Оскар Вајлд, цензурата и моралната умешност на живеењето

/, Литература, Блесок бр. 24/Оскар Вајлд, цензурата и моралната умешност на живеењето

Оскар Вајлд, цензурата и моралната умешност на живеењето

За време на својата куса кариера, Оскар Вајлд нашироко пишуваше за темата на уметноста и јавниот морал. Низ медиумот на неговата јарка личност и егзотичната уметност, тој жестоко ги предизвикуваше социјалните и културните вредности на своето доба. Во 1892 година се судри со цензорите кога неговата егзотична драма Салома беше забранета од лордот Чембрлен поради сликањето на библиските личности во неа. Осуден на две години принудна работа поради хомосексуални навреди во 1895 година, тој во сопственото време беше сметан за морално проблематичен и беше потребно речиси цело столетие за неговата морална и естетичка философија да го стекне признанието коешто го заслужува.
Она за коешто се залагаше Вајлд беше слобода од стегите. Тоа беше каменот-темелник на неговата морална философија, а тој беше приврзан кон идеалот како на моралната, така и на уметничката слобода. Уметникот, сметаше тој, треба да остане независен од јавниот морал; не смее да се дозволи јавното мнение да се меша во слободата на уметникот да го создаде она што тој или таа ќе го избере.
Можеби најсоодветната илустрација на Вајлдовите идеи за оваа тема е изразена во Предговорот кон неговиот роман Сликата на Доријан Греј и во писмата за неговата одбрана коишто тој му ги има упатено на уредникот на Scots Observer. Романот ја раскажува приказната за убавото момче чиј лик го презема физичкото пропаѓање на неговата душа, додека неговото лице и тело остануваат како кај човек од дваесет години. Доријан Греј, всушност, си ја има продадено душата на ѓаволот за тоа убаво лице.
Во времето на нејзиното објавување во 1890 година книгата беше отфрлена од критичарите како неморално дело. The Scots Observer објави приказ во кој романот беше изложен на потсмев како „неприроден“ и „гаден“. Поплаката на приказот се состоеше во тоа што Вајлд не ги прецизирал сопствените морални склоности. Така, „не е доволно разјаснето дали авторот не го претпочита правецот на неприродната грешност во однос на чистиот, телесно и душевно здрав живот.“ (Hart – Davis, 1979).
Низ одговорите на овие писма Вајлд го формулираше аргументот против цензурата во уметноста којшто останува релевантен сè до денес. Тој напиша целина од три долги писма во одбрана на своите мотиви. Во својата разработена одбрана тој нагласува некои од проблемите со кои се соочува модерниот уметник. Овие проблеми се однесуваат на судирот помеѓу личната слобода којашто ја бара уметникот и ограничувањата наметнати од барањата на јавниот морал.
Укажувајќи на односот помеѓу уметноста и нејзината публика, Вајлд напиша дека „оние коишто поседуваат уметнички инстинкти ќе ја согледаат нејзината убавина, а оние кај коишто е појак моралниот порив ќе ја согледаат нејзината морална поука“. Доколку во неа гледаме неморалност, тоа е неморалност која самите сме ја вовеле од сопствените искуства и перцепции, и таа не е инхерентно присутна во самото дело. Уште повеќе, моралното поучување не е целта на уметноста. Уметноста „нема за цел да поучува, или да влијае врз дејствувањето на ниеден начин.“ (Hart-Davis, 1979)
Доколку можеме да ја одвоиме уметноста од какво и да било влијание врз дејствувањето, нема да постои потреба од цензура. Оние кои се залагаат за цензурата го прават тоа поаѓајќи од уверувањето дека уметноста го засега дејствувањето и е одговорна за неговата неморалност во мноштво случаи. Вајлд тврдеше дека доблеста и порокот се само „материјали за уметноста“. Книгите за Вајлд беа „или добро, или лошо напишани. Тоа е сè.“ Не постои нешто како неморално дело. Моралноста е во окото на конзументот.
Признавањето на ова е неопходно за одговорно естетичко вреднување. Доколку сме одговорни човечки суштества, треба да бидеме доволно култивирани за да ја преземене одговорноста за пораките коишто ги изведуваме од уметничките дела. Навистина, доколку едно уметничко дело воопшто поседува вредност, тоа ќе ни каже многу нешта, и во него има мноштво подтексти чиешто значење е различно за секоја личност.
Така, слободата којашто Вајлд ја бараше за уметникот исто така подразбираше слобода од страна на публиката. Таа слобода е слободата да се избира како ние ќе одговориме на едно уметничко дело. Признанието дека имаме слобода да ги избереме нашите одговори, ѝ боде очи на цензурата, којашто се стреми да ја заштити публиката од самата неа и да ја порекне индивидуалната автономија на конзументот. Различието коешто цензурата му го одрекува на уметничкото дело исто така им го одрекува и на толкувањата на тоа дело од страна на публиката.
Најголемиот престап на цензурата е во тоа што таа го диктира приемањето на уметничките дела во согласност со една единствена перспектива која го ограничува различието на мненијата. За Вајлд, токму способноста да произведе различие од мненија е белег на големата уметност, бидејќи „тоа покажува дека делото е ново, сложено и витално“. (Complete Works, 1986, P17). Доколку уметничкото дело воопшто содржи вредност, таа почива во неговата способност да предизвика кај читателот интелигентен одговор. Неговата виталност не лежи во верноста кон една единствена вистина, туку во капацитетот да предизвика контроверза и расправа.
