„2001“

или: Како еден филм се проследува со чекан

Почеток на Одисеја 2001: Вселенската Одисеја го прикажува изгревањето на Сонцето над заоблената Земја; во исто време тече воведот во музичката поема на Рихард Штраус, Also Sprach Zarathustra (Така зборуваше Заратустра). Оваа музика е замислена да го претстави умниот човек, Заратустра, како слегува од планината за да им го проповеда сопственото евангелие на луѓето. Само што сега Стенли Кјубрик доаѓа за да го проповеда своето евангелие.
Книгата на Фридрих Ниче, Also Sprach Zarathustra, од којашто Штраусовата симфонија е инспирирана, ја претставува идејата за победата на übermensch, или Надчовекот, над Човекот. Оваа тема се сретнува и во Кјубриковите филмови: Dr. Strangelove (1963), Пеколниот Портокал (1971), а особено во Одисеја 2001: Вселенска одисеја (1968), која е тема на овој есеј.
Ничеовата идеја најверојатно води потекло од Дарвиновата теорија за природната селекција. Ниче го гледал животот како „битка за опстанок во која најсилните опстануваат, силата е единствената доблест, а слабоста единствен недостаток.“1F Според Ниче, еволуцијата на човекот ќе се одвива низ три стадиуми: примитивен човек (мајмун), модерен човек, и конечно, надчовек. За ова Ниче напишал „Што му е мајмунот на човека? Предмет на потсмев или болна непријатност. Така и човекот ќе му биде на надчовекот: предмет на потсмев или болна непријатност.“2F Човекот е само мост меѓу мајмунот и надчовекот, но, за да стане надчовек, за тоа да се случи, човекот мора да ја искористи својата волја, „(волја) да се самосоздаде или нагон да се дојде до крајот, до нешто повисоко и подалечно.“3F
Ничеовата идеја е содржана во неговото верување дека духот на човекот е роден од два бога: Дионис и Аполон. Дионис е „богот на виното и веселбата, на возвишениот живот, на радоста во акција, на естетската емоција и инспирација, на инстинктот и авантурата и бестрашното страдање, бог на песната и музиката, на танцот и драмата.“4F Наспроти него е Аполон, „богот на мирот, смиреноста и одморот, на естетската емоција, на интелектуалната контемплација, на логичкиот ред и философскиот спокој, бог на сликарството и скулптурата, на епската поезија“.5F
Според оваа идеја, примитивниот човек е дионизиски по дух: воден од инстинктот тој живее во моментот, но нема интелектуални способности. Модерниот човек, бидејќи аполониски по дух, е мирен и спокоен, обземен од демократијата, социјализмот, и од религиите како што се христијанството и будизмот. Сите симптоми на инстинктот во човекот се уништени – минливиот човек е патетично суштество во очите на Ниче. Надчовекот ќе се врати назад кон дионизискиот стадиум. „Враќање кон природата, иако тоа не вистинско враќање туку едно искачување кон возвишената, слободна, дури и ужасна природа и природност.“6F Надчовекот повторно ќе го здобие човековиот изгубен инстинкт.
Во Кјубриковите филмови, идејата за примитивниот човек може да се сретне во Одисеја 2001 и Пеколниот портокал. Описот на примитивниот човек во Одисеја 2001 се наоѓа во сегментот „Муграта на човекот“ со што започнува филмот. Овој сегмент го опишува примитивниот човек кој се здобива со инстинкт да убива, симболизиран во појавата на монолитот. Во романот 2001, главниот мајмун-човек (наречен Набљудувач на месечината или Moon-Watcher) откако го добива овој инстинкт и убива друг мајмун-човек е опишан како господар на светот и мислата „не беше сосем сигурен што следно да направи, но сепак ќе смисли нешто.“7F Ова е прецизна илустрација на примитивниот човек како суштество од акција и од момент, дионизиски дух.
Во слична изјава од романот Пеколен портокал, главниот лик, Алекс, вели: „Што ќе се случи потоа, а?“8F индицирајќи притоа дека и тој е суштество од акција, човек поврзан со духот на примитивниот човек. Како што вели Кјубрик, Алекс е „природен човек во состојбата во која е роден, неограничен и непотиснат.“9F Понатамошното потврдување на истото е во филмот, кога Алекс вели: „Мислењето е за глупавите (gloppy). Умните (oomny) ја користеа, и сакаа инспирација…“. Инспирацијата е дионизиска одлика, додека контемплативната мисла е аполониска. Љубовта на Алекс кон музиката („величествената Деветта од Лудвиг Ван“) е исто пример за дионизиска одлика.
Транзицијата од примитивен кон модерен човек е постепен процес. Одисеја 2001 го отсликува ова во сцената која прикажува како Moon-Watcher фрла коска во воздухот. Поглавјето што коренспондира на овој настан, наречено „Возвишување на човекот“,накусо ги опишува еволутивните и интелектуални промени во човекот што водат до неговото сегашно аполониско Себе.
