Манаки / Фотографи_Close-up

/, Галерија, Блесок бр. 22/Манаки / Фотографи_Close-up

Манаки / Фотографи_Close-up

Фотографии на Јанаки и Милтон Манаки

Изложба во Фотофакт* галерија Скопје
17.10 – 05.11.2001
Автор на изложбата: Роберт Јанкулоски
Дизајн на изложбата: Моника Мотеска

#1 На почетокот беше фотографијата (Јанина,1898)1F, преку која Браќата Манаки ја запознаа вредноста на заробената сегашност. Желбата да го зачуваат времето направи да влезат во антологијата на светската кинематографија како први сниматели на Балканот. Но, до крајот на својот живот ѝ останаа верни на фотографијата третирајќи ја како уметност која има изградено сопствени критериуми.

#2 Фотографското наследство на Браќата Манаки (18.513 негативи од кои 7.715 стаклени плочи)2F дава можност за најразлично толкување и презентирање на нивното творештво. Растеретени од бремето на историјата и ставајќи ги на ист пиедестал турскиот султан и анонимниот битолски боем се обидовме да го направиме изборот на фотографии за оваа поставка. Притоа единствено водевме сметка за визуелно естетските квалитети на фотографиите ставајќи го во прв план фотографот. Избраните фотографии се од различен период и со различна тематика бидејќи љубопитноста ги натерала да се испробаат во сите области на фотографијата. Најголемиот број од изложените фотографии за прв пат ја гледаат галериската светлина и ја надополнуваат сликата за Браќата Манаки како фотографи.
Изложбата3F не треба да се сфати како пресек на нивното фотографско творештво, туку како сегмент виден од еден, можеби и субјективен ракурс.
#3 Сите фотографии се направени од оригинални негативи (контакт копии од стаклени плочи) и се изработени во фотолабораторијата на Архивот на Македонија – Подрачно одделение Битола, со благодарност кон вработените од оваа институција за помошта во реализацијата на оваа изложба.

* Галерија на Македонскиот центар за фотографија

#b

1. Јанаки Манаки отвора фотографско студио во Јанина, 1898 година
2. Фотографскиот материјал на Браќата Манаки се чува во Државниот архив на Македонија – Подрачно одделение Битола
3. Изложени се 34 фотографии

АвторРоберт Јанкулоски
2018-08-21T17:21:55+00:00 октомври 1st, 2001|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 22|