Контроверзата и расправата по себе не ѝ припаѓаат на сферата на дејствувањето, туку на сферата на мислата, којашто за Вајлд имаше поголемо значење. Уметничкото творење, за Вајлд, се јавува во сфера оддалечена од актуелниот живот и може да нема никаков ефект врз дејствувањето. Целта на уметноста е едноставно да го олесни размислувањето. Доколку уметноста е „проследена од каков и да било вид активност“, пишува тој, тоа се должи на фактот што гледачот „пропуштил да го сфати целосниот уметнички впечаток“. (Hart-Davis, 1979, P96). Исто така, контроверзата којашто таа ја произведува му припаѓа на истото царство: царството на мислата. Следствено, доколку уметничките дела можат да произведат контроверза, тоа не треба да биде проблем за цензорот, бидејќи таквите нешта немаат ефект вон сферата на уметноста.
Во Вајлдовата естетика средишниот концепт кој ја дефинира сферата на уметноста е стилот. Кога уметниците ги создаваат своите дела, нивната преокупација не е во тоа да се зафатат со моралните прашања, туку ги засега единствено стилот на уметничкото создавање. Уметниците не се зафаќаат со произведување на дела кои имаат морално пропишувачка димензија, бидејќи нивна грижа е претставувањето на идеите. Според Вајлдовото гледиште за уметноста, начинот на кој е претставена една идеја е од поголемо значење одошто која и да било подлежечка „порака“ или морална содржина. Стилот за Вајлд беше маниризам усвоен од уметникот со цел да се пренесе некоја интересна идеја.
Сепак, во Вајлдовата аргументација има и нешто повеќе од ова, бидејќи Вајлд го нагласува феноменот на стилот со цел да ја илустрира уметниковата ослободеност од некоја поединечна перспектива. Аргументот против цензурата го засега одвојувањето на делото од неговиот творец, а ова одвојување мора да стане очевидно преку свесното прифаќање на оределен стил. Привилегирајќи го стилот во однос на моралната содржина, авторот се опредметува себеси, дистанцирајќи се од полемиките. Така, пишува тој, „ниеден уметник нема етички симпатии“, бидејќи „етичката симпатија кај уметникот е непростлив стилски маниризам“.
Стилот е маска, а уметникот е суштество на многу маски, многу начини. Токму затоа, според Вајлд, „да се побркува уметникот со неговата тема е непростлив злостор“. Во својата естетичка философија Вајлд ги поврза концептите на уметничката слобода и стилот. Стилот на делото, неговиот начин на претставување е израз на слободата – слободата на изборот практикувана од уметникот со цел да го претстави своето дело на различни рамништа.
Способноста на публиката да го препознае стилот кој се издига над моралноста, за Вајлд претставуваше белег на интелигентна и култивирана публика. Стилот престојува во сферата на уметноста, а моралноста ѝ припаѓа не само на сферата на световниот живот, туку и на личниот избор. Одговорното уметничко вреднување почива врз способноста да се прави разлика помеѓу две различни сфери на реалитетот. Вајлд сметаше дека на уметноста мораме да ѝ го признаеме достоинството на припаѓањето кон сфера различна од профаната егзистенција и дека не треба да ја просудуваме според стандарди кои ги употребуваме во секојдневниот живот. Таа е свет по себе со сопствени стандарди и вредности.
Да се признае ова е првиот чекор долж патот кое едно потолерантно општество кое нема потреба од овековечување на законодавството. Според тоа, уметничката слобода, за Вајлд, исто така значеше и да ѝ се дозволи на ппубликата во неа да го вчита и сопственото искуство, едновремено задржувајќи ја свесноста за нејзината различност. Постоејќи како што постои, внатре царството на мислата, уметноста треба да сугерира идеи, а не да диктира стилови на живот или морално избори.
Сепак, ние не можеме да ги пренесеме Вајлдовите идеи во естетички шаблон без да наидеме на практични проблеми. Вајлдовата идеја за култивирана публика којашто може да прави разлика помеѓу доменот на уметноста и нејзинот однос кон личната моралност е идеалистичка замисла. Вајлд тврдеше дека уметникот не може да биде одговорен за конструкциите коишто публиката ги наметнува врз неговото или нејзиното дело. Но постојат случаи во кои, дури и ако тоа е така, таквите конструкции не можат да бидат игнорирани, на пример во уметноста која го слика насилството. Постојат членови на публиката за кои насилните сцени во уметноста се сметаат како поттик за извршување насилство во нивниот личен живот.
Вајлдовиот идеал на култивирана публика не остава место за оние на кои им недостасува моќ да прават разлика помеѓу сферите на уметноста и личната моралност. Насилството и садизмот прикажани стилистички можат да станат привлечни како начин на живот. Стилот ја има моќта да ја заведе публиката во естетичко вреднување коешто ги надминува и пречекорува границите помеѓу размислувањето и дејствувањето.
Но доколку како општество го сметаме уметникот одговорен за заводливите моќи на неговиот стил тогаш го ограничуваме разнообразниот потенцијал на уметничкото дело, бидејќи би требало да го ограничиме она што смее и она што не смее да биде изразено. Во односите помеѓу уметноста и нејзината публика треба да постои подеднаква одговорност од обете страни за конструкциите наметнати врз уметничките дела. Сепак, оваа еднаквост на одговорноста е тешко одржлива, на пример во световите на рок и поп музиката кадешто уметникот има моќ да влијае врз впечатливо млада публика. Честопати уметниците се подеднакво виновни за негирањето на одговорноста како и публиката, стремејќи се кон контроверзност за сметка на чувството за уметнички интегритет.
Накусо, проблемот околу тоа како и кога да се озаконува јавниот морал останува подеднакво значаен како и во Вајлдово време, а неговите аргументи против цензурата, според нас, го нагласуваат односот помеѓу уметникот и публиката кој е централната преокупација во расправите за цензурата.

Превод од англиски: Ана Димишковска Трајаноска

АвторЏулија Вуд
2018-08-21T17:21:52+00:00 јануари 1st, 2002|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 24|