Небесни птици (извадок)

/, Литература, Блесок бр. 24/Небесни птици (извадок)

Небесни птици (извадок)

Награда „Балканика“ 2000
Превод од романски: Лидија Димковска

20. Дожд, студ, издржливост

Не ја бев видел Тофана неколку седмици. Случајно налетувам на неа во средата навечер, покрај црквата Ена од кај што излегуваше.
Паѓа ситен дожд, студи и Тофана е смрзната. Мала и свиткана, наврната небесна птица.
Се тресе и си ги собира рамената под ветвиот мантил.
Ми вели дека чекори во место, ама дека со Божји благослов наскоро ќе замине одовде. Кога е тоа наскоро? Не знае, ама со Божји благослов, се надева дека наредниот месец. Каде? Сè уште не знае, ама со Божји благослов се надева тоа да биде Австрија, Израел или Белгија.
Вели дека секој петок оди во Коралниот храм, во големата синагога. За да ја забележат Евреите и за да ја присвојат. Ги силува портите на храмот, се нафрла врз еврејската религија, почнала да учи хебрејски и идиш, токму сега има еден учебник со неа.
Со адвентистите сè уште не е решена. Ама оди редовно и на нивните средби, а тие имаат многу поволно мислење за нејзината побожност и посветеност.
И вера, и пресметувања и агониски сметки. Беше во состојба да ѝ се посвети на една религија денес, на друга утре, но служејќи му постојано на еден ист Бог, оној во чиј лик се содржани сите религии. Опседната да замине веќе еднаш од земјата, да добие виза по СЕКОЈА ЦЕНА, зграпчувајќи во очај чија било подадена рака, залетувајќи се на секој знак што би можел да ѝ го олесни емигрирањето.
Нејзината настрвеност и истовремено простодушност може лесно да те уништат. Дури и да одеше во Храмот само поради визата, кога беше во Храмот забораваше на таа цел и го преживуваше ритамот на вознесението, сето нејзино битие го зафаќаше божјиот копнеж, неразбирливите зборови и песни ја распалуваа, паѓаше во состојба што се граничи со трансот. Дури потоа, кога излегуваше на улица, си спомнуваше дека таа, всушност, оди таму од корист.
Не беше способна за лицемерие, а сепак беше несвесна лицемерка. Не можеше да го мами Бога, зашто Бог, постојано со ист лик, ѝ се појавуваше насекаде, в црква, во храм, во молитвениот дом на адвентистите, и единствено што ја тераше понекогаш да се запраша дали можеби мами некого, беше културната престрашеност. Во никој случај не го мамеше Бога, туку можеби само некои мантии, ритуали, некои свештенички камилавки.
Ништо не ја прашувам. А човек кого не го прашуваш за ништо, ќе ти каже сè.
Тофана: Бев во Синаја со Јакоб. Јакоб заборавил романски. Тука е на месец дена. Ми вети дека ќе ми помогне за виза, ама времето да замине му се приближува, а нему не му текнува да ми помогне. И отидовме во Синаја. Се возевме со жичарница. Кога жичарницата тргна, го прашав јасно и гласно да ми каже зошто не ми помогне. Како да ти помогнам? ме праша. Да ме земеш за жена, формално, колку за да заминам. И кога бевме над една пропаст, му реков: или вети ми дека ќе ми помогнеш, или ќе те турнам во дупкана. Се преплаши. Го изгребав дури не му потече крв за да го убедам дека сериозно мислам и дека животот му зависи од мене. Го присилив да се заколне дека ќе ми помогне, зашто инаку ќе го турнам во бездната. Беше бел како вар, се испотресе. Мислам дека никогаш повеќе во животот нема да се качи на жичарница.
Молчев. Рече:
– Ќе дојдам утре кај тебе. Сериозно ти велам, дај ми диплома од Центарот за ориентална терапија. На оние од амбасадата на Индија им ветив дека ќе им покажам дилома. Постојат надежи да ми дозволат да заминам кај нив. Му реков на амбасадорот дека практикував индиски healing со еден познат господин Марио, го знае лекарот на индиската амбасада. Разбери ме, треба да им влеам доверба, да им покажам документи. Единствено документите се важни за луѓе како нив, документите и печатите. Дај ми диплома!
– Не дери се, ти се молам.
– Да ми раскажеш некој ден нешто во врска со будизмот. Кој е поголем, Христос или Буда?
– Христос е Господ што научил да биде човек, Богочовек. А Буда е човек што научил да биде Господ, човекобог. Христос е царот, Буда е пријателот на царот.