Во Одисеја 2001, модерниот човек е претставен како научник, интелектуалец, резервиран кон природата. Тој е бледо и патетично суштество, на кое му недостасува животната енергија на неговите примитивни предци. Претседателот на САД во Dr. Strangelove e исто така добар опис на модерниот човек. Умен но неефективен, „Стивенсонски бубач“10F повеќе загрижен за протоколот отколку за акцијата. Овој човек не е како Moon-Watcher – господар на светот, и покрај тоа што е претседател на САД.
Основниот конфликт меѓу дионизискиот и аполонискиот дух може да се види во Пеколниот Портокал, кога Алекс добива Лудовико третман, со цел да го намали неговиот дионизиски дух и да го направи повеќе аполониски. Реалниот ефект е што тој завршува со смртоносна болест кога неговото природно дионизиско стапува на сцена. Тој е „излечен“ со овој третман на крајот на филмот -но не станува надчовек.
Во патувањето од примитивен човек до надчовек, монолитот на Месечината во Одисеја 2001 го одбележува главниот момент. Во сцената со месечевиот монолит, Сонцето е насликано директно над него додека монолитот емитува гласна бучава (можеби да го сигнализира доаѓањето на моментот). Овој момент е објаснет од Ниче како „пладнето кога човекот стои на половина пат меѓу sвер и надчовек… пат до новото утро “11F, првото утро на надчовекот.
Надчовекот е достигнат на крајот на Одисеја 2001 . Во крајните сцени, астронаутот Дејвид Баумен лежи на својата смртна постела. Пред своето издивнување, тој го посакува надчовекот. „’Го сакам оној кој посакува создавање на нешто повисоко од себе, за потоа да умре‘ рече Заратустра.“12F Оваа идеја e исто така добро претставена во едно друго дело на Рихард Штраус, наречено Tod und Verklärung (Смрт и Трансфигурација). Пишувајќи за ова дело, Штраус кажал дека е наменето „да ја претстави смртта на еден човек кој се борел за највисоките уметнички достигнувања… Му се разјаснува плодот на неговиот пат низ животот, идејата, Идеалот.“13F Отстрани го зборот „уметнички“ и преведи го зборот „личност“ како човештво, и ова точно ќе ја опише Ничеовата идеја, дека човештвото се бори за Идеал, наречен надчовек; посакува да заживее како човек пред да умре.
Во Одисеја 2001, надчовекот е прикажан како дете (во романот наречено Sвездено-дете (Star-Child)). Ова, исто така, доаѓа од Ниче, од неговата метафора за трите човекови метаморфози на духот. Во крајната метаморфоза кога човекот постанува надчовек, Ниче вели дека духот ќе му стане како на дете, зошто „детето е невиност и заборав, нов почеток.“14F Детето е, исто така, со дионизиски дух, зашто општествените услови се надвор од него. Во Одисеја 2001, Star-Child исто така го претставува повторното раѓање на Дејвид Баумен (т.е. повторното раѓање на човештвото) враќајќи се повторно на Земјата во финалната сцена. Оваа епизода со јазикот на Ниче е објаснета како: „духот сега ја посакува сопствената волја, и оној кој беше изгубен за светот сега го освојува својот сопствен свет.“15F Дејвид Бауман, изгубен за светот за време на вселенската одисеја, се враќа за да владее со него.
Но, поодредено, каков ќе биде надчовекот? Ниче рекол дека тој ќе биде враќање кон дионизискииот дух, нешто налик на она родено во романот 2001. Завршниот пасус ги поврзува двајцата: Star-Child (надчовекот) е наречен господар на светот имајќи ја истата мисла што ја имаше Moon-Watcher („тој не беше сигурен што следно да прави. Но ќе смисли нешто.“16F). Надчовекот ќе биде повеќе од она што бил примитивниот човек, ќе го има интелектот што на примитивниот човек му недостасувал. Ниче рекол дека на надчовекот ќе му биде потребен нов морал, зошто тој ќе биде „над доброто и злото.“17F Тој ќе биде смеса од енергија, од интелект, и од гордост, човек со „префинетост, со храброст и со сила, научник и генерал во едно“18F Со други зборови, философски водач според примерот на Платон (види Република од Платон).
Ничеовата идеја може да се сумира како битка на човештвото да го достигне Идеалот, совршеното битие. Иако сите аспекти на оваа идеја се наоѓаат во Пеколниот Портокал и Dr. Strangelove, токму Одисеја 2001 претставува најочигледен пример на оваа филозофија во Кјубриковите филмови. Самиот Кјубрик, по сè изгледа, го поддржувал ова мнение за своите филмови. Кјубрик во некои интервјуа има речено: „човекот е онаа врска што недостасува помеѓу примитивниот мајмун и цивилизираното човечко битие“19F (надчовек?) и рече дека крајот го претставува човекот повторно роден како надчовек, „враќајќи се на Земјата подготвен за следниот скок напред во човечката еволутивна судбина.“20F
На Одисеја 2001 обично се гледа како на високо-амбициозен филм, отворен за многу различни интерпретации. Но, можеби и не бил така замислен. Кјубрик рекол дека ако нешто може да се смисли, тогаш тоа може и да се филмува. Ничеовата философија е многу присутна во Одисеја 2001, така што можеби овој филм е амбициозен токму затоа што претставува единствен начин на којшто Кјубрик можел да ги филмува Ничеовите мисли.

