Снајперистот

/, Блесок бр. 21/Снајперистот

Снајперистот

(велигденска поема)
– фрагмент –

НЕМА ДА УМРАМ ВО ПАРИЗ ВО ЕДЕН ДОЖДЛИВ ДЕН
нема да го видам Париз,
се одреков од жената, која секако, со само еден
бакнеж од јавно сожалување, ќе ме убедеше
да умрам во Париз во некој дождлив ден

пред да остарам овде
каде што се крие снајперистот
каде што снајперистот во своето родословно стебло се крие,
пред да остарам овде постојано броејќи ги парите
за путирчето што ни се даде
за путирчето што ни се зеде
името негово благословено да биде,
пред да остарам овде
постојано слушајќи го дождот,
заедно со прогонетите и мртвите
слушајќи му ја ноќната смеа
над куќите разлиена, над родословното стебло
на господин снајперистот

да, древното стебло со цвеќиња и птици,
со камбани и цркви,
всушност стеблото под кое
во една ноемвриска приквечерина, јас
си ги закопав два метра в земја
куќата, сопругата, (и за извесно време) – внатрешниот глас.
Исто онака како што песот Густав си ги закопува
омилените ковчиња.
Растете габи, Бог да ве чува.
Полека но сигурно стигнав откај што тргнав
во родословното стебло со утки и клопотарци
каде што розовата боја на подлоста го надвладува духот на просторот
каде што кикотот на жабјакот го надвладува духот на просторот
каде што утката со прапорци прр-прр, динг-донг
го надвладува духот на просторот.

НА ПРВИОТ РАЗГОВОР ВО ЧЕТИРИ ОЧИ СО СНАЈПЕРИСТОТ
во присуство и на мојот стар верен пес Карл Густав,
во подземјето на еден перифериски бар
со ролни од чад, со музика, вотка, мистерии
секако – перифериски

попладнето во пет сфаќајќи дека со секоја чашка
животот ми се крева се повеЌе кон небото,
се расплака стариот верен фокстериер
а и на снајперистот му надојдоа солзи.

НАЈПОСЛЕ ДА ПОЧУВСТВУВА НЕШТО И ГОСПОДИН СНАЈПЕРИСТОТ
Меѓу солзите се кикоти жабјакот крвник во него
а во чашата му се дуе жабјото его.
Малкумината муштерии исчезнаа; барменот, шверцерот,
телохранителот и танчарката
преплашени од снајперистот
небаре пропаднаа в земја –
во еден перифериски бар често се случува ова.

ТОКМУ МУ ВЕЛЕВ НА МОЈОТ СТАР ВЕРЕН ФОКСТЕРИЕР
дека е време да си тргнам по оваа последна чашка,
пеш само до врата, и наеднаш Оп! – на небо
со чашката, со менталната роза во неа, со се,
кога господин снајперистот започна да го емитува
својот најличен глас испрекинат од икање:

… господине, ик,
СЕНИШТЕТО НА КОНЕЦОТ ГО УГНЕТУВА СВЕТОТ
го затвора милениумот повеќе од јанѕа отколку оправдано,
ик,
јас се родив во еден свет (проштавај за повторувањево)
оптегнат со конци, ик, во зимата ‘53.
Во воздухот гледам само оптегнати конци
налик на телграфски жици – и на нив ластовици,
од секаде се влечат конците
над мојата глава низ мојата глава низ самиот мене
летаат ли летаат ластовиците.
Полека но сигурно станав човек на конец
та надвор работата ми е врвка
небаре сум јадел само коноп
уште од првиот училишен ѕвонец.

НА СЕКОЈ ЧЕКОР СИ СРЕЌАВАШ ЛИКА – ПРИЛИКА
ОПТЕГНАТА НА КОНЕЦ
како си го турка животецот суров во религијата на јажето,
во црквите од ортоми коленижат новите луѓе од јажиња
молејќи му се во солзи и патос
на својот ортомест бог.

Метафизиката на јажето е смртта со бесење
а љубовта му е: маслото за кандило, мистичниот занес,
пламенчето.

ТОЛКУ КРВОПРОЛЕВАЊА ПО РЕЖИМОТ СО ЗАМРСЕНИ КОНЦИ
Јалта. Малта. Толку ужаси. Да речеме
јас божем сум снајперистот, ти поетот а пциштето –
фокстериер,
и ние тројцата занесени од чашката,
да заборавиме само за миг
дека некој некаде ги влече конците на нашите животти,
конците на рацете на главата на нозете,
– па речиси сме мртви. Па црвената жица
од Белата куќа до Кремл зар не е
исто така еден таков конец што се влече?
Целата тјноманија, заткулисната игра наречена дипломатија,
без конци, без духот на конецот
е непоимлива – гола вода.
Опипливата стварност, единствената опиплива стварност е –
конецот.

Веќе толку ноќи го слушам лачот на конецот
а в земи за век и веков му почива кончарот.

СИТЕ ДО ЕДЕН, кој со ужас, кој со јанѕа, кој со благодат
ко муви без глава се прпелкаме во мрежата на стариот јажар.
И џебниот дневен коктел се знае: месо, крв и јаже.
Во морињата, во мрежата на рибарот
среде големата и малата риба
човекот е – мамка ништожна.

И додека се трескаа глупости без врска
СНАЈПЕРИСТОТ СИ ГИ ПОВРАТИ ЛЕКА – ПОЛЕКА
внатрешниот мир, расположението, сталоженоста.
Повторно се појавија танчарката, барменот,
(телохранителот не си го храни повеќе телото)
и настана притеснета радост. Одново
ролни од чад, перифериска музика,
извесна мистерија, заглушувачка врева.
И неочекувано – настанот на вечерта:
испружена во застоениот воздух
– железната рака на снајперистот.
Тогаш без мене моето тело во два чекора
ја разнесе вратата
го спружи наземи стариот фокстериер
та тој и духот мој сторија во чашата плесок
а плесна и жабјакот крвник
од устата на снајперистот директно во вирчето на квартот.

Препев од романски: Лидија Димковска

АвторМаријан Драгич
2018-08-21T17:21:55+00:00 јуни 1st, 2001|Categories: Поезија, Блесок бр. 21|