– Со ваквото објаснување, можеш да го помириш клерот со цела Азија! вели.
– „Блажени се миротворците!“ велам.
– Сфаќам. Но сега треба нешто конкретно да направиш за мене. Конкретно, не вербално. Помогни ми.
– Можам да ти помогнам само ако продолжиме да работиме. Дојди утре да работиме.
– Не ми се работи, не можам да се средам, имам премногу грижи. Сакам да ми ја дадеш потврдата со сина рамка, со парафот од затворената установа. Сфаќаш ли дека индиската амбасада по сè изгледа ќе ми издаде виза? Треба само да им покажам документи со меморандум, да ги освојам. Дај ми ја дипломата!
– Престани со делириумот. Кога ќе ти текне нешто, се правиш глува за сè друго. Немам како да ти дадам диплома.
– Е да и да и да! Што те чини да ми дадеш еден лист хартија?
Не ѝ противречам. И сама гледа дека луѓето бараат документи, отвораат врати со разноразни документи, си ги затнуваат устите со документи, си копаат социјални тунели меѓу документите. Со документи поминуваат улици и океани. Со документи си ја докажуваат нееднаквоста, злобноста, прекршоците. Да речеме дека е вака: Ако за да отвориш врата ти треба документ, а за да скршиш врата ти треба секира, значи дека документот е чесна, цивилна реплика на секирата.
Истовремено, нејзиното инсистирање да ѝ издадам диплома од установа затворена поради идеолошката цензура, ме правеше да се посомневам во нејзината чесност.
За да го прекинам сомневањето, ѝ велам:
– Дојди утре да продолжиме со работата.
Вели:
– Не сакам повеќе да имам training. Не сакам повеќе бавна психотерапија. Немам трпение. Твоите вежби се добри за затвореници. Им реков на родителите да не ти ги плаќаат повеќе часовите. Не сакам повеќе! Не сум во состојба за ништо па ни за тоа. Не ни помислувам да учам нешто ново. Кога сакам да се помолам, одам в црква, во храм. Толку знам. Те молам веднаш да го свикаш методолошкиот совет заедно со дебелиот претседател за да ме тестирате. Инаку, твојот потпис ми е доволен. Ако не ми дадеш диплома, ќе те изгребам до кожа. Ти си како сите амбасади собрани на еден куп. Го оневозможуваш моето заминување во странство. Од тебе ми зависи визата за Индија.
– Ќе го замолам утре Сорин да поразговара за тебе со амбасадорот на Индија. Ако успее, тоа е подобро отколку две дипломи.
– Ми иде да те задавам. Што те чини да ми го дадеш тоа парче хартија, знаеш дека само така ќе бидам силна пред нив!
– До гледање! ѝ велам и си одам.
И во тој миг неа ја фаќа паника.
Почнува пак со инсистирањето, да останам уште една минута. Да не ја оставам сама зашто тогаш е изгубена. Ми бара прошка:
– Не лути се, не можам да се контролирам кога ќе помислам дека се приближува терминот кога ќе ми истече пасошот, а јас сè уште не сум добила виза за странство. Господе, сè уште сум на нула. Се фаќам за Индијци, се фаќам за Евреи. Кога би ме прифатиле во јудаизмот, сигурно би добила виза за Израел. Ерусалим е мојот сон.
– Во некој ресторан или манастир!
– Точно.
– Ако заминеш за Индија, со што ќе се занимаваш таму?
– Исто: или во манастир или ќе бидам пејачка во ресторан.
Студи, се згрчува под ветвиот мантил. Безнадежна ситуација на небесна птица. Небесните птици се родени со извесна рамнодушност, живеат слободно, а Тофана не. Во птичјото гнездо паѓа дожд и врне снег. Ама кога блеска сонцето, таму го има најмногу од секаде.
Ја оставив во состојба на видлива напрегнатост. Никогаш не сум ја видел толку агресивна. И пак констатирам дека има два сосема спротивни лика: еден кроток, покорен, и друг импулсивен. Кога беше кротка и потчинета, ти се чинеше дека ги содржи сите најубави чувства на светот. Кога беше агресивна, ти се раѓаше чувство дека си подобар од неа и од светот подложен на нервози. Надвор паѓа ситен дождец, студи.
Потоа беше петок, потоа беше сабота.
Во еден часот заѕвони телефонот. Го пуштив да ѕвони во празно, долго и со некаков цвилеж во звукот.

АвторВасиле Андру
2018-08-21T17:21:52+00:00 јануари 1st, 2002|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 24|