Македонска поетска дијалектика

/, Литература, Блесок бр. 21/Македонска поетска дијалектика

Македонска поетска дијалектика

(предговор кон антологијата „Млада МК поезија“)

I. Дијалектика

Стремежот кон поместување на духовниот хоризонт претставува основен постулат на поетското творештво. Во функција на овој стремеж, креативните потенцијали на младите автори првично се насочуваат кон рецепција на класичните и актуелните поетски форми во својата творечка лабораторија, а понатаму и кон нивна разградба. Доколку текот на поетската дијалектика запре во една од овие две фази, тогаш би можело да се констатира дека авторот не успеал да создаде автентичен лирски простор кој би претставувал есенцијален придонес кон вкупниот поетски фонд. Попрецизно одредено, ако процесот запре во првата фаза, младиот автор ќе биде епигон и неговото творештво ќе биде сенка на друго творештво, а ако, пак, процесот запре во втората фаза, авторот ќе биде само анти-поет и неговото творештво, неизбежно, нема да биде прифатено како поезија. Како единствено прифатлив и суштински резултат на овој процес може да се јават поетските иновации, на коишто им е иманентна духовната возбудливост.

II. Најмладата македонска поезија

Најновите лирски струења во Македонија покажуваат дека повеќемина млади македонски автори ги надминуваат првите две фази на поетската дијалектика и покрај тоа што македонскиот и светскиот поетски фонд им вршат огромен притисок, како со радикалната изразно-стилска разновидност, така и со својот обем. Токму заради оваа причина како сосема издржана треба да се прифати иницијативата, а понатаму и реализацијата на проектот – Антологија на најмладата македонска поезија. Консеквентно, примарен (книжевен) критериум за некој/а поет/еса да биде застапен/а во оваа антологија, беше задоволување на условот: преку естетските вредности на својата поезија да покаже дека активно се наоѓа во третата фаза на поетската дијалектика. Како секундарни (хронолошки) услови кои мораше да бидат исполнети, треба да се наведат следните критериуми: поетот/поетесата да се пројавил/а на македонската книжевна сцена со поетска книга по 1995 година, односно, креативно да дејствува во македонскиот лирски простор во последните пет години, како и да не биде постар/а од триесет години.
По внимателниот прочит на најновите поетски пројави на македонската книжевна сцена, со строга селекција се одбрани седуммина автори, носители на инвентивни и прегнантни лирски остварувања, кои со својата поезија ја составуваат оваа антологија: Наташа Бунтеска, Никола Маџиров, Ивица Антески, Маја Апостолоска, Емил Калешковски, Виолета Бончаноска и Александар Кирковски. Треба да се напомене дека секој од овие автори, освен тоа што сосема заслужено се најде во ова антологиско претставување на најновите поетски струења кај нас, исто така, со своите версифицирани остварувања кои се одликуваат со високи книжевни вредности, заслужува да биде застапен и во поширока антологија на современата македонска поезија.
Со оглед на тоа дека за да биде критичкиот метод иманентен на поетските струења, неопходно е да кореспондира со лирските иновации, како соодветен пристап кон поезијата на седумтемина млади македонски автори ќе се користи интегралистичкиот критички пристап кој овозможува однатре да се согледаат нејзините естетските вредности.
Поезијата на Наташа Бунтеска претставува суптилна лирика во која се тематизираат женственоста и божественоста. Оваа тематизација се одвива преку авторефлексија, којашто е вградена во потрагата по трансценденталниот происход. Истото наоѓа поткрепа и во фактот дека во поезијата на Бунтеска е присутна матријархалната митологија.
Сосема соодветно, кон ваквите идејно-мотивски и тематски определници се надоврзува поетскиот дискурс, којшто се доближува до сказната, односно, поконцизно, до нејзината чудесна атмосфера. Поетската нарација на Бунтеска е проникната со голем број фантастични елементи, коишто предизвикуваат ефект на зачудност.
Анализирајќи ја богатата сликовитост со која се одликува оваа поезија, неизбежно е да се дојде до сознанието дека таа има мошне интересна структура. Поетесата во лирските искази ненадејно приближува оддалечени појави, првенствено користејќи ја персонификацијата.
За поезијата на Никола Маџиров е карактеристична урбаната тематика, при што може да се забележи дека овој автор има манихејски однос кон градот.
Во своите поетски остварувања Маџиров врши вивисекција на реалноста, поттикната од поривот за надминување на материјалните ограничувања. Стожер на ова е духовното љубопитство на овој поет, односно, неговата волја за осознавање нови хоризонти.
Паралелно со оваа идејно-мотивска оска на поезијата на Маџиров, во поголемиот број лирски остварувања е присутна свест за минливоста којашто тој ја прифаќа како неизбежно својство на материјалниот свет и поставувајќи се кон неа како homo ludens го отфрла нејзиниот трагичен пласт.

АвторЈовица Тасевски - Етернијан
2018-08-21T17:21:56+00:00 јуни 1st, 2001|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 21|