Несреќно семејство

/, Театар/Филм, Блесок бр. 20/Несреќно семејство

Несреќно семејство

Статусот во Американскиот Театар – способноста да се одземе одбраната на другите – автоматски се предава врз база на хиерархија – врз база на описот на работното место.
Актерот е манипулиран и контролиран од режисерот, кој е подеднакво роб на продуцентите. Неоспорното прифаќање на овој „Голем Ланец На Постоење“ е базиран врз измислицата дека тоа е „добро за изведбата“. Но, секој што е разумен гледа дека ова се случува исклучително ретко и секое свесно прифаќање на оваа хиерархија („Добро е за изведбата и подобро да замолчам, или ќе си ја изгубам работата!“) е во спрега со огромен бес.
Оние кои се на дното на ланецот изгледа дека имаат само две опции: може да прифатат идеализирана верзија на тие над нив; („Не знам – не го одобрувам она што го прават, но – врз база на нивното резиме и положба – само можам да претпоставам дека тие се во право, а јас не сум“); или, пак, тие може само да се бунат, да чадат, да озборуваат и да коваат планови – исто како оние кои ја имаат контролата да се нивни родители – што е и суштината што овој однос ја рекапитулира… односот помеѓу детето и родителот.
Овој однос родител-дете го инфантилизира актерот, со што тој е принуден да задоволи наместо да креира, да се буни наместо да истражува, да изведува наместо да изразува.
Како и во врската помеѓу родителот и детето, така и во театарот, мотивот за контрола е секогаш изјава за „Доброто на Детето“. „Јас, како продуцент, режисер, морам да ги игнорирам вашите прашања за вредноста на скицата / режијата / пиесата. Мојот збор е закон, за ваше добро е да му се покорувате без многу размислување, и доколку почнете да се сомневате и да ме испрашувате, пустошот што ќе го направите ќе го уништи сето добро што јас се обидувам да го направам за вас и вашите колеги“.
Во семејството, како и во театарот, потребата за контрола му користи само на оној кој контролира. Слепата покорност го штеди него од тешката задача на испитување на неговите предрасуди, неговата лична мудрост и конечно, неговата лична вредност.
Желбата да се манипулира, да се третираат колегите како слуги, открива чувство на длабока лична безвредност: како нечии мисли, избор и увид да не смеат да поднесат никаква проверка, а камо ли разумно, взаемно преиспитување.
Членовите на здравиот театар/семејство се однесуваат едни кон други со почит и љубов; и тие кои знаат подобро, прават подобро, знаејќи дека оние кои ги сакаат ќе настојуваат да ги стигнат.
Во систем на унапредување според заслугите, статусот и правото да се усмеруваат акциите на другите се добива ако по ништо друго, тогаш по докажување на одликите и некоја форма на заедничко одобрување. Но, во НАШИОТ театар, во НАШЕТО несреќно семејство, оние кои се последни, оние кои се на дното, се предмет на неразумниот, омразен и исплашен каприц на оние кои се (финансиски) надмоќни над нив. Оние на дното се новороденчето на угнетените родители, кои конечно можат некого да контролираат.
Во двете ситуации, примателот на оваа контрола е натеран да се плаши за неговото издржување – за неговиот живот – ако тој не се покорува без прашања, и така неговото достоинсто е ограбено.
Оваа неразумна комерцијална хиерархија на актерот / режисерот / продуцентот ја исцеди најмоќната сила на театарот: феноменалната моќ и дарежливост на актерот; и како и во многу други ситуации на несреќна тиранија, угнетуваниот мора да го ослободи угнетувачот.

Превод од англиски: Огнен Георгиевски

Од: David Mamet, from Writing in restaurants, 1986 / Whore’s Proffesion, Faber and Faber Limited, Great Britain, 1994

АвторДејвид Мемет
2018-08-21T17:21:57+00:00 април 1st, 2001|Categories: Теорија, Театар/Филм, Блесок бр. 20|