Надраснување на границата

/, Литература, Блесок бр. 25/Надраснување на границата

Надраснување на границата

како хипертекстот и философијата се среќаваат во „Сократ во лавиринтот“ од Дејвид Колб

Својот хипертекст Сократ во лавиринтот, како и значително покусата истоимена верзија на неговата расправа1F, којашто може да се најде во Hyper/Text/Theory од Џорџ Лендау (George Landow), Дејвид Колб го започнува поставувајќи го едноставното и директно прашање, „Дали можеме да философираме употребувајќи го хипертекстот?“ (Kolb 323). Сепак, со движењето на читателот низ обете верзии на Колбовиот текст, станува јасно дека прашањето не е во тоа дали философијата може да се создава во хипертекстот, дури ни дали философирањето во хипертекстот може во многу случаи да биде полезно, туку дали хипертекстот „ќе овозможи нов вид философско пишување“ или ќе биде само „средство за изложување или информациска алатка за философските текстови, неспособна да го понуди храбриот свет на новите философски текстуални стратегии“ (Kolb 325-26). Од клучно значење за Колбовото тврдење дека хипертекстот навистина може да го понуди „храбриот свет на новите философски стратегии“ е надминувањето на навидум фундаменталната инкомпатибилност помеѓу хипертекстот и философијата, за чијашто возможност тој не само што ефективно се залага во хипертекст верзијата на своето дело, туку и ја илустрира презентирајќи неколку возможни организациски стратегии – или посреднички форми, како што ги нарекува – во рамките на хипертекстот, коишто би можеле на философијата да ѝ обезбедат подлабоко разбирање на сложените структури коишто ја опкружуваат типичната линеарна философска аргументација, и едно поистенчено чувство за контекстот и процесот на философскиот дискурс.
Хипертекстот, како што укажува Колб во сродниот есеј „Научниот хипертекст: себе-претставувачка сложеност“ (”Scholarly Hypertext: Self-Represented Complexity”) е најмногу употребуван како средство за организирање на информациите за полесен и поефикасен пристап и манипулација. Применета на овој начин, технологијата на хипертекстот несомнено би можела да му биде од полза на философското пишување, исто како и на научното пишување воопшто; сепак, ползата би се свела единствено на една „информатичка погодност“. Колб го застапува гледиштето дека философијата, сепак, може да го употребува хипертекстот како нешто повеќе од средство за изложување и дека философијата може да го ползува тоа што е напишана во хипертекст, бидејќи тоа би ѝ овозможило да се ослободи од лажната претензија на јасно омеѓен тоталитет: “хипертекстот личи на природен инструмент за обидот да се покаже дека секоја претпоставена сеопфатна структура, без оглед дали е наративна или философска, аргументативна или дијалектичка, функционира во рамките на едно пошироко подрачје коешто таа не го контролира“ (Kolb 334).
Но идејата за зачекорување отаде употребата на хипертекстот како нешто повеќе од „каприциозно пишување фусноти“ и вистинското користење на сложените поврзувачки структури на хипертекстот помеѓу несериските јазли во философијата, нè води кон навидум темелната инкомпатибилност помеѓу хипертекстот и философијата – прашање со кое Колб на восхитувачки начин се соочува директно, а не заобиколно, и кое се состои во следново: “философијата суштински ја вклучува аргументацијата, а аргументацијата суштински вклучува почеток, средина и крај, така што вистинскиот философски текст изискува линеарност“ (Kolb 326).
Ова нè враќа кон нашето изворно прашање: „Можеме ли да философираме во хипертекстот?“ Доколку е така, како е тоа возможно? Односно, како хипертекстот, дефиниран од страна на неговиот изумител, Тед Нелзон (Ted Nelson), како „несериско пишување составено од мрежа на текстуални парчиња коишто не се поврзани едни со други на некој уникатен начин“ може да биде употребено, во највистините и најцелосна смисла, од една дисциплина којашто толку многу зависи од линеарноста? (Kolb2: hypertext).
