Ќелави кучиња

Ќелави кучиња

Извадок од истоимениот роман

Песот Боби станува крадец а се спасува од глад со задоцнета вечера

Госпоѓа Фрида силно удираше во аванот со месинганиот толчник по тврдата грутка шеќер, додека соседот Тодор стоеше на вратата од нејзиниот и Ритиниот стан. Тоа всушност и не беше вистински стан, туку само една огромна соба со шест прозорци коишто гледаа кон улицата, испреградена со различни импровизирани паравани во вид на стари, гломазни шкафови, креденци, завеси, и правливи, посивени крпи. Во централниот дел од просторијата, некогашниот салон на трговецот Мајн, со таван богато украсен со гипсени орнаменти, во аглите еден наспроти друг стоеја два кревети одвоени со паравани, а крај прозорците масивен, старински отоман со избледена навлака, на чијшто потпирач се наѕираше насликан чифт крупни, црвени ружи. Насекаде наоколу по целата просторија беа расфрлани распарени столови и фотелји од различни стилови и епохи, а на секоја од нив се перчеа, со превртени ракави, барем две-три блузи, фустани, избледени пењоари и темни, износени џемпери. На средината на собата стоеше огромна, бела маса со елипсоиден облик, со криви ногарки и на своите изглодани, испукани лавовски шепи, држеше безброј празни и полупразни садови, чинии и подавалници, исечени парчиња леб, лушпи од исчистен лук, а во едно чиниче стоеше исушена и превртена наполу изедена бела торта. Под масата, на голиот, црн под, светкаа неколку барички поради коишто веројатно овој простор страшно смрдеше.
Госпоѓата Петровиќ пред спиење испи од својата мала како напрсток зелена чашка ракија од бршлен, а потоа заклучи дека една ѝ е малку.
Зошто не би испила уште една, и онака ќе си легнам, помисли и си сипа само уште половина.
Впрочем, грлото силно ја мачеше и гребеше во тие зимски денови.
Зошто секогаш се разболувам во зима, зарем не е полесно да се боледува во лето или пролет? Толку ја стегна, што веќе не беше сигурна како утре ќе оди на пазар.
И таа, како и многу други, го поминуваше поголемиот дел од својот преостанат живот на пазар, купувајќи и тргувајќи. Тргуваше и купуваше со сопствените паричиња. Ги меткаше и ги превртуваше во џебот, ги допираше, на слепо ги броеше а потоа ги преместуваше од една во друга дланка, секој динар посебно, постојано допирајќи ги со прстите. Секоја пара ја препознаваше со дланката и со врвот на прстот, секоја ја имаше допрено безброј пати, пред да ја извади на светлината на денот и да ја предаде во рацете на продавачките од коишто ќе успееше, благословувајќи и преколнувајќи,
да ја снижи цената на кое било растение.
Зелка, карфиол, кељ, ’рдоква, праз, компир, костен, корен, портокал, цвекло, јаболко, смоква, купуваше сè во чифт, или два, а потоа, дури дома, довлекувајќи го сето тоа во безобличната, сламена торба, изненадена со сопствениот избор, прегледуваше и смислуваше што од тоа благо може да направи. Беше царица на готвачките вештини и со часови во својот дворец, зад синиот параван од пластика, на малата, дрвена маса, сецкаше, мешаше, пржеше и вареше, полнеше и рендаше, динсташе и ги заливаше со пржен шеќер, со мед, масло и гускина маст импровизираните, бели пилешки гради, копани, гулабини грбови, шии и карабатаци. Ги спојуваше портокалот и целерот, костенот и празот, цвеклото и јаболката, медот и грутката сирење и во својата неподесна, средновековна кујна на шпоретот со само две рингли, беше волшебник на дваесеттиот век. Нејзините сарми од ореви беа волшебни, дебели птици, нејзините компири зрели јаболка, а жолтите мацес кнедли седеа на белата чинија како велигденски пилиња на врвот на гнездото. Умееше да направи ручек од ништо и да зготви сешто за вечера. Па сепак беше неутешна, зашто динарите секојдневно се топеа и исчезнуваа во пазувите на продавачките, секогаш кога ќе се потпреше на некоја тезга за да го одмори своето уморно, малаксано тело.
Утре ќе биде подобро, ја слушна последната реченица на спикерот на екранот и погледна во малиот телевизор. Се одвлечка до своето импровизирано царство, и од стариот фрижидер го извади последното парче сланина. Отсече неколку резанки и одлучи за своето болно грло да не зема никаква медицина, освен сопствената. Од подот, од плетената корпа за веш ја извлече гнилата, фланелска марама и ја искина на два дела. Го соблече измастениот, петносан фустан и ја облече ноќницата. Ја крена кусата низа од пожолтени, вештачки бисери и го допре својот дебел, збрчкан врат. Некогаш тоа беше врат на бел лебед, рече гласно.
Го познаваше своето лице до детаљ и со години не ѝ требаше огледало. Вешто, напамет, ги постави тенките листови сланина на грлото, придржувајќи ги со прстите. Ги зацврсти со парче газа, а преку тоа со јазол го врза делот од фланелската марама. Со така спакуван врат, легна в кревет надевајќи се дека ќе оздрави.
