Политиката и англискиот јазик

/, Литература, Блесок бр. 21/Политиката и англискиот јазик

Политиката и англискиот јазик

Од време на време некој есеј станува класика, обично поради тоа што е важна изјава на некоја тема со необично силно влијание. Таков е случајот со овој есеј, напишан во 1940тите. Овде Џорџ Орвел, авторот на „1984“, зборува за состојбата на англискиот јазик и за тоа како тој сериозно се влошува. Тој го завршува есејот со предлози за помош на јазикот, како би се довел во поздрава состојба.

Поголемиот дел од луѓето кои воопшто размислуваат на оваа тема, би признале дека англискиот јазик е во лоша состојба, но општо се смета дека ние, со свесно дејствување, не можеме ништо да сториме за тоа. Вообичаениот аргумент е дека нашата цивилизација е декадентна и дека нашиот јазик мора неминовно да го следи општото пропаѓање. Следи дека секој обид за борба против злоупотребата на јазикот е сентиментален архаизам, како користење на свеќи наместо електрична енергија или кочии наместо авиони. Под сето ова лежи полусвесното верување дека јазикот природно си се развива, а не дека е алатка која ние ја обликуваме за да ги задоволи нашите сопствени цели.
Значи, јасно е дека, во суштина, падот на еден јазик доаѓа поради политички и економски причини: тоа не се случува едноставно поради лошото влијание на овој или оној писател како поединец. Но ефектот може да стане причина, која ја засилува првобитната причина и го произведува истиот ефект во засилена форма, и така во недоглед. Човек може да почне да пие, затоа што се чувствува како губитник, но потоа да пропадне сосема токму поради тоа што пие. Тоа истото се случува и со англискиот јазик. Тој станува грд и непрецизен затоа што мислите ни заглупавуваат, но збрканоста на јазикот ни предизвикува да ни е полесно да имаме заглупавени мисли. Поентата е во тоа што овој процес е поправлив. Современиот англиски јазик, особено пишаниот англиски јазик, е полн со лоши навики кои се шират со имитирање, но можат да се избегнат со вложување на неопходниот напор. Ако се ослободиме од овие навики ќе можеме да размислуваме појасно, а да се размислува појасно е првиот неопходен чекор кон политичка регенерација: затоа борбата против лошиот англиски не е бесполезна и не е грижа исклучиво на професионалните писатели. На ова ќе се навратам за кратко, и се надевам дека за тоа време значењето на ова што го велам ќе биде појасно. Во меѓувреме, еве пет примери на употреба на англискиот јазик, онаков каков што го среќаваме сега.
Овие пет извадоци не се одбрани затоа што се особено лоши– можев да цитирам и далеку полоши – туку затоа што илустрираат палета од менталните пороци од кои страдаме. Тие се малку под просекот, но се прилично соодветни. Нумерирани се за да можам подоцна да им се навратам кога ќе биде потребно:
(1) Не сум, секако, сигурен дали не е вистинито да се каже дека оној Милтон кој некогаш не се чинеше несличен на Шели од седумнаесеттиот век, не станал, од искуства сè погорки секоја следна година, подалечен на основачот на онаа Језуитска секта што ништо не можеше да го наведе да ја толерира. Професор Харолд Ласки (Есеј на тема: Слобода на изразувањето)
(2) И најпосле, не можеме да си играме мачка и глушец со арсеналот идиоми од мајчиниот јазик кој што налага такви исклучителни колокации од зборови како што се базичните „да истрпи“ за „толерира“ или “Put at a loss“ за „се зачуди“.Професор Ланселот Хогбен (Интеглоса)
(3) Од една страна ја имаме слободната личност: по дефиниција таа не е невротична, затоа што ниту сонува ниту е во конфликт. Нејзините копнежи, онакви какви што се, се транспарентни, затоа што се токму она што институционалното одобрување ги одржува на челното место на свесноста: друга институционална шема пак, ќе ги промени нејзиниот број и интензитет; има малку во нив што е природно, ненамалливо, или културолошки опасно. Но од друга страна, социјалната врска сама по себе не е ништо друго до меѓусебен отсјај на овие само-обезбедени интегритети. Да се потсетиме на дефиницијата за љубовта. Не е ли тоа типична слика на еден мал академски професор? Каде има овде, во оваа сала со огледала место, било за личноста или за братството?Есеј по психологија во Политика (Њуjорк)
(4) „Најдобрите луѓе“ од господските клубови, и сите полудени фашистички капетани, обединети во заедничката омраза на Социјализмот и чудовишниот хорор од растечката плима на масовното револуционерно движење, се престорија во активности за провокација, во одвратни насилства, сè до средновековни легенди за отруени бунари, сè со цел да се легализира нивното уништување на пролетерските организации, да се подигне вознемирената ситна буржоазија на шовинистички восклик, во име на борбата против револуционерното решавање на кризата.Комунистички памфлет
(5) Ако треба нов дух да се внесе во оваа стара земја, има една бодликава и кавгаџиска реформа што треба да се загатне, а тоа е хуманизацијата и галванизацијата на BBC. Срамежливоста овде ќе биде доказ за болест и атрофија на душата. Срцето на Британија можеби е здраво и силно отчукува на пример, но Британскиот лавовски извик во моментов е како оној на Ботом во Шекспировата Сон на летната ноќ– мил како гулапче. Новата витална Британија не може бесконечно да продолжи да се клевети во очите или уште повеќе во ушите на светот со мрзеливата летаргија на Ленгам Плејс, бесрамно маскиран како „стандарден англиски јазик“. Кога гласот на Британија ќе се слушне во 9 часот, многу подобро и бескрајно поненормално е да се чуе чесно мрморење, наместо тековниве педантериски, надуени, инхибирани, магарешки рикања и мјаукања на недопрени срамежливи стари моми. Писмо во ТрибјунСекој од овие пасуси има свои грешки, но, освен грдоста што може да се избегне, две обележја се карактеристични за сите нив. Првото е мртвило на изразните средства; второто е недостаток на прецизност. Авторот или има што да каже и не може да се изрази, или ја промашува темата, или пак му е сеедно дали неговите зборови нешто значат. Оваа комбинација на нејасност и чиста неспособност е највпечатливо обележје на современата англиска проза, а особено на било кој вид политички текстови. Веднаш штом се отвори некоја тема, конкретното се губи во апстрактното, и се чини дека никој не помислува да ги промени зачмаените изрази: прозата сè помалку се состои од зборови избрани заради нивното значење, а сè повеќе од фрази залепени една за друга како блокови од монтажен кокошарник. Подолу, со примери и забелешки, ќе набројам разни начини, со помош на кои прозните конструкции можат да се освежат:

Мртви метафори

Нова, оригинална метафора го провоцира размислувањето со тоа што создава умствена слика. Од друга страна, метафора која што е технички „мртва“ (на пример „челична решителност“) има ефект на секојдневен збор, кој во принцип може да се употреби без да изгуби од живоста.
Но помеѓу овие две класи има една огромна група од истрошени метафори, што ја изгубиле сета моќ да провоцираат, и се користат само затоа што луѓето ги мрзи да креираат сопствени фрази. На пример: „да се застане рамо до рамо со“, „лов во матно“, „Ахилова петица“, „Дамоклов меч“, „лебедова песна“, итн. Повеќето од овие фрази се користат без да се знае нивното значење, и некомпатибилни метафори често се комбинираат, што е сигурен знак дека авторот не е заинтересиран за она што го зборува. Значењето на некои метафори сега е поместено и е поинакво од оригиналното, а оние што ги креираат воопшто не се свесни за тоа. На пример, метафората “toe the line“ (буквално „да се застане со прстите на стартната линија“ односно стриктно да се следат правила) некогаш ќе ја сретнеме напишана вака “tow the line“ (tow – влече, „да ја влечеш линијата“) . Уште еден пример е метафората „како чекан и наковална“ со импликација дека наковалната е таа што страда, што е уништена од чеканот. Всушност е сосема обратно, чеканот е тој што се крши, а не наковалната: автор кој престанал да размислува што зборува треба да биде свесен за ова и да не го менува оригиналното значење.

Погрешни вербални додавки

Овие додавки го олеснуваат изборот на соодветни глаголи и именки, а истовремено даваат ритам на речениците. Тоа се постигнува со дополнителните слогови кои даваат привидна симетричност. Некои карактеристични фрази се: „да оствари контакт“, „е предмет на“, „дава основа за“, „има ефект на“, „има водечка улога во“, „покажува тенденција на“, „има за цел“, итн, итн. Овде е клучно тоа што се елиминираат простите глаголи. Наместо да биде еден збор, како: крши, прекинува, расипува, поправа, убива, глаголот станува фраза, составен од именка или придавка закачени за некои глаголи со општа употреба, како што е докажува, служи, формира, игра, произведува. Како додаток на тоа, пасивната форма се користи и каде што треба и каде што не треба, и именски конструкции се користат наместо глаголски (со испитување, наместо испитувајќи). Изборот на глаголи дополнително се ограничува со помош на претставката де,наставката изира и двојната негација, со што на баналните изјави им се дава изглед на софистицираност. Некои едноставни сврзници и предлози се заменети со фрази како што се „во однос на“, „што се однесува до“, „фактот што“, „од аспект на“, „во интерес на“, „под претпоставка дека“, а пак краевите на речениците се спасуваат од антиклимакс со такви истрошени изрази, како што се: „не може да се изостави и..“, „се очекува развој во блиска иднина“, „заслужува особено внимание“, „и се донесе задоволителен заклучок..“, итн., итн.

АвторЏорџ Орвел
2018-08-21T17:21:55+00:00 јуни 1st, 2001|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 21|