Најнапред, Колб не го начнува ова прашање преку отфрлањто на замислата дела линеарноста е неопходна за аргументација, која, од своја страна, е средишна за философијата – иако ја изнесува очевидната но важна забелешка дека во философијата има и нешто повеќе од аргументите. Наместо тоа, тој ја прифаќа зависноста на философијата од линеарноста како факт и прибавува разлози кои објаснуват зошто, во светлината на овој факт, философијата не треба да го користи хипертекстот „како нешто повеќе од средство за изложување“ (Kolb 326).
Колб укажува дека „една философска аргументација не може да биде прикажана како маса неповрзани искази … философската линија не може да биде разбиена на начинот на кој некои сонуваа да ја разбијат наративната линија; линијата обезбедува фокус, а фокусираната критика е суштествена за философијата“ (Kolb 327). Уште повеќе, како што вели Колб, „философската нагласка врз линеарната аргуметација е во контраст со хипертекстуалните мрежи кои можат да немаат фиксен почеток и крај, тешки се за истражување, можат да не нè доведат до заклучок, и можат свесно да избегнуваат да бидат фатени во некаков тотализирачки преглед“ (Kolb 327). Во случај овие искази да не ја воспоставуваат на конклузивен начин нессодветноста на философските обиди да се исползува хипертекстот како нешто повеќе од „средство за изложување“, тој го привикува монументалниот призрак на Платон како извориште на линеарноста и јасниот фокус во филсофијата: „од Платон наваму, философијата инсистира врз потребата од де-цесија, која во основа значи отсекување од она што го смета за неумерно талкање, и придржување кон тесната патека“ (Kolb 328).
Несомнено, овие искази само ја поткрепуваат замислата дека философскиот дискурс, со својата суштинска зависност од линеарноста, е инкомпатибилен со хипертекстот, медиум толку цврасто врзан за прекумерноста, мултилинеарноста и истражувањето долж повеќе патеки, а не за централизацијата на значењето и сосредоточеното напредување од почетокот, преку средината, до крајот/крајните заклучоци. Сепак, Колб всушност тврди дека не само што философскиот пишување може да се одвива во хипертекстот, туку дека хипертекстот може на философијата да ѝ понуди нови, посложени аргументациски маневри од оние коишто се возможни во традиционалниот кодекс. Како тој може да го тврди ова во светлината на контрастот помеѓу хипертекстот како медиум, и философијата како дисциплина? Одговорот лежи во две клучни опсервации: една за природата за философската линеарност, а другата за природата на хипертекстот.
Философијата, вели Колб, како што беше напоменато погоре, традиционално2F трагаше по вистините долж линеарни патеки. Но оваа линеарна прогресија секогаш била втоната во еден посложен, посуптилен и помалку јасно фокусиран опкружувачки дискурс. Како што објаснува Колб, аргументите, малите и големите, се опкружени од еден понеформален дискурс кој нè води до и од аргументот“ (Kolb 330). И на друго место, „дури и најчистата философска линија е опкружена од поранешни или претпоставени дискурси“ (Kolb 330).

#b

1. Хипертекст верзијата на Сократ во лавиринтот произлезе од пократката верзија во форма на есеј, којашто се појави во Хипер/Текст/Теорија на Лендоу. Иако хипертекстот го вклучува целосниот текст на покусиот линеарен есеј и е значително посложен и пообемен – се состои од околу 25000 збора наспроти 9000 збора во линеарниот есеј – јас ја цитирам верзијата на есејот секаде каде што е возможно, поради проблемите коишто ги имав со интерфејсот во хипертекст верзијата. Не ќе можев да употребувам многу од моќните опции достапни во Сторѕспаце, како снимањето на моето читање, што би го олеснило цитирањето на хипертекстот. Исто така, честопати ќе морав да ја затворам и рестартирам програмата, бидејќи текстот би се претворил во бесмислени линии од рамки и облици. Овие проблеми не го поткрепуваат Колбовото тврдење дека хипертекстот би можел да биде полезен за философијата, но во оценката на примената на неговите идеи, се обидов да ги занемарам техничките проблеми.
2. Сепак, Колб укажува и на една долга традиција во философијата на оние коишто одат наспроти оваа тенденција.

АвторШин Фенти
2018-08-21T17:21:51+00:00 март 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 25|