Боби сето тоа немо го набљудуваше, ѕиркајќи од под отоманот со две, во полутемнината едвај видливи црвени ружи извезени на потпирачот и чекаше госпоѓата Фрида да заспие. Ја насети случката во кујната, убаво го слушна чкрипењето на бравата на стариот фрижидер и не му паѓаше на ум да спие. Умираше од глад и единствен од кучињата во куќата ги помнеше добрите стари времиња, кога за вечера се јадеше и нешто друго, а не само грутка препржен шеќер. Му се присака вистинска храна и цврсто реши, по секоја цена, гладот да си го задоволи. Не му беше првпат да краде, во таа вештина се имаше испробано безброј пати во својот долг кучешки живот. Беше искусен во сите можни арамилаци и сигурен во својата задоцнета вечера, којашто во неколку зими, кога сите во куќата ќе заспијат, во тишина ја јадеше. Нема да биде откриен зашто не е единствен пес во куќата. Беше готов да чека со саати, додека госпоѓата Фрида во сонот се превртуваше и од искуство знаеше дека јазолот на марамата ќе се одврзе, кога-тогаш. Чекаше и го дочека најповолниот момент, го почувствува по мирисот на сланината којшто допираше до него. Тогаш тивко се прикраде, скокнувајќи меко на креветот и доползи до вратот на газдарицата. Лежејќи ѝ неколку моменти на градите, само мирисаше и уживаше. Кога ритамот на дишењето на госпоѓа Фрида се воедначи, со муцката го тргна покривачот, а потоа, со преостанатите три-четири заби, се обиде јазолот уште повеќе да го одврзе и да го разлабави. Тоа не му успеа, па кривејќи ја главата, со својата долга муцка се обиде да ги досегне и да ги излиже тенките, масни парчиња. Со јазикот вешто допре до сланината и, како човек со прст, ги извлече врз шарените карнери на ноќницата. Тука, над вратот на газдарицата, почна лакомо да го џвака и голта тоа жилаво парче. Го предадоа ислужените песји заби.
Рита се разбуди од мласкањето во мајчиниот кревет и на слабата светлина којашто допираше од ТВ екранот и од улицата, го виде Боби како ѝ седи на градите и ја јаде почнувајќи од вратот. За момент, знаејќи ја неговата расипана ќуд а опкружена со ноќни сенки и темнина, им поверува на своите очи и вџашена крикна на цел глас, а Боби побегна под креветот.
– Што се случи, сонливо праша госпоѓа Фрида, ѕиркајќи до креветот.
– Боби ти го јадеше вратот!
– Како па да не, само спиеше со мене на креветот. Остај ме да спијам на раат.
– Утре ќе викнам ветеринар за да го успие! Доста ми е од неговото безобразие! Секој ден е сè помалку куче, а сè повеќе човек! Крадец еден расипан!
– Можеби би требало да земаш валеријана пред спиење, рече госпоѓата Фрида и повторно загрче.
Тишината се сменуваше со препознатливите звуци на ноќта. Рита се обиде да заспие привикувајќи ги звуците на летото и шумот на брановите на големата река, фучењето на ветрот во врбовата шума крај речните канали, татнежот на орканскиот ветар над покривите на градот, пискотот на шумата во налетите на грмотевицата, но ноќната темнина и студенилото на зимата го гушеа секој звук на којшто ќе се сетеше.
Рита во темнината го слуша клокотењето на валканата вода во шахтата. Тоа е најсилниот звук што во моментот се слуша. Постои ли воопшто нешто во овој second hand живот? Живот којшто трае во дваесеттиот век, век на логори и злостори. Логорот во којшто живее Рита е најубав и најголем на светот. Заклучено е и од надвор и од внатре.
Тоа е вистинска мера за ова време и Рита мисли дека понуденото од судбината треба да се земе, не затоа што тоа е единственото што се нуди, туку затоа што тоа е сигурно вистинско зашто истовремено е и единствено. Колку беше поинаку некогаш кога околу неа сјаеја светлата на сцената, а таа беше опкружена со сите оние коишто ја сакаа. Ако навистина ја сакале ќе беа сега со неа, а не на некој друг крај на светот и таа сега би седела блиску до нив, и не би спиела во овој кревет под којшто дреме излитениот пес Боби.
Во моментот таа стана од креветот, пријде кон прозорецот, го отвори и вдиши свеж воздух. Чкрипењето на шарките ја прекина госпоѓата Фрида во грчењето. Рита вдиша со полни гради. Во полутемнината на собата, на подот виде неколку нови купчиња кучешки измет.
Па што ако е валкано. Валкани се улиците, становите и болниците, школските и претшколските установи, концертните сали, телевизиските студијата, пазарите, рестораните, хотелите, јавните тоалети и контејнерите. Валканоста е насекаде до каде што допира човечкото око. Валкан е сиот град и Дунав, валкани се птиците во градскиот парк и гулабите имаат масни, слепени крилја, едвај слетуваат на малите валкани запуштени плоштади. Валкана е и оваа соба и ќе се извалка и нејзиното срце коешто сè уште силно бие, како да сака да побегне во нечии туѓи гради.

Превод: Игор Исаковски

АвторЛилјана Јокиќ Каспар
2018-08-21T17:21:55+00:00 јуни 1st, 2001|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 21|