#b

1. Will Durant, The Story of Philosophy, New York: Simon and Schuster, Inc., 1961, стр. 301.
2. Walter Kaufmann, The Portable Nietzsche, New York: The Viking Press, Inc., 1982, стр. 124.
3. Walter Kaufmann, стр. 227.
4. Will Durant, стр. 305.
5. Will Durant, стр. 305.
6. Walter Kaufmann, стр. 552.
7. Arthur C. Clarke, 2001:A Space Odyssey, New York: The New American Library, Inc., 1968, стр. 34.
8. Anthony Burgess, A Clockwork Orange, New York: Ballantine Books, 1984, стр. 3.
9. Thomas Allen Nelson, Kubrick: Inside a Film Artist’s Maze, Bloomington: Indiana University Press, 1982, стр. 140.
10. Thomas Allen Nelson, стр. 85.
11. Walter Kaufmann, стр. 190.
12. Will Durant, стр. 334.
13. Michael Kennedy, Strauss Tone Poems, London: British Broadcasting Corp., 1984, стр. 22.
14. Walter Kaufmann, стр. 139.
15. Walter Kaufmann, стр. 139.
16. Arthur C. Clarke, стр. 221.
17. Will Durant, стр. 320.
18. Will Durant, стр. 328.
19. Thomas Allen Nelson, стр. 99-100.
20. Thomas Allen Nelson, стр. 130.

АвторДоналд Мекгрегор
2018-08-21T17:21:53+00:00 ноември 1st, 2001|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 23|