однапред да сметаат дека тоа ќе се случи.

НГ: Како балансирате помеѓу вашите обврски околу Luaka Bop и сопствената музичка кариера?

ДБ: Порано беше полесно. Обично кога сум во Њујорк секое утро работам во канцелариите на Luaka а кога сум на пат тогаш одржувам контакти преку е-пошта, што најчесто и го правам бидејќи деловниот дел сега е потежок поради промените во музичкиот бизнис. Обично се трудам да ги гледам работите од агол на гледање на еден музичар, што не е за изненадување, но јас се придржувам до една мисла која вели дека ако музичарот не посветува доволно внимание на својот бизнис наскоро нема да има никаков бизнис. Помагам колку што можам односно давам сугестии – графички идеи, дизајни, продуценти, пристапи кон турнеи, итн. Сето тоа се сугестии за уметниците а се базирани на моето искуство. Се разбира, уметниците се слободни да одлучуваат сами, но јас би можел да понудам некои предлози.

НГ: Дали има некои музичари кои во последно време Ви го привлекле вниманието или би сакале да потпишат за Luaka?

ДБ: Во моментов сме повеќе или помалку пополнети и се концентрираме на некои музичари кои сега објавиле нови изданија или само што ги завршиле своите изданија. Во подготовка се неколку необични компилации. Ова не значи дека нема многу работи кои ги слушам а со кои јас не би сакал да соработувам.

НГ: Во Македонија има луѓе кои имаат убави сеќавања кога Talking Heads настапуваа на просторите на бивша Југославија. Колку добро сте запознаети со музиката од овој дел од светот (Балканот)?

ДБ: Имам добри познавања за некои традиции на тие простори – македонските трубачки ансамбли се познати по своите уникатни структури, невообичаени ритмови и аранжмани. Пред неколку години во Загреб имав можност да слушнам неколку – еден од нив беше бенд кој наликуваше на балкански готик бенд… се разбира, имам присуствувано на неколку концерти на Горан Бреговиќ и No Smoking Band-от на Емир Кустурица.

НГ: Луака промовира такви имиња како што се Гилберто Гил, Том Зи, итн., кои се сметаат за иноватори на Бразилската музика. Дали сте слушнале за продуцентот/музичарот по име Суба? Во текот на 90-те тој се пресели од Југославија во Бразил и имаше големо влијание на Бразилската сцена. За несреќа, тој почина во 1999, кога се обидел да го спаси од пожар материјалот кој тој го продуцирал за Бебел Жилберто.

ДБ: Да, позната ми е работата на Суба – неговиот албум е фантастичен како и тој кој го продуцираше за Бебел (Бебел учествуваше на албумот David Byrne и сме стари пријатели). Тоа беше голем губиток за Бразилската музика и се чини чудно што еден странец и тоа од сите места на светот да биде од Југославија, да даде пример за другите Бразилци за тоа во кој правец може да се насочи нивната музика. Тажно е што понекогаш странците се тие кои посочуваат на некои работи.

#1 НГ: На 18 март, Talking Heads беа примени во рокенрол салата на славните. Што мислите од оваа временска дистанца, како би звучел бендот ако настаните се одвиваа поинаку?

ДБ: Па, тешко е да се замисли како ќе звучевме сега. Нашиот стил постојано се менуваше и еволуираше и којзнае каде тоа ќе нè однесеше – мене ме понесе во некои чудни и интересни места. Но, оценувајќи според албумите на останатите членови, мислам дека ние не би се согласиле за иста насока.

НГ: Дали има некое интервју каде Вам не Ви поставиле прашања за Talking Heads?

ДБ: Да, бидејќи темите за кои ме прашуваат се за музика, уметност, политика, навистина за сè и сешто, а, од друга страна, има полно работи за што може да се зборува.

НГ: На Интернет имаше еден голем есеј, со анализа на Вашиот начин на пишување. Според мене секој стих си има свое знаење без разлика на темата на песната. Дали знаете за што пишувате кога пишувате нешто?

ДБ: Понекогаш знам точно за што пишувам – некои песни обработуваат очигледни теми. Кај некои други, нивната вистинска тема се открива подоцна… и, кога ги пишувам, обично работам по инстинкт и интуиција. Во овие случаи не ни знам за што се работи во песната туку имам претчуство дека зборовите и музиката се исправни. Некои од овие песни, тие добрите, немаат некое буквално значење за мене и за останатите. Некои дури и претскажуваат што чувствувам и мислам пред да можам тоа да го артикулирам.

НГ: Во деновите со TH вие имавте плодна соработка со Брајан Ино со кого имавте еден заеднички албум и тој гостуваше на Вашите први соло изданија. Која беше првичната идеја зад Bush of Ghosts и какво е Вашето мислење сега, гледано од оваа временска дистанца.

ДБ: Кога го започнавме проектот бевме тројца – Џон Хасел исто така требаше да учествува во проектот – и водевме разговори да се сними албум кој ќе се презентира како снимка од некаква непозната или скриена култура. Тоа би наликувало на лажна етно плоча, помалку или повеќе од некоја имагинарна култура. Меѓутоа, таа еволуираше во нешто поинакво од ова; во нешто што како што чув влијаело на музичарите почнувајќи од Public Enemy па сè до Moby.

НГ: Дали мислите дека такво нешто може да се повтори?

ДБ: Веќе се случи тоа и тоа повеќепати – многумина снимија албуми базирани на овие идеи – почнувајќи од луѓе како Moby, DJ Food па можеби сè до Radiohead.

НГ: Колку всушност тој беше под влијание на албумот Movies на Холгер Шукај?

ДБ: Во тоа време воопшто не бев чул за неговиот албум – иако додека го снимавме албумот некој го спомна и сега можам да ги видам сличностите. Истото можам да го кажам и за CAN, неговата некогашна група. Откако го снимивме Remain In Light (кој беше снимен после Bush of Ghosts) некој спомна дека некои делови го потсетуваат на CAN, што и ме натера да ги купам тие албуми, каде исто така можев да забележам некои сличности.

НГ: Дали постои можноста за некој иден Ино/Брн проект? Па дури и ако нема, дали имате претстава како би звучело тоа?

ДБ: Со него се немаме видено неколку години. Меѓутоа, пред извесно време со Брајан се видов неколку пати во Лондон… кој знае?

НГ: Какви се Вашите планови за во иднина? На кои проекти работите во моментов (кои не мора да се поврзани со музика или Luaka Bop)? Кога ќе можеме да очекуваме нов албум на Дејвид Брн?

ДБ: Во моментов работам на повеќе проекти: бугарска едиција на The New Sins, која е една лажна религиозна книга која ја објавив минатата година. Работам на еден саундтрак во соработка со неколку млади шкотски музичари. Неодамна со X-Press 2 објавивме заедничка нумера Lazy (бр.2 во Велика Британија). Во август подготвувам една инсталација во Јапонија, а во септември подготвувам и едно интерактивно уметничко шоу во ЛА. После сето тоа ќе почнам да работам на нов проект, со нови песни. Но, кој знае…

звучен запис

АвторНенад Георгиевски
2018-08-21T17:21:48+00:00 август 1st, 2002|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 27|